Насловна / Вести / „Земјотресниот“ пазар како императив

„Земјотресниот“ пазар како императив

Влатко Шешов e роден во 1969 година во Скопје. Основно и средно образование завршува во Скопје, а дипломира на Градежниот факултет при УКИМ, како најдобар студент во својата генерација на конструктивна насока. Своето образование го продолжува на магистерските студии на ИЗИИС. На 9.5.1997 година успешно го брани магистерскиот труд под наслов „Примена на современ софтвер за решавање на проблеми на секундарни сеизмички хазарди и динамика на почви и фундаменти“ и се стекнува со звањето магистер на технички науки. Потоа се запишува на докторските студии на ИЗИИС во чии рамки реализира 6-месечен студиски престој на еден на најдобрите светски центри за земјотресно инженерство, Универзитетот во Токио, Јапонија. По успешно реализираните експериментални истражувања се враќа во ИЗИИС и во 2003 година го брани докторскиот труд под наслов „Динамичко однесување на потенцијално нестабилни почвени средини и примена на модел за намалување на сеизмичкиот ризик од појава на ликвефакција“ под менторство на проф. д-р Коста Талаганов и коменторство на проф. Ikuo Towhata од Универзитетот во Токио и се стекнува со звањето доктор на технички науки. Во својата богата професионална кариера значајно место заземаат интернационалните студиските престои кои проф. Шешов ги има реализирано и тоа: двегодишен постдокторски престој како поканет истражувач на Универзитетот во Токио (JSPS, Japanese Society for promotion of science) и 10-месечен престој на University of California Davis како добитник на престижниот Фулбрајтов грант. Во учебните 2008 година и 2009 година проф. Влатко Шешов е поканет предавач и држи предавања на Ruhr-University, Faculty of Civil Engineering, Bochum, Germany, по предметот: Earthquake engineering and Engineering Seismology во рамките на магистерските студии Computational Engineering. Особено треба да се истакне неговото учество и раководење на меѓународни научноистражувачки проекти како што се: проектите UREDITEME и SERIES од програмата ФП7, потоа проектите WIDESPREAD и INFRA-NAT од H2020 програмата. Поради своите активности во проектите финансирани од Европската комисија проф. Шешов е назначен и за национално контакт-лице од областа Spreading excellence and widening participation за H2020.
Целиот свој работен век го има поминато во ИЗИИС, почнувајќи како помлад асистент, асистент, доцент, раководител на лабораторија, вонреден професор, раководител на оддел, редовен професор и во моментов директор на ИЗИИС. Како автор и коавтор има објавено десетина трудови во меѓународни стручни списанија со импакт фактор. Со свои трудови учествува на голем број меѓународни и домашни научни собири од областа на градежништвото и земјотресното инженерство. Во периодот 2010 – 2014 година е претседател на Македонската асоцијација за геотехника.

IMG_20180920_100422 (1)

Порано семинарите на ИЗИИС беа светски респектабилни и признати. Како е денес?

Денес во ИЗИИС се организираат студии од втор и трет степен односно магистерски и докторски студии. Овие вторите се во рамките на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Заинтересираните студенти може да избираат повеќе акредитирани студиски програми како од втор така и од трет степен, кои се прилагодени кон современите побарување на индустријата и ги следат најновите научни достигнувања во оваа област. Би сакал да потенцирам дека професорскиот кадар е спој на млади амбициозни академски кадри и искусни професори меѓународно признати. Посебна карактеристика на студирањето во ИЗИИС претставуваат одличните услови за истражување, слободно можам да кажам услови исти како и во врвните светски истражувачки центри, а кои се резултат на една посебна традиција која се негува од сите генерации на ИЗИИС. Токму ова ги прави она што вие го спомнавте светски признати и респектабилни студии не само претходно туку и денес, а верувам и во иднина.
Секако во овој контекст треба да се спомене и тримесечниот интернационален курс за асеизмичко градење попознат како CADAC (Course on Aseismic Design and Construction) кој 26 години се организираше на ИЗИИС, поддржан од владата на Холандија. На некој начин ова е „trademark“ на ИЗИИС кој го етаблира во интернационален тренинг-центар од највисока класа. Инаку во разговор со претставниците од Министерството за надворешни работи на Холандија не беше предочено дека не постои друг курс од ваков формат кој толку долго е финансиски поддржуван од владата на Холандија. Сега ви оставам вам да заклучите за каков квалитет и организација се работи. Во овој период правиме напори да обезбедиме меѓународен субјект кој ќе нè поддржи за овој курс повторно да заживее.

Какво е вашето мислење за квалитетот на проектите од конструктивно – статичка гледна точка? Дали законот за позитивно мислење за проектиран и изведбен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата придонесе за докажување и конечно подигање на квалитетот на проектите и градбите?

Квалитетот на проектите од конструктивен аспект е солиден. Да не звучи како клише меѓутоа може да биде и подобар. Токму во тој правец и членот од Законот за градење кој го спомнувате е донесен за да придонесе за подобрување на квалитетот на градежните проекти. Сите аргументи и факти, а и констатации од проектантските фирми покажуваат дека овој член придонесе за подигање на квалитетот на проектите и градбите. Секако простор за подобрување сè уште постои. Дополнителната контрола која се воведе со овој член прво и основно придонесе за разбивање на неприродната симбиоза помеѓу проектантот и ревидентот, каде имате ревизии напишани без притоа ни да се отвори основниот проект, потоа имате обврска да се достави геомеханички елаборат, кој претходно беше во голема мера маргинализиран од типот, „ќе почнам со копање па ќе видам што ќе излезе“. Во контролата на проектите ИЗИИС особено внимание посветува на надградбите, доградбите на старите постојни објекти, изградени пред скопскиот земјотрес, кои се многу повредливи и за кои треба многу знаење и искуство како може или не може да се надградуваат. Во овој процес постојат и други детали од проектите кои им ги сугерираме на проектантите да ги коригираат како во поглед на покоректно определување на сеизмичките влијанија, моделирање, арматурни детали, челични врски, проекти за заштита на градежни јами и сл. Во еден интерактивен однос со проектантите придонесуваме и за нивна доедукација за прецизна примена на техничките прописи, а самото тоа значи и подобрување на квалитетот на проектите.

IMG_20180920_100604 (1)

Во фелата има и мислења дека поединци со недоволно искуство на сериозни проекти за статика даваат позитивни мислења… И дали е можно и потребно да во тој процес биде вклучен и друг субјект?

Не сум слушнал такви коментари, а по контекстот на ова што го кажувате можам само да претпоставувам дека такви изјави доаѓаат од „некои големи имиња“ со огромно искуство на големи и сериозни проекти во Македонија. И сега што, нивните проекти не треба да се контролираат туку по дифолт тие се одлични и со затворени очи ќе ги одобриме. Да ги смирам тие „големи имиња“, контролата на сите градежно-конструктивни проекти кои се поднесуваат во ИЗИИС ја вршат одлично потковани и високо стручни професионалци и во организирана процедура зад која стои целиот Институт, а не стојат поединци. Тоа е голем квалитет кој некои сè уште не го разбираат. И во тој контекст ќе се надоврзам на другиот дел од вашето прашање, токму ваквата поставеност, организираност и пред сè професионалност го прави ИЗИИС и целиот овој процес успешен и ефикасен. Сега сами заклучете дали некој друг субјект од Македонија може ова да го реализира, мое лично мислење е НЕ.

Дали ИЗИИС како специјализирана институција од пошироко меѓународно значење, премногу време и енергија троши на ревизија на многу често „обични проекти“, а со тоа го намалува потребното внимание за изработка на теоретски и експериментални трудови од поголемо значење за земјотресното инженерство. Има ли разлика од бројот на објавени трудови од пред и по донесување на законот за позитивно мислење од 2013 година наваму?

Прашањето ви е на место и навистина во ИЗИИС многу често имаме дискусии на оваа тема. Процесот на издавање на мислења за проектиран и изведбен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата e комплексен и бара многу време, знаење и одлична организираност. За целиот овој процес имаме изработено ефикасен информациски систем – web based solution кој ни овозможува добра координираност и скратување на потребното време за реализација. Ангажманот е голем, но сепак во изминатите години на примена на овој член од законот мое мислење е дека ИЗИИС одговорил максимално професионално и коректно. Нормално е во ваков обем на работа да се појави и по некој проблем, кој секогаш сме го надминувале во најкратко можно време. И сега сиот овој ангажман нормално е да се очекува да предизвика намалување на научноистражувачката работа, слични коментари има и од добронамерните душегрижници, меѓутоа напротив ИЗИИС забележува одлични резултати на ова поле. Бројот на објавени трудови во меѓународни стручни списанија со импакт фактор е во пораст, а можеби уште поважно е зголемен и бројот на меѓународни проекти од програмата H2020, во моментот ИЗИИС учествува во три проекти, се чека одговор уште од 2 апликации. Овде не би ги спомнувал и помалите научноистражувачки проекти, билатерални, учество во COST-акции, ERASMUS + и сл. кои се исто така во пораст. Овде посебно би ја потенцирал и тенденцијата на ИЗИИС за што порепрезентативно учество на меѓународни научни настани. Кон крајот на јуни оваа година во Солун, Грција се одржа 16. Европска конференција за земјотресно инженерство, каде професори и истражувачи од ИЗИИС имаа 12 орални и 9 постер презентации, а неодамна на 36. Генерално собрание на Европската сеизмолошка комисија ИЗИИС беше претставен со 2 повикани предавања, 9 орални и 9 постер презентации. И што е можеби најважно носители на овие презентации беа млади истражувачи од ИЗИИС, кои докажуваат дека можат слободно да се носат со своите колеги од многу поразвиените земји од Европа и светот. ИЗИИС од сопствени средства го обезбедува континуитетот и надградбата на научноистражувачката работа, меѓутоа тука мора и државата и соодветното министерство да обезбеди поддршка во форма на трајно вработување на овие исклучително квалитетни млади кадри. Тоа е многу горлив проблем.

IMG_20180920_100706

Испитувањата на квалитетот на бетоните и армиранобетонските конструкции со склерометар и рендген е законски доказ и потврда или само бизнис за наплата на МИС1и МИС2? Какво е мислењето на дел од градежната фела?

Во рамките на реализацијата на Мислењата за изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата во тек на изградба на градбата т.н. МИС1 и МИС2, комисии од страна на ИЗИИС вршат техничка контрола на конструктивниот систем на градбата на лице место. Меѓу другите работи кои се контролираат на лице место (комплетната листа што се бара од подносителот да достави е дадена на нашата интернет- страница, јасно и транспарентно) е и контролата на квалитетот на материјалите од кои е изведен конструктивниот систем. Оваа контрола се спроведува со недеструктивни методи на изведени конструктивни елементи, некои спомнавте и вие, како склерометар, профометар и сл. Резултатите кои се добиваат од овие недеструктивни тестови се исклучително корисни и даваат многу добра информација за квалитетот на вградениот материјал. Досегашната пракса од користење на овие методи во рамките на МИС1 и МИС2 покажува дека понекогаш пробните коцки кои се земаат за утврдување на квалитетот на бетонот се разликуваат од квалитетот на вградениот бетон во конструкцијата. Има поголем број на причини за ваквите девијантни појави, меѓутоа битно е дека со овие брзи и недеструктивни методи ние имаме „спасено“ поголем број на градежни инвестиции. Секако после констатацијата дека квалитетот на вградениот бетон не одговара со оној кој е предвиден во проектот, за точно и прецизно утврдување препорачуваме да се земат и кернови од конкретни места од самата конструкција. Слично постапуваме и во поглед на вградената арматура, поточно со помош на профометар ја контролираме вградената арматура, дијаметар на прачки, растојание, местоположба. Недеструктивните методи за испитување во градежништвото се применуваат веќе подолго време и тенденција е истите да ги надминат т.н. деструктивни и конзервативни методи за утврдување на квалитетот на вградени материјали. Ако сакаме да ги следиме искуствата и научните достигнувања од развиениот свет ќе мораме малку повеќе да ги отвориме нашите видици и да ги прифаќаме новите техники и методи кои се базираат на софистицирани мерни апарати и инструменти.

Во Македонија нема проекти кои по својата архитектонска градежна содржина се доближуваат до скулптуралната архитектура, каква што во светот е секојдневие/ проектите на Заха Хадид, Френк Гери, Калатрава…/ Дали таквите проекти кај нас вие како институција би можеле да ги контролирате како проекти и изведбени позиции?

Апсолутно се сложувам со вашата констатација. Како граѓанин на Македонија, а посебно како градежен инженер сакам да видам модерни современи објекти, проектирани со смелост, но и со доволна архитектонска дрскост, кои кога ќе поминете покрај нив ќе ви застане здивот, и со гордост ќе им ги покажувате на вашите колеги, пријатели од странство. За жал, сведоци сме дека вакви објекти има многу малку во Македонија. Овие објекти секако претставуваат предизвик и за нас во поглед на обезбедување на потребна стабилност и сигурност. Меѓутоа ние посакуваме да имаме предизвици и да излеземе од стереотипот на коцкести објекти. Впрочем и сите досегашни позначајни и покомплексни објекти во Македонија како од архитектонски или конструктивен апсект биле предмет дали на аналитички или на експериментални верификации во ИЗИИС. Така што сигурен сум дека сме спремни и можеме да одговориме на сите поставени предизвици и со нашето знаење и искуство ќе обезбедиме максимална безбедност и сигурност на вакви објекти.

IMG_20180920_100632

Раните предупредувачки системи за појава на земјотреси – имагинација, пуста желба или блиска реалност…

Системите за рано предупредување од опасност од земјотрес или Early warning systems се реалност и веќе се во примена во повеќе земји од светот. Би сакал само накратко да објаснам како функционираат овие системи. Принципот е да се регистрира првиот бран од земјотресот познат како Р бран кој во основа е недеструктивен, а патува побрзо од вториот бран познат како Ѕ бран кој по својата природа деструктивно дејствува на градежните објекти. За таа цел се инсталираат поголем број на инструменти кои перманентно ја регистрираат сеизмичката активност. Овие инструменти се поврзани во мрежа со голема комуникациска брзина и во случај на земјотрес, инструментите регистрираат бранови и трансферираат податоци во мрежниот центар каде автоматски се прави лоцирање на хипоцентарот т.е. изворот на земјотресот. Во еден краток временски прозорец мрежниот центар има резултати за хипоцентарот и за јачината на земјотресот во изворот, и врз основа на овие податоци и строго дефинирани сигурносни протоколи се дава информација на соодветните државни служби за активирање на евентуална тревога или евакуација на населението. Ефикасноста на овие системи е лимитирана кога станува збор за предупредување во т.н. епицентрално подрачје, тоа е регионот на површината на земјата над самиот хипоцентар. Во тој случај временскиот прозорец од добивање на регистација на првиот Р бран и доаѓањето на вториот Ѕ бран е многу тесен и нема доволно време да се покрене целиот протокол за тревога и рано предупредување за земјотрес. Меѓутоа овие системи комбинирани со системите за рано откривање на цунами (појава на големи поплавни бранови предизвикани од силни земјотреси) се покажуваат ефикасни посебно за земјотреси чии извори се на пр. под океанското дно или доволно далеку од поголемите населени региони. Само како потсетување, при земјотресот во Јапонија „Great Tohoku Earthquake“ од 2011 година, со магнитуда М=9.0-9.1 активиран е системот за појава на цунами и голем дел од населението се евакуира кон повисоките крајбрежни делови и на тој начин е придонесено да се намали бројот на жртвите од деструктивната моќ на цунамито. За жал поради неинсталирани вакви системи за рано предупредување од силни земјотреси и појава на цунами бројот на жртвите при земјотресот во Суматра од 2004 година, М=9.1 – 9.3 беше драматично висок и имаше жртви на големи оддалечености од самиот хипоцентар, до кои цунамито стигна после неколку часа, а жртвите можеа да бидат далеку помали.

Ги следите ли земјотресите низ светот? Колку ИЗИИС е присутен на пазарот каде што се добиваат проектите за постземјотресно проектирање и надзор?

ИЗИИС ги следи светските трендови и најновите научни достигнувања во областа на земјотресното инженерство и инженерска сеизмологија. Во тие рамки ИЗИИС активно учествува на тој „земјотресен“ пазар кој особено после неколкуте силни и деструктивни земјотреси од 90-тите години на минатиот век Кобе 1995, Измит 1999, Chi-Chi 1999, прераснува во глобален и многу конкурентен пазар. Свои интереси особено покажуваат меѓународните осигурителни компании кои на некој начин и го контролираат овој глобален пазар. ИЗИИС и покрај тоа што доаѓа од мала и недоволно развиена земја, без никаква логистичка, дипломатска или каква било друга државна поддршка сепак успева да гризне од овој колач. Ќе споменам неколку меѓународни проекти. Во периодот од 2008 до 2012 година ИЗИИС беше главен консултант на еден огромен проект кој се однесуваше на оцена на сеизмичкиот хазард и ризик на емиратот Абу Даби. Проект добиен на меѓународен тендер. Во моментот ИЗИИС започнува соработка со една огромна германска корпорација со која веќе потпишавме стратешки меморандум за соработка и првиот проект е веќе во тек. Присутни сме и на канадскиот пазар каде имаме успешна соработка со Хидро Квебек за кој имаме реализирано серија на проекти поврзани за сеизмичката сигурност на неговите енергетски објекти. Неодамна реализиравме серија на тестови за верификација на сеизмичката сигурност на специфична опрема од Сименс – Германија, а исто така и серија на експериментални тестови на неконструктивни системи од реномираниот производител Линднер од Германија. Тука се и нашите традиционални партнери, Раде Кончар – Хрватска, Герб – Германија, Kinemetrics – САД. Овие соработки и проекти се резултат на генерации на проверени и врвни професионалци од ИЗИИС кои со успешната и посветена работа го изградиле меѓународниот имиџ, а нам ни останува истиот да го зачуваме и надоградиме.

Каква е соработката на ИЗИИС со научно истражувачките центри во Европа и пошироко?

Интерес на научноистражувачки центри е се повеќе фокусиран на соработка на глобално ниво, на вмрежување во големи конзорциуми кои во себе обединуваат десетици научни институции и ги надминуваат национално базираните институции. Во еден таков конзорциум, во моментов најголем европски проект од областа на земјотресното инженерство и сеизмологија, проектот SERA во рамките на Хоризон 2020 програмата учествува и ИЗИИС. Вкупно има 31 партнер од 16 европски земји, и тоа е кремот на европското земјотресно инженерство и сеизмологија.
ИЗИИС неодамна доби покана да биде дел од EPOS, моментално можеби најголемата европска платформа за истражување на планетата Земја која обединува во себе голем број на тематски и научни подрачја, вклучувајќи и сеизмологија (https://www.epos-ip.org/about/what-epos). Покрај вмрежаноста во ваквите конзорциуми и платформи, ИЗИИС остварува и соработка со најистакнатите светски научни и универзитетски институции од оваа област, преку заеднички проекти како и размена и престој на истражувачи. Ќе споменам само некои: University of California Berkeley , University of Tokyo, University of California Davis, Imperial College – UK, Institute of Earth and Environmental Science-University of Potsdam, NOA Greece, Kandili Observatory-Turkey и др.

Законот за градба за кој толку долго се коментира дека е конфузен, контроверзен, со мал милион додавки итн. никако да се донесе во нова конечна фаза за примена. Колку е ИЗИИС вклучен во расчистување на контроверзиите и дали се гледа крајот на оваа рашомонијада, што објективно е голем проблем во секојдневието на нашето градежништво?

Најпрвин да ви честитам бидејќи многу сликовито го претставивте еден од најконтроверзните закони во Македонија. Секако дека е закон со најголем број на измени и дополнувања и многу тешко или скоро е невозможно е да пронајдете целосен пречистен текст на овој закон. Пред околу една година почна иницијатива за реформи на законодавството од областа на планирањето и градењето, со еден документ акциски план кој беше дистрибуиран до одредени институции. Во овој т.н. акциски план меѓу другото многу амбициозно беа дадени фази и чекори кои треба да се спроведат во еден многу краток врменски период за да се донесе финалниот закон. Меѓутоа уште на почетокот овој процес беше проследен со низа чудни работи, за носител на реформите на законите беше назначен Државниот инспекторат за градежништво, претходно споменатион акциски план никогаш не доби статус на официјален документ, потоа се наметнаа некои нелогични временски рокови за доставувања на мислења и сугестии по однос на вака обемен и комплексен закон. Беше една хаотична ситуација во која не се знаеше точно што се бара, дали само измени и дополнувања по однос на постојниот закон или комплетно нов, каде и во каква форма да се доставуваат мислењата, кое тело и со каков мандат ќе ги разгледа и ќе предложи да се прифатат или не одредени сугестии и сл. Во една таква ситуација во рамките на Одделението за градежништво при Стопанската комора на Македонија се организираа повеќе состаноци и јавни дебати на кои се обидовме заедно со повеќе релевантни институции, компании, градежни фирми да доставиме свои забелешки на една тркалезна маса и по однос на истите да дискутираме и да заземе заеднички позиции за работи кои најмногу му пречат на македонскиот градежен сектор. По мене само низ вакви јавни дебати и дискусии со аргументи на маса може да се дојде до најдобри решенија. Ние генерално во Македонија не сме навикнати да дискутираме, да дебатираме, секој си мисли дека неговото решение е најдобро и каков било компромис и приближување на ставовите се смета како пораз. Овие состаноци токму тоа и го покажаа и покрај дискусиите кои ги имавме, на крајот не успеавме да донесеме некој заеднички документ зад кој сите присутни ќе застанат. Можеби за ваква ситуација придонесе и постојаниот притисок да се следат што побрзо какви-такви сугестии и мислења во исклучително краток временски рок. И еве нè сега година дена подоцна септември 2018, мислењата и сугестиите по однос на Законот за градење се доставија до Државниот инспекторат за градежништво и имаме комплетен молк. Никој не нè контактира, не се организираат јавни дебати и зошто сето она брзање? Повторно да не ни се повторат претходните искуства да се извади .
ИЗИИС секако ќе продолжи да има конструктивна и проактивна улога во реформите во оваа сфера и ќе инсистира да се организираат дебати на кои пред сè градежните компании, реалниот сектор ќе ги изнесува своите аргументи какви законски рамки ни требаат за да може овој сектор да си го добие своето заслужено место во македонската економија.

IMG_20180920_101304

Донесување и имплементација на еврокодовите во нашата градежна пракса…

На ова е прашање е многу тешко да се одговори во некоја концизна форма бидејќи и овој процес е оптоварен со многу интересни случувања и влијанија. Вие употребувате израз имплементација, меѓутоа пред тоа треба првин донесување и усвојување на еврокодовите како составен дел од нашата градежна регулатива. Овој процес трае веќе подолго време и е воден од Институтот за стандардизација на Република Македонија во рамките на Техничкиот комитет 40. Во годините наназад активно сум учествувал во неколку технички комитети и работни групи од областа на еврокодовите и релативно добро ми се познати состојбите. Ми се чини дека една од главните девијации кои ни се случувале со досегашните технички комитети беше кој каква позиција ќе „фати“ во Техничкиот комитет за да на некој начин ги диктира процесите на донесувањето на еврокодовите. И се случуваат македонските работи, претходниот комитет расформирај го, ништо претходно не чини и сега јас доаѓам и од мене почнува сè ново или ќе учествувам само ако „оној“ го нема, а потоа јас истото ќе го направам и ќе ги ставам „моите“. И кога ќе се изгуби време во вакви „играрии“, дај набрзина да покажеме дека сме за Европа и ќе усвојуваме сè по дифолт. Ситуацијата е ваква и поради фактот што државата како стратешка цел требаше силно (читај и финансиски) да ги поддржи овие процеси. Од технички аспект мислам дека во Македонија има кадровски потенцијал кој може да го реализира процесот на донесувањето на еврокодовите и што е уште поважно на националните анекси кои се обврска на секоја земја да ги изработи и усвои. Токму овие национални анекси се најголемиот предизвик за имплементација на еврокодовите во градежната пракса. Во нив се содржани националните параметри за товари, влијанија, за анализи, за димензионирање и др. кои секоја една земја согласно своите традиции, нивото на технолошки развој, спроведените истражувања, треба да ги усвои и дефинира. Донесувањето на овие национални анекси со други зборови значи и какви објекти утре ние ќе градиме согласно европската регулатива. Би сакал да потенцирам дека еврокодовите по својата содржина бараат многу знаење и добра информираност на оние кои ги применуваат. Во периодот што следува нашите инженери, проектанти ќе треба добро да се запознаат со еврокодовите, но и да посетуваат семинари, тренинг-работилници кои ќе им помогнат за нивна практична примена. Во Европа во тек е припремата на новата генерација на еврокодови што претставува уште еден предизвик за македонските инженери, но и за Техничкиот комитет 40 при ИСРМ, за што поефикасна и поорганизирана работа.
ИЗИИС го препозна стратешкото значење на еврокодовите и даде конкретен придонес во Националниот анекс за Еврокод 8, со изработка на карти на сеизмички хазард. Ова беше повеќегодишен проект комплетно реализиран од сопствени средства на ИЗИИС во соработка со Сеизмолошката опсерваторија. Овие карти се во завршна административна фаза во ИСРМ и многу скоро ќе станат дел од Националниот анекс за Еврокодот 8. Покрај ова ИЗИИС активно учествува не само во домашните технички комитети, туку имаме свои експерти кои учествуваат во европските тела кои ја обработуваат оваа проблематика. Во ИЗИИС веќе се прават подготовки за организација на тренинг-семинари, обуки и инфо-денови за проектантите за нивно доусовршување и информираност за практична примена, но и за новите трендови во еврокодовите.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top