Насловна / Екологија / Вистината постои, може да се измислуваат само лаги

Вистината постои, може да се измислуваат само лаги

vistinata-postoi-thumb.jpg

Сигурно некогаш сте посакале да се вратите во времето и да поправите некои од грешките направени во минатото. Но, тоа едноставно не е возможно. Доколку навистина се задлабочиме во нашите мисли, можеме да ја видиме иднината што треба да се роди како резултат на нашите сегашни активности. 
Во блиска иднина, новите генерации ќе ни ги постават прашањата: За што размислувавте додека Земјата се распаѓаше пред вашите очи? Зарем не се загриживте ниту во еден момент? Зошто ги занемаривте предупредувањата на научниците? 

Од друга страна пак, прашањата може да бидат нешто поразлични: како најдовте доволно морал и храброст за да ја решите кризата со климатските промени, иако тоа на прв поглед изгледа екстремно тешко? 

Можеме да бираме на кои од горенаведените прашања сакаме да дадеме одговор, бидејќи како што ќе кажат некои ,,вистината постои, може да се измислуваат само лаги". Мора да го прифатиме фактот што имаме сериозен еколошки проблем, кој се одразува на сите други сфери од живеењето. Тој проблем мора да го решиме, не со зборови, туку со дела – и тоа веднаш.

МАКЕДОНИЈА Ситуацијата во Македонија не е поразлична од таа во другите делови на светот. Македонија во 2001 година преброди една голема суша, но дали има сила да ја преброди и оваа што следи? Температурите ќе растат, а врнежите ќе се намалуваат. Имајќи предвид дека сме земјоделска држава, овие податоци треба да нè загрижат. Во Македонија најранлива земјоделска зона претставува областа каде што се спојуваат реките Црна, Брегалница и Вардар, нашите три ,,мртви" реки. Реки, кои се карактеризираат со четврта категорија на води, од вкупно пет (прва категорија – најчиста, петта – најзагадена). За охрабрување се одредени проекти, финансирани од странски организации, со кои ќе се ревитализираат овие подрачја во иднина, со надеж дека повторно ќе бидат вратени во своите ,,златни денови" (проект поддржан од Швајцарската агенција за развој/Швајцарска амбасада во соработка со МЖСПП). Но, не треба да ги заборавиме и другите ранливи зони, посебно зоните околу Скопје, Гевгелија, Струмица и Куманово, како и Овче Поле и Повардарието.
vistinata-postoi-1.jpg
Македонија е на добар пат кон опустошување, кое ќе се јави како резултат на климатските промени и недоволното ангажирање од страна на надлежните и од страна на сите нас. Оваа појава веќе се манифетсира преку преголемиот процент на еродирано земјиште, кое според некои податоци изнесува околу 25% од земјишната површина на Македонија. 

Доаѓа време на промени, и тоа првенствено во индустрискиот и автомобилскиот сектор, каде што досегашните технологии базирани на фосилни горива ќе бидат заменети со технологии, кои зависат од обновливи извори на енергија. Оваа опција е одамна позната во светот, а полека но сигурно влегува и кај нас. Затоа, можеби, развивањето на еколошка свест кај граѓаните во Македонија ветува светла иднина, но и полесно прифаќање на сите позитивни еколошки алтернативи кои се нудат како спас за планетата, или конкретно во случајот, за нашата држава. Треба да се водиме од познатата поговорка – дејствувај локално, мисли глобално. 

Секоја промена е тешка, но промените што треба да се реализираат на глобално ниво се најтешки. Треба да се запрашаме зошто досега не сме реагирале за да ја спасиме нашата Земја, нашата планета. Дали е тоа поради фактот што постојат и други проблеми? Проблеми, со кои се соочуваме секојдневно, проблеми кои не влијаат на нашата иднина? Или тоа е поради фактот што досега не сме верувале дека имаме проблем?

Никола Нешкоски, дипл.инж.на жив.средина/еко-менаџер

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top