Насловна / Вести / Невозможна стварност

Невозможна стварност

Морис Корнелис
ЕШЕР (1898-
1972) е
холандски
графичар, познат
како М.Ц. Ешер, кој
истражува парадоксални,
привидно вистински, но
всушност невозможни
просторни релации во
своите дела. Се занимавал
со отсликување на реално
невозможни конструкции,
го истражувал бескрајот и
недогледот, архитектурата… Ешер
со своите графички дела, визуелни
сложувалки и невозможни комбинации и
трансформации, се стекнал со признание
на светски познат илустратор.

Иако тој никогаш студиозно не се занимавал со математика,
според некои историчари на уметноста, техниките што ги користел и невозможната
реалност која ја отсликувал ве тераат да верувате дека бил брилијантен
математичар.

Во неговата уметност уживаат милиони луѓе низ целиот
свет. Тој е најпознат по делата како што се „Качување и спуштање“,
„Релативност“, „Метаморфоза
I, II, и III“, „Небо и вода“,
„Влечуги“… Идејата за метаморфоза – за трансформација на една форма или
предмет во нешто друго, претворање на нешто во сосема различно и претставување
на невозможни простори се омилените теми на Ешер. Во неговите дела се гледа
неговата фасцинација за високо и ниско, за блиско и далечно. За време на својот
живот изработил 448 литографии, дрворези и дрвени гравури, и создал преку 2000
цртежи и скици. Во уметноста на Ешер ја препознаваме неговата воодушевеност од
набљудувањето на променливиот свет околу нас, како и експресијата на неговите
фантазии. Ешер ни покажува дека реалноста е чудесна, разбирлива, менлива,
фрагментарна, чувствителна и фасцинантна.

 

Еве некои од личните размислувања на славниот М.Ц.Ешер за
смислата на животот и за својата уметност:

„Можам да исполнам еден цел мој втор живот со работи од
моите принтови“.

„Во моменти на голем ентузијазам, имам впечаток дека
досега никој во светов не направил нешто толку прекрасно и важно“.

„Да се има мир и спокојство во овој чуден живот, да се
прифати она што не го разбираме, да се чека спокојно она што не очекува, за тоа
треба да се биде помудар од мене“.

„Работите што сакам да ги прикажам се толку многу убави и
чисти“.

 

Александра Петровска,

дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top