Насловна / Архитектура / Во потрага по зеленилото

Во потрага по зеленилото

Често размислувам како би изгледало Скопје во 2063 година. Дека родена во ’63-тата, па се прашувам, ако доживеам стотка, како би личел градот? Во моите замисли, секогаш е пустата желба за здрав град. Се прашувам дали сите силни чисти технологии ќе ја одиграат својата улога? Дали градот ќе се ослободи од автомобили и разни машини и други загадувачи? Дали ќе биде богат со дрвја, со природа? Таквиот живописен пејзаж е она за што јас, а верувам и сите ние копнееме.

img_9260
Изгубени во досегашниот пристап на проектирање на градови и населби во кои живееме и работиме, пристап кој придонесе за деградација на животната средина и отуѓување на човекот од природата, секојдневно сме во потрага по здрав живот. Ние, самите, непотребно го избркавме од нашите животи. Денес, бројот на луѓе кои живеат во градовите го помина бројот на луѓе што живее во руралните области. Истовремено, територијата на престојување, во просек, постојано опаѓа. Во градовите не произведуваме сопствена храна. Главно, ја купуваме на пазар и имаме малку или никаква идеја за нејзиното потекло. Нашите очи се прицврстени на дигитализирани слики на екраните. Дури и сликите од природа се далечни места и преземени од други луѓе.

urban-forest
Но, без оглед на сѐ тоа, си мислиме – градот нè одржува и ние сме среќни. Но, истото важи и за стоката во фармите. Обезбедени им се одржливи услови, но тие животни никогаш не можат да го живеат вистинскиот живот, предодреден за нивните видови низ епската милиони-годишна еволуција, која ги постави на Земјата. Тие не можат да го посетат живеалиштето во кое се родени. Не можат да шетаат слободно, да истражуваат, да научат за опасностите, да ги откријат радостите, кои ги обликувале нивните тела и мозоци. И, во помал степен да, но истото важи и за луѓето во повеќето градови низ целиот свет. Градовите, рурални групации во почетокот, постојат само околу десет илјади години и, за повеќето од тоа време, само за многу мал процент од популацијата. Со текот на времето, при нивното креирање, безгрижно ја заборавивме околината, витална за целосен развој на човечкиот разум. Доказите се јасни дека честата изложеност на природа, го подобрува менталното здравје, нуди длабоко чувство на внатрешен мир и, на разни начини, ние само почнавме да разбираме, од научна гледна точка, дека природата го подобрува квалитетот на животот. Па така, во последниве години се појавија трендови поврзани со зелена архитектура, екологија, енергетска ефикасност. Трендови на дизајн на урбани пејзажи и објекти за внесување на природата во срцата на градовите. Трендови кои покажуваат, дека дури и мали промени на тоа поле имаат ефект во развојот на здравјето и економијата.

BuildingBiophilic_JUNE18_1
ПРИДОБИВКИ ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА ОБЈЕКТИТЕ
Еден таков тренд ми го привлече вниманието: биофилна архитектура. Википедија вели: „Биофилниот дизајн е концепт што се користи во градежната индустрија за да се зголеми поврзаноста на корисниците на објектите со природната средина, преку употреба на директна природа, индиректна природа при креирањето на услови во самиот простор, место. Користена во еден објект или во градски размери, се докажува дека оваа идеја има здравствени, еколошки и економски придобивки за корисниците на објектите и урбаните средини, со мали недостатоци.“ (слободен превод)

Biophilic-Cities-conference-will-promote-best-practice-in-biophilic-design-1
Биофилен град е град обилен со природа, град кој секојдневно бара можности за подобрување, обновување и креативно вметнување на природата. Тој е град на отворено, физички активен град, во кој жителите поминуваат време уживајќи во биолошката магија околу нив. Во биофилните градови, жителите се грижат за природата и работат во тоа име, на локално и на глобално ниво.
Денес, кога се соочуваме со еколошките и социјалните предизвици на современиот човек со константно одвојување од природата, се јавува потреба од проектирање на градови, населби, квартови, објекти, кои ќе ни овозможат поврзување со природата.

image

Биофилниот дизајн, неговиот концепт, се чини, е од суштинско значење за новите планери, проектанти, дизајнери, кои ќе се занимаваат со креирање на нови урбани политики, редизајн на наследените урбани целини и креирање на нови животни простори, кои нема да ја исклучат природата, како важен фактор за креирање на хуман животен простор. Тоа е концепт кој овозможува решенија за креирање на поздрав и попродуктивен животен и работен простор. Тоа е концепт кој има за цел потреба од поврзување со природата во современо изградената урбана околина. Тоа е концепт кој е фокусиран на аспектите на природниот свет и нивната примена. Целта е подобрување на човековото здравје, физичкото и менталното. Друга карактеристика е обрнувањето на внимание на контекстот на просторот во кој тој настанува, ставање акцент на креирање на изградена околина која ќе емитира позитивно влијание на здравјето на луѓето, кои ќе живеат во таа нова животна околина. Трета специфичност е акцентот на ангажираноста за повторен контакт со природата, суптилна тенденција човекот да се врати кон себе во контакт со природата.

biophilic-building
Биофилниот дизајн е всушност инсистирање на константна интеракција на човекот со природата, а не спектакуларни, преодни и повремени искуства. Но, биофилниот дизајн не е во опсегот на размислување на урбанистите и планерите. Биофилниот дизајн е всушност инсистирање да се смени тоа размислување и да се постават цврсти рамки за грижа за природата во урбаните области во секојдневната агенда на овие дисциплини. Додека архитектите и дизајнерите започнуваат да ја инкорпорираат биофилијата во нивната работа, планерите и креаторите на политиките, кои всушност треба да мислат на големата слика на градот, и тоа како, заостануваат. Оваа тема отвора сериозни прашања за тоа што е градот или што може да биде, и што всушност претставува одржливо место за живот. Верувам дека треба да се артикулира теорија и пракса на планирање на градот која подразбира внесување на урбана природа. Урбана природа, не како далечно и недопрено место, дефинирано со тоа колку малку луѓе го користеле или влијаеле на истото, туку е тука, во близина, и е измоделирано во неговата еластичност и истрајност во соочувањето со урбаните притисоци. Во урбана епоха, повеќе од кога и да е, ни треба креативно урбанистичко дизајнирање и планирање, кое ја прави природата централен дел, а не истата да се вметнува отпосле.

glavna1
ПРИРОДАТА ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ Е ЕСЕНЦИЈАЛНА
Некако, во овие чудни времиња, ние всушност треба да ги браниме и рационализираме нашите потреби за контакт со природата, иако таа конекција постоела во поголемиот дел од човечката историја и повеќе од евидентно е дека нѐ направила тоа што сме. Некако, сме си замислиле дека едноставно, сме ја надраснале таа потреба. Биофилијата сугерира дека постои еволутивна и биолошка потреба за контакт со природата, дури и денес, кога станавме многу „паметни“ да веруваме дека може да живееме и без тоа. Природата во нашите животи не е по избор, туку е есенцијална. Ни треба. За нашето емоционално здравје и благосостојба. Ни треба за планетарното здравје исто така. Природата не е работа или место што периодично го посетуваме, туку состојба која нè опкружува, идеално сеприсутен контекст што воодушевува, опушта, смирува, надополнува, инспирира и нè воздигнува во нашиот секојдневен градски живот. Таа е околу нас, и ние живееме во неа. За среќа, инвестициите во зелените градови се добри инвестиции на повеќе нивоа и постојат ефективни начини и докази со кои градовите можат да се подобрат, квалитетот на животот на жителите да се зајакне, а еколошките траги да се намалат. Премногу често зелената урбана агенда заборава на „зелената“, фокусирајќи се на енергетската ефикасност и управувањето со ресурси (достојни и важни субјекти), зана пример, да се занемарат вредностите на самата природа за нашиот живот, нашето здравје и благосостојба.
biophillic1
„Дивината“ на градовите, урбаната природа, е повеќе од обичен простор. Тоа не е само формиран јавен парк или зелени површини во градот туку многу повеќе: дрвјата на улиците, дворовите, кровните тераси, хидролошките карактери и сл., од кои многу се исечени, скриени, преправени, адаптирани. Размислувањето за присуството на природата на повеќето простори и формати кои продираат во еден типичен град, нуди целосен приказ на урбаната биолошка разновидност и дивина. Градот е навистина диво место, исполнето со живот и чудесна еластичност и прилагодливост на овој живот.
Биофилен град е сè уште, помалку дефинитивен список или збир на принципи и опишани категории, со цел да се идентификуваат барем некои од потенцијалните градежни блокови на биофилниот град. Малку е веројатно дека ќе се појави единствен кохерентен вид за биофилен град. Наместо тоа, можеби ќе има многу различни видови на биофилни
градови, многу различни изрази на урбана биофилија. И веројатно, ќе бидат изразени со различни комбинации и услови некаде напишани. Сепак, наједноставно, биофилен град е град што има за цел да негува блискост со природата – го штити и негува она што го има (разбира дека изобилството од природа е важно), активно ја обновува и ја негува природата што постои, притоа пронаоѓајќи нови и креативни начини за вметнување и инјектирање на природата во улиците, зградите и сите други животни средини. И, биофилниот град е град на отворено, град што бара одењето, шетањето и дневната изложеност на надворешните елементи и време, да бидат приоритет.
Но, биофилниот град не се однесува само на физичките состојби или природното опкружување и не станува збор само за зелена боја во дизајнот и еколошките интервенции – тоа е град кој го поттикнува духот и чувството за биофилија, за приоритетите за финансирање во градот и важноста од поддршката за разни програми, кои ќе ги поттикнат урбанистите да дознаат повеќе за природата околу нив. Биофилниот град може да се мери и процени повеќе со тоа колку се љубопитни неговите граѓани за
природата околу нив, со степенот до кој тие секојдневно се занимаваат со активности за уживање и грижа за природата отколку со физички квалитети или услови или, на пример, број или метри квадратни паркови и зелени места по жител во градот.
Не ни недостасуваат алатки и стратегии за враќање на природата во градот и има многубројни привлечни приказни и примери на градови кои успешно го направиле ова. Во некои случаи станува збор за потрага по можности за овозможување на рестабилизација на природата, а во други градови постои потреба од поагресивни урбани интервенции. Можностите се многу и големи и мали: целосни сливни подрачја и речни системи што десектираат поголеми урбани области, но и многу навидум скромни проекти за озеленување на околината, кои кумулативно можат да додадат значителна количина урбана природа. Веќе градиме нови работи во нашите градови – болници, паркови, станбени згради, училишта и сл. Па зошто да не ги направиме позелени? Зошто да не се интегрира биофилното размислување, биофилните мерки, во срцето на нивниот дизајн?

Biophilic
ПОТРЕБНО Е ВКЛУЧУВАЊЕ НА НОВА ПРИРОДА
Решавањето на поголемите проблеми со одржливоста, честопати обезбедува простор
(фигуративно и буквално) за вклучување на нова природа. Ако можеме да го намалиме
влијанието на автомобилите и зависноста од автомобили, на пример, ќе имаме повеќе простор за дрвја, цвеќиња и урбан животински свет. Стратегии за урбано зеленило и за зајакнување на урбаната екологија, без разлика дали преку зелен покрив или тротоар со зеленило, исто така, ќе служат за намалување на урбаната топлина, подобро зачувување на водата, управување со истекувањето и поплавувањето со атмосферска вода. Многу од урбаните стратегии за зеленило и проекти за озеленување на околината, исто така, помагаат да се промовира социјалниот контакт, да се изгради чувството за заедница и да ги негува пријателствата. Овие форми на социјален капитал придонесуваат многу за возврат. Заштитата и обновувањето на повеќето елементи на урбаната зелена инфраструктура, ќе помогнат во адаптација на тешки временски непогоди. Урбаната популација претставува огромна потенцијална сила во зачувување на природата, и во огромниот базен на труд и волонтерство, истата може да се искористи во име на природата и секогаш тоа треба да го имаме тоа на ум. Повикот за биофилен град и биофилни урбани блиски граници не се теоретски поим, туку практична реалност во многу места. И, како што покажуваат примерите од многу градови и нивната околина – многу е можно да се искомбинира урбаното живеење со живот блиску до природа.
Градовите веќе имаат многу повеќе природа отколку што обично признаваме, а сега има низа алатки за креативно планирање и дизајнирање, техники и концепти што можат да се применат за да бидат зелени градските населби. Одржливата иднина секако ќе бара урбана иднина, но тоа не значи (всушност, не може да значи) дека е оваа иднина е онаа исклучена и одвоена од природата и природните системи.

p1020913_c
Постојат многу пречки за постигнување биофилни градови и населби, и многу одвлекувања во современиот живот кои нè влечат далеку од природата. Таквите технолошки одвлекувања како телевизија, компјутери и iPhone-и, честопати се сметаат како значајни постојани фактори во нашето растечко исклучување со природниот свет. Но, дали оваа технологија може да помогне и да нè поврзе? А нови технологии сѐ уште доаѓаат. Сите тие треба да ги искористиме за нас, за да си го подобриме нашиот однос со природата, зашто како што знаеме, конекцијата со природата ја развило човечката цивилизација.
Голем дел од нашите задачи во иднина, секако за оние во градското планирање и урбаниот дизајн, ќе бидат понуди за алтернативна визија за градовите и урбаните населби. Треба да правиме повеќе отколку само да ги избегнуваме сите лоши работи што сме ги направиле досега. Мора да создадеме контекст за напредок, за развој, за значајна размена со светото околу нас, и луѓето околу нас. И за тоа, треба да ја вратиме смислата
на односот со природниот свет, кој отсекогаш бил лулка на нашата креативност. Оваа визија е со густи, одржливи градови во кои се оди пешки и места кои се полни со природа и се длабоко реставративни, магични и чудесни.
Како и авторот на книгата „Биофилни градови“, Тимоти Битли, и јас овој текст го посветувам на „следните урбани генерации, кои ќе се грижат за природата околу нив.“

Автор: Невена ГЕОРГИЕВСКА, диа

*Во реализацијата на текстот се користени извадоци од книгата „Во сенка на одржливоста, биофилна архитектура“ на авторката Наташа Комљеновиќ, архитект и стручњак за биофилен дизајн од Нови Сад, Byophilic Cities – Integrating Nature into Urban Design and Planning од Timothy Beatley

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top