Насловна / Вести / Почетни чекори кон енергијата на иднината

Почетни чекори кон енергијата на иднината

Целите на европската политика за клима и енергија веќе се јасно поставени – до 2050 година, целосна декарбонизација на производството на електрична енергија (без емисии на стакленички гасови, а тоа значи без фосилни горива)  и  намалување на емисиите на стакленички гасови од целокупниот енергетски сектор за 80 отсто во однос на нивото во 1990 година. Според тоа еден од главните императиви е постојано зголемување на уделот на обновливите извори на енергија наспроти оние од фосилните горива.

Новиот Закон за енергетика во Македонија предвидува донесување на Акционен план за обновливи извори на енергија и изготвување на Извештај за реализација на планот на секои две години. Воедно, со цел за масовно користење на обновливите извори на енергија, а од аспект на заштита на животната средина се предвидува можност за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија наменето за сопствена потрошувачка, при што вишокот на произведената енергија се предава во електродистрибутивна мрежа. Од аспект на домаќинствата, соларните фотоволтаични системи се одлична прилика, особено и поради фактот што во последниве години цените на компонентите на фотоволтаичните системи се значително намалени,  што доведе до намалување и на производната цена на електричната енергија. Досега, примената на системите за производство на струја од сончева енергија кај нас засега е ограничена само на инсталации оперирани од страна на лиценцирани компании. Изградени се 102 фотоволтаични централи, со инсталирана моќност од 16,88 мегавати и со учество од прескромни  0,32 отсто во вкупното производство на електрична енергија.

IMG_20180711_110544_resize

Според новиот закон сите индивидуални резиденцијални објекти може да инсталираат вакви системи до четири киловати, а ќе бидат субвенционирани со 500 евра од државата, при што постапките ќе почнуваат и завршуваат во општините.

Меѓу првите објекти во Скопје кои почнаа да ја користат оваа услуга од ЕВН Македонија е едно домаќинство во населбата Тафталиџе. Станува збор за првата фотоволтаична централа која е поставена на индивидуална куќа.

„Инвестицијата за оваа фотоволтаична централа ја покрива сопственикот на објектот и таа за овој конкретен случај изнесуваше околу четири илјади евра. Оваа цена ги вклучува сите материјали и дополнителни услуги за реализација на персонализираното решение. Токму тоа е и напомената, цената за секој корисник би била различна и соодветна на индивидуалните карктеристики и потреби на корисникот. За да се постави ваков систем процесот почнува со изработка на детален скрининг на објектот или локацијата на потенцијалниот корисник и неговите специфики, по што се изработува предлог оптимално решение. ЕВН на корисниците на фотоволтаични системи им нуди целосно решение „клуч на рака“ при што се обезбедува целокупна правна документација за поставување на опремата од соодветни институции, согласно Законот за градба, управување со целосниот проект и известување за напредокот на истиот, проектирање на фотоволтаичниот систем и планирање на изведбата во согласност со релевантните локални и меѓународни стандарди и локални регулативи, набавка на опремата и материјалот, инсталација, каблирање, модули, инвертери, систем за следење и контрола, планирање и имплементација на монтажни системи, вклучувајќи дизајн според статичките барања и потреби. Исто така, вклучува и мерење, тестирање и пуштање во работа на фотоволтаичниот систем, прирачници и документација за одржување на системот, можност за склучување на договор за редовно одржување и сервисирање на фотоволтаичниот систем“, објаснуваат од ЕВН Македонија.

IMG_20180711_111720_resize

Што се однесува до начинот и времето на поставувањето на фотоволтаичната централа од ЕВН објаснуваат дека нивните експертски тимови составуваат персонализирани решенија, зависно од потребите и специфичните услови кај секој различен корисник. „При аплицирање за услугата корисникот ќе добие првична проценка за деталите на услугата во рок од три работни дена, и доколку оваа понуда соодветствува со очекувањата на корисникот, се потпишува договор, по што почнува изработка на детален и персонализиран проект. Самото инсталирање на фотоволтаичната централа на едно домаќинство, во нормални услови трае два дена, а истата почнува со производство на струја веднаш. Во основа роковите се разумни, а се работи на технологија која релативно брзо се инсталира, врз основа на претходно изработена студија односно персонализирано решение за конкретниот корисник“, додаваат од ЕВН.

Инаку, домаќинството во Тафталиџе е првиот регуларен корисник на услугата за фотоволтаични системи на ЕВН. Кај корисникот се спроведени сите активности кои во иднина ќе се реализираат кај сите идни корисници. „ЕВН како лидер на пазарот на услуги поврзани со електричната енергија ги следи светските трендови за сè поголемо инвестирање во обновливата енергија, како и развојот на технологијата во оваа област. Непосредно по стапувањето на сила на последните измени во Законот за енергетика кои дадоа можност за поголема комерцијална употреба на фотоволтаичните системи, ЕВН веднаш понуди ваков тип на услуга за сите заинтересирани корисници – бизниси и домаќинства. Нашата цел е да понудиме најдобри и иновативни услуги кои водат кон одржлива иднина за целото општество. Интересот во моментов е голем, и ние активно работиме на одговарање на растечките потреби на корисниците. Македонија има огромен потенцијал за искористување на соларната енергија што се проценува на 1.300 до 1.550 kWh/kWp, што претставува јасна цел која треба да се искористи во иднина“, велат од ЕВН. Оттаму додаваат дека инвестицијата во соларни панели во сончева земја како Македонија несомнено е исплатлива. Пред сè, со користење на обновлив и неисцрплив тип енергија како што е сонцето, директно се намалува експлоатацијата на необновливи енергетски ресурси и се придонесува кон заштита на животната средина. Едно македонско домаќинство може да покрие или заштеди грубо околу 30 отсто од годишната употреба на електрична енергија со помош на соларната енергија. Повратот на инвестицијата многу зависи од вкупната потреба за енергија на корисникот, како и специфичните навики на користење на истата, така што периодот за секој корисник е различен. Животниот век на соларните панели може да биде и до 25 години, објаснуваат од компанијата.

komponenti na PV sistem_resize

Инаку, согласно европските директиви од  2018 година сите новоизградени јавни објекти во надлежност на општините треба да бидат енергетски независни, односно nZEB (nearly Zero Еnergy Building). Оваа практика веќе полека треба да почне да се применува кај нас. Хрватска, најмладата членка на  ЕУ е  добар пример за тоа. Освен тоа што фотоволтаичните системи се одличен избор за енергетска независнот на островите и другите изолирани места, тие се добар избор за енергетска независност на објектите генерално, но и можност за заработка на сопствениците на објектите.

Новиот Закон за енергетика, кој македонската Влада го изгласа во март годинава, е одговор на повеќе економски, социјални и еколошки предизвици. Носењето на овој закон првенствено означува крај на монополот и давање на правото на избор на потрошувачите, што значи малите и средните претпријатија, како и домаќинствата ќе имаат право на избор на снабдувач со електрична енергија и природен гас. Покрај тоа, се зголемува конкурентноста при доделување на feed in (повластени) премиуми во транспарентна постапка која ќе вклучува аукција, со што ќе се придонесе за поттикнување на инвестициите во енергетскиот сектор преку стабилна законска рамка.

Од социјален аспект Законот предвидува донесување на годишна програма за намалување на енергетската сиромаштија, со оглед на тоа што постоечките решенија коишто предвидуваат заштита на социјално загрозените семејства не вклучуваат одредени категории на потрошувачи кои имаат потреба од доделување на помош за задоволување на енергетските потреби. Еколошкиот аспект, односно влијанието на енергетскиот сектор врз животната средина е исто така во фокусот на новиот закон и има особено значење. Посебен акцент се става на термоелектраните и нивните обврски во поглед на намалување на загадувањето.

 

МОЖНО Е И ЕЛЕКТРОНСКО АПЛИЦИРАЊЕ ЗА УСЛУГАТА

Сите граѓани кои се заинтересирани да ја добијат оваа услуга од ЕВН Македонија, а со цел да ги намалат тековните трошоци за електрична енергија, тоа може да го направат на неколку места, а отворена е и опцијата за електронско аплицирање.

solar_thermal_vs._solar_panel_resize

„Граѓаните можат да се информираат и да аплицираат за услугата на повеќе места и тоа во Инфо центарот во Скопје во Градскиот трговски центар, во нашиот контакт-центар на 089 089 089, или пак на електронската адреса gosolar@evn.mk. Заинтересираните корисници аплицираат со пополнување на писмено барање во кое се наведуваат некои основни информации како што се карактеристики на објектот односно локацијата каде што треба да се постави системот, број на членови во семејството, достапна површина и број на корисник на електрична енергија кој соодветствува со сопственост на домот или локацијата. Со цел попрецизно дефинирање на решението, на барањето можат да се прикачат фотографии од локацијата“, информираат од ЕВН.

 

ВИШОКОТ ЕНЕРГИЈА СЕ ПРЕДАВА БЕЗ НАДОМЕСТОК

Домаќинствата кои ќе се решат за поставување на фотоволтаична централа енергијата што ќе ја произведуваат ќе ја трошат за свои потреби. Онаа произведена електрична енергија, а која ќе биде неискористена ќе се предава во мрежата на ЕВН, но за неа засега нема да се дава никаков финансиски надоместок.

photovoltaic-2138992_1920-e1500128511114_resize

„Цената на делот од произведената електрична енергија која се троши во самото домаќинство е еднаква на цената по која домаќинството би ја платило истата енергија, во истиот временски интервал доколку би ја преземало од дистрибутивната мрежа. За вишокот произведена, а неискористена електрична енергија која се пласира во дистрибутивната мрежа сè уште се чека на доработка на регулатива опфатена во подзаконските акти и правилници на Законот за енергетика кои ќе бидат изработени во најбрзо време“, нагласуваат од компанијата и уверуваат дека додека тоа да се случи ниту еден корисник нема да биде оштетен.

 

ПРИДОБИВКИ ОД ФОТОВОЛТАИЦИТЕ

Од економски аспект има многу придобивки од фотоволтаиците. Тука се субвенциите, кредити, добивка од продажба, зголемена пазарна вредност на недвижноста (објектот) затоа што енергетски независен објект односно објект со пониски оперативни трошоци за енергија е поатрактивен за евентуален купувач.

solar-2_resize

Исто така и еколошките придобивки се оние на кои треба да се мисли. Тие подразбираат чиста енергија бидејќи соларната енергија е обновлив извор кој не генерира емисии на стакленички гасови и не ги исцрпува природните ресурси. Таа е достапна, чиста енергија без бучава. И одржливоста во поглед на зафаќање на земјиште е исто така еколошка затоа што се користи веќе постоечки објект: Соларната централа се поставува на веќе постоечки објект, односно нема никакво негативно влијание врз животната средина и од аспект на измени на теренот и зафаќање на нова површина на земјиште.

Производството на енергија е највисоко за време на најголема побарувачка на енергија.  Фотоволтаиците произведуваат највеќе енергија во средината на денот, токму тогаш кога сончевото зрачење е најизразено, но исто така и побарувачката на енергија е најголема.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top