Каде да ги чувате орхидеите во станот? Овие четири места гарантираат обилно цветање и здрав раст.
Ако вашите орхидеи не напредуваат така како што сакате, проблемот можеби не е во наводнувањето или хранењето – туку во местото на кое се наоѓаат.

За да се разубави просторот многумина избираат орхидеи поради нивната убавина и елеганција. Иако не бараат многу внимание, често се случува одеднаш да почнат да венеат. Ако сте сигурни дека правилно сте постапиле кога станува збор за грижата, време е да проверите дали сте ги поставиле на вистинското место.
Иако најчесто се чуваат на прозорската даска, постојат и други позиции во домот каде што орхидеите можат да напредуваат уште подобро. Подолу ви донесуваме четири идеални места за орхидеи во вашиот дом.
- БАЊА
Можеби не ви изгледа така, но бањата може да биде одлично место за орхидеи. Бидејќи се епифити, тие природно напредуваат во средина со зголемена влажност на воздухот, исто како онаа во бањата.
Важно е просторот да има дневна светлина. Ако бањата нема прозорец, повремено преместувајте го растението на место со индиректна природна светлина.

- ДНЕВНА СОБА – ПОДАЛЕКУ ОД ГРЕЕЊЕ И ПРОМАЈА
Дневната соба е често најдоброто место за орхидеи. Како суптропски растенија, тие сакаат многу дневна светлина, но не и директно сонце.
Погрижете се орхидејата да не стои во близина на радијатори, клима уреди или промаја. Идеалната собна температура за ова растение е помеѓу 15 и 25 степени, со стабилни услови, без нагли промени.

- СПАЛНА СОБА
Собните растенија создаваат смирувачка атмосфера, поради што се одличен избор и за спалната соба. Орхидеја на ноќна масичка или комода внесува допир на елеганција и придонесува за чувство на удобност.
Како и во дневната соба, во повеќето спални соби има природна светлина, што е сосема доволно за орхидејата да напредува.

- РАБОТНА СОБА
Истражувањата покажале дека растенијата можат позитивно да влијаат на продуктивноста – дури 15 отсто. Покрај тоа, присуството на растенија може да придонесе за подобра концентрација и намалување на бучавата.
Бирото или домашната канцеларија може да бидат совршено место за орхидеја, што ќе му даде на просторот софистициран изглед и во исто време ќе има корисен ефект врз вашата дневна рутина.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија