Насловна / Вести / Резултати од Студијата за скопскиот земјотрес од 1963 и за битолскиот од 2022

Резултати од Студијата за скопскиот земјотрес од 1963 и за битолскиот од 2022

Во последните 30 години еден милион луѓе се загинати од земјотрес. Намалувањето на  бројот на жртвите највеќе зависи од квалитетот на градбите и од обученоста на жителите за тоа како треба да постапуваат за време на земјотрес.

Во РСМ, во последните неколку години се случија повеќе земјотреси кои многу ги вознемирија граѓаните (Скопје, 2016, М = 5,3; Охрид, 2017, М = 5,1; Лерин – Битола, М = 5,4). Советите за подготвеност за земјотреси, вклучително и вежби, имаат за цел да ги намалат повредите и да ја зголемат можноста за преживување. Во Македонија, а и пошироко во регионот иако целиот е постојано сеизмички активен, припремата на населението за тоа како треба да се однесуваат за време на земјотрес е многу мала дури може да се рече дека и не постои. Спорадично преку медиумите се даваат инструкции за тоа што треба да правиме за време на дејството на земјотресот. Некогаш ваквите штури објаснувања може да бидат дури и повеќе штетни отколку корисни доколку убаво не се објасни како треба правилно да се постапува.

Apteka-centar_resize

Сознанија колкаво е нивото на знаење и обученост на граѓаните за тоа како треба да постапуваат и како да се заштитат за време на земјотрес нема. Затоа ИСОГКП почна да развива нова техника за собирање податоци од историските земјотреси, а и за неодамнешните. Појдовна основа за овие сознанија се прашалниците кои ги пополнија граѓаните преку социјалната мрежа Фејсбук поврзани со скопскиот и со битолскиот земјотрес од 2022 година.

Во продолжение најпрвин ќе бидат дадени техниките кои се користат за добивање извештаи од случени земјотреси, правење макросеизмички мапи и системи за тревога. Ќе биде објаснет и новиот пристап за колекција на извештаи од историските земјотреси. Од анализата на резултатите за однесувањето на граѓаните за време на скопскиот и битолскиот земјотрес донесени се заклучоци за нивото на знаење како да се спремат за земјотрес.

sk7_resize

Техники кои придонесуваат за редуцирање на ризиците од земјотреси

Техниките кои придонесуваат за редуцирање на ризиците од земјотреси како што се: „рано предупредување за земјотрес“ (РПЗ) „дали го почувствувавте земјотресот“(ДПЗ) и брза локација на земјотрес преку Твитер, се методи кои се развиваат од 1999 година. Овие методи најдоа примена благодарение на интелигентните телефони, брзиот интернет и масовното користење на социјалната мрежа Твитер. Сите овие техники најпрво почнаа да се развиваат од страна на Геолошкиот институт на САД (USGS), а подоцна и од Евромедитеранскиот сеизмолошки центар( EMSC).

Техниката ДПЗ е од голема полза бидејќи многу брзо, во соработка со граѓаните, може да се добие мапа на сеизмички интензитет.

Главната цел на ДПЗ е автоматски да собираат макросеизмички податоци врз основа на граѓани волонтери кои пополнуваат однапред подготвен формулар објавен на веб-страница. Софтверската заднина на пакетот ДПЗ е напишана во Python. Алгоритмот на ДПЗ овозможува прецизна подготовка на мапи со макроинтензитет. На овој начин, овој систем се интегрира со системот ShakeMap на USGS кој генерира мапи со помош на инструменти.

LastQuake е повеќеканален автоматски информативен систем за земјотреси развиен од EMSC. Тоа е модерна подобрена верзија на информацискиот систем ДПЗ. Наместо формуларот што се пополнува во ДПЗ, во апликацијата LastQuake, во главното мени постои опција, подмени „Почувствував земјотрес“ каде секој степен на европската макросеизмичка скала е опишан со цртеж. Во зависност од тоа како корисникот на апликацијата го почувствувал земјотресот кликнува на цртеж кој највеќе одговара на соодветниот степен.

Брзо откривање земјотрес е можно и преку Твитер бидејќи луѓето приватно или јавно испраќаат пораки во рок од десет секунди од локациите каде што се случил земјотресот. Сознанието за земјотресот преку Твитер, особено во регионите каде што нема густа мрежа за регистрација на настанот, е многу побрзо од официјалните информации добиени од сеизмолошките центри.

РПЗ е техника којашто веќе функционира и e поприменлива за региони оддалечени од епицентарот отколку за епицентралните подрачја. Предупредувања за епицентралниот регион се случуваат само неколку секунди пред да се случи земјотресот при што нема доволно време за напуштање на објектот. Тоа се должи на  големата брзина на ширењето на земјотресните бранови.

За пооддалечените региони, предупредувањето може да дојде и неколку минути пред да се почувствува земјотресот, но таквите замјотреси немаат скоро никаков ефект врз објектите.

1_resize

Сл. 1 Предупредувања за земјотрес, ShakeAleret(USGS) систем за западниот брег на САД

Ваквата тревога е активирана во Мексико Сити 2 минути пред да се почувствува земјотресот со M 8,2 (2017) чиј епицентар бил оддалечен 700 км. За разлика од земјотресите, тревогите за цунами се многу корисни бидејќи можат да бидат активирани неколку часови пред да дојде цунами бранот до населено место.

Инаку во моментот егзистираат три вакви апликации (1) ShakeAleret развиенa од страна на USGS, (2) Мy Shacke развиена од страна на Сеизмолошката лабораторија на Универзитетот во Беркли, (3) и европската апликација Earthquake Network развиена во склоп на програмата Хоризонт 2020. Aпликацијата на USGS, за детекција на земјотресите користи скапи акцелероменти од мрежата за силни земјотреси на Калифорнија. За разлика од оваа апликација другите две на многу оригинален начин ги користат записите од акцелерометрите кои се вградени во денешните интелигентни мобилни телефони. На овој начин се создава огромна мрежа на сензори кои можат да регистрираат Земјино движење кое е резултат на земјотрес. Овие две апликации користат и посебни алгоритми за да направат разлика помеѓу земјотресни и други вибрации.

Дали се сеќавате?

Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени (ИСОГКП), во моментот развива нов оригинален пристап со „враќање во иднината“ или техника која ја нарече „дали се сеќавате“ (ДСС). Техниката е исклучително ефикасна и преку неа може да се добијат корисни податоци за катастрофалните земјотреси од минатото, оштетувањата на објектите, но и за психолошката состојба на луѓето кои ги доживеале. Техниката поаѓа од претпоставката дека меморијата на луѓето кои ги преживеале катастрофалните земјотреси никогаш не се брише. Оваа хипотеза со првиот пилот-проект се покажа дека е потполно точна. Техниката која ја развиваме е ефикасна и брза бидејќи далечински може да се управува со ДСС.

sk3_resize

Техниката е многу слична на ДПС, но нашиот пристап е да се добијат детални податоци од граѓаните од епицентралното подрачје. Бројот на податоците кои се добиваат преку ДПС од епицентралното подрачје е мал поради фактот што граѓаните кои преживеале посилен земјотрес се во силен шок и не се подготвени да одговорат веднаш  на прашањата. Со примена на нашата одложена техника, ние преку Фејсбук ги покануваме  да пополнат детален прашалник многу подоцна по главниот удар.

Развивањето на оваа техника е можно само со помош на социјалните мрежи како што се Фејсбук, Твитер или Инстаграм, а трошоците за истражувања се мали.

Анкета за скопскиот земјотрес од 1963, М 6,1

Првиот пилот-проект за тестирање на методот ДСС кој ИСОГКП го развива се однесува на скопскиот катастрофален земјотрес од 1963 година за кој сѐ уште има живи сведоци. Тестирањето на техниката е направено преку Фејсбук во траење од 3 дена. Објавувањето се покажа неочекувано успешно со 305 пополнети прашалници. Медиумите како што се А1 он, и Аториз поопширно информираа за проектот кој го отпочна ИСОГКП и придонесоа за поголем одзив на граѓаните од РСМ и за тоа Институтот посебно им благодари.

2_resize

Сл. 2. Плакати за историските земјотреси користени во пилот-проектот „Враќање во иднината“

Покрај извештаите од сведоците на скопскиот земјотрес, техниката беше применета и на уште пет катастрофални историски земјотреси, агадирскиот земјотрес од 1960, вранчеа земјотресот од 1977, земјотресот во Ерменија од 1988 како и М 7,6 измитскиот од 1999 година. На сл. 2. се дадени плакатите кои се поставени на фејсбук-страницата на ИСОГКП за споменатите земјотреси. Анализите за овие земјотреси нема да бидат прикажани.

За скопскиот земјотрес беа подготвени 35 прашања и некои од нив се специфични и се однесуваат само за овој земјотрес.

Анкетата за скопскиот земјотрес е особено важна за да остане како траен документ за идните генерации, бидејќи вакви истражувања досега не се направени, а сведоци за оваа катастрофа ќе има сè помалку. Со користење на новата техника ДСС се добија некои додатни сознанија за карактеристиките на движењето на тлото и за силината на земјотресот кои не беа доволно нагласени досега. Овие сознанија се корисни имајќи предвид дека за скопскиот земјотрес не постојат никакви записи од инструменти за силни земјотреси. Пробното тестирање на техниката ДАЛИ СЕ СЕЌАВАШ се покажа дека е реално бидејќи зачудувачки е колку добро се сеќаваат граѓаните кои го преживеале земјотресот. Од анкетата може да се види дека тие го памтат секој момент од земјотресот кој се случил пред  59 години. Во анкетата едно од прашањата беше колку години имале испитаниците за време на земјотресот. Десетина искази се на граѓани кои тогаш имале само 3 години. Најстариот сведок кој го пополни прашалникот сега е на возраст од 87 години. 57,8 % од оние кои го пополнија прашалникот се жени.

Едно карактеристично сознание за земјотресот е дека 61,7 % од сведоците не биле свесни дека станува збор за земјотрес.

sk8_resize

За скопскиот земјотрес има голема документација  за оштетувањата на објектите и за нивната санација. Впрочем сите оние објекти кои не биле обележани со зелена боја се целосно санирани. Затоа голем дел од испитаниците одговориле дека во живеалиштата се вратиле после една година. Меѓутоа за карактеристиките на земјотресот има многу малку сознанија. Во Скопје, во 1964 година, е одржана меѓународна конференција на која присуствувале најпознатите стручњаци по земјотресно инженерство од целиот свет, од Македонија и од тогашна Југославија. Оваа конференција подоцна е прогласена за прва европска конференција по земјотресно инженерство. Во Скопје на конференцијата е формирана Европската асоцијација по земјотресно инженерство (ЕАЕЕ). Подоцна сите овие специјалисти станаа големи пријатели на Скопје и Македонија, некои од нив беа и мои добри пријатели. За жал реалноста на животот е таква и денес ниту еден научник од нив не е веќе жив.

На конференцијата чии материјали сѐ уште ги имам, има трудови за карактеристиките на земјотресот, но ниту во еден труд, а и подоцна и во литературата и во весниците никогаш не се спомна дека практично станува збор за два многу силни земјотреси кои се случиле едноподруго за многу краток временски период. Од одговорите на граѓаните со сигурност се заклучува дека постоеле два разурнувачки земјотреси кои се случиле еден по друг со временско растојание од 4 до 7 минути. На конференцијата проф. Никола Амброзис, од Империјал Колеџ од Лондон во една од своите дискусии претпоставува дека скопскиот земјотрес бил од типот на шок земјотреси (импулсен земјотрес) со времетраење од само 5 секунди. Од сведоштвата, т.е. од одговорите на граѓаните се покажува дека земјотресот траел најмалку 15 секунди. Можеби проф. Амброзис мислел само на разурнувачкиот дел од земјотресот? Проф. Н. Амброзис кој престојуваше како експерт на УНЕСКО подолг период во Скопје веднаш после земјотресот, ми беше добар пријател и жалам што никогаш не го разглобивме неговото искажување за должината на земјотресот. Подоцна градот Скопје, му се оддолжи на својот пријател и му ја додели наградата „13 Ноември“ за придонесот кој го даде во ублажувањето на последиците од земјотресот. Од дијаграмите прикажани подолу јасно се гледа дека  постоеле два земјотреси. Се заклучува и за траењето на првиот и за времето кога се случил вториот кој бил скоро идентичен афтершок со првиот. Од исказите добиени од анкетата, а прикажани со графикони јасно е дека и двата биле со разурнувачка моќ.

3_resize 4_resize 5_resize

Во исказите скоро сите партиципиенти на прашалникот опишуваат дека имале тешкотии да ги отворат вратите од собите во нивните станови што укажува дека објектите претрпеле трајни деформации.

Во моите интервјуа, најчесто прашање кое ми го поставуваат новинарите е дали причина за скопскиот земјотрес е поплавата од 1962 веруваат. Истото  прашање го поставив и јас во анкетата. Добивме одговор дека  60,7 % од сведоците сметаат дека земјотресот е последица на поплавата од претходната година.

Од исказите на сведоците сосема е јасно дека и најмалите деца доживеале огромна психолошка траума која ќе ја носат/носиме до крајот на својот живот. Во Студијата има многу опширно, во детали напишани сеќавања за вечерта пред земјотресот, за времетраењето на земјотресот и после земјотресот. Неколку сведоци пишуваат дека вечерта читале книга, и дека паметат која книга ја читале. Еден од нив ја читал книгата Пропаста на Атлантида.

sk9_resize

sk10_resize

Сл.3. Санација на оштетени згради од скопскиот земјотрес

Истражувања поврзани со битолскиот земјотрес од 2022, М 5,4

За да може да се добие целосна слика за однесувањето на граѓаните, решивме повторно да ја примениме методата ДСС за умерен земјотрес којшто се случи неодамна. Техниката и во овој случај се покажа ефикасна бидејќи на прашалникот за битолскиот земјотрес одговорија 545 фејсбук-доброволци од кои 432 граѓани на Битола. За тоа како го почувствувале овој земјотрес одговориле и 47 граѓани од Скопје. Има одговори и од другите региони во РСМ, дури еден прашалник е пополнет од Кичево.

Иако земјотресот беше послаб, од медиумите се доби впечаток дека граѓаните во Битолскиот Регион се многу вознемирени. Од дијаграмите најдобро може да се разбере какво било однесувањето и психолошката состојба на граѓаните. Првиот дијаграм сл. 4. е добар индикатор за тоа колку граѓаните се обучени како да се однесуваат за време на земјотресот.

6_resize

Сл.4. Прашање за однесувањата за време на земјотрес во објект – битолска анкета

7_resize

Сл.5. Мислење на граѓаните од Битолскиот Регион – кои градби се најдобри

Анкетата покажува дека само 15 % од анкетираните сметаат дека треба да се излезе надвор за време на земјотрес. Останатите 85 % правилно размислуваат дека треба да се остане во објектот и  да се засолнат. Изненадува што само 8,8 % од сите испитаници  сметаат дека треба да се засолнат под маса. Инаку засолнувањето под маса кога градбата е проектирана да биде сеизмички отпорна е општа препорака на сите развиени земји (САД, Нов Зеланд, Јапонија).

Доверба во градбите во Р Северна Македонија

Од одговорите може да се види дека трезвеното однесување за време на земјотрес најмногу зависи од довербата во квалитетот на градбите во кои живеат. На прашањето во кој период сметаат дека се градени најбезбедни градби во РСМ испитаниците најмногу веруваат во градбите кои се градени во периодот од 1964 до 1980 година. Јас бидејќи бев сведок на скопскиот земјотрес исто така го пополнив прашалникот и одговорив дека најмногу верувам во градбите направени меѓу 2014 и 2022. По однос на ова прашање сметам дека граѓаните вака се изјасниле поради недоволната информираност. Нормално е да се очекува драстична разлика во квалитетот на градбите градени пред и после земјотресот. Оттука произлегува дека граѓаните се информирани дека пред земјотресот при проектирањето не се земале предвид сеизмичките сили и  знаат дека по земјотресот се воведени сеизмичките прописи за проектирање. Голем број од испитаниците сметаат дека во 80-тите се водела поголема контрола при градба.  Се претпоставува дека нивната доверба кон градбите изградени по 80-тите се губи поради масовното градење и поради таканаречената урбана мафија која е бескрупулозна заради профитот. Но зачудува фактот што граѓаните имаат најголема недоверба во периодот од 2014 до денес. Ваквата недоверба е потполно неоправдана, и е можеби пропуст во анкетата што не беше поставено дополнително прашање да објаснат зошто сметаат така. Ваквиот одговор се должи на недоволната информираност. Јас во прашалникот одговорив дека токму градбите од 2014  до 2022 година се најквалитетни, поради Законот за градба и членот 4а преку кој се спроведува можеби најригорозна контрола во Европа на проектите и изведбата на градбите. Со законот од 2014 година, за секој објект да добие дозвола за градба мора да има позитивно мислење за проектот од страна на научен институт специјализиран во областа на сеизмички отпорни градби. За објектите поголеми од 300 м2, критериумите се уште поизострени. За нив покрај позитивно мислење за проектот, на терен уште двапати се проверува дали градбата се спроведува според проектот. Доколку се добие позитивно мислење за овие две контроли дури тогаш објектот може да биде предаден на користење.

Од подеталната анализа на одговорите за скопскиот и за битолскиот земјотрес се очекува да се добијат корисни резултати за тоа во колкава мерка нашето население е спремно да се заштити од идните земјотреси и дали се потребни масовни обуки и вежби за граѓаните. Од првичната анализа на одговорите кои поради бројноста, се доволно репрезентативни се чини дека граѓаните не се доволно запознаени за тоа како треба да се однесуваат за време на земјотрес.

Автор: проф. д-р Михаил ГАРЕВСКИ

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top