Насловна / Вести / Секоја цевка поставена во земја не е гасовод

Секоја цевка поставена во земја не е гасовод

Македонија веќе 25 години ја гасифицира својата територија,но од сето тоа граѓаните во поголемиот дел од државата не ги почувствуваа бенефитите. Гасификацијата практично ја нема, бидејќи тоа ќе се случи кога граѓаните во домовите ќе го користат гасот за затоплување, во домаќинствата и во сообраќајот.
Но, сепак Македонија 20 години тапка во место со гасификацијата, а причините за тоа се многу. Мирко Стојановски од фирмта „Филбис“ и експерт за гасификација говори за дел од проблемите со кои државата се соочува на ова поле.

DSC09813

Ќе може ли да ни дадете краток историјат на гасификацијата во Македонија и во колкав процент е реализирана досега. Зошто толку малку го користиме гасот, а присутен е на нашата територија веќе 20 години?

-Прв носител на гасификацијата во Македонија беше Дирекцијата за гас во рамките на „Макпетрол“ – Скопје. Почетокот на Студијата за гасификација беше во 1985 год, а целиот процес на проектирање и изведба на првата фаза на гасификација траеше до некаде 1995 год. За овој период беа изградени 92 километри магистрални цевоводи во Македонија, а во пет градови беа поставени главни мерно регулациони станици. Во Скопје беа направени две ГМРС и тоа една кај ОХИС и другата во Скопје Север. Во оваа прва фаза на гасификација во сите градови по долижната на магистралниот цевовод беа приклучени првите 21 индустриско претпријатие. Мора да кажам дека во првата фаза од гасификацијата државата имаше политика и стратегија за овозможување на побрза имплементација на гасот, дозволено беше да се внесе опремата за гас без плаќање ДДВ, се овозможија поволни кредити од банките и сл. На жалост, широката потрошувачка тогаш не беше прифатена да влезе во гасификација и тоа според мене беше голема грешка. Еден дел од проектантите ја заговаравме уште тогаш како неопходен контрабаланс на индустријата, чија што динамика на трошење е многу нерамномерна. Во изминатите 15 години ГАМА остана воглавно да работи на одржување на тоа што беше направено во првиот бран. Немаше развојна политика, нити соодветна развојна стратегија, не се инвестираше и тоа доведе до 10 % просечна потрошувачка на количините на гас што можеме реално да ги транспортираме преку тој систем, а 15% по изградбата на ТЕ-ТО Скопје. Не смееме да бидеме задоволни од ваквите резултати.
Гасот е и од енергетски и од еколошки и од економски аспект извонредно гориво и мораме да се потрудиме тој да стане наше секојдневие. Како тоа ќе го направиме, за колку време, со каква стратегија зависи од политиката на Владата и МЕР, но зависи и од сите нас како можни потрошувачи. Без 15 до 20% учество на гасот во скора иднина во вкупниот енергетски биланс на Македонија, таа ќе се гуши и еколошки и енергетски, нема да има можност за сериозен исчекор кон побрз и одржлив индустриски развој и подобар стандард на населението.

Каква е состојбата со гасификација низ градовите во нашата земја? Како тоа се одвиваше?

-Гасификацијата во Македонија е процес кој трае повеќе од 20 години. Во овие години беа направени многу малку работи, а како најважна веројатно можеме да ја сметаме делумната изградба на гасоводниот прстен во Скопје со кој беше опфатена дистрибутивна градска мрежа со притисок од 10 – 12 бари. Остана уште многу мал дел од овој прстен да се доврши, што на сите скопски општини ќе им овозможи лесно и непречено приклучување кон овој систем.
Во останатиот дел од државата дури пред неколку години почнаа да се случуваат некои нови работи. Прво Куманово го проби мразот со проширување на гасификацијата и развој на градската дистрибутивна мрежа со која се овозможуваше приклучување на т.н. широка потрошувачка, однсоно домаќинствата, но заради одредени грешки во постапката и концептот и без доволно финансиски средства, релативно лошо помина целата таа идеја која беше никулец на едно ново гледање на гасификацијата. Потоа дојде гасификацијата на Струмица, при што се направи квалитетен концепт и се корегираа претходно направените грешки и истата ги покажа бенефитите од користењето на гасот во широката потрошувачка и во неиндустрискиот сектор. За разлика од сите дотогашни искуства во Струмица се направи уште нешто сосема ново, односно се примени компримиран природен гас или т.н. „виртуелен гасовод“ преку кој без цевки гасот беше донесен од Петрич до декомпресорската станица во Струмица. Од оваа станица во градот беше изведена диструбутивна мрежа до потрошувачите. Таа еве веќе пет години се развива, надоградува и Струмица сега има околу 40 километри градска гасоводна мрежа, што е навистина респектабилно. И покрај тоа што цената на компримираниот гас што таму го користат е скоро два пати повисока од цената „од цевка“, луѓето и фирмите наоѓаат интерес и пројавуваат желба и иницијатива за користење на истиот. Струмица е прототип како треба да ги правиме работите при гасификација на урбаните средини.

Untitled-3

Магистрален гасовод на РМ – прва фаза

Велите Струмица е успешна приказна. Зошто тогаш останатите градови не го следат нејзиниот пример? Каде е проблемот?

-Проблемот е во односот на државата кон гасификацијата. Ова особено се однесува на промената на концептот што претходната Влада го направи, а со кој на општините им се одзема правото сами да прават развој на гасоводните дистрибутивни мрежи. На тој начин се запре овој процес, иако имаше готови проекти за Крива Паланка и за Кратово. Требаше веднаш и тогаш да се отпочне со тие проекти и досега тие ќе беа активни и успешни приказни и гасот ќе придонесуваше во побрзиот развој и почистата животна средина во тие региони.
Вториот фактор е што изградбата на гасната мрежа во вакви средини, иако е евтина, не е исплатлива барем во првата развојна фаза и треба да се подржи од државниот буџет. По надминување на првичната инвестициска фаза, кога ќе се постигне поголем процент на приклученост на потрошувачи кон системот, се очекува и значително зголемување на рентабилноста и економичноста на гасификацијата, што ќе има одлично влијание врз севкупниот развој на регионот. Овој проблем ќе биде присутен кај поголем дел од урбаните региони кои сега се спремаат да влезат во интензивен процес на гасификација.
Третиот проблем заради кој недоволно прогресираше развојот и примената на природниот гас е колизијата на интерес на најголемиот дистрибутер на природен гас кај нас Макпетрол. Не може да се очекува некој да работи против самиот себе. Основната дејност на Макпетрол е дистрибуција на течни горива и тоа е еден многу добро развиен и профитабилен бизнис, со сериозни стапки на профит, многу поголеми од тие што се остваруваат со продажбата на природниот гас. Од една страна течни горива со голем профит, од друга страна гасификација со нерасчистени имотно правни состојби и недоволно дефинирани државни интереси доведе до комплетен застој на развојот на гасификацијата во период од скоро 15 години.

DSC_2454

Гасна станица во Струмица

Ќе може ли да ни објасните како се одвива целокупниот процес за да се реализира гасификацијата? Што се и кој се треба да биде вклучен во овој процес?

-Гасификацијата е процес сам по себе многу сложен, комплициран, со повеќе субјекти кои се дел од тоа. Тука се присутни неколку групи на учесниси кои можеме да ги групираме како:
- инвеститори
- проектанти и ревиденти
- надлежни државни или општински органи и институции
- изведувачи и надзорни органи, сервисери, оператори, одржувачи и сл
- инспекциски органи, акредитирани фирми
Сите овие претходно наведени субјекти, во овој заеднички процес на содејство и реализација на гасификацијата ги спојува една заедничка компонента, а тоа е законската легислатива или прописите за гас.
Првиот проблемот тука е што во Македонија има навистина многу мал број на активни проектанти кои во моментот се способни и можат да издржат проект за гасификација на една општина или поголем индустриски потрошувач.
Вториот голем проблем претставуваат прописите и луѓето што треба да ги бранат и застапуваат тие прописи, а тоа се инспекциите во надлежните институции, а во прв ред тука е МВР која според нашиот закон за градба е надлежна за таа област. Таму имаше порано одлични експерти и познавачи на материјата и прописите. Но за последните 10 години голем дел од овие стручни луѓе отидоа во заслужена пензија, а на нивно место не беа донесени соодветни кадри нити по број, нити по структура. Мислам дека ова е тесното грло во овој процес што деновиве треба да отпочне и дека со ваква структура во МВР тешко ќе можеме да реализираме некаква вистинска динамика во овие процеси. Луѓето што се таму се навистина редуцирани и не само со своето знаење, туку и чисто физички не можат да задоволат една ваква експанзија на проектирање и градење во оваа област. Потребно е нивно екипирање и соодветни обуки и оспособување за гасната техника.
Со почетокот на овој процес ќе излезат на виделина сите овие недостатоци. Јас не сум песимист, туку се сметам за реалист. Во овој синџир на парципиенти во процесот на гасификација секој треба да го даде својот полн учинок. Недостатоците и грешките мораат брзо и правовремено да се решаваат и да се овозможи активна динамика на процесот на гасификација. Тоа значи дека процесот на гасификација треба да се води од силна, компетентна екипа, со соодветно претходно искуство, способна да одговори на предизвиците. Нема криење, задачата не е ни лесна, ни едноставна. Треба многу работа, создавање сопствен кадар и доверба во сопствените способности и вредности.

Гасот е добар пријател особено во зима, пријател на кој што треба да му се отвори вратата од домот, канцеларијата, погонот и со него ќе ви биде топло, удобно, чисто и економично. Но, тој може да биде и голем непријател, ако не сте едуцирани и ако не знаете со него да работите. Тој е полесен од воздухот и се извлекува од просториите со што и опасноста од него престанува. Статистиката вели дека експлозиите од природен гас се поретки од паѓање на авион и ако ја почитуваме оваа статистика ќе видиме дека тој е многу сигурен за работа, но за истото ни треба во прв ред компетентна изведба, квалитетна опрема, проверено исполнување на барањата од прописите за гас и добра обука за манипулација и користење на гасот.

Споменавте дека голем проблем во Македонија е немањето добро обучени кадри кои би сакале да работат со гасот. Каде лежи проблемот за ова?

Гасификацијата е паралелен систем на Електростопанство и ако таму работат околу 1.500 инженери кои го градат, развиваат и одржуваат системот, не може гасификацијата да опстои, да се изгради и развие со помалку од 300 до 500 инженери. Создавањето на инженерски кадар специјализиран од областа на гасификацијата е процес што требаше да почне пред четири – пет години, кога почнаа сите тие процеси околу магистралните гасоводи, но на жалост тогаш никој не му обрна внимание на тој процес и изостана навремен прием и обука на ваков вид кадри на факултетите.
Ни требаат млади обучени кадри кои ќе ја носат гасификацијата на грб. Имаме многу работи што треба да ги направиме и добро е што во буџетот се ветуваат доволно пари за оваа цел и тоа треба да ги овозможи сите други процеси. Треба најитно да се заокружи Стратегијата и да се излезе со јасен концепт за сите овие прашања, за добробит на сите, а особено за добробит на гасификацијата која треба да ни донесе почиста животна средина, подобрена економичност, повисока енергетска ефикасност.

Untitled-2

Приказ на планирана и изведена магистрална гасоводна мрежа

- Виолетова боја – изведена магистрална мрежа

- Зелена боја – во изведба

-  Кафена боја – планирана

Повеќето општини најавуваат гасификација, но има ли услови таа да се реализира како што е замислено и кои се можностите?

Согласно Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија до 2030 година, развојот на гасификациониот систем во делот на магистралните правци, е утврдено приоритетно да се одвива на правците од Клечовце, Свети Николе, Штип, Радовиш, Струмица, Гевгелија и правецот од Скопје преку Тетово до Гостивар.
Согласно планот за развој, обнова и проширување на постојната преносна мрежа во периодот 2017-2020 година, предвидени се проширувања на градската гасоводна мрежа, затворање на гасниот прстен во Скопје, систем за следење и откривање на истекување на гас од гасоводна мрежа, телеметриски систем на објектите на гасоводот, приклучување на ТИРЗ Ранковце кон преносната гасоводна мрежа, изградба на нов високопритисен гасовод за ТЕ-ТО АД Скопје.
МЕР АД Скопје, од страна на Владата е назначен за потписник на Меморандумот за разбирање на новиот гасен проект „Тесла“, проект кој предвидува поврзување на земјите од Југоисточна Европа, Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија со гасоводниот систем на Турција.
Сегашната Влада гасификацијата ја стави на високо место во нејзините приоритети и она што е многу важно е дека веќе обезбеди дел од потребните средства за тоа. Минатата година гасификацијата мируваше, затоа што за неа немаше доволно пари во претходниот буџет.
Кои се реалните можност за реализација на гасификацијата?! Првата можност е развој со приклучување кон магистралните гасоводи кои се веќе изградени или се во градба. Со оглед на веќе обезбедените финансиски средства и одредени правилно усмерени напори на изведувачите, надзорите и другите вклучени во овој процес можни се и веројатни роковите кои се дадени за завршување и ставање во функција на овие гасоводи. Зборувам за новите магистрални гасоводи што се под МЕР, не под ГАМА, значи од Клечовце до Неготино – Прилеп – Битола, а се надевам и зошто да не и до Тетово и Гостивар. Тоа значи дека на скоро една половина од државата до 2020 година ќе имаме можност за поврзување „на цевка“. Тоа е добар период да се подготват проекти, одобренија и да се отпочне со градба на дистрибутивни градски мрежи и адаптации на потрошувачи. Значи реално е да се очекува 2021 год во поголем дел од територијата на нашата земја да можеме да го користиме природниот гас. Кога сите овие елементи ќе се состават, магистрални цевководи, дистрибутивни мрежи, адаптација на потрошувачи, е тогаш може да се пушти гас и велиме дека имаме гасификација.
Втората варијанта е гасификација преку „виртуелни гасоводи“, односно со компримиран гас (CNG). Овој начин е погоден за региони во кои треба да се приклучат потрошувачи со капацитет до 3.000 кубни метри на час или одредени локални региони, но тоа е само една меѓу варијанта до пристигнување на магистрален огранок.
Третата варијанта е гасификација преку „виртуелни гасоводи“, но овој пат со течен природен гас (LNG) кој може да одговори на побарувачка од околу 10 илјади кубни метри на час. Тоа е пример по кој што можат да се направат сателитски станици на разни локалитети во државата каде што нема цевка и со криогени резервоари да се носи течниот природен гас до такви потрошувачи или од станицата да се испарува течниот природен гас па истиот преку локална дистрибутивна мрежа да се води до потрошувачите. Во досегашниот развој на гасификацијата во РМ сите овие варијанти се веќе применети и имаме автентични искуства со истите, а преку нив се обезбедува гасот да може да се користи на целата територија во државата.

dsc_2296

Каква е ситуација во Скопје со можност за гасификација? И колку ние како народ и поедници сме подготвени да го прифатиме тоа?

-Во Скопје постојат одлични можности за гасификација. Тука е прстенот кој треба да биде основен приклучен сегмент на кој што сите потрошувачи, без разлика дали се индустриски или неиндустриски ќе можат да се приклучат, а кој е притисок од 10 бара и е скоро завршен, па останува уште мал сегмент што треба да се доврши од касарната Илинден до Александар Палас и да се затвори преку Митрополит Теодосиј Гологанов. Десет барската мрежа е само за до мерно регулационите станици (МРС).Сега преку проектите што треба да се направат по општините ќе се изгради и направи и концептот за широка потрошувачка во градот.
Во Скопје треба да има блоковски (регионални) станици и четири барска мрежа за дистрибуција на гас до потрошувачите низ градот. Треба да се води сметка дека во регионите во Скопје каде што има високи градби и каде што има Топлификација не треба да се дава приоритет на гасифицирањето. Тоа се двојни трошоци и нема потреба да се прават со оглед на тоа што ние не сме толку богати за да вложуваме толку многу во две мрежи за покривање на исти потреби. Треба нагласокот и динамиката на градба да се усмери кон другите области во Скопје, а особено периферните региони на градот.
Исто така треба да се продолжи и интензивира градбата на Компресорски станици за воведување на природниот гас во сообраќајот кој претставува еден од поголемите загадувачи на воздухот во градските урбани средини, а особено во Скопје, Битола, Тетово.
Ако оваа Влада сака да направи успешна приказна од Гасификацијата таа мора да има стратегија како идниот потрошувач, идниот купувач на гас да го стимулира да го користи истиот. Мора да спроведе организиран и осмислен сеопфатен процес на едукација, да престанеме да се плашиме од природниот гас и да станеме свесни за користа од неговата употреба. Втора работа е субвенционирање или подобрување на условите за купување, да се даваат евтини кредити за гасификација. Тоа е стратегија која државата, банките и локалните управи треба да ја спроведуваат и тоа пред, за време и после извршување на овој процес на гасификација.

Untitled-1

Среднопритисен гасоводен прстен во Скопје р=10-12 bar

Кога гасот ќе дојде до обичниот граѓанин колку тоа ќе го спаси домашниот буџет? Која би била разликата процентуално?

-Не е успешна гасификација ако ставиме ние неколку километри магистрални и дистрибутивни гасоводи и ако овозможиме негова инсталирана моќ со некој квантум, а трошиме 5-10% од истиот. Тоа не е успешна приказна. Успешна приказна е ако од инсталираниот квантум 100, потрошиме 70% или повеќе и тогаш таа инвестиција ќе биде профитабилна и рентабилна. Значи мора да разбереме дека за да се постигне привлечност за употребата на гас државата мора да изгради инструменти, да изгради и спроведе стратегија со која ќе се привлече крајниот потрошувач без разлика дали е индустриски или неиндустриски потрошувач, или домаќинство. Секој ќе си најде свој материјален интерес, а поред тоа имаме и еден навистина длабок општествен интерес, а тоа е екологијата, која ни вели дека најеколошкото гориво кое може да го користиме во овој момент и со кое ќе допринесеме кон подобра и поздрава животна средина е токму природниот гас.
Според тоа како ќе биде приклучувањето на домаќинствата и колку тоа ќе чини ќе зависи и од стратегијата што државата ќе ја избере и спроведе. Дали тоа ќе се даде како кредит или ќе се исплаќа преку цената на гасот, се е отворено. Цената на приклучокот можам да кажам дека според искуството што го носиме од Струмица е некаде околу 600 до 650 евра приклучокот, а цената на целата адаптација што треба да се направи во домаќинствата, ако нема ништо претходно од инсталација како што се радијатори, котел или печка, ќе зависи од тоа што сакаат корисниците. Ако е со печки тоа е поевтино и не би требало да биде повеќе од 1.000 евра за еден просечен стан од 80 квадрати, а доколку е системот со котел тогаш тоа е околу 2.500 евра.
Треба да се знае дека гасот не служи само за греење, тој се користи и за готвење, подготовка на санитарна топла вода и сл. Кога сега ќе ги погледнете трошоците за струја ќе видите дека 65% отпаѓа на СТВ, а само 10 до 15 отсто е за готвење, а другите се за останатите трошоци. Кај гасот нема губење на енергија, тој во комплексното задоволување на сите енергетски потреби во домаќинството ќе даде врвни и конкурентни резултати, а во однос на електричната енергија заштедите кои можат да се направат се 30 – 40%.

gdgdgdf

Неколку пати споменувате дека нема прописи. Како тогаш вие проектантите, бидејќи од вас почнува целиот процес, го надминувате истото?

Законот за градба е фундаментален закон со кој се регулира областа на градење, доградување или адаптација на објектите. Но истиот е веројатно најменуваниот закон во нашето законодавство. Во просек во изминатите 10 години тој се менувал на секои 3-4 месеци. Ако некој помисли дека овие чести измени и дополнувања од овој Закон направиле совршен документ, е навистина тешко се измамил, затоа што во истиот се измешани „жаби и баби“ и е направен конгломерат на прописи и закони кои го прават целосно неефикасен, нецелисходен и непрактичен. Со овој Закон се чудесно измешани две дејности кои една со друга не треба воопшто да се мешаат, туку секоја од нив да претставува една целосно независна и посебно регулирана целина и процедура, а тоа се планирањето и урбанизмот од една страна и проектирањето и градбата од друга страна. Планирањето и урбанизмот го практикуваат фирми кои имаат соодветна лиценца за истото, а проектирањето го практикуваат фирми кои пак имаат соодветни лиценци за проектирање. Таму кај што завршува планирањето и урбанизмот, а тоа е со усвојување на маркица за градба и дефинирање на условите за градење, отпочнува процесот на проектирање. И додека процесот на урбанизација и планирање е општествен , процесот на градба е индивидуален и се спроведува од страна на приватни или посебни инвеститори и посебно овластени проектанти. Овој процес се состои од изработка на идејни и основни проекти и ревизија и завршува со добивање решение за градење. Додека планерските процеси можат да трајат повеќе месеци и години, проектанскиот процес е релативно краток и брз и трае неколку месеци. Одговорност за планските документи имаат обично општинските совети или државните органи, а кај проектирањето проектантите и ревидентите. Ова накратко се најбитните разлики кои го оневозможуваат правилното функционирање на сегашниот Закон за градба и заради кои тој најитно треба да се преуреди.
Вториот конкретен проблем кој треба да го решаваме е застареноста на добар дел од постојните и недостатокот не една дузина закони, а со кои се регулира работењето со природниот гас.
Како го надминуваме ова? Тешко!!
Прво, процесот на вадење решение за градба трае со месеци, а некогаш и повеќе од 1 година што многу негативно влијае на желбата на инвеститорите во ваква ситуација да инвестираат кај нас.
Второ, непостоењето на домашни важечки прописи од некоја област досега парцијално се решаваше со цитирање на европски прописи од оваа област. Но оваа прифатена пракса во последните 1-2 години се одбиваа од страна на надлежните служби со што проблемот станува непремостив и претставува голема кочница во процесот на проектирање и добивање потребни согласности и решенија за градба. Заради оваа појава повторно многу инвеститори се откажаа од своите намери за инвестирање во РМ.
Во оваа прилика не е можно да не се спомне уште еден голем проблем во проектирањето, а тоа е начинот на функционирање на Комората за овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ). Комората постои повеќе од 9 години и за тоа време сеуште не е направен најважниот документ заради кој се потегна иницијативата за нејзино оснивање, а тоа е Ценовник за проектирање. Таа беше планирана како еснавско здружение, но сега е се друго само тоа не!. Јас за сите овие години не почуствивав дека оваа и ваква Комора го штити проектирањето и ми помага во работењето и егзистенцијата. Комората дефинитивно треба да се престрои и треба да почне да работи во интерес на тие за кои што постои, да понуди вистински програми и цели. Сметам, процесот на преуредување на Законот за градба и донесување на потребните закони и Правилниците од областа на гасификацијата се секако доволно предизвикувачки да го дадат својот целосен допроинос и секако, Ценовникот кој живот ни значи!

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top