Иако ја зафаќа целата површина на плоштадот, со својата „паметна“ структура овозможува седење и одмор на безбедно растојание, но и слободно движење во сите правци низ блокот.

Под име „Ве молиме, седите“, изведена е за Лондонскиот фестивал на дизајнот 2019. Дизајнерот Paul Cocksedge осмислил брановидна урбана структура направена од дрво и челична потконструкција, во соработка со компанијата „White&White“.

Удобна за кратка пауза и неформален разговор, индивидуална и групна работа, дури и дремка, активности толку неопходни за минувачите во густо изградениот центар на градот, кој е полн со луѓе и врие од настани.

Дизајнерот целиот потфат го опишува како „прошетка по работ помеѓу дизајнерското решение и можноста на изведување во дрво и метал“.
Со својата форма наликува на цвет, само кога се гледа од птичја перспектива. Фотогенична е од многу агли, создава микро амбиенти, додека со својата боја и динамична структура го следи пулсот на градот и ритамот на минувачите.

„Клучната карактеристика на овој дизајн е едноставноста и имагинацијата за да се создаде единствен производ фокусиран на луѓето и нивните секојдневни потреби“, посочува дизајнерот Cocksedge, додавајќи: „Инсталацијата го зафаќа целиот плоштад без да го блокира, што е посебна предност на овој специфичен урбан мобилијар ”.

Специфичната структура и пространоста на „цветот“ придонесуваат за неопходната социјална дистанца, која и понатаму е препорака во повеќето градови во светот.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија