Насловна / Архитектура / Реновиран Томосовиот блок во Копер

Реновиран Томосовиот блок во Копер

Кој автомобил е најеколошки? Дали оној за чијашто изработка имаме потреба од нови и модерни фабрики, што ги градиме на обработливи земјоделски површини? Или тие што работат на батерии кои содржат материјали за чиешто добивање создаваме еколошки катастрофи и коишто патем не знаеме да ги рециклираме? Оние што се поефикасни во потрошувачката, но коишто сепак се недостижни за секој корисник? Без желба за подлабоко навлегување во дебата на оваа тема, би дал одговор на којшто понатаму би го надоврзал моето гледање за архитектурата на иднината – најверојатно (ова е сепак мое лаичко видување) најеколошки автомобил е одржуван модел во добра кондиција, стар помеѓу 20 – 25 години, редовно сервисиран којшто сосема ги задоволува сите потреби на еден просечен корисник.

_KAM0307_-1910

ОГРОМЕН ПРОЦЕНТ ИЗГРАДЕНИ ПРОСТОРИ КОИ НЕ СЕ КОРИСТАТ

Да се вратиме на архитектурата. Денес, градовите се соочуваат со огромен процент на изграден простор со објекти, коишто одамна не се користат, не се одржуваат и пропаѓаат во своето постоење. Многу од нив се напуштени, празни, без корисници или пак се неискористени во целиот свој габаритен потенцијал. Во дел од светот, каде наталитетот веќе подолго време има негативна ознака, од еколошки аспект новите градби и новото заземање на природната средина е недопустливо. Така, во голем обем за нас, архитектите на денешницата, наместо проектирање нови, во голема мера ни останува справувањето со постоечките згради. Справувањето со нив може да се случи на два можни начина – рушење на оние дотрааните и замена со нови или пак адаптирање на останатите. И не секогаш рушењето е опција. Така архитектурата на денешницата е архитектура на рециклираните згради и тоа би требало да биде агенда во развојниот план на секоја општина, град и секоја држава.

slika pred

_KAM0321_-1910

НОВА ДОМИНАНТА ВО ГРАДОТ НА ЕДО МИХЕВЦ

Во областа на заштита на градителското културно наследство во светот припаѓа и периодот од 20 век – ерата на модерната, која го носи и преродбениот дух на денешницата. Заштитата на ова градителско наследство беше и цел на проектот на обнова кој сакам тука да го претставам. Станува збор за една модернистичка зграда во Словенија – работнички дом, изграден во историскиот центар на Копер во 1957 гододина, познат во јавноста како Томосовата кула. Објектот како таков веќе повеќе од 60 години поради своето постоење во голема мера е и спорен. Тоа започнало уште со политичката одлука за неговата изградба – во историскиот центар на средновековнот Копер (својот процут го доживува во времето на Венецијанската Република во XV и XVI век), одлучено е на местото на некогашниот манастир да се изгради висококатница која ќе стане нова доминанта во градот, достигнувајќи ја камбанаријата на катедралата, и со својата програма (станбен објект за работниците вработени во новата фабрика за мотори Томос) симбол на новата ера. Проектот за архитектурата на објектот му е доделен на тогашниот професор, архитект Едо Михевц, кој успева на модерен начин да ги вметне медитеранските карактеристики на локацијата и со тоа објектот сепак ја добива својата позитивна струја на мислење во јавноста. Но, фабриката Томос веќе одамна не постои, а зградата, празна и напуштена повеќе од 10 години, била оставена на забот на времето. Нејзин последен корисник била јавна институција којашто ги користела само приземјето и првиот кат за административна намена, додека останатите катови ги оставила без интерес и во запуштена форма.

concept

ПРОЕКТОТ ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА ТОМОСОВАТА ВИСОКОКАТНИЦА

Пред да почнеме со проектот за обнова, Томосовата висококатница или т.н. Томосовиот блок во Копер, беше ставен на листата објекти кои ги штити државниот Завод за културно наследство. Тоа значеше дека државата го признава културното значење на еден ваков симбол на градот, кој веќе 60 години постои и го обликува јавниот простор. Главна проблематика на обновата беше, како во споменичко-заштитен објект да трансформираме 90 гарсоњери во современи, квалитетни станови кои ќе овозможуваат медитерански начин на живеење.

_KAB7928-2004

Проектот започна со пребарување во Градскиот архив по старите проекти и пред сè оригиналните статички пресметки на објектот. Потоа на ред беа стручните елаборати кои ја испитуваа моменталната статичка состојба на конструкцијата и анализа на вградените материјали. Од оригиналните проекти на статика видовме дека во некој степен на рационализација при градењето не се извеле две вертикални армиранобетонски платна, за коишто понатаму било докажано дека поради добриот терен (под објектот се наоѓа цврста карпа) воопшто и не биле потребни. Доколку тие би биле изведени, објектот би ги задоволувал и денешните строги евро-кодови за градба, што беше клучен услов за продажба на новите станови. Изведбата на овие нови ѕидови на сопствени, нови темели и некои помали статички подобрувања беа само првиот чекор. Целосно беа сменети сите машински и електрични инсталации (за информација од објектот беа отстранети преку 3.500 метри азбестно-цементни цевки) и вградени нови енергетско-ефикасни системи. Заради предвидената енергетска санација, објектот доби нова фасадна изолација од минерална волна со нов површински слој, кој наново ја покажа оригиналната фасадна боја на објектот (беа направени спектрометарски анализи на длабинскиот пигмент од малтерот, кои ја покажаа оригиналната боја, која и во старите карти на боја била именувана како „венето црвена“).

_KAM0440-1910

Главните архитектонски промени ги постигнавме преку три интервенции:

Малите станови ги здруживме во поголеми. Од 1 до 3 кат моравме да ја задржиме оригиналната логика на организација на основата – на овој начин на еден кат од 9 добивме по 5 станови.

На јужната фасада постоечките балкони ги поврзавме со самоносечка челична конструкција и со тоа пред становите создадовме долги лоѓии со панели за засенчување кои се сложуват. Со тоа создадовме нова динамична интерактивна фасада, која во дадени делови од денот или годината, а и од расположението на корисникот, изгледа секогаш поинаку – панелите се различно отворени.

_KAB8424-2004

Од 4 до 10 кат централниот ходник го поместивме на северната фасада и на тој начин создадовме надворешен ходник, кој служи како полуприватна ладна лоѓија на двострано или тространо ориентираните станови. Овој модел се покажа како многу атрактивно решение за додатно меѓусоседско дружење и користење, особено во топлите летни денови.

Со новото решение на становите им обезбедивме добра осенченост и природна вентилација. По реновирањето, блокот доби седум станбени типологии, од првичните 90 единици се добија 37 станови и еден стан на самата тераса на објектот, кој има 360-степенска ориентираност и погледи.

Проектот за реновирање на Томосовиот блок во Копер годинава ја освои државната Прва награда за станбена архитектура, а во моментов е номиниран и за европската престижна Губио архитектонска награда за обнова на историските центри. Градот Копер ја задржа својата необична доминанта што претставуваше симбол на ера која никој и не сакаше навистина да ја избрише. Облечена во ново руво, таа стана од симбол на социјализмот во нов симбол на демократијата, а можеби и на капитализмот.

_KAM0280_-1910

Проектантски тим: Огнен Арсов, Петар Цесар, Ана Коси, Бине Текавец

статика: Јани Рамшак

година на градење: 1957 – 2020

бруто-површина: 6.040 м2

локација: Копер, Словенија

фотографии: Миран Камбич

Автор: Огнен АРСОВ, архитект и партнер – Коси и партнери, архитектурно проектирање, Љубљана

Испрати коментар

Scroll To Top