Насловна / Вести / Информирани граѓани против климатските промени

Информирани граѓани против климатските промени

Климатските промени се тука и сега, но треба да се работи на нивно намалување. Институтот за комуникациски студии заедно со своите медиумски партнери меѓу кои и „Порта 3“ изминатата година работеа на зголемување на информираноста за промените во климата, последиците од нив и можните решенија како полесно да се справиме со она што нè очекува нас и светот. Преку кампањата „Не игнорирај! Реагирај! Се направи обид оваа исклучително сложена тематика да стане попристапна за граѓаните. Како што се согласија повеќето учесници на завршната конференција од кампањата насловена како „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“, што се одржа на 21 овој месец, населението веќе ги чувствува проблемите и затоа треба да знае што му се случува, што може да стори и што треба да бара од носителите на одлуки.

Ризиците од недостиг на вода, опасностите од пожари и природни непогоди, новите и досега непознати загрозувања на здравјето и можноста да исчезнат некои земјоделски производи на кои сме навикнати се само дел од темите кои преку сеопфатни анализи и други медиумски содржини беа обработувани во рамките на кампањата.

iks

Со сето тоа учесниците во проектот обезбедија аргументи со кои го потврдија мотото на кампањата – Климатските промени не смеат да се игнорираат и мора нешто да се направи во врска со нив. А, од носителите на одлуки овие пораки ги слушна првиот човек на државата претседателот Стево Пендаровски кој упати и свои. Иако шефот на државата има ограничени надлежности кога станува збор за управувањето со институциите, сепак од она што тој го презентираше може да се заклучи дека тој веќе реагира и не игнорира. Ја вратил Стратегијата за климатска акција на доработка, најави вклучување на граѓанските организации во Советот за безбедност, побара зголемување на мрежата на заштитени подрачја и генерално истакна дека ќе се залага за политики што на проблемите од животната средина им ја даваат важноста што им следува.

„Нашата држава претставува една од најважните точки на биодиверзитетот во Европа, според бројот на регионални, национални и локални ендемити. Охридското и Преспанското Езеро, кањонот Матка, високите планински врвови на Шара во себе кријат огромен број на видови, кои се докази за богатата природна историја на државата. Од друга страна, Северна Македонија има најмал процент на заштитени подрачја во регионот и во Европа. Шар Планина, Осогово и Јабланица, се само дел од подрачјата кои чекаат на конечна законска заштита. Сметам дека преку зголемување на мрежата на заштитени подрачја ќе се гарантира опстанокот на многу растителни и животински видови, како и на нашите ретки екосистеми“, рече претседателот Пендаровски.

iks1

Претседателот изрази поддршка до граѓанскиот сектор, кој се залага да имаме поголем државен буџет за заштита на животната средина, со цел да се приближиме до просекот во ЕУ. Исто така даде поддршка и за создавање на национален фонд за заштита на животната средина, но додаде дека е потребно и да се инвестира во образованието со цел учениците во основно и средно образование да добијат интегрирано еколошко образование за заштита на животната средина.

Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј вели дека денеска на повеќе начини  – со кампањи, протести, документарци се прават обиди за подигнување на свеста за потребата од заштита на животната средина и напомена дека светот на глобално ниво се соочува со закани, кои ќе влијаат на сите нас. Таа истакна дека до крајот на векот се прогнозира зголемување на температурите на глобално ниво за два до четири степени и додаде дека е потребно да се сменат овие негативни промени.

Особено важно во таа насока е влијанието што до даваме на индивидуално ниво, смета Галовеј, напоменувајќи дека секој граѓанин треба да даде свој придонес, рециклирајќи пластични предмети.

„Мора да бидеме строги кога станува збор за еколошките и економските промени“, вели Галовеј и додава дека е потребна долгорочна стратегија со цел итно и правилно да се адресира проблемот.

Според климатските сценарија, средната годишна температура во земјава ќе се зголеми за 1,9 степени Целзиусови до 2050 и врнежите ќе се намалат за речиси 23 отсто до 2100 година.

Достапноста на населението до вода ќе биде ограничена, а сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени. Негативните ефекти на климатските промени ќе ги намалат приносите кај најголем дел од земјоделските култури и ќе ги зголемат ризиците врз здравјето на луѓето.

Опасностите што ги носат климатските промени ќе предизвикаат проблеми во земјоделството, здравството, туризмот, биолошката разновидност, иако штетните влијанија можат да се намалат со мерки кои дури создаваат нови зелени работни места.

Сепак, сериозноста на последиците ќе зависи од способноста на државата да се подготви и да се справи со климатските промени.

ПРОФЕСОРИ И ЕКСПЕРТИ БАРААТ УБЛАЖУВАЊЕ НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

Професори и експерти од земјава и регионот дискутираа за постоечките ризици и за решенијата за адаптација и ублажување на климатските промени.

Професорот Невен Дуиќ од Универзитетот во Загреб – Катедра за енергетика, електроника и животна средина говореше за декабронизација преку енергетска транзиција. Според него потребни ни се паметни енергетски системи кои се евтини и едноставни, а исто така потребен ни е и флексибилен природен гас.

Циркуларната економија е клучна во борбата против климатските промени, а Ладеја Кошир Година, претседател на Европската платформа на засегнати страни на кружна економија вели дека е потребна климатска акција за зелени работни места и јакнење на економијата. „За пронаоѓање нови решенија за подобра животна средина потребна е креативност и отвореност. Треба да се направи концепт за управување со ресурсите. Зелените работни места младите сè повеќе ги препознаваат, а фирмите се придвижуваат кон циркуларната економија“, вели Година.

iks7

Професорот Никола Поповски ги претстави бенефитите од јаглеродното оданочување. Според него во 2017 година еколошките даноци во ЕУ изнесувале 368,8 милијарди евра што е 2,4 отсто од БДП на ЕУ-28 и 6,1 отсто од вкупните јавни приходи. Во Македонија во 2017 година еколошките даноци изнесувале 180,6 милиони евра или околу 1,9 отсто од БДП, што е за 0,1 отсто повеќе отколку во 2016 година.

Поповски објасни дека според Евростат емисијата на овие гасови во ЕУ меѓу 1990 и 2017 година е намалена за 22 отсто односно 1.240 милиони тони еквивалент на СО2. „Во ЕУ на еколошка заштита се трошат околу 2,1 отсто од БДП на ЕУ или 300 милијарди евра годишно“, нагласи Поповски. Тој рече дека според Евростат Македонија ја зголемува емисијата на јаглеродни оксиди која во 2006 година била 100, а во 2012 изнесувала 115. Извештајот, пак, на Државниот завод за статистика вели дека индексот на емисија на стакленички гасови во 2014 година е 70,2, додека во 1990 година тој бил 100.

Според професорот решенијата, како што се вели и во извештајот на Меѓународниот монетарен фонд од октомври годинава, се во јаглеродните даноци. „За намалување на емисиите, јаглеродните даноци на понудата се најмоќни и најефикасни затоа што тие им овозможуваат на фирмите и домаќинствата по најниски трошоци да најдат начини на намалување на користење на таа енергија и преминување кон почисти алтернативи“, објаснува Поповски додавајќи дека овие даноци треба да бидат ненаменски за да може потоа Владата да ги прераспределува онолку колку што ќе биде потребно за заштита на животната средина.

iks2

Климатските промени имаат големи ризици за здравствениот систем. Професорот Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје вели дека климатските промени веќе одамна не се шпекулација. „Климатските екстреми како поплавите или бурите уништуваат мали комунални заедници, но и региони, дури и цели земји. Топлотните бранови го влошуваат и постојното ниво на аерозагадување, ги зачестуваат болестите на циркулаторниот и респираторниот систем, а во одредени услови и резултираат со смртни случаи. Истражувањата покажуваат дека без адаптација последиците од топлотните бранови во Европа до 2100 година би досегнале до 200 илјади смртни случаи годишно“, вели Ѓорѓев. Тој вели дека со климатските промени се очекува да се зголеми товарот на болести поврзани со топлотни бранови, болести преносливи преку вектори, загадена храна и алерго-респираторни болести. За време на топлите бранови порастот на температурата за еден степен Целзиусов над границата од 30,8 степени води кон зголемување на смртноста за 4,8 отсто. Исто така, додава Ѓорѓев, со порастот на температурата климатските промени имаат влијание и врз порастот на продукцијата на полен и продолжување на сезоната на поленска алергија, ќе има зголемена проваленца и опстанок на одделни членконоги како комарци и крлежи, ќе се размножуваат патогени микроорганизми, а ќе се зголемат и болестите поврзани со загадена вода и храна. Решението за спас од ова Ѓорѓев го гледа во намалување на аерозагадувањето, мониторинг на здравствената безбедност на водата за пиење, отстранување на отпадните материи, заштита на социјално загрозените групи население, промоција на здрави животни стилови и подготвеност за делување во услови на кризи и катастрофи.

iks6

На конференцијата за урбаните отворени простори и пејзажната архитектура низ призмата на климатските промени говореше универзитетската професорка Стефанка Хаџи Пецова. „Пејзажната архитектура има клучна улога во унапредување на квалитетот на животот и животната средина бидејќи нејзина цел е да ја воведе природата во урбаните простори. Основните причини поради кои треба да се познава дисциплината пејзажна архитектура за ублажување на климатските промени во урбаните средини се тие што на тој начин ги планираме урбаните зелени простори и планираме или дизајнираме како да ги употребуваме растенијата“, нагласи Хаџи Пецова.

Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, Вјекослав Танасковиќ говореше за важноста од рационалната употреба на водата во одржливото земјоделство.

iks4

Шумите се клучни во справувањето со климатските промени и затоа треба со нив рационално да се управува смета професорот Љупчо Несторовски кој говореше за начините за одржливо управување со шумите.

Професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ во Скопје смета дека последиците од климатските промени различно ќе се одразат на различните видови туризам, но заедничко им е што ќе бидат негативни за сите видови туризам и за сите подрачја во државата.

iks5

Експертите, професорите, како и поддржувачите на кампањата „Не игнорирај! Реагирај! едногласни се дека борбата со климатските промени мора да продолжи затоа што тие се наша реалност и влијаат на се околу нас, а сите заедно имаме обврска да обезбедиме поздрава животна средина.

Испрати коментар

Scroll To Top