Насловна / Арт и дизајн / Првиот градски фотограф во Врање

Првиот градски фотограф во Врање

Во македонската културна историографија, сè уште постојат големи празнини за дејствувањето и за творештвото на голем број културни дејци. Таков пример е и делото на Александар – Алекса од прочуениот галички род Ѓиноски.

Роден е во Галичник, во 1851 година, во уметничката и преродбенска фамилија Ѓиноски, од татко Крсте Ѓиноски и од мајка Катерина Пејчиноска од Лазарополе. Алекса е најмладата рожба на посветените родители, која растејќи учела од своите постари браќа Панајот, Теофил и Василко. Во фамилија во која се негувале писменоста, убавината на резбата и зографството, Алекса мошне рано добил основно образование и пројавил посебен интерес за уметничко изразување. За разлика од своите браќа, кои се определиле за црковното сликарство и за пишаниот збор, Алекса повеќе афинитет покажал за резбата и за изучување на фотографските вештини од татко му Крсте.

AG04_resize

НАПУШТАЊЕ НА РОДНИОТ КРАЈ

Плашејќи се од крвна одмазда поради убиството на еден качак – арамија, кој сакал да ја ограби нивната фамилијата, браќата го напуштиле родниот крај и пребегале во Врање. И во туѓина, браќата Ѓиноски стекнале голем углед како чесни и инвентивни уметници, работејќи по околните цркви и манастири околу Врање во градовите и во селата.

AG02_resize

Алекса, бидејќи го имал добро запознато фотоапаратот на својот татко Крсте и владеел со фотографската вештина, во Врање отворил сопствено фотографско ателје,  прво во градот и во пошироката околина на Јужна Србија. Ателјето се наоѓало на денешната улица „В. Антиќ“, а пред тоа  улица „Кнез Михаилова“. Ателјето станало сврталиште на многу познати јавни личности од тоа време. Првиот градски фотограф  на Врање Алекса печател посебен напис на реверсната страна на своите фотографии дека е родум од Галичник. Во името на  фирмата  истакнувал дека е фотограф во Македонија и Стара Србија, а исто така името на фирмата било напишано со кирилични и латинични букви. Меѓу првите во Србија на картонот од фотографиите ја печател годината на изработката.

AG01_resize

ФОТОГРАФИИ – ПРВИ РАЗГЛЕДНИЦИ

Направил многу семејни фотографии на граѓаните од Врање, на војската во Врање, фотографии од Југот на Србија како на пример Предејане, Џеп и други места. Некои од фотографиите биле и првите разгледници.

AG05_resize

Посебно се интересни фотографиите од родниот Галичник, од Мијачијата, од скоро цела етничка Македонија (Скопје, Охрид, Битола, Солун, Калишта, Серез) и од Србија, оставајќи богато фотографско наследство кое сè уште не е целосно пронајдено и проучено, освен некои објавени фотографии.

AG06_resize

Хроничарот  и професор по француски јазик, Ристо Лоноски-Огненоски од Галичник, во својот труд за Галичник ќе запише: „Алекса е прв фотограф нашинец кој го има фотографирано манастирот Свети Јован Бигорски. Се чини дека никогаш не е доцна да се валоризираат историските фотографии и другите уметнички заслуги на овој несекојдневен македонски уметник“.

AG07_resize

Во 1890 година Алекса заедно со своите браќа трајно се населува во Подгорица, каде што подоцна му се придружува и сопругата Сава со децата. Во Подгорица со брат му Василко се занимаваат со многу други креативни работи, како на пример, со режирање театарски претстави, а исто така покажуваат и мајсторство за театарски декор, со што се вградуваат во историјата на театарот во Подгорица.

AG14_resize

ТРАГИ И НА ПОЛЕТО НА КОПАНИЧАРСТВОТО

Алекса (со своите попознати браќа Василко и Теофил, кои работат црковно сликарство, зографисале, иконописале 130 цркви), оставил големи траги на полето на копаничарството во споредба со другите мијачки зографи. Алексa во своите дела ни презентира убави хармонични решенија преку резбите на црковните иконостаси кои се во импозантен број.

AG09_resize

Во сите овие решенија се среќаваат стилизирани, флорни елементи, односно префинета стилизација на растителни декорации (лисја од акантус, од лоза и сл.), потоа профилирани конзоли, столпчиња и слично. Резбите ги работел како распната мрежа од пајак, потпирајќи се на мијачката традиција. Кога се гледаат неговите олтари, се добива впечаток дека се лесни, односно без тежина. Тој имал дарба да го почувствува дрвото во секоја смисла, ги познавал и неговите карактеристики, а работејќи со него ја истакнувал неговата природа и неговата чувствителност.

AG10_resize

Во повеќе цркви, Алексовите олтарни прегради се изведени како ажурни тантели, сосема позлатени делувајќи раскошно. Затоа, неслучајно големиот истражувач на делата на браќата Ѓиноски, д-р Анѓа Капиџиќ во својот труд „Браќа Ѓиноски во Црна Гора“ ќе напише: „Иконостасите изработени во ателјето на браќата Ѓиноски од ‘најдобра борина’ им припаѓаат на високите барокни иконостаси кои кај нас се појавуваат дури во 19 век“.

AG12_resize

Резбарот и фотографот или поточно сестраниот уметник Александар – Алекса Ѓиноски, умира многу млад во 1894 на 43 години оставајќи ги своите фотографии и резби да сведочат за неговиот голем талент и да бидат присетување за неговите потомци од родниот Галичник и Македонија, да го афирмираат и да го сочуваат од незаборав својот Алекса.

Автор: Косто Граоркоски, дипл. инж. арх.

AG11_resize

AG08_resize

AG15_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top