Насловна / Арт и дизајн / Џоан Мичел: Нејзините слики имаат значење и емоционален интензитет со сложени чувства

Џоан Мичел: Нејзините слики имаат значење и емоционален интензитет со сложени чувства

Во текот на 40-тите и 50-тите години од 20-тиот век група њујоршки уметници познати како апстрактни експресионисти ги создале најрадикалните, најесенцијалните и највлијателните слики на тоа време. Еден од мотивите кои го поттикнале овој радикализам во уметноста е разочараноста во периодот на големата економска криза.

Cross Section of a Bridge, 1951

Битна членка на американскиот апстрактен експресионизам е Џоан Мичел (1925–1992). Таа е американска уметница која се занимавала со сликарство, графика, пастел и други дела на хартија. Родена е во Чикаго во 1925 година. Уметничко образование стекнала на Институтот за уметност во Чикаго во 1950 година. Во 1948-1949 година студира во Париз и Прованса и патува низ Италија и Шпанија.

без наслов, 1952

Harbor December, 1956

Нејзините слики стануваат атрактивни и препознатливи. Нејзината рана кариера главно во 50-тите години се одвива во Њујоршката школа на уметници и поети и е поврзана со американското апстрактно-експресионистичко движење. Во 1951 година сликите на Џоан Мичел заедно со сликите на Џексон Полок, Вилием де Конинг и Ханс Хофман се на значајната изложба  Ninth Street Show. Нејзината прва самостојна изложба е одржана во Њу Галери во Њујорк во 1952 година. Во 1955 во Париз го запознава канадскиот сликар Жан Пол Риопеле со кого ќе има долга бурна врска (1955 – 1979). Со Семјуел Бекет одржува посебни пријателско-интелектуални врски и имаат посебен интерес за сликарството на Пол Сезан.

без наслов, 1959

Кон крајот на 1960 година се преселила во Франција каде често била гостинка на етаблирани собири на уметници, каде одржува креативни дијалози со колегите. Слика и живее во Париз, а нејзините дела се појавуваат на најпознати меѓународни изложби. Паралелно со редовните самостојни изложби во Њујорк излага во Париз во познатата Галери Клебер, чиј сопственик ќе стане нејзин трговец повеќе од три децении.

City Landscape, 1955

La Seine, 1967

Во текот на шеесеттите години нејзини изложби патуваат во Италија, Швајцарија, Германија, Холандија и Јапонија. Во периодот 1960-1964 го напушта стилот на светли бои и почнува да користи тмурни нијанси и густи маси на боја. Бојата ја фрла на платното, се пролива и прска и ја размачкува со прсти. Делата створени во тој период ги нарекува насилни и налутени. Во 1964 година пробува да се извлече од таа фаза и да премине на нешто друго. Дотогаш водечките апстрактни експресионисти Џексон Полок и Кинс биле мртви, а Конинг се вратил во фигуративна фаза.

без наслов, 1964

Maple Leave Forever, 1968

Во 1967 година Џоан Мичел купува имот во градот Weithenill во Франција на 53 километри од Париз, каде што ќе живее и работи сѐ до крајот на животот. Природниот пејзаж, посебниот поглед на Сена и градините на нејзиниот имот се референтна точка на нејзините слики. Во 1968 година таа е прва сликарка чии дела се наоѓаат во колекцијата на Музејот на уметностите во нејзиниот роден град. Својата прва голема музејска изложба од 49 слики со огромни формати под името „Моите пет години на село“, ќе ја приреди во музејот Еверсон во Њујорк. Ликовната критика ја препознава како една од најдобрите американски сликарки во периодот од педесеттите до седумдесеттите години. Во 1979 година ги довршува двете свои најпознати дела „La vie en Rose“ според песната на Едит Пјаф.

La vie en Rose, 1979

без наслов, 1964

Bonjour Julie, 1971

Heel Sit Stay-, 1977

Во 1984 година дијагностициран и е рак на усната шуплина. По успешната операција продолжува да слика. Сликите ја одразуваат нејзината психолошка состојба и во четката и во избледените бои. Наскоро здравјето ѝ се влошува и во очекување на нова операција во клиниката слика акварели.

La Grande Vallee IX, 1983

Циклусот „Река“ е симбол на тој тежок период. Во 1988 година нејзиното сликарство е претставено на голема ретроспективна изложба „Триесет и шест години природен експресионизам“. Изложбата гостува во САД, Сан Франциско, во Галеријата Алберт Кнокс.

River, 1990

Во септември 1992 година Џоан Мичел одлетала во Њујорк во посета на изложбата на нејзиниот омилен сликар Матис. По враќањето во тешка здравствена состојба починала во Американската болница во Париз.

Ici, 1992

Џоан Мичел останала посветена на апстрактната уметност од раните педесетти години до својата смрт во 1992 година. Примарен и изворен материјал за нејзиното сликарство се чувствата и сеќавањата на пределите и пејзажите. „Својот предел го носам со себе“, ќе му рече таа на еден критичар.

Слика најмногу со маслени бои, со темна боја на бела подлога, користејќи гестуален понекогаш и насилен покрет на четкатата. Сликата ја опишува како „Организам кој се врти во просторот“.

Pastel, 1991

Нејзините слики имаат значење и емоционален интензитет со сложени чувства. Во 1993 година основана е Фондација Џоан Мичел како непрофитна корпорација, која денес се смета за една од најголемите и највлијателни фондации за визуелни уметности. Таа доделува поддршка, стипендии на сликари, вајари и уметнички здруженија со седиште во САД. Повеќе од 1000 уметници примиле поддршка од оваа фондација.

Денес делата на Џоан Мичел се наоѓаат во постојаните колекции на преку 100 јавни институции и музеи низ светот. Нејзините слики се изложени во Центарот Помпиду во 2021 година. Од 2016 година наваму изложбите патуваат по најпознатите музеи во светот во Австралија, Германија, Сан Франциско, Луи Витон Париз, Лондон. Продажбата на нејзините дела во аукциските куќи достигнува вртоглави суми. Оваа сјајна сликарка, необична жена, врвна диригентка на боите, поминала четири децении активен сликарски живот меѓу Њујорк и Франција откривајќи нови подрачја на апстракцијата.

„Њујорк тајмс“ за неа пишува: „Страствена внатрешна визија ја води Џоан. Таа го прошири вокабуларот на своите апстрактни експресионистички предци.“ Неодамна со низа ретроспективни сеќавања беше прославена стогодишнината од нејзиното раѓање.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top