Сè започнало во 1798-та година, кога сопствениците на земјоделски посед во југоисточниот дел на Сојузната Држава Пенсилванија, почнале да садат разновидни дрвја, вклучувајќи примероци од цела територија на САД и од странство. Со тек на времето, пошумената област станала популарно место за пикници и собири, меѓутоа генерации подоцна, семејството го изгубило интересот за арборетумот, а новите сопственици се подготвувале за голема сеча на дрвјата. Токму тогаш, на сцената се појавува успешниот индустријалец Пјер ду Понт (Pierre S. du Pont), којшто во 1906 година го купил земјиштето, за да го зачува, како што го нарекол, неговото ботаничко богатство, и да создаде храм за уживање, отпрвин, на отворено.

Без конкретен план, тој постепено додавал градини, по што следела огромна стаклена градина, импозантни фонтани и објекти наменети за музика и забава. Ова се почетоците на градините Лонгвуд (Longwood Gardens). Денес, тие се официјално лоцирани во гратчето Кенет Сквеар (Kennett Square), се протегаат на површина од околу 500 хектари и важат за едни од најубавите ботанички градини во СAД. Ду Понд ги отворил за јавноста во 1921-ва година.
Во 1937-ма, тој ја основал Фондацијата Лонгвуд, со долгорочен план за одржување на поседот, обезбедувајќи едукација и натамошна достапност за јавноста. По неговата смрт во 1954 година, организацијата имала значителен фонд, одбор на доверители и долга традиција на нудење ретка убавина за посетителите. Она што плени е што градините продолжиле да се разиваат во секој поглед и со годишен буџет од речиси 50 милиони долари, персонал од 1.300 вработени, студенти и волонтери, станале едни од најубавите градини, не само во САД, туку и во светот.


Лонгвуд сега се комплекс градини, нудат тематски експонати, топијари и ливади инспирирана од творбите на познатиот сликар Ендру Вајет (Andrew Wyeth).
Во 2016 година фондацијата го комплетирала реновирањето на најистакнатата карактеристика на градината – таканаречените танцувачки фонтани, или кореографирани водни спектакли, како што уште се нарекуваат. Проектот бил вреден 90 милиони долари, а Пјер ду Понт своевремено бил директно вклучен во него. Наместо реставрација на 80-годишните структури, била применета неговата оригинална визија за употреба на најдобрата модерна технологија што стоела на располагање. Бил обновен распоредот на оригиналните класични скулптури и варовнички сливови, но внатрешноста на фонтаните била репроектирана со специјални пумпи, илјадници LED-светла и компјутеризирани ефекти.
Западен конзерваториум
Во 2024 година во рамки на Лонгвуд беше отворен Западниот конзерваториум, проект вреден 250 милиони долари и дело на архитектонскиот тим „Вајс/Манфреди“ (Weiss/Manfredi) од Њујорк, којшто ја освои наградата План 2023 – за иновативен дизајн. Овој објект е модерно ремек-дело кое ја редефинира вековната традиција на стакленици.


Пејзажната архитектура е дело на реномираниот архитект Рид Хилдербренд (Reed Hilderbrand), добитник на бројни награди за своите проекти. Три таканаречени зелени острови со ниски фонтани се поставени на базени, се поврзани со мостови и канали. Пејзажите се инспирирани од медитеранската клима од целиот свет. Градината има преку 60 трајни видови на растенија и дрвја, вклучувајќи багреми, ловори и чемпреси. Водата е централен елемент, импресионира глетката што небото практично се огледува во неа, а наоколу е флора од топлите, сушни региони на јужната хемисфера и живите, крајбрежни предели на Калифорнија. Секој примерок е жив доказ за тоа каква уметност може да создаде самата природа и што сè може да се креира од природата. Убавината на овој простор е практично незаборавна, секоја сезона се изложуваат и одгледуваат нови примероци и се организираат нови јавни настани, нагласувајќи го наследството на иновативното инженерство, дизајнот и хортикултурната извонредност.

Спојувајќи го минатото со иднината, Западниот конзерваториум, (инспириран од огромните стакленици од 19 век), е комбинација од стакло и челик. Зашилениот покрив е моделиран според познатите стакленици на компанијата Лорд енд Бурхам (Lord & Burnham), со седиште во Њујорк. Впечатливи се асиметричните врвови кои се всушност налик на ридовите на околната долина Брендивајн (Brandywine). Челичните столбови и греди во облик на лакови, ја евоцираат опуштената геометрија на гранките на дрвјата.
Проектот вклучува дополнителни елементи – реновирање на стари и поставување на нови градини, а отворен е и нов ресторан, сè со цел, како што велат од Лонгвуд, создавање убавина и будење радост кај посетителите.
Наука во проектите
Секој технички аспект на конзерваториумот отвора нови можности и ја продолжува посветеноста на Пјер ду Понд кон инженерските иновации. Во објектот е вграден најсовремен систем за вентилација, секој од стаклените панели се контролира комјутерски и се отвора и затвора во зависност од сезонските температурни флуктуации. Од подземните резервоари за собирање дождовница се користи секоја капка за потребите на базените или на фонтаните.

Ме воодушеви фактот што Лонгвуд во своите проекти ja користи науката. Се врши систематско испитување, селекција и размножување на растенијата за подобра виталност, прилагодливост и декоративни својства. Постојат специјални програми за зачувување на ретките и загрозени видови растенија и дрвја и се врши контролирано размножување, тестирање и подобрување на почвените услови, со фокус на минимилна употреба на хемикалии. Тука се и студиите за реакции на растенијата на климатските промени, на интензитетот на светлината, користење на LED-технологија за оптимизирање на цветноста и растот. Лонгвуд е познат и по соработките со различни универзитети, ботанички институции и организации за научни студии и публикации. Во бројни проекти можат да се вклучат и посетители и волонтери.
Со комбинација на класични хортикултурни практики и современи научни методи, градините Лонгвуд постигнуваат долгорочна одржливост, висок квалитет на изложбите и заштита на биолошката разновидност. Без оглед на условите, можноста да се ужива во градините и однадвор и однатре, го прави ова место посебно. Стручната нега и конзервација е видлива на секој чекор. Не постои сезона, а да нема богата програма за јавноста, концерти, работилници и специјални настани кои ги збогатуваат посетите.
Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА
(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)
Фото кредит: WEISS/MANFREDI, Reed Hilderbrand, Longwood Gardens
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија