Насловна / Вести / Регионален конгрес на студенти од геотехнолошки факултети

Регионален конгрес на студенти од геотехнолошки факултети

Иако секојдневно користена, најверојатно малку е познато дека солта била применувана како платежно средство во времето на Римското Царство, а можеби дури и при размена на скапоцени камења во неолитската ера. Секако, денес таа има речиси занемарлива „валутна“ вредност, па како „константа“ е останата нејзината неопходност за човечкиот организам. Во светот постојат голем број рудници за сол, а меѓу најблиските до Република Македонија е оној во Тузла (Б и Х), град кој дури и името го добил од зборот кој во Отоманската Империја се користел за неа. Првите документи за нејзините природни депозити на сол и нивната експлоатација датираат од средниот век, иако има индикации дека со тоа се започнало уште во Илирскиот период. Студентите од Градежниот факултет во Скопје имаа можност оваа година да го посетат и градот и рудникот, во рамките на активностите реализирани во тек на јубилејниот X меѓународен конгрес на студентите од геотехнолошките факултети што се одржа токму во Тузла.

1

Слика 1. Учесници на ГЕОРЕКС 2017

Конгресот, како и низата претходни, ги собира на едно место одбраните студенти по рударство, геологија, градежништво, геотехника, геодезија и архитектура од регионот и пошироко. Тој се одржа во периодот од 13 до 16 јули со учество на над 50 студенти од регионот, коишто имаа можност да ги презентираат своите трудови изработени под менторство на наставниот кадар, каде се опфатени многу актуелни стручни аспекти и проблеми, анализирани и обработувани во тек на неколкумесечна работа. Покрај домаќините од Рударско-геолошко-градежниот факултет (РГГФ) во Тузла, на ГЕОРЕКС 2017 учествуваа и претставници од: Градежно-архитектонскиот факултет во Ниш, Рударско-геолошкиот факултет во Белград, Градежните факултети (ГФ) во Сараево, Осијек и Скопје, а за првпат свои претставници имаше и Природно-математичкиот факултет од Тузла. Конгресот започна со свечено отворање во амфитеатарот на РГГФ и посета на лабораториите на факултетот, а чинот беше збогатен со литературна вечер кога беа читани одбрани стихови на неколкумина поети.

Како што е и вообичаено за конгресите, во работниот дел следеа излагањата на научните и стручните трудови на учесниците, меѓу кои и рефератот подготвен од страна на студентите при скопскиот ГФ на тема: Компаративна анализа за избор на преградно место на брани низ пример на брана „Лисиче“ – Велес. Во него е разработен процесот на селекција на преградно место за брана, односно нејзиното позиционирање во просторот од геолошко-геотехнички аспекти. Притоа, за компаративна анализа е избрана локацијата на насипната брана „Лисиче“ со глинено водонепропусно јадро. Имено, за неа, покрај сегашниот профил на браната, во одредени фази на проектирање истражуван е уште еден алтернативен профил којшто подоцна бил напуштен. Компаративната анализа е направена за двата профила со цел да се илустрира постапката за избор на преградно место.

2

Слика 2: Приказ на брана „Лисиче“ со акумулација (2) и на алтернативен истражуван профил (1)

3

Слика 3: Приказ од инженерско-геолошкиот профил на сегашното преградно место

4

Слика 4: Приказ од инженерско-геолошкиот профил на напуштеното преградно место

Така, на преградното место 2 каде, всушност, е изградена браната, застапени  се: цврсто сврзани карпести маси (гнајсеви, мермери, микашисти); слабо сврзани (псевдокохерентни) средини; несврзани (растресити средини). Освен што профилот има форма на несиметрична слика на буквата V, за него е значајно дека на десната страна од профилот е карпа, додека на левата преовладуваат обработливи земјени површини.

Од друга страна, преградното место 1, кое примарно било разгледувано за изведба на браната, се наоѓа низводно од сегашната акумулација, но во меѓувреме е напуштено. На таа локација застапени се цврсто сврзани карпести маси и слабо сврзани средини, додека воопшто нема нерастресити. Карактеристично е дека основната карпа гнајс на десниот брег е застапена до одредена висина, а над неа се наоѓаат мермери и покрупнозрни материјали низ плиоценските седименти. Станува збор за бели сахароидни мермери кои се доста кавернозни, не се целосно заполнети со глина црвеница или друг пукнатински заполнител, што кај истражувачите од тој период предизвикувало сомнеж за вододржливоста на акумулациониот простор на овој профил.

Но, резултатите од компаративната анализа укажуваат дека напуштеното преградно место покажува за нијанса подобри услови за изведба на браната во однос на сегашното преградно место. Причината за тоа се поповолните водонепропусни и геолошки услови на напуштеното преградно место. Сепак, конечниот избор на локација на некоја преграда зависи и од серија на други фактори, како: услови за експропријација, потопување на корисно земјиште, зафатен простор за наводнување и слично, што е предмет на други анализи кои, во конкретниот случај, ги надвладеале геолошко-геотехничките фактори, а извори од литературата укажуваат дека сличен бил случајот и кај некои други брани.

Во преостанатиот дел од конгресот, сите учесници имаа можност да ги посетат интересните Панонски Езера во Тузла, а исто така се реализираше и посета на рудник за магнезит во Кладањ, каде што имаше можност да се види организацијата, начинот на работење и експлоатација на рудникот. При посетата на овој рудник, кој се наоѓа на педесетина километри од Тузла, од страна на организаторите беше обезбедено и ноќевање во идилично планинско место кое овозможи услови за продолжување на добрата дружба и другарска атмосфера помеѓу учесниците.

Ова одлично доживување комбинирано од научен, стручен, едукативен и социјален дел, без какви било финансиски учества од страна на учесниците, како и претходните години, резултира со позитивни импресии и незаборавни моменти, а дополнително и со стекнато драгоцено и значајно – како сол – искуство. Со надеж дека оваа прекрасна традиција ќе продолжи и понатаму, авторите изразуваат голема благодарност до сите коишто го овозможија ГЕОРЕКС 2017.

 

Александра Николовска

Васко Гацевски

Константин Божиновски

Учесници на ГЕОРЕКС 2017 од  Градежен факултет – Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top