Насловна / Вести / Биомасата најголем загадувач на воздухот во Скопје

Биомасата најголем загадувач на воздухот во Скопје

Биомасата, транспортот и индустријата најмногу придонесуваат за загадување на воздухот во главниот град. Биомасата, односно греењето на дрва, е најзначаен извор на загадувањето на воздухот во Скопје во зимските месеци. Палењето огнови на отворено се причина за загаден воздух најмногу во пролет и лето, а сообраќајот, индустријата и согорувањето на нафта и мазут се извори на загадување во текот на целата година.

Ова се главните резултати кои ги содржи Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје, изработена во проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

UNDP

Главната цел на истражувањето, кое траело од октомври 2020 година до декември 2021 година, била да се лоцираат причините, но и да се пропорционира нивниот удел во загадувањето. Мерењата се изведувале на две локации во Ново Лисиче и Карпош, кои се дел од државна мониторинг мрежа, и три повремени, по две недели во секоја сезона, две во општината Ѓорче Петров во Хром и Волково и едно во општината Гази Баба.

Според Дејан Мираковски, професор на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој ги презентираше резултатите, Ново Лисиче има седум главни извори на загадување. Тоа се согорувањето на биомаса, односно загревањето на домаќинствата, потоа согорувањето оган на отворено, сообраќајот, секундарните аеросоли, индустријата, минералната прашина и согорувањето на нафта и мазут. Карпош, исто така има седум позначајни извори на загадување, со една разлика што влијанието на сообраќајот за разлика од Ново Лисиче е помало, а на индустријата поголемо“, вели Мираковски.

UNDP2

Тој додава дека согорувањето од биомасата е присутно од ноември до март, односно само во зимските месеци, а во лето го нема. Учеството на греењето на дрва во зима во загадувањето на воздухот е од 17 до 45 микрограми ПМ 2,5 на кубен метар во Ново Лисиче и од 12 до 30 микрограми во Карпош. Тоа доведува до заклучок дека само затоплувањето ја надминува максималната дозволена граница од 25 микрограми ПМ 2,5 честички, вели професорот.

“Може да заклучиме дека биомасата останува најзначаен извор на загадување во зимскиот пеиод со учество од 36 до 57 отсто од вкупното загадување во Ново Лисиче и од 25 до 59 отсто во Карпош. Има и други значителни извори на загадување како што се нафтата и мазутот, минералната прашина и согорувањето на оган на отворено“, вели Мираковски.

IMG_20201111_171538

Сообраќајот, кој е вториот најважен извор на загадување во Ново Лисиче има учество од 4, 82 до 17 микрограми, во Карпош е од 0,8 до осум микрограми и е присутен во целата година. Исто така, согорувањето на нафта и мазут е фактор присутен во целата година, кој во аерозагадувањето продонесува со вредности од 3,28 до шест микрограми во Ново Лисиче и од 0,8 до 7,5 во Карпош. Индустриските емисии се помали на овие две локации се движат од 0,33 до 4,59 микрограми во Ново Лисиче и од 1,33 до 3,35 микрограми во Карпош. Минералната прашина, пак, има највисок пик во летните месеци кога во аерозагадувањето придонесува со вредности од 0,33 до 8,25 микрограми што за тој период значи и до 40 отсто од загадувањето во Ново Лисиче и од 0,54 до 11 микрограми во Карпош.

All-focus

Нафтата и мазутот се фактор кој е присутен во многу различни извори на загадување, како што е греењето на јавните објекти, индустриските емисии и сообраќајот.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини смета дека во однос на аерозагадувањето на Скопје неопходен е сериозен пристап во замената на начините на затоплување, што поитна гасификација, поголема енергетска ефикасност и заштеда на енергијата, но и воведување подобрени сообраќајни режими и обезбедување функционален еколошки јавен транспорт со што ќе се намали користењето сопствени возила. Според него Министерството ќе мора да се вклучи со сите институции да ги контролира тие загадувачи кои работат без А-интегрирана или Б-интегрирана дозвола.

Тој вели дека побарале од институциите и од Владата да подготват листи за начинот на кој се греат, исто и од оппштините. “Сакаме да го смениме начинот на греење од мазут на прифатливи извори за греење. Почнавме со болницата во Чаир, болницата во Куманово, така што почнавме со менување на начинот на греење на објекти“, вели Нуредини.

Но, министерот смета дека мора да сме свесни дека сме во една економска криза, но тоа не значи дека ќе се стопираат проектите. Според него, многу е важно да не се менува начинот на греење само на државните објекти, туку да им се помогне и на граѓаните да воведат поенергетски ефикасно загревање на домовите. За тоа се работи на воспоставување мрежа на гасовод.

UNDP1

Со подобрената регулатива, зголемените обврски на локално ниво за изработка на планови за намалување на загадувањето на воздухот и преземање на интервентни мерки, со унапредување на државниот мониторинг систем за квалитет на воздухот, но и со појасни обврски и одговорности согласно новиот Закон за инспекциски надзрр и Закон за индустриски емисии, МЖСПП очекува уште повидливо подобрување на квалитет на воздухот.

Градоначалничката Данела Арсовска се осврна на повеќе проекти кои ги спроведува Градот за зачувување на животната средина. “Во Град Скопје се почна со најголемиот еко – капитален проект во регионот, а тоа е пречистителната станица, инвестиција што Градот Скопје ја спроведува со поддршка на Европската инвестициска банка која што практично ќе придонесе за прочистување на над 90 отсто од урбаните отпадни води и значително ќе придонесе на подобрување на животната средина. Почнуваме со првиот од низата мега-паркови и тоа во општината Ѓорче Петров, што ќе биде вториот од ваков тип, покрај Градскиот парк, а понатаму ќе следат уште четири вакви мега-паркови на територијата на Скопје“, истакнува Арсовска.

Според Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Кралството Шведска, едно од решенијата се инвестициите во обновливи извори на енергија кои ќе придонесат за намалување на загадувањето. Еден од главните причинители на загадувањето е греењето на дрва, што според Форсгрен Бенгтсон можеби е поврзано со енергетската сиромаштија, но и со цената на енергенсите, енергетска неефикасност и други фактори. Од друга страна, користењето на големи количини био маса придонесува и за дефорестација и губење на биодиверзитетот, но и за ерозија и поголеми ризици од поплави.

Испрати коментар

Scroll To Top