Насловна / Вести / Поглед на Охрид една година по Баку

Поглед на Охрид една година по Баку

Помина една година откако на седницата на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО беше заклучено дека сè уште нема потреба Охрид и Охридското Езеро да се стават на листата на загрозено културно и природно наследство. Со други зборови, македонската Влада ја убеди Светската организација дека може да се справи со проблемите што го загрозуваат регионот. Досега се исполнети само дел од долгата листа задачи.

Во продолжение ви пренесуваме како на ова гледаат експертите и засегнатите страни.

Драгана Велковска, Охрид СОС

Од Баку наваму, македонските институции неспоредливо повеќе време и енергија трошеа на лажирање на спроведувањето на препораките од Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, отколку на самото спроведување.

Мораториумот во општините Охрид и Струга беше спроведен само на хартија – со низата исклучоци, градежните активности на терен се одвиваа безмалку непречено, а судската практика на Уставниот суд покажа дека локалните власти немаат надлежност да укинуваат плански документи. Регистрите на дивоградби на општините Охрид и Дебрца се изработени со две години задоцнување, а непознат е регистарот на дивоградби на Општина Струга чијшто градоначалник јавно изјави дека Општината нема дивоградби наспроти обемниот корпус докази со кои се докажува спротивното. На терен наводно се отстрануваат градбите на плажите, но реалноста е дека некои од концесионерите си ги вратија платформите и доградуваат парапетчиња, а Струга е препуштена на самоволието на Мерко и на узурпаторите. Културата на неказнивост и комплетната дисфункционалност на институциите прават криминалот да е далеку поисплатлив од почитувањето на законите.
Македонската влада го излажа УНЕСКО дека новиот Закон за управување со Охридскиот Регион е усвоен, во суштина предлог-текстот е само усвоен на влада, а самиот закон беше повлечен од собраниска процедура непосредно по Баку. Планот за управување со Охридскиот Регион (2020-2029) и СОЖС на Планот беа со исклучително супстандарден квалитет, но финалната верзија драстично се подобри со корекциите на Охрид ЅОЅ. Сепак, не беа сите коментари на Охрид ЅОЅ прифатени, па во Акцискиот план има извонредно комотни рокови за усвојување на низа документи од кои зависи спроведувањето на самиот План за управување со Охридскиот Регион (2020-2029), а во самиот План сѐ уште има суштински пропусти што може да доведат до неприменливост или злоупотреба.

Dragana Velkovska
Буџетот предвиден за санација на колекторот се скрати за една третина од вкупната сума и се санираа само три километри од предвидените вкупно 40 километри во трите општини и осумнаесетте пумпни станици.
До денес нема посебен закон за Охридското Езеро, а Студенчишко Блато и покрај Нацрт-студијата за ревалоризација која сѐ уште не е усвоена, останува на удар на локалните бизнис-интереси и корумпираноста на Министерството за животна средина и просторно планирање кои го опструираат прогласувањето на Езерото и Блатото за Рамсар подрачје, со што регионот би добил уште една заштитна бариера, уште една титула – статус на водно живеалиште од интернационално значење.
Регионот е во очајна состојба и де факто припаѓа на Листата на светско наследство во опасност каде што го сместија експертите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО во својот нацрт-извештај за седницата во Баку. Финалната одлука на Комитетот на УНЕСКО во Баку беше политичка, а не експертска и беше донесена на огромна штета на регионот. Ваквата грешка очекуваме да се поправи на 44 седница на Комитетот на УНЕСКО.“

20190718_145121-1

Александра Бујаровска, Еколошко здружение „Фронт 21/42“

Во 2017 мисијата на УНЕСКО ја класифицира ситуацијата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион како ранлива и критична и даде 19 препораки поделени во кластери – итни, краткорочни и долгорочни.

За жал од сите 19 препораки досега, суштински онака како што бараше мисијата, е исполнета само препораката Македонија да се откаже од ски-центар на Галичица. И ова со напомена дека во моментов се изготвува План за управување со Галичица и сè уште не можеме со сигурност да тврдиме дека некоја верзија на овој проект (или некој друг подеднакво апсурден) нема да се појави повторно.

Понатаму, она што лажно се презентираше како успех и е завршено во Баку од страна на Владата – дека усвоиле нов Закон за управување со Охридскиот Регион, изработиле регистар на дивоградби, дека во тек биле консултации со јавност за Планот за управување со Охридскиот Регион, сè уште е далеку од некаква разрешница. Нацрт-законот за управување со Охридскиот Регион после Баку беше изменет со цел да се девалвира експертската вредност на управувачкото тело, а по објавување и обелоденување на оваа измена во јавноста, самиот закон беше повлечен. Сè уште нема никаква разрешница.

Понатаму, откако Владата обезбеди дека нема да се усвои закон кој би наметнал јасни правила на игра (и би регулирал казнување за нивно непочитување) – институциите преминаа кон усвојување на клучните одлуки и документи, како општинските одлуки за Мораториум на градби и легализација на бесправни објекти и Планот за управување со Охридскиот Регион.

Ohrid marka

Во отсуство на новиот закон, вистинската верзија, ненезаконски изменетата зад затворени врати, кој содржеше членови со кои се регулира Мораториумот – што се забранува, кој го контролира неговото спроведување, казни за негово прекршување итн. одлуките за т.н. Мораториум во пракса не спречуваат продолжување на деструкцијата, ниту наметнуваат некаква контрола и одговорност. Со тоа што овие одлуки се во согласност со стариот закон, се обезбеди дека нема правен механизам да се спречат и/или казнат прекршувањата, како на пример градење во строго заштитената зона. Во стариот закон нема ниту надлежен орган кој има законска ингеренција да врши инспекциски надзор на спроведувањето на Мораториумот  – во новиот закон ова е јасно дефинирано. Не веруваме дека е случајно што во одлуките за Мораториум на двете општини е избегнат токму овој елемент – што ако не се спроведува и кој врши надзор (и казнување) за неспроведувањето.

Во новиот закон за Охридскиот Регион членот кој го уредува Мораториумот навистина ја спроведува препораката на УНЕСКО – се однесува на сите урбани и крајбрежни трансформации, вклучувајќи ги и оние за кои се издадени решенија за градби и усвоени планови. Во одлуките на општините т.н. Мораториум не се однесува на проектите и плановите кои имаат решение, како ни на серија други зафати (катни гаражи, паркиралишта, споменици, плоштади итн.). Мораториумот на општините не споменува ни можни трансформации „на мала врата“ и без учество на јавноста, како оние усвоени со општ акт (на пример планираната урбанизација на Елшани).

Истото е и со Планот за управување – со изработка според стариот закон се избегнаа сите клучни обврски за изработката на Планот, неговата содржина, обврските за негово спроведување, мониторинг, транспарентно известување, казни за неспроведување итн. Носењето на Планот за управување беше дополнително проследено со серија на законски прекршувања, за кои, меѓу другото поднесовме и кривична пријава против Министерството за култура.

Во однос на инвентарот на дивоградби, Владата презентираше дека „Министерството за транспорт и врски, во соработка со општините кои се наоѓаат во границите на Доброто и на Националниот парк Галичица, изработи инвентар на бесправно изградени објекти во регионот.“ Поднесовме Барање за пристап до информации за доставување на споменатиот Инвентар, до Националната комисија за УНЕСКО – без никакво образложение добивме известување дека го препратиле до Министерство за транспорт и врски; Од Министерството за транспорт и врски нè известија дека „не се иматели на информацијата Инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Доброто“, за подоцна да нè информираат дека се иматели на информацијата но истата не ни ја доставуваат.

До денес имаме само делумна информација од страна на Општина Охрид дека на територија на нивната општина има 19.935 објекти за кои се водела или сè уште се води постапка за легализација согласно Законот за постапување за бесправно изградени објекти. Тоа се речиси 20 илјади нелегални градби само во една општина!

Имајќи ја предвид планетарната вредност и значење на регионот за кој се донесува планот, фактот дека станува збор за наследство кое опстоило милиони години и кое го чувале и го предавале на своите наследници сите генерации кои ги населувале овие простори од предисторијата до осамостојувањето на нашата држава, и дека за истото од 1979/ 1980 имаме обврска пред Обединетите нации да го чуваме и предаваме на сите следни генерации; повикувајќи се на последните извештаи на советодавните тела на УНЕСКО – ИУЦН и ИКОМОС, во кои недвосмислено се констатира дека деградацијата на вредностите во 2019-та е толку сериозна што Охридскиот Регион ги задоволува критериумите да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност, и како еколошко здружение на граѓани и како граѓани на оваа земја: сметаме и бараме Владата и надлежните институции да почнат да постапуваат свесно, совесно и одговорно со нашето најголемо природно и културно наследство, веднаш да го усвојат Законот за управување со Охридскиот Регион (верзијата за која се организираа консултации со јавноста и која е единствена правно важечка верзија) и уште веднаш да пристапат кон вистинско спроведување на сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија од 2017.

nemo

Се уриваат плажите на охридската ривиера

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба плажите на охридското крајбрежје да се вратат во првобитна состојба поради истечените концесии на закупците.

Општина Охрид ја урна плажата во населбата „Свети Стефан“, како и една од најатрактивните, плажата „Немо“ во „Горица 3“.

“Објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион“, информираат од Општина Охрид.

Уредбата околу плажите останува на сила сè додека Министерството за транспорт и врски не го направи урбанистичкото планирање на сите плажи.

Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми во емисијата Win Win на телевизија Телма беше дециден дека рушење на плажите ќе има.

20190718_150843-1

Адеми исто така напомена дека минатата година почнале со средување на колекторскиот систем кој откако е изграден, пред 30 години, воопшто не е исчистен. “Ги вративме сите долгови и формиравме ново Јавно претпријатие. Сите критични точки околу езерото од каде што се излеваа фекалии и црни води и беа проблематични се сега санирани. Но, колекторскиот систем има уште работа, сепак важно е што овие што беа критични точки ги саниравме. Во 2021 година продолжуваме да го средиме целиот колекторски систем со пари од Европска Унија, односно преку ИПА 3 проектот за 2021 година. Тој проект ќе го истераме, тој е стратешки проект, УНЕСКО знае за тоа и го цени тоа што во овој момент го правиме во тој дел околу колекторот“, додаде Адеми.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top