Насловна / Вести / Ова се осумте најопасни патишта на светот

Ова се осумте најопасни патишта на светот

Велат, патиштата се крвотокот меѓу државите па и во една држава. Без нив, нема комуникација, нема економија, нема успех. Но, кога се патува по безбедни патишта, тоа е можеби најголемото задоволство за секој возач, но често пати од објективни причини, инженерите и градителите не можеле да ги исполнат комплетно безбедносните мерки и услови. Таков е примерот со овие осум патишта кои според „Порта 3“ можат да се сметаат за најопасните во светот.

8-eshima-ohashi-japonija2

8.Ешима-Охаши пат Јапонија

Иако е долг пет километри, сепак постои една делница која поминува преку мост кој го прави патот Ешима-Охаши еден од најтешките на светот. Таа делница е само 1,2 километри, но поминува преку мост кој можеби е најопасниот, и најчуден за возење. На едната страна има искачување (нагиб) од 6,1 %, додека на спротивната страна има спуштање под агол од 5,1%. Тоа практично значи, без добри очи и сопирачки тешко дека ќе се помине овој дел од патот без да се удри во автомобилот пред себе или неконтролирано да се слета по него. Причината поради која патот оди низ вака есктремно лаково-зголемување е за да се овозможи непречено поминување на бродовите и чамците под него. Патот а и мостот ги поврзуваат градовите Матсуе и Сакаиминато во Јапонија.

7-stelvio-pat-italija-2 7-stelvio-pat-italija-3

7.Стелвио пас Италија

Лоциран во Италија, „Стелвио пас“ се смета за најопасниот пат со должина од 18 километри кои поминуваат како змија низ стрмен планиски предел. Патот има дури 48 остри свиоци од кои некои имаат дури и агол од 180 степени. Највисокиот дел на патот избива на височина од 9000 стапки или 2,7 километри и поминува низ источните Алпи. Ако не се внимава добро, лесно може да се случи на овие остри свиоци да се пробие бетонската ограда и да се излета од патот. Сообраќајницата е отворена само во периодот од јуни до септември, значи само 4 месеци, имајќи предвид дека со есента доаѓа и дождот а коловозот е влажен, што уште повеќе го зголемува ризикот од излетување. Затоа и возењето во зима се смета за потпишување на сигурна смртна казна кај возачите.

06-pasaz-de-gua-francija-3 06-pasaz-de-gua-francija-1 6.Пасаж де Гуа (Преминот Де Гуа) Франција

Овој пат во должина од 4,3 километри го поврзува копното со островот Нориматур во Фрнација на Атлантскиот брег. На почеток кога ќе го видите патот, ќе помислите и дека не е толку лош, но почекајте да дојде плимата па ќе видите што е суштината. Едноставно, половина од патот го голта океанот. Двапати во денот овој пат е под вода, така што може да се помине исклучиво ако налетате во време кога плимата сè уште не дошла. Ако почнала а вие веќе сте на патот, лесно може да ви се случи додека да дојдете до крајот, возилото да ви биде во вода до врата. Што се однесува до зимскиот период, лесно може да се случи да заглавите во мраз, а тоа значи лизгање и излетување од патот.

05-taroko-dzordz-tajvan-2 05-taroko-dzordz-tajvan-3

5.Тароко Џорџ – Тајван

Овој пат е дел од автопатот број 8 и се смета за најсмртоносниот пат во Тајван. Патот буквално е издлабен низ планината во еден вид на пештерски дупки за да има потпора и стабилност од самата планина. Од друга страна, самиот пат е стрмен а поројните дождови честопати предизвикуваат лизгање на земјиштето. Но тоа не е сè. Самиот пат има многу остри кривини од 90 степени кои се укажуваат ненадејно, па ако имате неприспособена брзина лесно може да излетате од патот. Тоа многу пати се случувало и било не толку опасно кога лево или десно имате блокада или рамен дел, отколку ако налетате на острите кривини во делови над клисурата, па имало случаи кога возилото буквално летало во реката од 15-ина метри височина.

04-halsema-filipini-2 04-halsema-filipini-1

4.Халсема автопат Филипини

Сместен на надморска височина од околу 2000 метри се смета за најризичен, посебно во март и април. Тоа е затоа што тешките дождови предизвикуваат лизгање на земјиштето во кое освен камења честопати се случува да се лизгаат и карпи тешки десетици тони, кои буквално кинат парчиња од патот како да се од лист хартија. Она што се јавува како предизвик за возење по овој пат е фантастичниот поглед кој се пружа кон долината. Но малкумина знаат дека на автопатот Халсема проблем е кога ќе се сретнат два автобуса, па заради нивната тежина комбинирано со ослабувањето на делници од патот, лесно може да се случи едиот да „потоне“ и да се стрмоглави стотина метри низ провалијата.

03-tijamen-kina-3

3.Тијанмен планиски пат – Кина

Овој пат можеби и треба да биде на врвот на листата, но се наоѓа некаде на средина, пред сè заради безбедносните мерки кои властите ги имат преземено. Патот е долг 11 километри, но од почетокот до крајот има искачување на нивото на самиот пат од неверојатни 1100 метри! Ова посебно доаѓа до израз за болните од срце, кои ја чувствуваат нивелацијата и промената на притсокот не само во главата туку и во градите. Второ, мошне важно е што патот нема класични заоблувања, туку остри свртувања кои, верувале или не, се вкупно 99 на број. Заради тие екстремни свиоци, се случува возачи кои  лесно притискаат на педалата за гас да направат судир или, иако се поставени тешки граничници долж целиот пат, се случува надгледување на околината и уживање во погледот да предизвика излетување од патот.

02-zoji-la-pas-indija-4

2.Зоџи Лапас Индија

Ова не може ниту да се нарече пат, со оглед на состојбата во која се наоѓа, но имајќи предвид дека нема друга сообраќајница која ги поврзува градовите Ладах и Кашмир во Индија, тогаш мора да се прифати фактот дека ова е пат, макар што нема асфалт. Патот е долг 9 километри и се простира 3,5 километри над нивото на морето, низ опасна стрмна планина. Временските прилики се најопасниот противник на возачите на овој пат, бидејќи како пречка може да бидат и силните ветрови и високиот снег исто како и одроните на гломазните карпи. При возење низ овој пат, на возачите им се препорачува да користат возила со погон на четири тркала, но дури и кога се тие во прашање, ретката кал може да биде кошмар и да заглавите со часови. Замислете што би се случило со возила на погон на само две тркала и тоа во периоди кога имате дебел снег или тенка кал. Но, не залажувајте се дека убавото време и сонце ќе ви го олеснат патувањето. Напротив, кривините и нивелацијата посебно при средба со тешки возила, можат да значат опасност по животот бидејќи патот нема заштитни браници, па лесно може да се случи при разминување да паднете во клисурата со малите одрони предзивикани од вас.

01-atlantaocenaroad-norveska-3

1.Атлантерхавсвеин Норвешка

Во превод, ова значи „Океанско-атлантски пат“ и се наоѓа на самиот брег на Норвешка. Низ туристичките магазини, пишува дека овој пат е нешто неверојатно за да се види или да се вози по него, заради убавината и изненадувањата што ги нуди, но од безбедносен аспкет, тешко дека може да се даде таков совет. Возењето по патот за време на немирно море е исто како играње по ивица на вулкан. Лесно може да се падне секој момент од десетина причини. Патот се простира низ неколку помали островчиња кои се поврзани токму благодарение на овој пат кој е во должина од над 6,5 километри. Значи, ако излетате заради лизгав коловоз, неминовно завршувате во океанот, а во зависност од делницата ќе зависи и висината од која ќе паднете. Уште поопасно е што високите бранови честопати се прелеваат или удираат на патот, што значи лесно може да се случи да бидете исфрлени од мост или од самиот пат, и директно да слетате во океанот или на карпи!

 

Испрати коментар

Scroll To Top