Насловна / Вести / Светско првенство во фудбал 2026: Одржливо натпреварување или еколошки автогол?

Светско првенство во фудбал 2026: Одржливо натпреварување или еколошки автогол?

Светското првенство во фудбал 2026 веќе е во пол ек, привлекувајќи бројни навивачи. Сепак, како и секој голем настан, носи со себе и значителни еколошки и социјални аспекти на одржливоста.

Постапката на навивачите на Јапонија, кои по натпреварот на својот национален тим со пластични кеси минуваа меѓу седиштата и го собираа отпадот, наведува на анализа на ризиците за Планетата. Според проценките, овогодишното Светско првенство ќе има „климатски трошок“ кој ќе биде двојно поголем од она во 2022 одржано во Катар. Во прилог на ова тврдење оди и фактот што обемот на натпреварувањето сега е проширен од 32 на 48 национални тимови, турнирот трае подолго, а натпреварите се одржуваат во 16 градови домаќини, во три различни земји. Сето тоа значително ја зголемува потребата од патувања.

Глобалната платформа за пресметка на јаглерод Greenly претходно соопштила дека настанот би можел да генерира 7,8 милиони тони јаглерод диоксид. Од друга страна, FIFA признава дека има социјална и еколошка одговорност. По повторниот избор во 2023 година, претседателот на оваа органзација, Џани Инфантино ги изнел клучните стратешки цели на FIFA за периодот помеѓу 2023 и 2027 година, кои вклучуваат обврска да се „фокусира на општествената одговорност, посебно на човековите права и аспектите поврзани со климата“.

Дваесет и третото издание на Светското првентсво носи бројни новитети – вклучувајќи и за прв пат интегрирани барања за одржливост и човекови права веќе во фазата на кандидатурата. Тоа опфаќа систем за управување со одржливоста, одржливи набавки, како и проценки за влијанието врз животната средина и човековите права. Сите натпревари на Светското првенство 2026 се играат на постоечки стадиони – од повеќенаменскиот во Ванкувер, преку историскиот Estadio Azteca во Мексико Сити, па до домот на  Atlanta Falcons и Atlanta United FC, кој во 2017 година добил LEED Platinum сертификат за одржлива градба.

Натпреварувањето истовремено се гледа како можност за градовите да се воведат одредени одржливи практики. На пример, Торонто планира намалување на еднократната пластика преку станици за полнење вода, програми за рециклирање и сл. Но, еколошките организации предупредуват дека одлуката со која на навивачите им се забранува внесување на шишиња за вода за повеќекратна употреба е еколошки штетна односно „еколошки автогол“. Тие  истакнуваат дека оваа мерка би можела да ги поништи другите мерки за намалување на отпадот. Хјустон развива т.н Green Corridor кој ги поврзува клучните локации низ јавниот превоз, пешачки и велосипедски патеки, со мерки за користење на 100% обновлива енергија, управување со отпадот и заштита на екосистемите. Далас се фокусира на нискојаглероден транспорт, рециклирање и намалување на отпадот, со локални програми за одржливост.

Генерално, Светското првенство во фудбал 2026 покажува како еден голем спортски настан може истовремено да биде платформа за промоција на одржливоста, но истовремено и извор на контроверзи и еколошки штетни одлуки.

Испрати коментар

Scroll To Top