Насловна / Архитектура / Заштитатата на археолошкото наследство во Охрид целосно отстапува од принципите

Заштитатата на археолошкото наследство во Охрид целосно отстапува од принципите

Кога говориме за Охридскиот Регион како интегрирано светско, природно и културно наследство, посебно културното наследство на градот, мислиме на неговите исклучителни вредности и автентичност. Во најопшта смисла, автентичноста е духот на самото културно наследство, создадено и неделивo во облик, материјал и техника. Во однос на  недвижното културно наследство/архитектурата, сите овие елементи ја прават целината на градбата. Од овде во сите меѓународни конвенции и повелби кога се говори за заштита на наследството се мисли на заштита на наследството како уметничко дело и како историско сведоштво. Поаѓајќи од синтагмата за  културното наследство како заедничко наследство, кое е од исклучително значење за историјата на човештвото, современа Европа уште од Атинската повелба (1931), преку Венецијанската повелба (1964), Европската конвенција за заштита на археолошкото наследство (Париз 1969/ревидирана 1999), Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство (Париз 1972), Европската повелба за архитектонско наследство (1975, Совет на Европа), Конвенцијата  за заштита на архитектонско наследство на Европа (Гранада 1985), Нара документот за автентичност (Јапонија 1994), Европската конвенција за заштита на археолошкото наследство (Валета 1992), прави напори за воспоставување договорени меѓународни принципи и  стандарди за негова заштита. Во овој правец се обмислувани принципите кои ги дефинираат/одредуваат активностите на конзервирање, реставрирање, реконструирање, документирање, публикување… чија крајна цел е зачувување на автентичноста на културното наследство. Не постои заштита на културното наследство без ваков пристап ниту активност која несообразена со овие принципи може да се нарече заштита. Автентичноста третирана на ваков начин и потврдена во Венецијанската повелба, е преточена во Нара документот за автентичност (1994).

1

Меѓународни принципи и стандарди во заштитата

Во сложениот интердисциплинарен пристап на заштитата на културното наследство во секоја држава, клучна улога играат етаблираните принципи во меѓународните повелби, па одовде во базичниот документ од кој произлегуваат идните конвенции и препораки, Венецијанската повелба, поставени се основите на разбирањето на процесот на реставрација, кој  се дефинира како „високоспецијализирана операција чија цел е да ги заштити и да ги истакне естетските и историските вредности на споменикот, базиранa на почитување на оригиналниот материјал и автентичното сведоштво разбрано како документ“. Во овој процес активностите нужно запираат во моментот кога ќе се појават претпоставките! Во повелбата се дадени препораки во кои услови старата техника може да се замени со модерната, како и принципите на презентација на историските фази на градбата. Во подоцнежните документи кои се однесуваат на заштитата на архитектонското наследство, наведени на почеток на текстот, а особено во Повелбата на ИКОМОС – Принципи за анализа, конзервација и структурална реставрација на архитектонското наследство (2003) во точката 1.3 јасно е дефинирано дека „вредноста на архитектонското наследство не е само во појавноста, туку и во интегритетот на сите компоненти како единствен продукт на специфична градежна технологија на неговото време. Доколку сите други компоненти се заменат со други структури, а се задржи само фасадата, тоа е спротивно на конзерваторските критериуми“.

plaosnik6

Република Северна Македонија е потписничка на најголемиот број на меѓународни повелби и конвенции, а кога станува збор за принципите, дел од нив се вградени во релевантната законска регулатива како што е Законот за заштита на културно наследство (2004 – 2018). Член 10. „Конзервација“ е постапка и метод на зачувување на заштитеното добро во изворна, односно во состојба во која е затекнато, без додавање на елементите што се уништени или недостасуваат; член 11. „Реставрација“ е постапка и метод на автентично обновување на делумно уништено заштитено добро, со додавање на деловите што недостасуваат во форма и изглед што ги имале или со отстранување на несоодветните делови или додатоци. Член 12. „Реконструкција“ е постапка и метод на обновување на заштитено добро што во поголем дел е уништено или чии конструктивни и други делови се дотраени.

Какво е нашето искуство?

Што ни говори искуството со процесот на реставрација во Македонија? За жал не постои ниту еден пример на реставриран споменик со автентични материјали и техника. Иако во нашата легислатива е содржан овој процес, сите досегашни активности се однесуваат на реконструкција , со употреба на целосно нови материјали и техники.

1.Конзервација на сакралното наследство од византискиот период во Охрид

Уште од периодот на 50-тите и 60-тите години на минатиот век, при конзервацијата на сакралните цркви од византискиот период започнува употребата на нови материјали за зајакнување на конструктивните системи  – поставување метални затеги на местата на старите дрвени, поставување на нови дренажни канали, кои во старите системи не постоеле. Таков е случајот со конзервацијата на црквата Св. Јован Канео (13 век), Св. Софија (11 век), Св. Наум (10 – 18 век), црквите Св. Никола Болнички (14 век) и Св. Богородица Болничка (14 век). Драстичен пример на неадекватна конзервација, сосема спротивна на принципите на реставрација содржани во меѓународните повелби претставува црквата Св. Богородица Перивлепта (13 век). Имено, на овој исклучително значаен споменик е аплициран целосно нов систем на покривна изолација со поставување бетонска конструкција премачкана со адитивно средство, без претходен атест и гаранција за компатибилност со останатите делови на конструкцијата и  особено со фрескоживописот кој претставува ремек-дело на авторите Михаило и Евтихиј. Употребата на нови материјали, конструктивни системи продолжува до денес, како тренд кој ја деградира автентичноста на градбите и предизвикува нови и далекусежни последици на фрескоживописот (пр. конзервацијата на црквата Св. Богородица Захумска, која е во тек).

plaosnik2

2.Конзервација на староградска архитектура

Најдрастичните примери во заштита на културното наследство во Охрид се однесуваат на  реконструкцијата на поединечните примероци од старата градска архитектура, која претставува не само целосно отстапување од принципите на реставрацијата, туку и целосно губење на автентичните својства во смисла на материјал и техника. Почнувајќи од 90-тите години на минатиот век, кога е извршена „реконструкцијата“ на познатата куќа на Робевци, се воведува принципот на целосно рушење на постојниот објект и нивна реконструкција со армиранобетонска конструкција. Во завршната обработка се обработува фасадата со дрвените опшиви и маскирање на бетонските еркери. Во внатрешноста над меѓукатната бетонска конструкција се поставува дрвен патос со премази од лак. Истиот принцип се применува и на дрвените прозорски рамки и на стреите. Се задржува стариот ориентален тип на ќерамиди и оригиналната висина. На овој начин не се врши ниту реставрација, ниту реконструкција. Се создаваат копии кои се спротивни на став 2 од точка 1.3 на Повелбата на ИКОМОС – Принципи за анализа, конзервација и структурална реставрација на архитектонското наследство (2003): „Доколку сите други компоненти се заменат со други структури, а се задржи само фасадата, тоа е спротивно на конзерваторските критериуми“. Истиот принцип е применет и на куќите на Уранија, Узунов, Патчеви, како и на многу други кои се реконструирани или се во процес на „реконструкција“.

Овој проблематичен и радикален пример на реконструкција дополнително е зајакнат со Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид како културно наследство од особено значење (2011) во кој е воведен терминот „факсимилна реконструкција“ и рекомпозиција – термини кои не се присутни во ниту една меѓународна конвенција и повелба.

plaosnik1

Истражување и заштита на археолошки локалитети

Во Венецијанската повелба стои дека археолошките ископувања треба да се вршат во согласност со научните стандарди, препораки и дефинираните интернационални принципи кои се усвоени од УНЕСКО во 1956. Ова се однесува на остатоците на градби/рушевини во обемот во кој се затекнати, односно до степен кој овозможува преземање на заштитни мерки. Бидејќи се работи за остатоци од градби и структури како и комплекси на градби посебно е истакнато дека секое  дејствие треба да биде во правец на истакнување на значењето на градбата, а не негово искривување. Реконструкцијата на остатоците треба да се отфрли „а приори!“ Дозволена е само  анастилоза, односно преуредување на постоечките изместени парчиња. Во сите следни документи археолошките остатоци се третираат според принципите на конзервација на архитектонското наследство.

Какво е искуството во конзервацијата на археолошките локалитети во Охрид?

Заштитата на археолошкото наследство во Охрид особено во изминатите 11 години целосно отстапува од принципите дадени во Венецијанската повелба и во Конвенцијата од Ла Валета.

На археолошките локалитети од поодамна се вршеле мали надѕидувања со употреба на бетон или варов малтер, кој главно не е изработен според рецептура на оној кој бил првобитно употребен при градбата.

plaosnik

Реставрација не се врши за сметка на реконструкцијата која во голем обем и со нов материјал е преземена на остатоците од ѕидините на Самуиловата тврдина која денес е скоро непрепознатлива. Иако во одредени делови е употребена оловна лента која треба да упатува на новите реконструктивни зафати, тоа не е направено соодветно кога станува збор за употребата на скриената армиранобетонска конструкција. Оловната лента која е поставена треба да упатува на степенот на зачуваност на оригиналот, а реконструкцијата само во исклучителни случаи треба да се применува со целосно почитување на старите материјали и техники. Тоа во Охрид не е случај, дополнително што во препораките на Венецијанската повелба стои дека реконструкцијата на остатоците треба да се отфрли „а приори“.

Плаошник

Најголемиот злочин  во современата заштита е направен на археолошкиот локалитет Плаошник со пренамената на локалитетот во градежна парцела за изградба на целосно нови градби. При реализацијата на овој  зафат направена е повреда на Законот за буџет и Законот за спроведување буџет бидејќи во надлежност на Управата за заштита се ставени работи поврзани со изградба на нови објекти, а не заштита на веќе постоечки со што во целост се прекршени одредбите од член 5 (Основи на заштита), член 6 (Остварување заштита), член 8 (Управни работи и работи на заштита), како и одредбите од член 145 (Надлежност на Управата) од Законот за заштита на културно наследство (2004).

Во постапката на донесување на Локална урбанистичка планска документација направена е повреда на одредбите од член 35 став 2 (Валоризација и ревалоризација) во кој стои: Предмет на ревалоризација во смисла на овој закон се заштитените добра за кои се донесува акт за промена и акт за престанок на заштитата. Во времето кога е започната постапката за изработка на Локалната планска документација сè уште на сила е Решението за заштита на археолошкиот локалитет Плаошник (бр. 02-694/1 од 26.7.2000 година, бр .02-694/1) за утврдување својство на споменик на културата на три катастарски парцели: КП15980 (Св. Пантелејмон), КП17378 (Поликонхална црква) и КП 17378 (меѓузона) со режим на заштита:

-Не се дозволува урбанизација без претходна согласност од Завод-Музеј Охрид;

-Целосно археолошко откривање.

plaosnik7

На изработката на Заштитно-конзерваторските основи како услов за изработка на Локална планска документација (изгласана  од Советот на Општината Охрид (Одлука бр. 07-999/33 од 29.4.2010 година) претходи ново Решение за промена на статусот на локалитетот издадено од Управата за заштита на културно наследство. Такво решение во постоечката документација не постои ниту постои Елаборат за ревалоризација на археолошкиот локалитет Плаошник, предвиден во точка 3 од членот 35.

Од увидот во вкупната документација за изградбата на новите комплекси, градби од т.н. проект „Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник“, не е евидентирана Одлука на Влада, како легализација за неговото внесување во Буџетите за 2007 – 2018, ниту Одлука за формирање Одбор и Комисија која ја изработила Проектна програма.

P.S. Текстот претставува дел од мојот исказ на Надзорната расправа  на собраниската Комисија за култура, посветена на Охридскиот Регион како интегрирано светско природно и културно наследство (мај 2018).

Донка БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА, историчар на уметност

Robevci_01

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top