Насловна / Арт и дизајн / Симбол ослободен од цртачки детали, разголен до ниво на контура

Симбол ослободен од цртачки детали, разголен до ниво на контура

Перо Георгиев е архитект и дизајнер. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје. Учествувал на многу летни школи по архитектура, креативни работилници, студиски патувања и престои надвор од Македонија. Долги години работел во сопствена работилница за архитектура, ентериер и дизајн finelinedesign во Скопје. Последните три години работи како архитект и дизајнер во Швајцарија.

градот

е подлога, мапа на која е означено сето наше битисување. бунар во кој се давиме и во кој учиме да пливаме во тесно, но длабоко. ринг – во кој си задаваме удари меѓусебно, без можности за суштински компромис, уште помалку за победа.

тој е игла која не боцка (нЕ инспирира и предизвикува) и чекан кој не удира директно по глава – нЕ освестува и онесвестува иако самиот нема свесност за себе. човекот е неговата главна матрица, модел на кој што градот сака да го потпре сето свое опстојување, да ги постави сите мерки и мерила. човекот е самиот град.  мрежа исткаена со титанов конец, со безброј можности за нови виткања и преобликувања, без ниту една за кинење. каква љубов!

човек и град: од далечни пријатели, станаа блиски непријатели. градот збиен, човекот набиен (во него).

1_resize

животот го мериме во секвенци, мали исечоци на кои им даваме смисла. не успеваме да се откинеме од вкупните бранувања. животот станува обид да се преживее бранот кој удира директно в лице и очи, ги полни со ситни честици и го заматува погледот. тоа раѓа фрустрации и трауми, но станува истовремено ѓубриво за посуштинско зреење.

…еден ден ќе порасне трева над секој град.

2_resize

идејата на сите тие мали цртежи или скици не е ниту критика на општеството, ниту на градот, ниту на самиот човек. тие се повеќе факти, гледишта, потврди. тие бараат, поставуваат прашања. одгатнуваат лични дилеми, се доведуваат самите до ниво на апсурд. воспоставуваат врски: разговараат и се расправаат.

го бистрат погледот и стимулираат раст на една вертикала со нови вредности.

светот го впивам со раширени зеници иако самиот малку верувам во некакви промени кои би можеле да се случат. светот е влезен во онаа зона на спиралата каде секоја посакувана корекција на движењето е неможна.

приказните често црпаат од реалноста, но не се хранат со неа.

некогаш и најтивките бранувања прават бура со највисоки звучни бранови. тогаш неможам да се одбранам, се предавам.

за целиот склоп немам дефиниција.

оливера ќорвезироска ги виде како мала графичка проза, ненад јолдески како компактни минијатури. убави се и двата назива. јас лично не знам како да ги наречам.

тоа што сигурно постојано се провлекува низ нив е човекот. тој и неговиот сомнеж, неговата загриженост, емпатија. неговата глава полна прашања.

тој е неисцрпен и неисцртен модел, симбол ослободен од цртачки детали. разголен до ниво на контура. тој не е осамен, тој е сам, со својата сенка и својата смрт. тој е избезумен, приземнет, но не застанува да павта со своите прашливи крилја.

сакам да бидам јасен, со чиста мисла и чиста интерпретација. иако верувам дека сЕ е превртливо, со безброј оски кои можат да понудат нови видици и перспективи. тој алгоритам нуди слобода, создава нови аспекти и гради моментални појмови и состојби за подоцна да бидат разнишани од самите себе.

непостојаноста е единствената константа..

верувам дека секој миг нЕ менува и дека ситните детали прават најдлабоки резови.

и затоа секогаш тргнувам со некаква заблуда или дилема. нема дефинитивни одговори. нема ниту погрешни одговори, тие се вистински на некое следно прашање. или обратно: некои одговори поставуваат прашања.

инверзноста во осмислувањето ме радува. таа ме внурнува подлабоко и во јазикот.

светот е полн со слики и зборови.

во основа приказните се некакво проектирано сеќавање на разговори кои никогаш не се случиле. низ фиктивни гласови (и гласници) се обидувам да оживеам некаква проектирана состојба. тагата, на пример. или смртта. или ситните секојдневни сопки. таму сум често целосно вклучен.

иако некогаш се тесно врзани за помал културен контекст, пораката која треба да ја пренесат- е универзална. а човекот останува безусловно врзан за вкупната космичка рамнотежа

…дедо ми ги триеше очите и се обидуваше повторно да го изостри погледот. со трепките ја дробеше насобраната сол. светот во кој веруваше, го толчеше неговиот мир. лицата сЕ поматни, зборот-трн. не можеше повеќе да верува на приказните, тие беа постојано вистинити.

3_resize

сЕ се врти, ништо не нЕ менува.

4_resize

дедо ми гледаше во разнебитениот град и мислеше на концептот на роберт вентури: како од рушевините да се пресоздаде нов град.

со пукнатините во луѓето не можеше ништо да направи. издивна и рече: на градот му треба нов ветар.

5_resize

дедо ми често се повикуваше на тезата на мис ван дер рое: less is more.

кога се работеше за природата, баба ми поставуваше своја теза: more is more

6_resize

добри соседи, добри воајери раѓаат.

7_resize

мајка

8_resize

баба ми не знаеше многу за антропоморфноста, ама знаеше дека многу работи не се по мерка на човекот.

есенски протест

9_resize

дедо ми се радуваше повеќе на моливот отколку на алтанот в џеб. го остреше и со години ги влечеше неговите линии додека ја најде вистинската. веќе немаше време – желба силна, снага ситна. рече: може ќе задоцнам на сопствениот погреб, ама бидете така, ќе стасам.

10_resize

за баба ми немаше друго место. ја нурнуваше главата во себе и оставаше самата да си тоне. секој пад и даваше смисла. велеше: додека изворот блика треба да пиеме, ако пресуши, пак да го ископаме. последиците секако ќе најдат одново свои причини.

11_resize

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top