Насловна / Вести / Сепак е Belgrave

Сепак е Belgrave

Големите земји ги прават големи луѓе… понекогаш, секогаш… буквално… фигуративно…

Освен ако не сте родени или таму школувани културолошкиот шок од судирот со западната цивилизација ви ги разлабавува шарките на вродената и предубедена византиска сигурност во себе и во она што замислуваме дека сме (не толку поради тоа што не сме, туку затоа што воопшто не се трудиме тоа и да бидеме).

01 Споменик на австралискиот фармер

Споменик на австралискиот фармер

 

Моето поимање на откритието дека плиткото краварско-фармерско минато на оваа нација (која го прифати и веќе почнува да го амортизира моето генерирано животно и професионално незадоволство) може да создаде и успешно да надградува исклучително солиден етатистички систем како да е извлечено од под пазувата на фактот за постојаноста и квалитетот на британскиот дух без оглед дали тој „цвета“ на матичниот остров или е изместен на Месечината. Самоодржливоста на чајот во пет и ровко вареното јајце како надградба на путерот и џемот до одредена мерка го оправдува колонијалниот излет на другата страна на планетата, за таа 1770-ата просто еднаков на лансирање на посада во вселената. „Американизацијата“ на тоа ровко јајце и тој џем, во кајгана и пржена сланина се само една мерка за отстапување на новата нација од узусите на матицата, на сличен начин на кој тоа го асоцира ударната урбана топонимија – „малолетните“ сиднејски Волонгонг или Бераора или пак мелбурншкиот Резервоар се по звучност неспоредливи во однос на стариот, „претежок“ лондонски Кесингтон на пример!

02 Wollongong

Оддалеченоста од светските модни токови наивно и аутистично затскриена зад оригиналната австралиска лежерност само го потврдува правилото. Пореметената должина на машките ногавици и потценетиот конфекциски број на машките одела пијано се клатат по работ на стариот, добар европски вкус. Од неговата друга страна се струполуваат тогаш кога од под истите тие сиви или сино-сиви сатенски ногавици, кои според некои чудни законитости бегаат од глуждовите нагоре, од чорапите ќе блесне дречлив Мики Маус или Пајо Паторот! Изборот на машки обувки на сличен начин го предизвикува моето „сетило“ за модна логика. Груби и дибидус непогодни за најтоплото годишно време шират необјаснива дијаметралност со влечките во деновите кои просто „плачат“ за ветровка. Во оваа земја е дозволено да се кива и шмрка (важи малку повеќе за женската популација), но да се натне нешто повеќе од пижама-шорц и „апостолки“ изгледа не! Покрај чудно избаждарените термостати на повеќето „домородци“ за аксиомот според кој настинките доаѓаат од нозете овде како да нема место.

СООБРАЌАЈ – „ИГРА“ НА НАШИТЕ ЖИВОТИ

Сто градови – сто сообраќајни анфаси. Сто градови – милиони апстракции за тоа што матичниот сообраќај всушност претставува.

Постои под парчето македонско небо еден вид фаталистичка митоманија во секој час подготвена скопскиот сообраќај да го смести во скутот на хаосот. Авторот на овие редови во континуитет ја одбивал оваа фантазмагорија на лаичкиот резон. Причината едноставна онолку колку што е и видлива: систем моделиран според пасивна легислатива, а активно контролиран и управуван од современа технологија, во која неприкосновеноста на личното се подредува на потребите на колективното и едноставно бега од состојбата наречена хаос.

Art creative.Illustration

О, КОЛКУ ЛИ САМО ГРЕШЕЛ…

Урбаниот сообраќај не е квантна физика туку феномен чии базични појави можат да се контролираат со, замислете, парче флуоресцентен лим монтиран на тенок и груб челичен столб. Но под тие појави со спокојот на рамничарска река флуктуира еден, по сите специфичности, посебен вид на, погодувате нели, … хаос! Хаос изграден од шума… не, од Вавилонска кула од случајности. Вртењето на клучот во контакт-бравата на едниот крај на градот може по половина час да биде причина за судир на другиот крај. Човекот не е диригиран ентитет туку природно тежи кон хаосот. Колку и да го убедувате во спротивното, колку математички да му го докажувате, тој повторно ќе тежи кон хаосот само за да докаже дека навистина е човек.

Да, премногу смисла нема. Но и не треба да има, бидејќи случајностите се армиите на хаосот, а хаосот е реалноста на животот. И на сите негови појави и феномени. Помалку или повеќе…

05 „Абориџински“ брег

Абориџински брег

Сообраќајот е посебен бидејќи е многу повеќе од сообраќај. Тој е вселенски збир од метаболички процеси – поаѓање, забрзување, почеток, крај, екстаза, бес, разочарување и сето останато – во него се менуваат како по кружна аеродромска лента. Во рамките на хасот и како дел од него. Овој ужасен галиматијас од варијабли не може во потполност да се контролира, а сите регулативни „протези“ имаат лимитирани ефекти. Младиот возач, нервозен поради синоќешната караница со девојката, пропушта да го забележи знакот за првенство на минување на напречниот правец. А не требаше тоа да го направи. Судирот на двата автомобили го произведува можеби најморничавиот вештачки звук кој човечкото уво го препознава.

Сообраќајот не може да се контролира. Не потполно, секогаш само приближно. Прописите и сигнализацијата се обид да се зауздаат неразумните улични „сили“, а постојат заради човекот-учесник во сообраќајот, кој најчесто се однесува како неблагодарно дете – ја сака својата „играчка“, не може да живее без неа, но нема желба да ги разбере потребите на „другарчињата“. Parole in liberta, би рекле италијанските футуристи од почетокот на минатиот век, посакувајќи го хаосот (на војната) како средство за достигнување на културна хигиена.

06 Вело-патека Мелбурн

Велопатека Мелбурн

Сообраќајот е сличен на фудбалот. Игра со малку поени, поточно само со еден: да се пристигне на саканата цел. Во таква игра случајностите играат завидна улога. И затоа на ова поле, дури и повеќе од многу други, е потребен поинаков ум близок на апсолутната реалност, кој со хемотераписки ефект ќе се вовлече низ конците на хаосот. Нешто слично како во новинарските приказни каде не постои јас, туку само вие, тие, таа и тој и таквиот однос не смее да биде нарушен. Но ова не е метафора ниту за журнализмот, ниту за австралискиот сообраќај.

НАПЛИВ НА ПОЗИТИВНИ СЛУЧАЈНОСТИ

Кога како пијани морнари ќе се насукаат на абориџинскиот брег емигрантската душа и емигрантската свест веќе се длабоко притиснати во клинч помеѓу неизвесноста и надежта. Толку длабоко што не се во состојба да остават иницијален простор за силите кои премрежувајќи се ја градат плетката на системот во кој без сопирање влетуваат. А сè се случува така брзо, дури и пребрзо, како ништо и да не се случува…

Во вистинската смисла на зборот „систем“ урбаниот сообраќај се операционализира тогаш кога ќе доживее еквивалентна дисеминација на сите негови стратуми, односно тогаш кога контратежата права-должности ќе заплови во бестежинска состојба. Во превод, тогаш кога безбедноста на пешаците и велосипедистите ќе се раскрви од напорната улична сигнализациска графика и ќе премине во ентитет за кој подеднакво се грижат и возачите. На овој континент на почетокот на светот се подразбира дека сето она што се наоѓа на улиците е дел од елитата. Во австралискиот сообраќај „работничка класа“ т.е. раја како да не постои.

07 ул. „Ла Троб“ Мелбурн

Улица „Ла Троб“ Мелбурн

Патетично колку што тоа можеби звучи (но не и помалку точно заради тоа) најсилното ткиво кое го врзува моторниот со немоторизираниот сообраќај во овој неформален дел од Империјата во која „сонцето никогаш не заоѓа“ е почитта. Времето на паритет е потполно застанато, а вклучувањето во примарната сообраќајница е само граничник, случаен check-point за пристап во еден колективен обред кој служи да потврди колку сите негови партиципиенти всушност се еднакви.

Мојот ум како патолошки губитник од претходниот живот со денови ги очекуваше кулисите, реквизитите и заплетите на скопскиот сообраќај. Сè до моментот на „револуционерното“ откритие дека сообраќајната вулгарност овде е поретка отколку мувата во чорбата, а почитта кон „колегата“ зад другиот волан или гидан се подразбира како физиолошка потреба. Антагонизмот и анимозитетот се налик на австралиските домородци – знаете дека сигурно ги има ама никако да ги забележите!

Урбаниот сообраќај во Австралија е своевиден цивилизациски мисионер. Изграден од трпение и толеранција наликува на презентација на здравиот разум.

- крај на првиот дел -

м-р Ненад ТОНИЌ, специјално за Порта 3 од Мелбурн, Австралија

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top