Насловна / Вести / Енергетска заедница: CBAM ги менува тековите на електричната енергија на Западен Балкан

Енергетска заедница: CBAM ги менува тековите на електричната енергија на Западен Балкан

Првиот квартален извештај на Секретаријатот на Енергетската заедница открива значајни нарушувања на пазарот на електрична енергија по стапувањето на сила на CBAM од почетокот на годинава. Девет земји од југоисточна и источна Европа кои се стремат за членство во ЕУ, се соочуваат со неочекувани последици од Механизмот за прекугранично прилагодување на јаглерод (CBAM). Наместо да ја забрза интеграцијата, новиот пропис, согласно првиот квартален извештај, предизвикал сериозни дисторзии во прекуграничната трговија со електрична енергија.

Анализата на Секретаријатот се фокусирала на шесте договорни страни на Енергетската заедница од Западен Балкан (ЗБ6) – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, и нивните соседни држави членки на ЕУ – Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија и Романија. Украина и Молдавија, кои исто така се договорни страни, не се вклучени во извештајот поради ограничена достапност на податоци. Иако договорните страни на Енергетската заедница во голема мера го транспонирале законодавството ускладено со ЕУ и се подготвиле за поврзување со единствениот пазар на електрична енергија на Унијата, CBAM носи дополнителни трошоци и неизвесности. Од 01.01.2026 година, извозот на електрична енергија од овие земји во државите членки на ЕУ станува предмет на нови давачки и регулаторни барања, како докажување на потеклото и рутите на електричната енергија во случај на транзит. Извештајот укажува на две јасни отстапувања од историските обрасци на трговија во првото тромесечие на 2026 година:

– Комерцијално закажаните прекугранични размени на електрична енергија кон државите членки на ЕУ паднале за 25%,

– Цените на електрична енергија за ден однапред на пазарите на договорните страни биле во просек 30 евра по MWh пониски отколку на соседните пазари на ЕУ.

Ова се случило и покрај значителниот вишок на чиста електрична енергија од хидроцентралите, благодарение на поволните врнежи. Во нормални околности, ваквата разлика во цените би поттикнала зголемен извоз од регионите со пониски цени кон пазарите со повисоки цени. Но, CBAM го третира извозот на начин кој ги калкулира факторите на емисија на јаглерод. Посебно е впечатлив примерот со хидроенергијата: додека извозот од Албанија каде факторот на емисија е нула продолжил, сличниот извоз од Црна Гора главно изостанал. Ваквата разлика укажува на тоа дека правилата на CBAM создаваат нерамноправна положба помеѓу производителите на енергија од обновливи извори, што може да има долгорочни последици по инвестициите во овој сектор во регионот.

CBAM е пропис на ЕУ осмислен да ги изедначи условите за производителите и увозници на стоки базирани на јаглерод, вклучувајќи ја и електричната енергија. Но, како што се истакнува во извештајот, тој не е дел од законодавството на Енергетската заедница, што дополнително ја компликува ситуацијата на границите. „Овие настани ги истакнуваат потенцијалните дисторзии на пазарите во настанување кои може да влијаат врз двете страни на пазарот – спречување на пазарите на ЕУ со повисоки цени да пристапат до поефтината електрична енергија, истовремено ограничувајќи го извозот од договорните страни на Енергетската заедница и поткопувајќи го императивот на интеграцијата на пазарите“, се вели во соопштението на Секретаријатот.

Тековните разговори за амандманите на CBAM, имаат за цел делумно да решат некои од основните причини на овие дисторзии. Секретаријатот на Енергетската заедница најавил дека ќе продолжи внимателно да ги следи пазарните трендови и да ги проценува нивните импликации во наредните квартални извештаи.

Испрати коментар

Scroll To Top