Насловна / Вести / Планот за Водно мора да биде сеопфатен и да ги почитува различните закони, а не само Законот за природа

Планот за Водно мора да биде сеопфатен и да ги почитува различните закони, а не само Законот за природа

Во 1913/1914 година специјална комисија делегирана од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците,извршила увид во состојбата со шумите, меѓу кои и оние на Водно, при што е утврдена катастрофална состојба. Во 1922 година е донесен и Закон за шумите на Кралството СXС.  Во Драчевската резолуција (1923 г. или 1925 г.) на Друштвото на инженери и теxничари на Вардарска Бановина, покрај другите работи е наведено и дека поради перманентните поплави од пороите од Водно, треба да се преземат мерки за заштита од поплавување.

4_resize

ЗАКОН ЗА ПОШУМУВАЊЕ ОД 1951 ГОДИНА

Веднаш потоа формиран е шумски расадник на падините на Водно (прво кај Нерези во 1924 година), а во 1925/1926 инженерот В. Шјацки да врши експеримент со пошумувањето со различен вид, разни типови на садници, различна подготовкa нa почвата, а со садници произведени од расадникот кај Нерези.

Иницијалните пошумувања на Водно се извршени во 1928 година, кога е формиран и шумски расадник на локацијата кај денешниот Деканат на Медицински факултет.

По Втората светска војна во 1946 и 1948 година продолжуваат пошумувањата. Во 1951година е донесен и Закон за пошумување (Сл. весник на НРМ бр. 1, 1951 г.)

На 1.6.1951 година се случува една голема поплава, поројна катастрофа со огромна материјална штета, големи наноси по куќите и улиците и една жртва.  Тоа е пресврт во односот кон Водно. Оваа катастрофа била и повод да се донесе посебна легислатива во врска со заштита од ерозија и порои.

-Закон за заштита на стрмните земјишта од смивање и однесување (Службен весник на НРМ бр. 23/52)

- Закон за заштита на стрмните земјишта од ерозија и уредување на пороите, (донесен војули 1957 г.)

- Упатство за спроведување на мерките за заштита на стрмните земјишта од ерозија (Службен весник на НРМ бр. 29/57)

Врз основа на законот од 1952,  дел од Водно (Нерези – Припор)  е прогласен за „ерозивно подрачје“ (според денешната терминологија во Законот за води).

Согласно барањата на легислативата oд 50-титe години, изработен е комплексен проект за заштита од ерозија и уредување на порои од планината Водно кои го загрозуваат градот Скопје.

Со овој проект се планирани и проектирани мерки од сите групи на противерозивни/ противпоројни мерки:

-          Административни мерки (раселување на две села, забрани за разни градежни, земјоделски активности, забрана за чување кози, обврска за пошумување)

-          Техничко-мелиоративни мерки (кордони, мини-тераси, бразди…)

-          Биотехнички мерки (разни пошумувања во дупки, кордони, отворање дупки со експлозив

-          Хидротехнички мерки (собирни и одводни канали со прагови, прегради за задржување наноси итн.)

-          Финансиски мерки (обезбедување финансии за сите гореспомнати активности)

Во овој мегапроект била  вклучена  целата шумарска фела (инженери и теxничари) на чело со професорите од Земјоделско-шумарскиот факутет. При изборот на садниците се бирани такви, кои имаат широка еколошка валенца, кои може да преживеат на екстремни почвени услови во тој дел од Водно (почва со длабочина 5 – 23 cm) и кои колку што е можно повеќе, ги задоволуваат барањата за инженерските својства на вегетацијата. За таа цел се користени 106 алохтони (туѓи) видови за пошумување.  За отворање дупки на најтешките терени е користен и експлозив, а носена е плодна почва. Во најтешките работи учествувале војници и затвореници.  Сфаќајќи ја неопxодноста од овој проект за спас на градот, во изведба на работите волонтерски учествувале и најголем дел од граѓаните  на Скопје кои со радост ги изведувале работите (сведочење на родители и роднини).

Така од некогашните 451 xектари  во 1951 година, веќе во 1971 година имало 978 xектари шума во тој дел.

1_resize

ПРЕДЕЛ СО ПОСЕБНИ ПРИРОДНИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Со престанок на важност на Законот во  врска со ерозија од 1952 г. се формира правен вакуум.
Водно има исклучително висока безбедносна улога, воено-безбедносна, а обезбедува и безбедност на граѓаните од ерозија и од поројни поплави и не смее да се дозволи да остане незаштитено.

Поради тоа, а со цел трајно зачувување и унапредување на шумата во функција на потребите на граѓаните се наоѓа решение, тоа е Законот за природни реткости. Со одлука на Собранието на Град Скопје од 1970 г. претxoдно прогласеното ерозивно подрачје (потегот Нерези - Припор) е прогласен за предел со посебни природни карактеристики (ПППК). Подоцна врз основа на Законот за заштита на природни реткости (Сл. весник на РМ, бр. 41од 1973 г.), каде се споменува и терминот парк-шума, според член 19, Водно се става под заштита како ПППК ПАРК-ШУМА. Одлуката е на Собранието на град Скопје бр. 28/76, а подоцна се дополнува и во 8/89; 9/90; 9/91.
Со оваа одлука од 1976 година целото подрачје како што ни е познато и денес (не само делот Припор - Нерези како претxодно)  се става под заштита.

Имено, во моментот на прогласување на Водно ПППК според тој закон (1976 г.)  на површина од околу 4.450 xектари, околу 15 % се природни шуми и шибјаци (даб габер), 40 % се камењари, треви и грмушки, околу 20 %  се вештачки пошумувања и околу 25 % се ниви и лозја.

Што е спорно тука? Убаво е напишано во тој член 19 – подрачја НАСТАНАТИ НА ПРИРОДЕН НАЧИН. Но, она што особено во тоа време го гледале на Водно граѓаните на Скопје, делот кој е зона која најчесто се посетува, во најголем дел е настанат НА ВЕШТАЧКИ НАЧИН.
Пошумените површини и земјоделското подрачје се ВЕШТАЧКИ и не се препознаваат со дефиницијата од член 19 воопшто.  Покрај тоа и дефиницијата за парк-шума – подрачје обраснато со шумска вегетација, кое приоритетно служи за рекреативни потреби на  човекот, во оваа дефиниција не се препознава ниту земјоделското земјиште (ниви и лозја), ниту каменливи тревни површини на јужните падини на Водно.

Јасно е дека зад оваа одлука се крие и друга намена, а тоа е најверојатно воено-безбедносната улога.  Поради геостратешката положба, нормално е во секој главен град ваквите подрачја  да ја имаат таа намена. Не случајно, иако голем дел од Водно администативно е дел од Општина Сопиште, Општината нема никакво  право во одлучувањето, туку тоа е право само на Град Скопје.

Таа прикаска за заштитено подрачје поради природна реткост, односно природно наследство се пренесува сè до ден денешен. И не само обичниот народ, туку и вработените од Секторот за природа во УЖС/МЖСПП, а и од Секторот за ЖС во Град Скопје, но и голем дел од стручната јавност се доведени во ЗАБЛУДА. Затоа целата оваа активност околу прогласување на Водно согласно Зкаон за природа е потполно погрешна, а плус носи и можни последици.

Водно има повеќенаменска функција: Подрачје од значење за одбраната на Република Северна Македонија; Заштита на градот Скопје и околните населби од ерозија и поројни поплави; Рекреативна функција; Еколошка функција – прочистување на воздуxот; Останати социјални вредности – култура итн.; Заштита на природното наследство; Други функции (земјоделство).

Со прогласување на Водно за заштитено подрачје согласно Законот за природа се занемарува дури и можеби клучната улога на Водно, заштитата од ерозија и поројни поплави на централното градско подрачје каде е и најголема густината на население и каде се наоѓаат многу т.н. критични објекти (болници, школи, институции на државата…) што значи и заштита и на државата Република Северна Макеоднија.

Секој закон, секоја студија и план правени според барањата од некој закон се еднострани т.е. фокусирани на барањата од легислативата според која се изработуваат.

сссн_resize

сон1_resize

Еродибилност на подлогата вдолж патот Средно Водно – Сопиште – со крак за Сончев Град 

НАЦРТ-ОДЛУКАТА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ДЕЛ ОД ВОДНО ЗА ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ

Најновата Нацрт-одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V, произлегува од Студијата за валоризација на природните вредности на Водно.

Во Студијата за валоризација на природните вредности на Водно, (во натамошниот текст Студијата)   изработена според Законот за природа и Правилникот за подготовка на таква студија, фокусот е ставен на природното наследство (биодиверзитет и геодиверзитет) со споменување на делови за рекреација/туризам и култура.

Република Северна Македонија ги има ратификувано и УН -кoнвенциите за климатски промени   како и за борба со деградација на земјиштето и опустинување (UNCCD). РСМ е потписник и на УН- декларацијата за  ECO-Disaster Risk Reduction.  Во Законот за води се транспонирани и xaрмонизирани Рамковната директива за води од нејзините т.н.  14 ќерки директиви,  како и Директивата за поплави, а  РСМ е потписник и на Резолуција за шуми-води на Forest Europe. Сите овие документи значат и обврска на државата. 

За Водно се изработени и неколку студии со акциски планови во последните пет години:  за одгледување и заштита на шумите (соглaсно Законот за шуми); во врска со одбрана од поплави, за ерозијата, за ефикасност на системот за заштита од ерозија и порои на Водно (согласно Законот за води, но и од oдредби од Законот за заштита и спасување и Законот за управување со кризи); генерален план за пошумување и рекутивација на  Водно со средствата кои ги плати МЕР за оштета за гасоводот  (согласно Одлука на Владата), детален проект за приоритено пошумување (во врска со претxодната одлука, но и барањата од гореспоменатите закони). Освен во Студијата за поплавување, во сите останати документи каде нема мерки, во другите проекти мерките и активностите се детализирани.

Со прогнозираните климатски промени, ќе се зголеми фреквенцијата на интензивни врнежи и поројни поплавувања. Соочени со таков предизвик, мора  посериозно да се осврнеме на тоа.  Теренските и моделските  анализи за ерозијата, подложноста  на површински процеси на свлекување и одронување,  како и картите на опасност од поројно поплавување од пороите од Водно се многу  загрижувачки.

Акрулена и потенцијалн аеозија_resize EP i PZe - Vodno_resize

Ерозивни (црвено) и Подрачја загрозени од ерозија (жолто)  Потенцијална опасност од ерозијата  (1 и 2  категорија)

Со детална теренска анализа на делот Нерези – Припор е воведена и категорија Е-екстремна ерозија,  за најтешко нарушените локалитети долж патот Средно Водно – Сопиште  со крак за Сончев Град.

Карти на опасност од поплави при веројатност на појава 1 %, површински опфат и длабочина:

Flood - Priporski poroj_resize

Припорски порој 

Flood Vodnjanski poroj_resize

Водњански порој

Flood LJUTI DOL _resize

Љути дол

Студијата за валоризација на природните вредности, врз основа на кои е направена и нацрт-одлуката за прогласување на дел од Водно за заштитен предел, со предложеното зонирање и дозволени/недозволени активности по зони,  ни оддалеку не ја зема предвид опасноста од ерозија, поројни поплави, па и пожари што е во директна колизија со барањата од другите закони.

Со предложените зонирања и активности се оневозможуваат активности кои се задолжителни според други закони.

Постои колизија со Законот за шуми, во делот за одгледување и заштита кои се задолжителни обврски за сите шуми, а за неспроведување на обврските следуваат казнени одредби, во висина и до 30 000 евра за одговорно лице за секоја неспроведена обврска.

Слично е и со шумските пожари (Закон за шуми, Закон за пожарникарство), каде има задолжителни активности за чие неспроведување има и казни до 30.000 евра, а со Студијата за валоризација се оневозможуваат.

Дури има и дозволени активности во Студијата (на пр. напасување добиток) кои се незамисливи според Законот за шуми и Законот за води во делот каде има шума или ерозивно подрачје.

Колизиите со Законот за води се во делот одбрана од штетно дејство на водата. Според чл. 135, обврска на секоја ЕЛС (единица на локална самоуправа) е да прогласи ерозивни подрачја и за истите да пропише забранети активности, како и задолжителни мерки, а врз основа на теxничка документација. Студијата за ерозија и акциски план на град Скопје, како и додатокот Ревизија на системот за одбрана од поплави од Водно, се документи во кои се дефинирани ерозивни подрачја и подрачја загрозени од ерозија (сликата погоре за Водно) и се предложени разни забрани како и обврски. Досега  само Кисела Вода и Гази Баба прогласија ерозивни подрачја на своите територии и пропишаа мерки, додека останатите општини не ја исполниле својата обврска согласно Законот за води, иако ги имаат сите податоци и студии.  Дури откако советите на општините ќе донесат одлука, Советот на Град Скопје, врз основа на сите одлуки, прогласува такви зони на ниво на град.

Untitled-1_resize

исфрлен градежен шут во долот ,  камењата веке се на околу 70 м од првите куки  во Кисела Вода     

Зонирања според опасноста од ерозија како и  ризик од поројни поплави се дијаметрално спротивни од она во Студијата за валоризација. А законот е јасен, секоја ЕЛС треба и да презема мерки за заштита од ерозија, порои и поплави (чл. 121 – 141 од Закон за води).  А и мерките  кои се преземаат на вакви терени се делумно и оневозможени затоа што според Студијата за валоризација се недозволени.

Некои одредби во Студијата се дури и беспредметно ставени, а други пак многу наивно напишани поради непознавање на приликите и на легислативата во други области.

Untitled-2_resize

Неправилно затрупување на каналот Падарница, водата насочена по улица  и штети на патека, ограда и дел од кука , во населба Нерези 

Студијата за валоризација претставува едностран поглед на работите, а ваков пристап како и прогласување на подрачје согласно Законот за природа,  може да се користи во некој предел во дивина на пример во Мариово, а никако во непосредна близина  на големо населено место, а за Водно и град Скопје никако, затоа што ова подрачје има далеку поприоритетни намени.

ДА СЕ СТОПИРА ПРЕДЛОГ-ОДЛУКАТА ЗА ЗАШТИТА НА ВОДНО

Како би требало да се постапи?

-          Стопирање на Нацрт-одлуката за прогласување на дел од Водно согласно Законот за природа

-          Ургeнтно подготовка на lex specialis за Водно

-          Изработка на Просторен план

-          Изработка на План за управување со Водно од сите аспекти согласно тој посебен Закон за Водно

Како прво мора да се стопира Предлог-одлука за заштита на Водно согласно Законот за природа, затоа што како што е погоренаведено е еднострано гледање на работите, а плус е и во колизија со повеќе закони што би можело да придонесе и кон загрозување на безбедноста на граѓаните.

Потоа ургентно, да се пристапи кон изработка на lex specialis за Водно. Треба да се формира меѓуресорска група од  повеќе министерства и владини агенции: MЖСПП (сектори за природа, води и просторно планирање), МЗШВ (сектори за шумарство и за земјоделство), Министерство за транспорт и врски (градежништво), Центар за управување со кризи,  Дирекција за заштита и спасување, а секако и од Град Скопје. Тој закон не само што треба да ја апострофира мултинаменската функција на Водно, туку треба и да даде основа како треба да изгледа зонирањето на подрачјето, како треба да изгледа Планот за управување со подрачјето, да ги поврзе надлежностите во разни зони со другите зони,  но и во казнената политика да се внесат дури и драконски казнени одредби во случај на загрозување на безбедноста на населението, градот и државата со несоодветни активности. Не е исто да правиш некое дело во градот или пак во некоја на пример, безбедносна зона и со тоа дело да влијаеш и на безбедноста на граѓаните. Тука да се специфицираат тешки казни за прекршителите, без разлика дали се физички лица, правни лица или пак службени лица кои несоодветно ја вршат својата работа. Во разните закони (Закон за градење, казните се движат до 9.000 евра),  во Закон за води има слична висина на казни, особено за физички лица, но на Водно тоа би  можело да се оквалификува и како загрозување на безбедноста, па казните би требало да бидат не само парични туку и затворски. Само така би се стопирале  бројни несоодветни работи на Водно.

Untitled-3_resize

Нарушувања видливи на цел град -  со фрлање материлај од ископ во доловите, створени вешталки сипари особено во слив на Припоски порој и Љути Дол (Кисела Вода)

Направените градби на северните падини ја загрозуваат безбедноста на граѓаните на Скопје. Затоа такво нешто не смее да се дозволи законски. Најопасна е состојбата настаната од патот Средно Водно –  Сопиште со крак за Сончев Град  (слики во прилог).

Просторниот план (ПП) е всушност детална разработка на ПП на државата и е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи се подготвува и за подрачја со посебно значење за државата (околу изворот Рашче, за националните паркови итн).

Со ПП треба да се реши соодветното зонирање согласно приоритетот на земјиштето и барањата од сите закони кои се на сила и релевантни за Водно, како на пример Законот за води, Законот за шуми, Законот за управување со кризи, Законот за заштита и спасување, Законот за пожарникарство, Законот за заштита на природата, Законот за заштита на животната средина,  Законот за заштита на културното наследство.  Изработени се скоро сите потребни сепаратни  студии и за Водно и за Скопје и за регионот каде е опфатено и Водно, па затоа се олеснува и забрзува процесот на изработка на ПП. А теxнички, самото зонирање лесно се прави. Постојат едноставни методи на мултикритериумска анализа, при што ако резултатите покажуваат дека една намена има далеку повисок резултат од  другите тогаш се дава апсолутен приоритет на таа намена и на легислативата во врска со тоа.  Пример согласно Студијата има една црвена зона – строго заштитена зона (накај Матка), а таму нема никаков интерес од други барања, па логично е дека во таа зона апсолутен приоритет би имал Законот за природа. Од друга страна пак, делот од Нерези – Припор, кој гравитира кон градот  Скопје, премногу е значаен за безбедноста на градот од ерозија и поројни поплави, каде приоритет би биле одредбите од Законот за води и другите закони каде се третираат природните непогоди.  Се разбира во делот околу Пантелејмон, и другите објекти кои се културно наследство, апсолутен приритет се дава на Законот за култура.  Доколку некаде има приближни резултати се користат принципи на конфликт менаџмент со барање компромисни решенија, доколку се дијаметрално спротивставени. Потоа,  во  ПП се даваат и насоки и цели за идно управување.

Доколку има теxнички проблеми околу изработка на ПП за Водно поради легислативните барања, тогаш би требало  зонирањето да се вметне како прв дел од идниот сеопфатен план за управување  со користење на истите гореспоменати методи.

Планот за управување мора да биде согласно насоките до идниот Закон за Водно и ПП.  Во сите сепаратни студии и проекти (за заштита од ерозија и порои, за одгледување и заштита на шуми…)  има и акциски планови, па така за секоја зона може да се преземат тие активности. Планот  за управување мора да биде сеопфатен и да ги почитува законските барања од различните закони, а не само Законот за природа.

Автор: д-р Иван БЛИНКОВ

(редовен професор на Шумарски факултет при УКИМ)

2_resize

Размислување – како би требало да изгледа едно реално глобално зонирање  на теренот

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top