Насловна / Вести / Став на Фронт 21/42 за последните збиднувања поврзани со Охридскиот регион

Став на Фронт 21/42 за последните збиднувања поврзани со Охридскиот регион

Здружението Фронт 21/42 го објави својот став за последните збиднувања поврзани со Охридскиот регион кој ви го пренесуваме во целост:

Деновиве повторно се актуелизира темата „спроведување на препораките на УНЕСКО“, по 146тата седница на Владата на која е одлучено да се повлече новиот Закон за управување со Охридскиот регион, а на општините им се препорачува да прогласат мораториум на градежните активности, како и да изготват акциски план за спроведување на препораките на УНЕСКО, во рок од 10 дена.
Повлекувањето на Законот за управување не можеме да го коментираме се додека не ја видиме новата верзија која Владата ќе ја испрати во Собрание. Дури тогаш ќе стане јасна причината за негово повлекување. Било каков коментар или став во оваа фаза би бил шпекулација.

ох2

Во насока на расчистување на дебатата „има-нема“ правен основ за општините да прогласат мораториум, ова е нашиот придонес:

1. Член 118 од Уставот: Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Значи: Конвенцијата мора да се спроведува и истата е дел од и НАД националното законодавство. Со други зборови, доколку има членови во други закони кои налагаат не-делување или поинакви активности од тие кои се наведени во Конвенцијата – обврските на државата наведени во Конвенцијата се од повисока правна хиерархија и мора да се спроведат.

2. Според Член 4 од Конвенцијата нашата држава има обврска да го заштити, конзервира и пренесе на идните генерации светското наследство, при тоа користејќи ги максимално сите расположливи можности.

3. Расположливи правни можности (и обврски) на општините:
Член 29 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион: (1) Општините (…) се одговорни за управувањето и за спроведувањето на мерки и активности за заштита и промовирање на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион во рамките на нивните надлежности утврдени со овој или друг закон.
Член 9 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион: Управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион се остварува на начин преку кој се обезбедува: (…) Спречување на активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион;(…).
Согласно член 41, член 46 и член 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, ОПШТИНИТЕ СЕ НАДЛЕЖНИ за донесување на ГУП, ДУП, урбанистички план за село, урбанистички план вон населено место, локална урбанистичка планска документација, општ акт, како и одлука за употреба на земјиштето во крајбрежниот појас. Согласно член 58 од Законот за градење, општините се надлежни за издавање одобрение за градење за градби од втора категорија.

Screenshot_1

Едноставен превод од правен на „обичен“ јазик:
Комитетот за светско наследство бара да се воспостави мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација, која (според нашите закони) е во надлежност на општината; општината има уставна и законска обврска да ги стопира сите градежни активности и постапки за урбанистички планови, уште од 2017.

За да спречиме (повторни) манипулации со јавноста и носење на одлука која ќе изгледа како да е спроведување на препораката на УНЕСКО, а всушност ќе обезбеди продолжување на нејзино прекршување, дообјаснуваме:
Според официјалното толкување на ИУЦН (советодавното тело на УНЕСКО за природа), кое го побаравме уште во јули 2016: „промени во постоечки планови се сметаат за чекор во спроведување на проекти за урбана и крајбрежна трансформација“.
Ова значи дека општините, од 2017та наваму, имаат законска обврска, не само да ги прекинат сите градежни активности (како што сега им препорачува Владата), туку и да ги стопираат сите постапки за урбанистички планови.
Во оваа насока, уште еднаш бараме општина Охрид да ги прекине постапките за: ЛУПД Лескоец, Општ акт Елшани, УПВНМ Турстички Комплекс Горица, Проект за реконструкција на Кеј Македонија, УПВНМ КО Трпејца; и сите други постапки за урбанистички планови.
Во повеќе наврати им укажавме, а сега повторуваме: сите овие, и уште 24 други урбанистички планови донесени во периодот 2017-2019 се директно и многу свесно прекршување на препораката на УНЕСКО. За ниту еден од овие планови нашата држава не го извести УНЕСКО, со што прекрши уште една препорака –редовно и целосно да го известува УНЕСКО за сите планови и проекти.

Се надеваме дека овој пат и централната и локалната власт навистина имаат сериозна намера да почнат да ги спроведуваат препораките на УНЕСКО и да спречат понатамошно уништување на нашето најголемо богатство.

ох1

Испрати коментар

Scroll To Top