Насловна / Вести / Петти конгрес за брани: Запознавање со актуелните проблеми од реалното инженерство

Петти конгрес за брани: Запознавање со актуелните проблеми од реалното инженерство

Столбот на водостопанската инфраструктура во РС Македонија се 43 брани со регионално значење, од кои 4 се јаловишни брани, и околу 110 се пониски насипни брани со локално значење. Според критериумот на ICOLD, браните во Македонија од посебно значење, но и одреден број пониски брани, спаѓаат во категоријата на „големи брани“, што покажува дека пропорционално на големината на државата, РС Македонија е позиционирана во врвот на инженерството за брани во Европа. Во периодот од 2004 до 2017 година беа успешно организирани четири конгреси за брани во РС Македонија. Со цел да се унапреди индустријата за брани, која е од витален интерес за развојот на државата, и да се одржи воспоставената традиција, во 2021 година се одржа Петтиот конгрес за брани.

1_resize

Конференциска сала на хотел „Дрим“, Струга, 30.9.2021, свечено отворање на Конгресот

Потребата за одржување на Петтиот конгрес за брани е поради исполнување на следниве три основни цели. Како прво, денешната генерација хидротехничари имаат одговорност да ја одржат оваа вредна традиција. Ваквите манифестации се незаменливи затоа што обезбедуваат на едно место да се состане хидротехничката фела и да размени искуства и знаења. Второ, во последните неколку години инженерите се судираат со многубројни проблеми поврзани со начинот на финансирање, со условувањата при проектирањето и градбата од честите промени на легислативата, како и со исполнувањето одредени еколошки и социолошки стандарди на капиталните хидротехнички објекти. Овие проблеми придонесоа да се стопира реализацијата на неколку хидросистеми (Луково Поле, Бошков Мост), кои се исклучително значајни за развојот на нашата држава. И трето, во сегашниот период, во градба се четири значајни големи брани во Македонија: Конско (Гевгелија), Речани (Кочани), Саса-4 (М. Каменица) и Отиња (Штип) и ова е најпогодна можност, членовите за Здружението за брани и учесниците на Конгресот непосредно да се запознаат со актуелните проблеми од реалното инженерство за брани.

2_resize

Преграден профил на браната „Конско“, Гевгелија, 2.10.2021, учесници на стручната посета на каменонасипна брана со асфалтна дијафрагма во тек на градба, кота 550 mnv

Во организација на Здружението македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ), во Струга, во периодот од 30 септември до 2 октомври 2021 година, се одржа Петтиот конгрес за брани. За Петтиот конгрес за брани пристигнаа одреден број реферати, од кои 33 беа прифатени од Редакцискиот одбор да бидат отпечатени во Зборникот посветен на Конгресот. Рефератите беа на македонски јазик (19) и на англиски јазик (14), а беа подготвени од експерти од Македонија, Турција, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина. Рефератите во Зборникот беа подредени според четирите теми предвидени за Конгресот: 1. Истражување и проектирање хидротехнички објекти, 2. Искуства од градење брани и хидројаловишта, 3. Одржување, оскултација и санација на брани и придружни објекти, и 4. Регулатива, финансирање и оперирање со хидросистемите. Во склоп на Конгресот се одржа и Тркалезна маса „Можности за надградба на постојните хидроенергетски системи со реверзибилни хидроцентрали“. Пет реферати се однесуваа на браната Конско, која е во напредната фаза на градба и претставуваше главно обележје на Петтиот конгрес. Затоа, за оваа каменонасипна брана со височина од 80 м, со асфалтно јадро како водонепропустливо тело, се организира стручна посета, која е традиционална за сите манифестации на ЗМКГБ.

3_resize

Преграден профил на браната „Конско“, Гевгелија, 2.10.2021, учесници на стручната посета на каменонасипна брана со асфалтна дијафрагма во тек на градба, кота 510 mnv

На 30.9.2021 година, на свеченото отворање на Конгресот во конференциската сала на хотелот Дрим во Струга, поздравен збор беше даден од проф. Љупчо Петковски, претседател на ЗМКГБ и претседател на Организациониот одбор. До делегатите на Конгресот беше проследен поздравен збор од деканот на Градежен факултет, проф. Златко Србиноски. На Конгресот имаше околу 70 учесници, со строго почитување на здравствените протоколи за сегашната КОВИД-19 пандемија.

Со одржувањето на Конгресот беше исполнета основната цел на собирот – размена на искуства и трансфер на знаења во „инженерството за брани“ во Македонија, чиј главен стожер е токму ЗМКГБ. Професионалната презентација на рефератите и бројните  дискусии, како и заинтересираните учесници во скоро секогаш полната сала, беа најдобра потврда за квалитетот на одржаниот Конгрес за брани. Со овој конгрес, од една страна, се продолжи традицијата на ЗМКГБ на секои четири години да одржува ваква манифестација, и од друга страна, со меѓународниот карактер се унапредија активностите од претходните години, кои се карактеризираа со проширена соработка со националните комитети за брани од нашиот регион.

4_resize

Преграден профил на браната „Конско“, Гевгелија, 2.10.2021, учесници на стручната посета на каменонасипна брана со асфалтна дијафрагма во тек на градба, кота 510 mnv

Во рамките на Конгресот за брани, по завршувањето на научниот и стручниот дел, се одржа Изборно собрание на Здружението МКГБ. На Изборното собрание одржано на 1.10.2021 во Струга, беа избрани органи на ЗМКГБ за следниот мандатен период од 4 години. Беше избрано ново Претседателство составено од 11 членови, истакнати и докажани експерти за брани, како од компании за изградба на брани и оперирање со хидросистеми, така и од институции и фирми за истражување и проектирање на истите. За претседател на ЗМКГБ беше избран проф. д-р Љупчо Петковски (ГФ, УКИМ, Скопје), а за генерален секретар беше избран м-р Славко Милевски (АД ЕСМ, подружница ХЕС „Црн Дрим“, Струга).

Новото Претседателство на ЗМКГБ ќе треба да ја координира работата на Здружението во идниот период, со цел да го одржи континуитетот востановен од нивните претходници. Задачите на ЗМКГБ во следниот период се базираат на основната мисија на Здружението – следење на најновите сознанија и размена на искуства од практичен и од теориски аспект за истражување, проектирање, градење и одржување на браните. Затоа, активностите на ЗМКГБ ќе се однесуваат на организација на барем една манифестација во тек на годината, зајакнување на соработката со националните комитети за големи брани во регионот, како и активно учество на нашите членови во работата на: Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD) – најавторитетната институција за брани во светот и Европскиот клуб на ICOLD. Целта на наведените активности е унапредување на индустријата за брани во РС Македонија, чија основна карактеристика е мултидисциплинарноста и континуитетот на знаењето.

5_resize

Тераса на хотел „Дрим“, Струга, 30.9.2021, коктел по свеченото отворање

На крај, треба да се истакне, дека покрај теоретскиот дел на Конгресот, успешно беше спроведен и практичниот дел, со стручна посета на браната со придружните објекти Конско, Гевгелија на 2.10.2021 година. На обиколките на објектите на преградниот профил, во фаза на градба, им претходеше презентација на браната со придружните објекти од изведувачот (СЕРКА, Турција) и надзорот (ГИМ, Скопје). Ја ползуваме оваа можност, во името на Здружението МКГБ да се заблагодариме на љубезните домаќини за професионалната презентација на хидројазелот Конско и организацијата на теренска посета, како и на сите фирми и институции (докажани пријатели на ЗМКГБ), кои со својата несебична финансиска поддршка помогнаа во реализацијата на Петтиот конгрес за брани.

Автор: проф. д-р Љупчо ПЕТКОВСКИ, Градежен факултет во Скопје, УКИМ

 

Испрати коментар

Scroll To Top