Насловна / Вести / Тетово и ѓубрето

Тетово и ѓубрето

Не е тајна дека јавната чистота во Македонија не е на завидно ниво. Тоа е особено одлика на ова поднебје во последните 30-тина години, односно од осамостојувањето па наваму. Може само да погодуваме на што се должи таквиот поразителен и незапирлив надолен тренд во последно време. Урбаните средини, со чесни исклучоци, од ден на ден сè повеќе и повеќе тонат во ѓубре кое е расфрлано околу контејнерите, улиците, булеварите, тротоарите, парковите, плоштадите. Тоа е присутно и на автопатиштата, излетничките места, автокамповите, плажите, а планинарите алармираат и за сѐ повеќе ѓубре присутно на некои од пофреквентните планинарски патеки.

20210328_191012_resize

Ваквата тенденција, освен со домашното воспитување, сигурно има врска и со општата ерозија на институциите, со нивниот недоволен ангажман и со општото нивно ниско ниво на ажурност и бирократските вртлози на „ненадлежност“, а коренот на сето тоа веројатно има тесна врска со митото и корупцијата; партиските, фамилијарните и рамковните вработувања; и секако со слабите механизми на контрола коишто и самите се дел од системот на институции, и кои едноставно се вклопиле во институционалното сивило.

20210328_133603_resize

Загрижувачки е што поведението на граѓаните можеби има врска и со сѐ поголемиот нивен револт кон државата, предизвикан од различни побуди, најчесто од економска природа, револт кој практично ја намалува или целосно ја уништува очекуваната љубов кон татковината, ја кине нишката на припадност, а сето тоа, меѓу мноштвото други негативни реперкусии, води и кон неводење грижа за тоа каде џебниот, личниот или домашниот отпад ќе биде фрлен или оставен. Кога на ваквото тажно граѓанско поведение во кое на мнозинството граѓани едноставно „не им е гајле“ за јавната чистота ќе се додаде недоволната функционалност на институциите кои директно се задолжени за собирањето отпад, како и нефункционалноста на оние институции кои регулираат одредени аспекти кои се однесуваат на казнувањето, контролата, па и на образованието на граѓаните, се добива тоа што ѝ се случува на Македонија, а особено на урбаните ткива.

62227945_726218777780598_5040819239175323648_n_resize

Секако, сликата за јавната чистота не е секаде иста. Одредени градови, обично тоа се помалите во државата, може да се пофалат со солидно ниво на јавна чистота, од кое може да извлечеме заклучок дека тамошните локални самоуправи си ја вршат работата, а граѓаните по инерција се подисциплинирани во тој поглед. За жал, сликата во некои од поголемите градови е тажна. Од тоа што го гледам на социјалните мрежи, како и низ разговори со пријатели, колеги и познаници од други градови, стекнувам впечаток дека можеби најтрагична е ситуацијата во мојот роден град Тетово.

20210328_133334_resize

Тетово, градот под Шара, град со специфична структура на население, град во северозападна Македонија недалеку од метрополата, град во прилично развиен регион со солидни економски потенцијали, од некогаш чист, добро уреден град со чист воздух, од некогаш зелена оаза со многу зеленило опишувано уште од странските патеписци кои поминувале тука во XVIII и XIX век, последниве деценија-две е практично непрепознатлив за сите оние кои го паметат од, на пример, 70-тите или 80-тите години на минатиот век.

20210328_133615_resize

Состојбата со јавната чистота во градот е навистина тажна. Причините за тоа секако се истите кои ги опишав погоре, а важат за целата држава. Летаргијата на институциите, слабата локална самоуправа, измешана со отсуството на домашно воспитување и/или отсуството на чувство за припадност, го доведе Тетово на едно ниво кое е мачно за опишување.

39094233_1805015399633398_7213058593338163200_n_resize

Секојдневната слика на градот е до толку трагична што веќе смета на окото и на најголемите рамнодушници. Контејнерите низ градот наменети за домашен отпад се преполнуваат до пладне, а кога ќе се исполни нивниот капацитет, граѓаните продолжуваат да фрлаат ѓубре до нив, па во вечерните часови кога се акумулира ѓубрето од целиот ден, насекаде каде што има вакви контејнери се создаваат мини-депонии кои чекаат да поминат комуналните служби навечер. Функционални корпи за џебен отпад има премалку низ градот и претежно може да се забележат само во централното градско подрачје, и притоа неправилно се користат. Ѓубре може да се сретне и на тротоарите низ градот или на улиците: мнозинството од жителите, особено децата, едноставно не водат грижа дали лименката од сокот кој штотуку го испиле ќе го пуштат веднаш од рака на тротоар или ќе го донесат до првата корпа или до дома. Трагично е што ова поведение го гледаме и на самите улици или булевари кога неретко, од отворен прозорец од автомобил во движење ќе излета ѓубре. За сликата да биде полоша придонесуваат кучињата-скитници кои барајќи храна дополнително го растураат ѓубрето од контејнерите и корпите, го влечат по тротоарите, неретко го носат и до средишните булеварски зеленила во кои често го поминуваат денот. Секако, енормниот нивен број и ваквото нивно однесување е исто така мешавина од институционален проблем и отсуство на морал и домашно воспитување кое подразбира дека штом си се одлучил да поседуваш миленик, не може по неколку месеци, кога ќе порасне, туку-така да го оставиш на улица.

106296733_3378204012191054_7456495072703871257_n_resize

Дополнително, дел од поголемите маркети во градот, и дел од продавниците за бела техника и слични дејности, силно придонесуваат за загрижувачката ситуација кршејќи неколку закони и правилници, со тоа што својот амбалажен отпад кој го создаваат во големи количини, наместо да го одлагаат на начин пропишан со закон, едноставно го фрлаат во/до контејнерите за домашен отпад кои и без тоа имаат недоволен капацитет за да ги опслужат граѓаните. Забележлив проблем, особено за оние кои живеат во периферните населби, е поведението на одредени жители на околните села, обично поблиските до градот, кои и самите соочени со комунален проблем во селото во кое живеат, го собираат своето домашно ѓубре во текот на цела недела, полнат неколку вреќи и го истураат во/до првите контејнери во перифериите на градот кои се најблиски до правецот од кој доаѓаат: можеби највпечатлив пример за тоа е местото кај православните гробишта кое практично веќе е прераснато во депонија. Капак на сето ова е навиката на дел од граѓаните да го истураат до контејнерите и кабастиот отпад, стариот мебел и градежниот шут при реновирањето, веројатно со желба да се заштеди.

20210413_193656_resize

Како архитекти, неминовно е да го потенцираме и проблемот со капацитетот на домашните контејнери. Во деталните урбанистички планови ретко кога се обрнува внимание на фактот дека секое зголемување на населението во даден плански опфат, освен што повлекува низа други работи, повлекува и да се реши комуналниот проблем, односно да се зголеми капацитетот на постоечките контејнери со цел да одговори на потребите на новопланираниот број на жители. Едноставно е недозволиво да го оставите истиот број на точки за одлагање домашен отпад, и тоа со истиот капацитет, а во меѓувреме неколку пати се зголемил бројот на жители во дадениот опфат. Не знам зошто надлежните не водат грижа и не го санкционираат и овој аспект кој задолжително мора да се реши при планирањето, но практично секогаш е заборавен од нашите добропознати „врвни“ планерски бироа кои редовно ги добиваат општинските тендери за изработка на плански документации.

20620983_10156070924344573_2172216278362016769_n_resize

Забележлив е и друг проблем со кој се соочува Тетово, а е сличен со проблемот кој се јавува и во туристичките места. Тоа е „шпицот“ на туристичката сезона или во Тетово тоа е периодот од годината во кој се присутни голем број печалбари кои живеат надвор, а дошле во татковината на одмор. Тогаш мака мачат комуналните служби да се изборат со зголемената фреквенција на луѓе. Веќе бевме сведоци на една екстремна ситуација која го погоди Охрид летово, кога во неможност да се патува надвор поради пандемијата на Ковид-19, огромен број на домашни туристи во само неколку дена се слеа во градот, а градските служби едноставно не можеа благовремено да се изборат со динамиката на создавање ново и ново ѓубре. Можеби не толку екстремна, но таква е ситуацијата со ѓубрето во Тетово во летните месеци. Службите кои и онака имаат недоволно вработени – и обично тоа се возрасни луѓе пред пензионирање; кои се погодени од редовното доцнење на платата и неретко заостанување на неколку плати, и тоа во ситуација кога општината магично наоѓа пари за сите други вработени (од кои огромен дел не ни одат на работа и/или немаат работни задачи) освен за градските хигиеничари; кои се осакатени со стара механизација и застарени методи на работа, во летните месеци се дополнително оптоварени со поголемото создавање ѓубре поради зголемената фреквенција на луѓе.

117525463_10218094858823592_8402029982398930655_n_resize

Сублиматот на сето ова е една состојба во која е Тетово, која е самоодржлива налик на теоретските „perpetuum mobile“ машини. Може да дискутираме до вечноста и назад за тоа кој е повеќе виновен: дали некултурата на граѓаните или нефункционалноста на општината и воопшто на државата, и пак нема да дојдеме до заеднички консензус бидејќи тоа би било исто како да дискутираме за тоа дали јајцето е постаро или кокошката. Сепак, кога ваквата перпетуална спирала која врти надолу носејќи нѐ во еколошки амбис би била личност, не би ѝ било важно кој придонесува повеќе за нејзиното постоење, дали граѓаните или општината, важно ѝ е да постои. И според законите на физиката, вакво перпетуално движење, теоретски, може да се прекине само со извонредна надворешна сила. Во случајов, таква сила може да произлезе единствено од институциите.

20210411_142935_resize

Сметам дека за да почне да се средува хаосот со ѓубрето во Тетово најпрво мора да постои силна политичка волја. Притоа е потребна кадровска консолидација и координација на неколку нивоа и на различни институции: од општински сектори надлежни за просторно планирање, преку комунални служби, па сè до инспекторатите, полицијата и евентуални редарски служби. Конечно, да не го заборавиме и учеството на образовниот систем чија едукативна улога е неопходна за стекнување квалитетни животни навики и формирање нормална цивилизирана личност од најрана возраст на поединецот. A сосем нормално е возрасен човек да не фрла ѓубре како сака и каде сака – тоа не е одлика на особена личност – туку е одлика на сосем нормална цивилизирана личност. Само кај нас очигледно нормално е спротивното, штом мнозинството се однесува на тој нецивилизиран начин.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top