Насловна / Архитектура / Септемвриски архитектонски белешки

Септемвриски архитектонски белешки

Септември беше навистина исполнет со изобилство на настани за архитектите во Скопје, дел се поклопуваа така да не беше можно да се присуствува на сите.  Од посетените настани, јас би го издвоил предавањето на професорот Луис Вивес, архитект од Барселона, кое се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје во организација на МЕЛЕЕМ.  Зад не баш најсреќно избранот наслов „Скопје светски град“ беше подскриен веројатно еден од најдобрите настани на „сезоната“ во кој професорот ни презентираше неколку реализирани објекти меѓу кои и Градската куќа во Молет дел Лавес (Mollet del Valles) во Барцелона и Одделот за култура и образование на советот на Менорка (Conselli Insular de Menorca) во Мао – Махон, на островот Менорка, но и на веројатно контраверзната реконструкција и доградба на Палатата на правдата (Palais de Justice) во Стразбург, Франција.

44229675_705097913190316_7941069306790412288_n

Во време опседнато со ѕвезди и брендови беше добро да се види колку е добар квалитетот на архитектонската продукција која произлегува од редовите на архитектите коишто веројатно не спаѓаат во горенаведените групи во светот.  Ова беше можност исто така да се подсетиме дека изградената средина не треба да биде само некаков збир на поединечни објекти коишто меѓусебно само се натпреваруваат и не комуницираат, за потребата од јавни простори преку кој објектот ќе може не само да се согледа, но и соодветно поврзе со своето поблиско и подалечно опкружување. Особено беше силна пораката за потребата за отвореност и поврзување на внатрешноста и надворешноста, и тоа особено кај јавните објекти како дел на искажување на пристапноста на граѓаните кон овие објекти, транспарентноста во нивното работење и потребата во увид за тоа како се трошат средствата на даночните обврзници.  За жал пристап кој не секогаш го сретнуваме на нашите простори.

IMG_20180913_210034

Посетата на годинашниов XIX БИМАС 2018 само ги потенцираше импресиите од предавањето.  Презентираната продукција беше релативно мала особено до колку се земе во предвид видливиот обем на изградба во земјата.  Беше интересно да се забележи ефективно отсуството на урбанистички планови и проекти, како и на проекти за комплекси. Се чини дека презентираната продукција се фокусира на поединечни објекти честопати со нагласена индивидуланост, а коишто понекогаш, можеби разбирлво, се обидуваат да се исклучат од контекстот во кој егизистира објектот. Главната награда на овој БИМАС ја доби „Челзи бизнис центарот“ во Скопје на архитектот Ѓорѓи Мојсов.  Архитектот Мојсов и во оваа пригода реализирал објект кој ги следи современите трендови во архитектурата и преку иновативен пристап придонесува кон збогатувањето на градителскиот опус во градот.

Разговорите организирани во рамките на БИМАС беа добра можност да се слушнат мислењата на архитектите и пошироката јавност за состојбите со коишто дејноста се соочува денес. Во жива дискусија која се одржа во релативната изолација на Музејот на современа уметност во Скопје, бевме сведоци на првиот од серијата на три настани под насловот „Баукултур Разговори“ на тема „Проект наспроти Реализација“ модериран од страна на арх. Марта Илиевска. Панелистите, архитектите, Александар Наумчевски, Горан Мицковски, Дејан Паскалов и Љубица Будимовска, преку свои примери укажаа на состојбите во архитектурата коишто не секогаш резултираат со реализација на проектот според оргиналната замисла, а коешто според искажувањата најверојатно во голема мерка зависи од инвеститорот, изведувачот и надзорниот орган. Настанот беше проширен со излагање на Цветко Делев од Еуролинк осигурување на тема „Осигурување на проекти / Осигурување на објекти во градба“. Искажаните искуства од страна на панелистите отворија можност за разговори кои на моменти излегоа од рамките на темата, но посочија на некои од проблемите со коишто архитектите-проектанти се соочуваат во секојдневната праска, вклучително се проблемите сврзани со ниската цена на проектантските услуги и одсаството на едниствен ценовник за своите услуги.

IMG_20180913_205230

Врз основа на изнесеното може да се заклучи дека проблемите со коишто се соочуваат архитектите во Република Македонија не се разликуваат од глобалните трендови во оваа сфера иако истите искажуваат локални специфичности.  Не станува збор за сомневање туку се смета веќе за факт дека професијата архитект со години наназад се соочува со ерозија на својот кредибилитет на глобално ниво.  При ова како клучен фактор за оваа состојба се наведува дека корисниците на архитектонските услуги се помалку согледуваат како архитектот, односно проектантот додава вредност на проектот.  За ваквата состојба се наведуваат низа причини.

Се смета дека објектите коишто се проектираат и градат веќе од почетокот на XX-от век престанале да бидат обични градби каде што архитектот самостојно бил во можност да го испроектира целиот објект. Како се зголемува бројот на фазите се зголемува и технолошката сложеност на проектот која се повеќе ги зголемува барањата за координација и менаџирање на различните фази.  Ова со тек на времето довело до воспоставување на професиите на проект менаџер и дизајн менаџер, а коишто полека но сигурно ја потискаат улогата на архитектот како раководител на проектот во спореден план.  Исто така промената на начинот на коишто се реализираат проектите каде архитектот се помалку се јавува како носител на проектот од договарање на проектната програма до истекување на рокот за одстранување на дефектите и подпишувањето на завршната сметка.  Со напуштањето на ваквиот пристап некој друг (на пример, проект менаџерот или изведувачот) ја превземаат улогата на контрола на буџетот коешто допринесува за намалузвање на значењето на архитектот.  Дополнително, ваквиот пристап ја намалува улогата на архитектот во однос на контролата на квалитетот на објектот со сите последици коишто произлегуваат од ова.  Во вакви случаи она што се чини дека е важно изградбата да чини најмалку што може за инвеститорот но да биде најпрофитабилна за изведувачот, со сите можни последици за крајниот корисник.  Определбата за намалување на цената оди дотаму да објектите се реализираат врз основа на нецелсони проекти (се чини дека ова веројатно е локалната состојба), и со примена на поефтин стручен тим како на пример архитекти со помало искуство или пак студенти, или лица пак со сродни кавлификации (на пример лица со завршени додипломски студии, више или средно образвание, како што е случај во Велика Британија).  Ова оди само во прилог на изведувачот, кој недореченоста на инвестиционо-техничката документација ја компенизра со зголемување на цената на градежните работи за да ја заштити својата профитабилност.  Дополнително, како проблем се наведува и едукацијата на архитектот каде честопати се смета дека образовниот процес премногу фокусира на креативните аспекти на образованието на сметка на техничките, деловните и подготовката за пракса.

IMG_20180913_205546

Од тука како клучна фигура се јавува инвеститорот, кој по се изгледа се уште не е во можност да согледа дека некомплетната инвестиционо-техничка документација и промените на проектот во текот на изградбата само ја покачуваат цената на проектот и одат во прилог на изведувачот.  Како резултат на ова исклучително е важно да се подржи сугестијата искажана на разговорот за тоа дека инвеститорите треба да се едуцираат.  Во оваа смисла веројатно треба да се разгледа и можноста за доделување на награда за најдобар инвеститор, како што е пракса во други средини.  Се до оној момент до кога инвеститорите не го согледаат придонесот на архитектите-проектанти во процесот на реализација на еден проект не може да се очекува дека ќе дојде до значително подобрување на состојбите.

Праксата од Европската Унија, САД и други поразвиени земји од светот укажува на тоа дека законите со коишто се промовира компетитивноста на пазарот не дозволуваат да се дефинираат цените на проектантските услуги.  Но и покрај ова локалните комори и асоцијации формираат свои ценовници коишто немаат задолжителна важност но се користат како информативни, за да им помогнат на инвеститорите подобро да ги разберат трошоците сврзани со изработка на инвестиционо-техничката документација и сродните проектантски услуги.  Од тука верјатно би било добро да се изготви ценовник за услуги со којшто можеби во прво време би можел барем делумно да се регулира пазарот на услуги до очекуваниот влез на земјата во ЕУ кога тој ценовник веројатно ќе мора да стане информативен.

Во контексот на искажаните проблеми на овој разговор веројатно има потреба подетално да се согледаат и дефинираат улогите на комората и на асоцијацијата со цел тие да не се јават само како тела задолжени за лиценцирање на архитекти и промовирање на архитектурата преку награди и изложби, туку и како клучен систем за подршка на архитектите во пракса.  Ова е значен сегмент којшто недостасува и тоа особено во услови на „атомизиација“ на архитектонската пракса каде најголемиот број на архитектонски бироа се мали по големина.  Во изминатиот систем таа логистичка подршка воглавном беше достапна во рамките на самите големи проектантски бироа или градежни фирми, а коешто веќе не е случај.

На вторите разговори на БИМАС на тема „Скопје“ присутните беа почестени со учество на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и архитектите панелисти, проф. д-р. Огнен Марина, Иван Арсовски и Мартин Пановски.  И во овој случај бевме сведоци на жива дискусија модерирана од арх. Марта Илиева. Тука имавме можност да се запознаме со напорите на градската управа за спроведување на концептите зарцтани со урбанистичкиот план од 1965 година во доменот на транспортната инфраструктура, а кошто се очекува да помогнат во растеретување на централното градско подрачје од моторниот сообраќај преку реалзирање на проектот за тунел под Кале.  Исто така бевме потсетени, што не често се случува, дека од поодамна имаме заборавено за скопскиот земјотрес од 1963 година и за урбанистичко-архитектонските мерките коишто треба да се спроведуваат за заштита и намалување на последиците од идните земјотреси.

Она што стана очигледно се тезниите меѓу градот и општините во доменот на урбанизмот, како и проблемите со финансирање на работата на општините и градот.  Се доби впечаток дека можеби интензитетот на изградба во Скопје со сите предности и слабости коишто произлегуваат од него во голема мерка е резултат на потребата за реализација на материјални средства за потребите на органот на управа.  Во оваа смисла беа споменати и ниските стапки на данок на имот, кој спред искажувањата во другите земји се јавува како позначителен извор на приход.  Ова можеби е случај, но како и секогаш работите треба да се согледаат во рамките на локалниот контекст.  Имено, примањата во земјата се значително помали од оние во поразвиените земји во Европа каде што даноците на имот се поголеми.  Гледано од друг аспект, во поразвиените земји во Европа со години наназад се оди кон рационализација и намалување на јавната администрација, за разлика од веројатно обратните процеси во нашата земја.  За жал управно-правните проблеми се оние коишто само политичарите можат да го решат, а не архитектите.  Како и да е решението треба навистина да ги поддржи декларираните определби за одржлив развој за да се успори и по можност намали деградацијата на изградената средина која особено е изразита во изминатиот период на се чини недоволно контролирана изградба.

Беше особено задоволство но и тажно искуство да се присаствува на ексурзијата со која имавме можност да се запознаеме со објектите на Македонската опера и балет, Алкалоид, МАНУ и Хидрометеоролошкиот завод, сите во Скопје. Сите овие објекти се значајни примери и исклучителни архитектонски достигнувања од изминатиот период коишто го имаат ставено градот Скопје на архитектонската карта на бивша Југославија, и со коишто би требало да се гордееме.  За жал со исклучок на Алкалоид каде нивниот инвестиционен тим со години се грижи за објектот, се чини дека другите три објекти, најверојатно буџетски подржани, дека се оставени во голема мерка на забот на времето, а коешто е навистина загрижувачко и разочарувачко, особено кога ќе се земе во предвид колку материјални средства се употребени во изминатиот период за градежни и слични проекти подржани од буџетот.

Да се надеваме дека овогдишниот XIX БИМАС 2018 со својата соодветно избрана тема БАУКУЛТУР ќе даде соодветен поттик за постепени и континурани промени во доменот на архитектурата и изградената средина во Република Македонија.  Согледувајќи го ентузијазмот на колегите коишто на волонтерска база исклучително добро го реализираа целото биенале, очигледно е дека постои елан и желба за подобро архитектнско утро и животна средина за сите нас, но која несомнено бара соодветна подршка од пошироката јавност.

Одбележувањето на овој архитектонски септември во Скопје не ќе биде целосно без да се одбележат и изложбите на БИСТА каде студентите по архитектира имаа можност да ја покажат својата продукција, значајните изложби на Зоран Кардула на тема „Архитектонски илсутрации“, на Даниел Ѓурчиновски на тема „Паралелно Скопје“, како и промоцијата на книгата „Белешки 88-014“ од авторот проф. д-р. Тихомир Стојков како и другите настани со коишто бевме почестени во овој период.

Овој септември беше навистина исполнет со изобилство на настани за архитектите во Скопје.  Да се надеваме дека и во иднина ќе се соочуваме со слични „проблеми“ да треба да донесеме одлука кој настан да го посетиме.  Се разбира со поголемо промовирање на нашата работа можеме да помогнеме за збогатување на присуството на овие настани и лица надвор од нашата струка со коешто со тек на време само ќе се подобри изградбата на БАУКУЛТУР во Република Македонија и ќе се реазлизира подобра изградена средина не само за нашите туку и за идните генерации.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top