Кафе во Сан Хозе покажува како изгледа еден простор без компромис – бојата, формата и идентитетот одат до крај, без да се бираат сигурни решенија. Можеби токму ова е она што најчесто им недостасува на домашните ентериери?
Студиото BANAA од Сан Франциско го потпишува ентериерот на Voyager Craft Coffee St. John, сместено во центарот на Сан Хозе.

На релативно мала површина од околу 90 квадратни метри, архитектите создале простор кој во секој поглед отстапува од очекуваната естетика на едно кафуле.
Наместо бели плочки, индустриски детали и проверен минимализам, тука доминира максималистички пристап, што отвора пошироко прашање кое го засега и нашиот пазар – дали инвеститорите се подготвени да поддржат таков експресивен дизајн и колку простор им даваат на архитектите да одат подалеку од неутралните ентериери?

Инспирација во секој агол
Концептот се потпира на естетиката на италијанското Мемфис движење од осумдесеттите години, но и на разиграната и надреална атмосфера на поп-арт културата.
Ентериерот е замислен како колоритна целина во која се испреплетуваат закривени форми, кружни мотиви и слоевити текстури.

Авторите го „растегнале“ просторот во една континуирана површина, како слика, каде што боите и формите се судираат, но функционираат како целина.
Инспирацијата од сликите на Матис видлива е во начинот на кој се третираат површините – рамни, графички, без обид за имитирање на реалноста.

Сè се врти околу шанкот
Во центарот на ентериерот се наоѓа шанк обложен со перфориран метал во нијанси на розова боја. Неговата брановидна форма го организира движењето на гостите и работата на вработените, додека истовремено станува визуелен фокус на просторот.
Работната плоча е изработена од материјал што содржи 50% рециклирана пластика, што дополнително воведува слој на модерен пристап кон материјалите и одржливоста.

Излегување од рамки
Ентериерот функционира преку низа повторувачки детали што го поврзуваат просторот како целина. Висечките ламби со назабени рабови ја следат линијата на LED лентата што се извива преку таванот, додека истиот мотив се пренесува на рабовите на шанкот и клупите.

Ѕидовите се покриени со мурали инспирирани од топографски карти на непостоечки места, иако црпат инспирација од карти на Бразил и Етиопија, од каде што и потекнуваат повеќето зрна кафе што ги обработуваат. Боите се заситени, слоевити и хипнотизирачки, а палетата се прелева низ целиот ентериер.
Седењето е решено преку комбинација од тапацирани клупи, метални столици и необични форми што излегуваат од рамките на стандардниот угостителски мебел.

Дали сме подготвени за ваков исчекор?
И тука доаѓаме до дел кој е можеби поважен од самиот проект. Овој вид ентериер не се случува случајно – потребен е инвеститор кој е подготвен да излезе од комфорната зона.

Кај нас проблемот ретко лежи во недостатокот на идеи или талент кај архитектите и дизајнерите. Многу почесто, станува збор за претпазливост на инвеститорите, претпочитање на „проверени“ решенија и страв од нешто различно.
Беж палети, неутралните тонови и безбедните материјали често се избор кој делува рационално, но на долг рок го брише идентитетот на просторот.

Мал простор, силен карактер
„Станува збор за мал простор со силно присуство. Задачата беше да се преведе идентитетот на брендот во нешто јасно и смело. Наместо минимализам, се фокусиравме на слоевитоста на боите и формите, со прецизна контрола на секој детаљ“, објаснуваат од студиото BANAA.

Останува прашањето, дали сме подготвени да го прифатиме ова ниво на експресивност како пазар?
Затоа што дизајн како овој не бара само добра идеја – потребна е храброст таа идеја да се донесе до крај, и токму тука лежи разликата помеѓу просторите што се само „добри“ и оние што се помнат.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија