Насловна / Архитектура / Премиера во Шангај на филмот „Руини“ на Елена Чемерска за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани

Премиера во Шангај на филмот „Руини“ на Елена Чемерска за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани

Дебитантскиот документарец „Руини” на Елена Чемерска, за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на татко ѝ Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ, ќе има светска премиера во конкуренцијата за награди на филмскиот фестивал во Шангај, Кина. „Руини“ ќе игра во селекцијата за документаци на овој фестивал од А категорија, а премиерата е на 14 јуни.

Низ архивски материјали, лични сеќавања и сегашноста на споменикот, „Руини” ги истражува пресликувањата на колективната и личната загуба, отворајќи прашања за тоа што може, а што не може да се обнови.

„’Руини’ произлезе од мојот долгогодишен ангажман околу ревитализацијата на Споменикот на слободата, низ кој се обидував да ја дофатам формата на една идеја што длабоко се всади во мене, а која надвор од сликата што се обидував да ја обликувам – преку документарен пристап, архивски материјали и конструирани кинематски ситуации – остануваше недофатлива. Во текот на речиси една деценија работа околу споменикот, поимот руина за мене престана да се однесува само на материјалната состојба на нештата. Почнав да ја препознавам и како состојба низ која поминуваат луѓето, идеите и сликите што ги создаваме. ‘Руини’ е резултат на тоа истражување“, вели Чемерска за филмот.

Филмот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд.

„Руини” е копродукција помеѓу Синема Футура и Минимал колектив од Македонија, Рестарт од Хрватска и Потем од Словенија, во соработка со Filmtrick. Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска; копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева.

Кинематографијата е на Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата на Владимир Гојун и Горјан Атанасов. Композитор е Игор Василев Новоградска, дизајнер на звук на Лука Гамулин.

Реставрираниот Споменик на слободата во Кочани беше претставен во декември 2024, по двегодишна обнова со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата. Грантот го доби Општина Кочани од Амбасадата на САД во Скопје и беше прва поддршка од овој фонд за реставрација на споменик од современата македонска уметност што ја чествува и борбата против фашизмот.

Проектот за конзервација, реставрација и санација на архитектурата и партерното уредување на заштитеното недвижно добро „Споменик на слободата“ е изработен од бирото „Студио Р“, архитекти Ненад Раѓеновиќ, Сања Раѓеновиќ – Јовановиќ и архитект конзерватор м-р Цветанка Хаџи Пецова. Реставрација на мозиците е предводена од уметникот Владимир Симеонов со соработниците. За што пишувавме во декември 2024 година во текстот насловен „Од слободата повисоко сонце и онака не постои“.

Споменикот на слободата во Кочани е свечено отворен во 1981 година во чест на 40-годишниот јубилеј од НОБ и претставува монументално дело на уметникот Глигор Чемерски и на архитектот Радован Раѓеновиќ. Проектот е првонаградено уметничко и архитектонско решение на југословенски конкурс распишан во 1979 година на кој учествувале 50-тина југословенски автори. Меморијалниот комплекс е сместен на северозападната страна на Кочани и претставува единството на архитектурата, скулптурата и сликарството.

Испрати коментар

Scroll To Top