Насловна / Архитектура / Парадоксите на „малиот Париз“

Парадоксите на „малиот Париз“

Букурешт, познат уште како „малиот Париз“ или „Берлин на Ориентот“, е град со долга историја низ чија архитектура денес се испреплетуваат средновековјето преку Ориентот, згради во француски „Belle Époque“, робустната монументалност на советската ера, па сè до модерните облакодери од стакло и челик. Навидум, потсетува на многуте други главни градови зад т.н. „Железна завеса“, но сепак неговото комунистичко (диктаторско под власта на Чаушеску) минато драматично ја обликува неговата форма и дух кои ги познаваме денес, и тоа влијание е најизразено во споредба со кој било друг град од овој дел на Европа.

bukurest_06 Највпечатливиот објект, мета на туристите, е секако зградата на Парламентот или т.н. Палата на народите, за која, со оглед на димензиите и монументалноста, не Ви треба посебна мапа. Објектот се градел со децении голтајќи ги речиси сите ресурси на сиромашната земја, особено на т.н. розов мермер чии рудници биле практично опустошени и збришани од националната геолошка карта. И како парадокс, токму на балконот од сè уште недовршенатa палата, во 1989 година по својот неславен говор пред гневниот и сиромашен народ завршува владеењето, па и животот неколку дена подоцнa, на идејниот творец на ова здание и водач на комунистичка Романија.

bukurest_07

 

Зградата на Парламентот или т.н. Палата на народите

Без оглед на мегаломанијата, расипништвото и многуте контроверзии кои ја следеле изградбата на овој објект, денес многумина Романци се горди на фактот што тоа е вториот најголем административен објект во светот, веднаш зад Пентагон. Зградата и денес е во функција како седиште на Парламентот, но нејзиниот капацитет е одвај половично искористен, при што трошоците за греење, ладење и осветлување се огромни.

Во суштина, не само преку примерот со оваа зграда туку се добива впечаток како целиот град да е испреплетен со спротивставеност меѓу двата света – предвоениот град со своите раскошни симболи и мегаломанијата на комунистичката ера. И уште еден парадокс поврзан со мегаломанијата на комунистичките градби – огромни градилишта, рушење и дислоцирање на цели населби, наспроти долгите редици за основните животни намирници. Нема расправа ниту суд на јавноста за економските трошоци, орпавданоста на градбата, ниту пак за социјалниот и еколошкиот импакт.

bukurest_02

Триумфална капија

Триумфалната капија е сметена на другиот крај на авенијата што води до Палатата на народите (изградбата на оваа авенија според замислите на Чаушеску требало да биде копија на Шанзелизе), но и реплика на L’Etoile исто така. За прв пат Триумфална капија на истото место била изградена во 1878 година во знак на освојувањето на независноста на Романија, и била направена од дрво. Во 1936 година Триумфалната капија е во својот сегашен облик, а е проектирана од двајца еминентни романски архитекти. Висока е 27 метри со правоаголна основа 25 х 11,5 метри.

bukurest_08

Национален музеј на уметноста на Романија

Националниот музеј на уметноста на Романија е формиран во 1948 година и се наоѓа во некогашната Кралска палата на Плоштадот на Револуцијата во центарот на Букурешт. Оваа зграда била завршена во 1837 година. Содржи над 70 илјади експонати од средновековната и модерната романска уметност, како и збирката што некогаш била во сопственост на романското кралско семејство. Романија била монархија од 1881 до 1947 година.

bukurest_13

 „Kуќа на Eлена Чаушеску“

Во едно од најзафрлените места во центарот на градот, се наоѓа зградата на поранешната Куќа на науките и технологијата. Зградата е целосно напуштена полуизградена, полуруина опкружена со купишта шут и ѓубре низ кои крстарат кучиња скитници. По својот архитектонски стил не само што потсетува на Палатата на народите, туку се наоѓа во нејзина непосредна близина и биле поврзани со подземен тунел. Местото денес  има морничав повоен изглед, иако причината за таквиот изглед не е војна. Ова место, за жал, било центарот на Романската академија на науките за време на комунистичкиот режим, а ваквиот денешен пуст изглед е само продолжение на огромната духовна беда и полуписменост меѓу овие ѕидови во времето на диктатурата. Не случајно оваа зграда го добила и името „Kуќа на Eлена Чаушеску“, и тоа поради добра причина.

Бидејќи, по сè изгледа, уживањето во раскошот и моќта кои ги имала како сопруга на лидерот не ѝ биле доволни, некогашната текстилна работничка со неоформено средно образование посакала и моќ како научник, и тоа го остварила ни помалку ни повеќе туку со докторат по хемија. Бидејќи немалa основни познавања од хемијата, пред јавната одбрана на тезата се менува Законот со цел да ѝ се овозможи стекнување на титулата без притоа истата јавно да ја брани.

Веднаш потоа Законот повторно бил сменет во својата првобитн форма. Јавна тајна било дека зад изработката на тезата стоеле еминентни романски научници кои тоа морале да го сторат под притисок или уцена. Таа успеала во 1980 година да стане дури и претседател на Академијата, со што на оваа еминентна институција (основана во 1866 година) ѝ се прилепува епитетот „Академија на неписмените“. И покрај овој историски срам врз престижната институција, денес, веројатно, најголем доказ дека сепак се работи за нација која сериозно го цени образованието и духовниот развој е грандиозната книжарница на шест ката, сместена во објект од 19 век – Carturesti Carusel library.

bukurest_01Carturesti Carusel library

Денес седиштето на Академијата е на друга локација (Calea Victoriei – Авенија на Победата) неколку километри подалеку од руинираниот објект, во зграда која датира од 1890 година.

bukurest_04Calea Victoriei – Авенија на Победата 

Зградата на слободниот печат е еднинствената во Букурешт која сè уште ги има српот и чеканот како симбол. Во оваа зграда цели четири децении бил издаван весникот „Искра“ („Scânteia“). Уште во 1948 година новата власт донела одлука да изгради грандиозно здание – Зграда на печатот, за издавање и печатење на своето гласило. Првите проектни концепти биле отфрлени како „премногу космополитски“ или пак „премногу прозападни“.

bukurest_11

Зграда на слободниот печат

По консултации со експерти од Москва, усвоено е проектното решение кое е речиси идентично со зградата на Универзитетот Ломоносов во Москва, хотелот Украина во Москва и Палатата на културата во Варшава. Изградбата траела од 1950 до 1955 година, на местото на поранешен хиподром за коњски трки (популарен спорт во предвоена Романија) кој бил целосно разрушен. Децении подоцна зградата останува еден од симболите на Букурешт и се наоѓа на банкнота од 100 леи.  Денес зградата е седиште на бројни приватни медиуми.

 

Мора да се признае дека главниот град на една од најсиромашните земји во ЕУ се труди да воспостави одржлив јавен транспорт. Постоењето на метро линија како и бројните тролејбуски и трамвајски линии се потврда за тоа, иако општ е впечатокот дека недостасува подобра организација бидејќи јавниот транспорт е премногу бавен во споредба со која било европска метропола. За град со популација од безмалку два милиони, тоа е повеќе од неопходност. Од друга страна, пак, речиси неверојатна е атмосферата во недела наутро кога градот е обвиен со спокојството на некоја провинциска паланка, чија тишина е нарушена само од ретките автомобили.

bukurest_05Метро

Новото време носи нови идеи кои првенствено се рефлектираат низ архитектурата на градот. Барокот и неокласицизмот на некогашните фасади и балкони сведочат за едно минато време. Денес модернизмот го има главниот збор преку високите згради со стакло и челик. Можеби најинтересниот пример за тој рез меѓу историјата, сегашноста и иднината, е претставен со архитектонскиот концепт на објектот на Седиштето на романските архитекти. Објектот датира од 19 век, и до пред Првата светска војна бил седиште на австриската амбасада. Во текот на Револуцијата во 1989 година претрпува сериозни оштетувања и разрушувања бидејќи имало индиции дека претставува засолниште на бунтовниците. Конечно, во 2003 година над постоечките два ката од некогашната зграда од времето на француската ренесанса, се издига модерно здание од стакло и челик без никакви претензии за асимилација и претопување меѓу двата стилови, туку со јасна граница меѓу историското наследство и модерното време.

bukurest_03

Manuc’s Inn

За почитувањето на традицијата на градот, говори и амбиентот во најстариот хотел во градот кој сè уште работи – Manuc’s Inn.

bukurest_09

Сепак, како најистакнат претставник на модерната архитектура на 21 век се истакнува т.н. „City Gate Towers“, инвестиција вредна 100 милиони американски долари, составена од две кули од по 18 ката со административен простор од близу 50 илјади метри квадратни. Објектот е пуштен во употреба во 2010 година.

bukurest_10

City Gate Towers

Како репрезентативни примероци на модерната архитектура мора да се споменат и дел од бројните новоизградени деловни и комерцијални објекти како што се: Bucharest Tower CenterEuro TowerNusco TowerCathedral PlazaRin Grand HotelPremium PlazaBucharest Corporate CenterMillennium Business CenterPGV TowerCharles de Gaulle Plaza и Bucharest Financial Plaza. Мора особено да се истакне, дека и покрај финансиската атрактивност на локациите и бенефитот од одењето во височина, сепак романските архитекти избегнуваат да проектираат многу високи згради поради фктот што се работи за подрачје ранливо на земјотреси.

Токму последнава констатација може да послужи и како генерален заклучок и одговор на сите претходно опишани парадокси на градот. Конечно, и покрај сите премрежија, тиранија, кич и невкус, Букурешт успева да се извлече и да ја задржи нормалноста, за денес и натаму да предизвикува воздишки кај посетителите.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top