Насловна / Градежништво / Започна реконструкцијата на куќата на Андонци во Ново Село во Штип

Започна реконструкцијата на куќата на Андонци во Ново Село во Штип

rekonstrukcija na kuka andonci_6

Започна најавената реконструкција на една од најпознатите куќи, претставници на македонската традиционална архитектура во штипско Ново Село. Куќата се наоѓа веднаш на локалниот пат, на влезот во Ново Село при доаѓање од Струмица или Радовиш. Оваа куќа е позната како домот на Андонци и таа беше руинирана и пред распад. По низата зафати кои го најавија ревитализирањето на култното Ново Село, општина Штип и граѓаните добија важен и несекојдневен подарок. Владата на Република Македонија и Министерството за култура ја купија оваа куќа и ја отстапија на Управата за заштита на споменици од културата, со идеја таа да биде реконструирана и претворена во музеј.

rekonstrukcija na kuka andonci_5

За купување на куќата, од буџетот на Р.М беа предвидени 5.118.078 денари или околу 83.000 евра.
Од минатата недела поставени се скелиња, што значи дека и практично започна обновата на ова важна куќа за Ново Село и за Штип. Претходно, на 20 декември 2013, беше објавено дека е извршена набавка на недвижна ствар, заштитено културно наследство.

Станува збор за право на првенствено купување со кое е стекнат имотот на улица „Крсте Мисирков“ 34, инаку сопственост на Александар Андонов, Емил Андонски, Драган Андонски, Благородна Андонска и Станка Андонова на КП 9066/1, КО Штип 4, со површина од околу 137 м/2, а површината на објектот на двата ката и со другите придружни содржини изнесува околу 190 м2, од кои најголемиот како основа на кат изнесува 98 м2. За недвижноста е утврдено својство на споменик на културата со решение бр.0801-167/1 од 23.02.1994 година на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј – Штип.rekonstrukcija na kuka andonci_4
Ова е воедно прва официјална одлука за поддршка на проекти за реставрација на заштитно културно наследство. Последната позната, датира од 1961 година од страна на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата кога беа фиксирани и ставени под заштита околу десетина куќи. Во една од нив од страна на Музејот во Штип, во 1960 година е извршена конзервација на таваницата и долапите во една соба. Меѓутоа, во споменатата година една комисија на истиот завод констатира дека за одржувањето и конзервацијата на тие објекти се потребни големи средства, што ги надминуваат нашите моментални можности, и донесе решение заштитата на овие куќи да се прекине.

rekonstrukcija na kuka andonci_3
„Реновирањето на куќата на Андонци и нејзиното претворање во музеј, е дел од поширокиот концепт за уредување на локацијата „Јавор“ каде веќе се прави мини плоштад и каде ќе се гради еднокуполна мала црква. Зад куќата на Андонци се наоѓа куќата на Мијалкови која веќе е во завршна фаза на реконструкција, согласно со стандардите за реставрација на објекти од историско-наследна важност на државата. И улицата „Крсте Мисирков“ преку која двете куќи излегуваат на улицата „Димитар Влахов“, позната и како обиколница Ново Село, е предвидено да биде обновена со тоа што асфалтот ќе биде заменет со коцка и природен камен и ќе биде претворена во пешачка патека“, вели градоначалникот на Штип Илчо Захариев.

rekonstrukcija na kuka andonci_2
На овој начин, се заокружува можеби најважниот и најекспонираниот дел од Ново Село. Наместо руините од стари куќи, раскопаниот асфалт и старата барака-продавничка која ги пречекуваше сите возачи (вклучително и странци) ќе биде заменета со еден нов сегмент кој има двојна важност: првата е за самиот урбан амбиент на легендарното Ново Село и втората, затоа што конечно ќе покаже дека државата препознала нешто што мора да биде заштитено и обновено како сведок на минатото. Исто така, веќе се знае дека во куќата ќе има и восочни фигури и дека таа ќе биде претворена во музеј.rekonstrukcija na kuka andonci_1

4 Коментари

  1. не е така розево

    Најпрвин, сугестија за уредникот на порта3 кога објавува текстови да внимава на изворот, веродостојноста и упатеноста на авторот кон темата, и секако, да ја земе во предвид ситуацијата на терен. Г-динот Д.Ристов како автор на текстов во случајов го користи вашиот портал за солиден маркетинг на „ентузијазмот и посветеноста“ на новото општинско раководство на Штип и притоа користи голема доза на политицизам, а јавноста особено онаа кое е заинтересирана или повикана на темава не треба да биде информирана на овој начин. Впрочем, г-дин Ристов нема техничко туку новинарско образование а моментално е ангажиран како портпарол на Општина Штип, тоа сигурно го знаете!!
    Дека овој импозантен објект на македонската профана архитектура заслужува медиумско внимание, тоа е сигурно. Куќата не е ниту руинирана, ниту на распаѓање. И на самите слики ќе забележите дека кровниот покривач е неодаман сменет, а во неа нормално си живее една фамилија, дел од наследниците наведени во текстот.
    Конструктивно куќата е добро одржана низ годините, некои зајакнувања сигурно ќе треба да бидат направени. Повеќето од зафатите кои и недостасуваа на куќата за да „блесне“ се подмладување на фасадното платно и градежната столарија, и веројатно во најголем дел од претстојната интервенција тоа ќе се случи.
    Она што мене ме иритира во случајот е површинскиот и несистематскиот приод на решевање на проблемите. Уште од 1978 година, К.Томовски и Р.Вољинец имаат изработено „Програма за заштита и ревителизација на штипско Ново Село“ според која по одредени критериуми (естетски, историски вредности и сл.) како објекти од 1 категорија кои треба да се валоризираат низ еден посериозен и повеќестран пристап се 18 објекти од кои 13 се станбени. Епа дали општината или владата, или пак музејот има план што ќе прави со останатите 10 објекти (освен андонската куќа и мијалковската, постои уште само една на докторска фамилија кој е добро зачувана и реконструирана)? Дали со реконструкцијата на 1 куќа ќе биде заокружена амбиенталната целина на Ново Село, или како што вели авторот „најважниот и најекспонираниот дел од Ново Село“?? Дали воопшто општината, музејот и владата знае колку од овие објекти систематизирани како објекти од 1 категорија-18 и уште 28 како 2 категорија во наведената програма воопшто постојат? Има ли интегрирана програма што со целата населба, бидејќи решавањето на изолирани случаеви нема да има ефект? Што е со куќите на ул.Никола Карев бр.2, ул.Крсте Мисирков бр.67 и ул.Димитар Влахов 74 кои во секој момент можат да се срушат??
    Примерот кој авторот во текстот го дава со куќата на мијалкови е крајно негативен. Имено куќата не доживеа реконструкција, туку беше срушена и од темел изградена нова, во армирано-бетонска конструкција само го задржа надворешниот ист изглед? Па ако е за така, да ги бутнеме сите вакви куќи, па давајте на приватни инвеститори да си градат на плацевите по автентичниот изглед…Така ќе биде пофер и за идните сопственици и за сегашните, оти тие шајка не можеа да заковаат до сега без одобрение на музејот кој материјално никако не им помогна низ годините, а истиот правилник од друга страна не важи за луѓето кои имаат некаков линк со власта?
    И зошто потребата да се прави спектакл од вакви ствари, кога државата има кренато раце од заштитата на автентичната архитектура? Програмата на Томовски и Вољинец е кратка но не подразбира само предлог-заштита и валоризација на објектите во Ново Село туку и нивна зголемена употребна вредност во насока на заокружена туристичка целина со бањскиот комплекс Кежовица кое со ваков приод сигурно нема да се случи!
    Мислам дека приказната е слична и во Велес.
    Доколку имате потреба од програмата, можам да ви испратам скен од лоша копија.

    • Редакција

      Сосема сте во право што реагирате. Особено што станува збор за програма направена пред повеќе од 30 години. Токму тоа покажува каков бил и каков е односот на државата кон заштитата на автентичната архитектура десетици години наназад и денес. Впрочем тоа не е одлика само за Штип и Велес, туку и за Охрид и за Скопје, каде што такви автентични архитектонски објекти беа уривани, а на нивно место се издигаа нови, кои немаа никаква врска со автентичноста.
      Поединечните обиди, како овој во Штип и други градови, се само потврда за кампањското работење во поглед на заштитата на таквите објекти. Нашето списание секогаш се залагало за менување на таквиот приод. Но и вие сте сведок дека заштитата на културното и архитектонското наследство со децении е на маргините на интересот на државата за такво нешто. Се изготвувале програми, не само за Штип, но, што, колку и како е реализирано од нив – нема отчет.
      Што се однесува до нашиот дописник од Штип, сметаме дека, барем досега, тој мошне професионално си ја врши својата работа. Тоа може да се види и од неговите текстови, кои со години ги објавуваме на страниците на списанието. Знаеме дека тој не е архитект, но токму тоа е мотивот повеќе, како новинар да консултира соговорници од струката. Можеби вашиот коментар е повод да се осврнеме и на прашањата кои што ги поставувате околу она што се работи во Ново Село. Што и ќе го направиме, се разбира без политизирање.

      • не е така розево

        Така е редакцијо, се разбравме! Сложни сме дека е потребен систематизиран приод од државата и од локалните самоуправи во решавање на заштитата на вредни објекти, ако сакаме и понатаму да се „фалиме“ со културното и архитектонско наследство. Со искрена волја и напорна работа можеби може да се спаси по некој објект бидејќи за автентични градски (станбени) јадра веќе и не може да се зборува.
        Коментарот беше добронамерен со цел да се освести публиката што ни се случува пред очи, да не навлегувам во уште потешките теми како што е разграбувањето на иконите по црквите и сл…Замерката ми беше во насока дека текстот е премногу оптимистички и тендециозен (ќе бев навистина среќен да беше ваков случај барем за дел од 18-те или 28-те наведени куќи) и заради осетливоста на темата можеби некој од вашата редакција да види на стручно терен како стојат работите и да даде колку што е можно пообјективна оцена.
        Во секој случај и сајтов и списанието ви се супер, Ве охрабрувам да продолжите со работа, јас и понатаму ќе ве читам.

  2. Драган Ристов

    Благодарам за коментарот. Јас не сум архитект, и како обичен граѓанин давам коментар а пред се како „универзален незнајко“ (народна дефиниција на новинарите). Стојам со име и презиме, за разлика од многу лица кои не сакаат ни да си го соопштат името и презимето. Кога веќе во музејот можат да работат луѓе со правен факултет а да ни продаваат архитектура и градежништво, тогаш јас како новинар, можам да давам слободни, нестручни ставови, пред се како граѓанин. Дотичниот господин кој толку многу ми го познава ликот и делото, нека се потпише под коментарот, па и нека дојде во општината да ми ги претстави „неполитичките“ тези кои тој ги има. Можам слободно да го цитирам за некој следен број, токму на оваа тема. Кога веќе има наплив од знаење, за разлика од мене…неукиот и прост новинар, портпарол и слично…нека ми ги каже, па јас слободно ќе ги срочам во еден текст, во еден ексклузивен магазин каков што е Порта 3 и кој редовно отстапува простор за Штип и за убави работи а не за сеприсутните убиства, грабежи, уцени и криминалии.Почитуван коментатору, јас барем се обидувам да укажам дека има потреба од заштита на ова богатство. За разлика од многу други, кои заглавени во дебелите фотељи, заборавија и на архитектура и на градежништво и на музеј. За ваша информација, токму овој татко на градот, се потруди оваа куќа конечно да се обнови, пред да падне…а тоа зборува за нашиот ангажман. Се надевам следниот пат ќе се претставите, бидејќи анонимното новинарство заврши во 1996 година.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top