Насловна / Вести / За инспекторските работи

За инспекторските работи

Инспекторатот на Град Скопје влезе во инсталацијата „Еко клуб“ и објави грозни снимки. Скандалот со медицинскиот отпад создаде реакции, дискусии и препукувања, внатре и надвор од институциите, со логични повикувања од јавноста за одговорност. Снимките од инсталацијата во кругот на МЗТ потоа отидоа контра наодите од службите на Државниот инспекторат за животна средина, кој таму најде „ништо“. За овој Инспекторат не беше спорно тоа што правел „Еко клуб“, туку тоа што градскиот инспекторат влегол на своја рака да најде „нешто“. Оваа апсурдна игротека за истенчување на нервите на јавноста, ме натера да направам една анализа-коментар за тоа како е поставен целиот државен инспекторски систем, за да дојдеме до некаков заклучок од каде никнуваат ваквите „инциденти“. И, што треба да се (по)прави со инспекциите.

Инспекторати, надлежности и скриени надзори

Да тргнам од овластувањата. Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) е задолжен за надзор над инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола (поголемите оператори низ цела земја), а Инспекторатот на Град Скопје за инсталации со Б интегрирана еколошка дозвола (помалите во главниот град). Инспекторите имаат можност да вршат редовни, контролни и вонредни надзори врз инсталациите.

Листите на А-дозволите се ТУКА, а за Б-дозволите се ТУКА.

Но, иако ваквите листи се дефинирани како „регистари“, тука не е регистрирано ништо освен имињата на инсталациите и датумот на архивирање на дозволата. Нема информации кога е некој инспекториран, каков надзор е вршен, што е најдено!? Зависно од производството, има ли надминување на емисиите во вода, воздух или почва?! Магла. Нејасно.

За секој надзор, Инспекторатот прави записник. Радио МОФ лани правеше истражување за начелото „Загадувачот плаќа“, па ги побаравме записниците од надзорите на инспекторатите, користејќи Барање за пристап до информации од јавен карактер. Не ни ги дадоа, повикувајќи се на Законот за заштита на лични податоци.

1_resize

Ова значи, записниците се тајна и сензитивна работа за инспекторатите во нивниот однос со индустријата, па државата утврдила дека нема потреба јавноста да види записник-извештај од надзор, за да не се врши притисок врз инспекторите и операторите. Чисто да веруваме на „жими мајка“.

Ваквите „заштитнички“ нагони се селективни, а јавниот интерес е предмет на различна интерпретација, ако се знае дека, пример, Државниот инспекторат објави информација-извештај од вонреден надзор за „Еко клуб“. Значи можело објава на наод. Дури откако излезе целата приказна, кога почна да гори.

Бидејќи немаше никакво инфо за надзорите, лани побаравме и годишни Извештаи за работата на инспекторатите. Овие документи се обврска на инспекторските служби. И таму единствено стојат голи бројки, без имиња, без конкретни податоци за надзорите. Повторно не се знае кој, кога, како е инспекториран, и што точно е најдено, или не е најдено.

2_resize

Извештај на Државниот инспекторат за животна средина за 2018, објавен февруари 2019

Пример, за Државниот инспекторат е прикажано дека во 2016 година имало 2.387, а во 2017 – 2.451 записник од надзори, за сите области, во цела Македонија. Истовремено, во 2016 се евидентирани 23 барања за прекршочна, без ниту едно за кривична постапка. Во 2017 – 24 за прекршочна и едно за кривична постапка. Повторно нема имиња, нема контекст, нема податоци за инсталации. Само голи бројки. И, дека во овие две години имало 0 (нула) пријавени неправилноста за работата на инспекторите. Слични се голите бројки и во извештајот за 2018.

И? Што значат овие бројки за јавноста? За новинарите? Апсолутно ништо! Празно слово на хартија! Како е исполнето начелото на јавност од Законот за инспекциски надзор, каде пишува дека: „Инспекцискиот надзор е јавен“? Каде е Инспекцискиот совет, да се јави некогаш да каже нешто на проблематикава?

3_resize

Кога постои ерозија на довербата кон инспекторатите, кога се случува „инцидент“ како „Еко клуб“, како „инцидентот“ со поморот на риби во Вардар, како „инцидентот“ во ОХИС, јавноста е оставена да верува на „жими мајка“. Толку.

Или да верува на изјави како на Раководителот на секторот за инспекциски надзор во ДИЖС, Хусни Тачи. Тој во КОД прво вели дека причината за надзорот врз „Еко клуб“ дошла „по пишувања или кажувања на портали и на социјалните мрежи дека има неправилности во Еко Клуб“. Потоа тоа премина во „па сега дали имаше текст, дали по дојава, дали по допрен глас“, па потоа и „веројатно има некоја анонимна дојава“.

Тачи не кажа „жими мајка“, ама, нас обичните дишачи, ни останува да му веруваме. Онака лабаво, додека чекаме Лига шампиони, концерт во МКЦ, или ветровит ден за да шетнеме со детето надвор за да не го отруеме.

Ревизорите утврдија бројни недостатоци со Инспекторатот за животна средина

Државните ревизори во свој извештај од 2018, велат дека: „отсуствуваат доволни и достапни информации за инсталациите над кои бил извршен надзор, бројот и видот на извршени надзори, утврдени наоди, изречени мерки и резултати од истите“. Практично, тоа што го пишував горе. Ревизорите утврдиле и дека, од своето самостојно функционирање, Инспекторатот за животна средина се соочува со недоволен број инспектори, несоодветна организациона поставеност и функционалност на одделенијата, недоволно обуки и стручно усовршување на инспекторите, недостаток на финансиски средства…

Листата нема крај. Всушност има.. ама, така текстов ќе нема крај.

Според ревизорите, овие состојби кажуваат дека има недоволна транспарентност и отчетност за вршењето на инспекцискиот надзор и резултатите пред ресорното министерство и јавноста. Исто така, сериозно го ограничуваат Инспекторатот и влијаат на ефикасно, редовно и квалитетно вршење на законските должности, вклучувајќи и надзор врз инсталациите што влијаат врз животната средина.

Во заедничкиот извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI – Европската организација на врховни ревизорски институции, стои и дека „инспекциите за животна средина се вршат на централно и локално ниво без координација“.

Ако се видат извештаите на самиот Инспекторат за животна средина, пишува дека во 2018 година работел со буџет од 24,7 милиони денари, од кои 14 за плати. В0 2018 немале посебно финансово одделение, ниту правник, ИТ лице и дополнителен административен кадар, па сметководството се води со надворешна консалтинг фирма. ДИЖС оперирале низ цела Македонија, низ 154 инсталации со А-дозволи, над 50 депонии без станадари, низ десетици општини и складишта… со само 17 инспектори (од вкупно 21 вработен).

4_resize

Телефони на кои може да се јавуваат граѓаните и пријавуваат дејствија со кои се загрозува животнатa средина

Во поглед на смените на терен на инспекторите од ДИЖС, тие не се одвиваат после 16:30 часот. Испекторите се во „пасивно дежурство“ во вечерните часови. Инспекторите „дежураат од дома“. Ова не го кажувам јас, ова го кажаа од ДИЖС. Мртви сериозни.

Инспекторатот за животна средина го води човек што две години се нема појавено во јавност

Го знае ли некој Фејзула Спахија? Човекот што потпишува инспекторски извештаи, и по некој демант до јавноста? Е па, човекот дојде на директорското столче на Државниот инспекторат во март 2018, како дел од политичкиот пазар меѓу коалиционерите СДСМ и ДУИ, кога во пакет беа назначени 27 директори, распоредени низ повеќе институции. Ова беа потези во духот на добрата соработка, за „мир во куќа“.

Овој „мир во куќа“ репризно го маргинализира секторот животна средина, и воопшто борбата за чист воздух, вода, почва и одржлив простор. Овој „мир во куќа“ ја потврдува недопирливоста на голем дел од министрите и директорите од ДУИ, заштитени и замижани поради „баланс“ во власта. А, со ваквиот сплет на околности се создаваат паралелни нефункционални државни органи, толерирани токму за „мир во куќа”.

фејз_resize

Фејзула Спахија

За оние што не знаат, Фејзула Спахија го замени Мирослав Богдановски, кој пак доаѓа од ДОМ и кој по разрешувањето потоа стана раководител на Инспекторатот во Град Скопје. Богдановски е човекот што сега влезе во „Еко клуб“ и ги објави снимките.

Ваквата кадровска политика наиде на незадоволство од граѓанските организации, особено што Богдановски заедно со советникот Дарко Блинков во 2017-та активно почнаа да одржуваат прес-конференции, информираа за активности, за инспекции на терен, беше санкционирана „Дрисла“… Од друга страна, Спахија е непознато лице за пошироката јавност, иако веќе две година седи во директорска фотелја. Не излегува на прес-конференција, иако е директор на главниот контролор на А-загадувачите. Под негово водство ДИЖС дури во декември 2019, по критиките од јавноста, почнаа да објавуваат извештаи-соопштенија. Понатаму, Спахија не го продолжи ниту проектот за надзор со дронови, иако претходникот Богдановски потврди дека, кога бил таму, веќе склучиле договор за снимање повеќе месеци со фирмата „Аерофото“.

Државата нема акредитирана лабораторија за да контролира загадувачи

Богдановски, пред да си замине од Државниот инспекторат, имал оставено пари и за изнајмување акредитирана лабораторија за службите на неговиот наследник. ДОМ обвини дека парите за лабораторија биле пренаменети за коли, на што Државниот инспекторат негираше, тврдејќи дека нема никаква обврска да инвестира средства за акредитација, ниту е корисник на средствата за акредитација.

Зошто ја споменувам акредитираната лабораторија? Затоа што државата, до оваа 2020 година, нема акредитирана лабораторија согласно стандардот ISO17025. Постои државна централна лабораторија во кругот на Железара, но, доколку не се акредитира, таа е неупотреблива! Нејзините мерења немаат релевантност, не можат да бидат основа за санкција. Значи лабораторијата стои, а не постои. Не е контролен механизам за загадувачите во најзагадените градови во Европа.

Колку и да звучи чудно, но исталациите сами си вршат испитувања колку и дали загадуваат, ангажирајќи некоја од комерцијалните акредитирани лаборатории на „Фармахем“, „Технолаб“, „Еуромак контрол“, „УГД Штип“. За овие лаборатории, резултатите од мерењата се деловна тајна и, согласно сертификатот кој го имаат, се издаваат исклучиво на ангажираниот клиент.

Ова значи, државата нема целосна контрола на мерењата и евентуалното загадување од инсталациите! Односно, Државниот инспекторат само ги разгледува доставените извештаи од операторите, според условите во А-дозволата. И потоа проценува дали да ги прифати, доколку „се’ е согласно законот“.

6_resize

Државната неакредитирана лабораторија; фото: Мета

Прашувам, како државата ќе докаже кога компанијата ќе договори мерење од акредитирана лабораторија, дека тој ден нема производството да се намали, за да нема реални податоци? Како ќе контролира дека измерената вредност не е поправена и на нејзино место е впишана друга? Како ќе го тргне сомнежот за евентуална спрега меѓу приватна лабораторија-оператор? А, од друга страна, ниту една приватна лабораторија нема да си дозволи да врши супервизија на друга приватна лабораторија.

Самиот ДИЖС, смета дека нема основа да користат услуги на приватните лаборатории, додека нема услови за државна акредитирана лаборатораторија што би ја користеле на комерцијална основа. Бидејќи, на јавна набавка би се јавила лабораторијата што ќе понуди најниска цена, па истата, условно, би мерела кај оператор каде може веќе врши мерења. Тоа значи, би требала сама на себе да си прави споредбени мерења, што е контрапродуктивно. Нон-сенс!

Затоа е нужно да има државна акредитирана лабораторија. Ова со години го трубат експерти и еколози.

Последно нешто од изминатиов декември беше дека е прифатен амандман на Буџетот, поднесен од пратеничките на ДОМ, за дополнителни 5 милиони денари за акредитација на централната лабораторија. Поддршка дадоа министерката за финансии Нина Ангеловска, како и членовите на Комисијата за финансирање и буџет од мнозинството и од опозицијата. Со овие средства, би требало да се стави во употреба лабораторијата во Министерството за животна средина.

Велам „би требало“, бидејќи тоа требаше да се случи и години наназад кога имаше слични буџетски намени. Пример, Владата на 13 март 2018 година го задолжи МЖСПП да обезбеди близу 5,5 милиони денари во Буџетите за 2018 и 2019 година, за да се исполнат сите предуслови за акредитација на лабораторијата. Тоа не се случи.

Морковот, или стапот за загадувачите во Македонија?

Кога токсичниот воздух репризно почна да „пече“ на нос и уста, изминатиов ноември МВР и Министерство за животна средина, здружени со инспекторите, ја уверуваа јавноста дека неказнивоста е клучниот проблем. „Ако имаме неказнивост кон луѓето, кон институциите, тогаш настанува сериозен проблем“.

ОК. Не дека ова не го зборува критичката јавност со години, туку сега за санкции збореа и министрите Спасовски и Нуредини. Ние, обичните дишачи, повторно само можеме да веруваме. Пак на „жими мајка“. По којзнае кој пат.

Ова е важно да се каже, од причина што, неказнивоста кон загадувачите беше критикувана од „О2 Иницијатива“. Еко-активистите беа јасни. Менталитетот, за кој сите толку многу зборуваме дека не’ прави поразлични од сите други, нема да го оправиме со прогледување низ прсти за криминалот што и’ се прави на природата и врз нашите животи.

Здружените организации #ЗеленФронт и #ЗеленаРеволуција, за справување со индустријата побараа измени на законот за прекршоци и да се одредат многу повисоки глоби од сегашните. Исто и кривичните дела против животната средина и природата да не застаруваат.

7_resize

Повисоки казни побара и Никола Бертолини од ЕУ делегацијата, откако Дарко Блинков од ДИЖС го претстави за успех тоа што ги намалиле казните за 75% во 2019 година. Значи, ЕУ побара стапот, еко-организациите исто така – стапот, а домашниот Инспекторат – морковот.

Морковот, односно „опомената“ е и новитет во  Законот за инспекциски надзор, кој стапи во сила во ноември, истиот месец кога МВР и МЖСПП најавија налети на „контроли и санкции“. Овој Закон некако помина „под радар“, барем за пошироката јавност. Проблем е што обичен дишач тешко може да процени дали Законот е правен за долгогодишна земја-членка на ЕУ, со институционален и демократски капацитет, или за Македонија. Односно, воведување опомена со која се дава рок на инсталација да ја отстрани неправилноста, пред да се изрече казна, за инспекцијата да не се доживува како репресија.

Дали ова значи дека треба да се стави целосна верба во инспекција која не дала причина да и веруваме? Со верба ќе чистиме загадувачка недоверба? Дека со верување на слепо, без казни, загадувачите ќе прогледаат, и ќе го штитат јавниот интерес, јавното здравје? Така!? Нема транспаретност, нема опрема, нема финансии, нема координација, нема детални регистари, нема државна акредитирана лабораторија… ама треба да веруваме дека инсталациите, кога ќе згрешат нешто што не знаеме колку често го грешат, или го прават намерно зошто никој не им смета да го прават и со тоа да загадуваат, тогаш да веруваме дека при првата „неправилност“, тие ќе се поправат, а нивната „поправливост“ ќе ја контролираат инспектори од Државниот инспекторат, воден од ДУИ поради „мир во куќа“?!

——

Ја гледам ќерка ми во очи. И ми се плаче. Всушност веќе плачам. За неа.

Автор: Бојан Шашевски, Извор: Радио Моф

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top