Насловна / Вести / Охрид во светлината на Конвенцијата за заштита на светско наследство

Охрид во светлината на Конвенцијата за заштита на светско наследство

КОНВЕНЦИЈАТА

Конвенцијата за заштита  на светското  културно и природно наследство (Париз 1972) е произлезена од две паралелни движења, едното за заштита на културно и другото за заштита на природно наследство, а иницијативата за нивно  поврзување потекна од Соединетите Американски Држави. Имено, на конференцијата  одржана  во 1965 година во Белата куќа во Вашингтон е донесен заклучок за потребата од формирање Труст за светско наследство, кој ќе ја „стимулира  интернационалната соработка во заштитата на врвните светски  природни живописни предели и историски места, за сегашноста и иднината  на граѓаните од целиот свет“.

20190724_140617-1

Ре-креиран Плаошник

Содржината на Конвенцијата во целост, но особено  ставовите два и три од преамбулата јасно го одразуваат духот на заедништво и споделување на заеднички вредности преточени во потребата од  заштита на секое поединечно природно и културно добро „затоа што  нивното пропаѓање или уништување претставува осиромашување на сите народи во светот“ (став два). Уште пред званичното донесување на Конвенцијата, особено со проектот за спасување на Абу Симбел[i] и  неговата успешна реализација, УНЕСКО демонстрираше спремност за спроведување на интернационални кампањи и   обезбедување стручна и финансиска помош, посебно  во услови  кога „заштитата на ова наследство на национално ниво често пати останува нецелосна, заради обемот на ресурсите кои му се потребни и заради недоволните  економски, научни и технолошки ресурси на државата во која се наоѓа доброто кое се заштитува“ (став три). Во оваа смисла, донесувањето на Конвенцијата е од исклучително значење, затоа што државите членки се обврзуваат да  го чуваат сопственото наследство, водејќи сметка дека тоа, наследството – морето, езерото, шумата, црквата или џамијата – иако на нивна територија, не им припаѓа само ним, туку на  човештвото во целина. Од друга страна, посебно од стручен, едукативен и финансиски аспект, Конвенцијата создава можности, грижата за заштита и конзервација  на наследството,  да се прошири и да  се пренесе  кон целиот свет, во оној момент кога  државата ќе оцени дека не може во целост и на адекватен начин да го заштити сопственото природно и културно наследство. Она што тука треба да се потенцира е фактот, дека барањето помош значи пред сè почитување и спроведување на одредбите од Конвенцијата и признавање дека  државата не може во целост и на соодветен  начин да обезбеди заштита на светското наследство кое се наоѓа на нејзина територија. Уште повеќе, барањето помош претставува  манифестација на свест, (без нарушување на суверенитетот) дека вредностите на светското наследство кое се наоѓа на нејзината територија  бара  споделување на  грижата и одговорноста за сопственото наследство со светот. Во еден поширок контекст ваквиот однос треба да се однесува и на останатите примероци на наследството чии вредности не се исклучителни, но ја прават целината на корпусот на вредности и ја овозможуваат нивната градација – највисоката категорија можете да ја утврдите само доколку ја имате најниската! Одовде не случајно во  втората глава – Национална и меѓународна заштита на културното и природното наследство, член 4: стои: „Секоја држава членка на оваа конвенција признава дека првенствено во нејзина должност спаѓа пронаоѓањето, заштитата, конзервирањето, популаризацијата и пренесувањето на идните генерации на културното и природното наследство што се наоѓа на нејзината територија“.

Untitled-1

Дислокација на храмот Абу Симбел

Членството во УНЕСКО претпоставува и постојан мониторинг кој подразбира дека за секој голем зафат од кој било вид, урбанистички, плански, просторен, туристички, развоен… државата е должна да го информира и да бара претходно мислење, да поднесува  периодични извештаи за состојбата на исклучителните вредности и да не презема никакви дејствија со кои овие вредности би биле загрозени или нарушени. Дополнително, со потпишувањето на Конвенцијата и другите меѓународни документи кои се поврзани со културното наследство, државата е под постојан мониторинг од сопствените граѓани  и  невладиниот сектор, од кои оваа светска организација очекува активно следење на состојбата и постојано информирање за секоја активност со која се загрозуваат исклучителните вредности на наследството. Затоа што статусот на светско природно и културно наследство се стекнува на барање на државата, во процедура за  номинација со јасно прецизирани вредносни критериуми  кои наследството треба да ги поседува, што значи на барање на државата и во постапка слична како постапката за членство во Европската Унија. Членството во кој било интернационален сојуз, претпоставува постапување во сè според препораките кои државата  се согласила / обврзала дека ќе ги почитува. Доколку државата не ги почитува процедурите и стандардите на кои се обврзала или доставува извештаи во кои лажно е претставена состојбата на наследството, УНЕСКО испраќа мисии и дава  препораки и насоки. Еднаш, два пати, три пати… и ако во дадените рокови државата не ги исполни препораките, а со тоа ги загрозува или трајно ги нарушува исклучителните вредности, во соодветна процедура наследството го впишува на  Листа на културно наследство во опасност како последна можност состојбата на наследството да се подобри и ризиците да се отстранат со експертска и финансиска помош. Ако државата и покрај експертската помош, повторно не ги спроведе во целост препораките, наследството го губи статусот, односно се брише од Листата на светско природно и културно наследство. Тоа се правилата кои во моментов се обврзале да ги почитуваат 31 држава со вкупно 39 добра впишани во Листата на интегрирано (мешано) културно и природно наследство. Меѓу нив е и Охридскиот Регион кој од јуни оваа година го споделуваме со Република Албанија.

2

Охридска улица – 1913 (Стари фотографии од Охрид)

ОХРИД

Регионот на Охридското Езеро, заради  неговите исклучителни вредности во 1979 година е впишан на Листата на светско природно наследство, а една година подоцна на Листата на светско културно  наследство. Статусот на светско културно наследство градот Охрид го стекна  врз основа  на критериумите (i): ремек-дело на човечкиот креативен гениј; (iii): поседува единствено или барем исклучително сведоштво за културната традиција на постоечка или исчезната цивилизација; (iv): извонреден/исклучителен пример за градење на архитектонски или технолошки комплекси или предели кои претставуваат важни етапи (или важна етапа) од човечката историја.

Спротивно на очекувањата на светската експертска јавност, во изминатите четириесет години државата целосно потфрли во заштитата на Охридскиот Регион со тоа што целосно го занемари фактот дека станува збор за светско наследство и дека грижата за неговата заштита треба да ја споделува со светот. Сосема спротивно на препораките, во еден подолг период, но особено во изминатите дваесеттина години со реализацијата на штетни проекти и активности во непосредната близина и директно на наследството, забрзано го трасираше патот за впишување на  Листата на  светско културно наследство во опасност. Обемот и штетноста на преземените активности и мерки во периодот 2006-2017 година  се заканија  не само со загрозување на исклучителните вредности, туку и на нивно трајно губење. Загрозувањето на културното наследство во целина, а посебно на Охридскиот Регион се случуваше пред очите на домашната и меѓународната стручна јавност. Противречно е тоа што државата преку стручните институции директно учествуваше во реализација на „проекти“ кои го загрозуваат наследството и токму таа, државата,  на сите нивоа, треба да ја понесе одговорноста за актуелната состојба во која се наоѓа Охрид. Одовде, иако очекуван, срамен е  молкот на надлежните  институции  кои спротивно на домашната и меѓународната правна регулатива  беа вклучени во директното  деградирање и уништување на  исклучителните вредности! Во ваква ситуација легитимно се поставува прашањето: Ако државата покажа таков немарен и крајно неодговорен однос кон Охрид кој е под постојан мониторинг на светската експертска јавност, тогаш што да се каже за останатото културно наследство кое никој во државата не го мониторира? Односот кон Охрид е срам за државата која во мирни услови  и во отсуство на природни катастрофи, го доведе во опасност и ризик за трајно губење на неговите исклучителни вредности кои се под „закана од уништување поради забрзано пропаѓање, (реализација на) проекти на големи јавни и приватни работи, брз урбан и туристички развој, уривање поради промени во користењето или поседот на земјиштето…“ Но не само тоа. Целото наследство вклучително и Охрид е во опасност и е загрозено со штетните одлуки од претходната влада кои со умисла го маргинализираа, ре-креираа и конвентираа… За жал, ваков вид на закана кон сопственото наследство  не е вграден во Конвенцијата, затоа што не ни можел да се предвиди од причини што историјата сведочи  само за уништување на  културно наследство на територии на други држави и за нив се применува Хашката конвенција. Во оваа смисла, нашиот пример е единствен од таков вид во светот и заслужува посебно внимание.

3

Ре-креирање на Плаошник

Во услови на промена на власта, а водејќи сметка за штетите направени на целото  културно наследство, предлогот на УНЕСКО за впишување на Охрид на Листата на светско наследство во опасност, државата требаше да го прифати и да побара помош. Истовремено, требаше да донесе одлука со која целото културно наследство ќе го прогласи во опасност и да преземе конкретни чекори за подобрување на неговата состојба. Бидејќи  Охрид е неделив од општата состојба, а одговорноста за културното наследство е на државата, само држава/власт која не го почитува сопственото наследство, носи штетни одлуки со кои го ре-креира (Плаошник, Самуилова тврдина, Музеј на вода); археолошките локалитети ги трансформира во градежни локации; ги уништува оригиналните примероци на охридската куќа и од нив прави факсимил[ii] подметнувајќи го како оригинал; дозволува и легализира дивоградби; носи одлуки за инфраструктурни  и туристички проекти кои директно го загрозуваат, претставувајќи се пред светот како власт на која светското наследство ѝ станува пречка за реализација на профитабилни проекти. Власт за која вредноста на наследството е помала од цената која  треба да ја плати за алтернативно решение  на пругата Струга – Прењас!

4

Куќата на Робевци во 1956 . (Извор НУ Завод за заштита на споменици и Музеј Охрид)

ТРГОВИЈА СО КУЛТУРНОТО И ПРИРОДНОТО НАСЛЕДСТВО

Културното наследство не може да се одвои од општеството или да се маргинализира, затоа што е негов конститутивен елемент. Така е затоа што духот на наследството го формира општествениот образ и го легитимира во светската заедница. Со маргинализација или негрижа, или пак  со посегнување/ставање барокна маска, ликот  полека но сигурно ги губи атрибутите, не е повеќе лик/образ, затоа што атрибутите се морална категорија. Тоа е почит кон создадените докажани вредности, припадност, верност, должност… но пред сè пат и иднина. Актуелната општествена состојба  укажува дека сме тргнале во небиднина  со маска без лик, лутајќи по беспаќе… Во небиднина во која културата и културното наследство се истуркани и ставени на маргините, препуштени на стихии, во кораб без котва… Во небиднина во која неодговорноста тргува со културното наследство, проценува добивка, пресметува цена за она што нема цена и со насилна експанзија потпомогната од новите технологии го нагрдува ликот граден низ милениуми. Според трговската логика  на неодговорноста, од културното наследство нема профит, туку само трошок!!! Оваа недостојна практика треба да се отфрли и осуди, затоа што, фаустовски кажано цената на духот е еднаква на смрт, бидејќи во наследството, традицијата, преданијата се вградени многу генерации пред нас и многу генерации по нас ќе го носат и пренесуваат… само во морална смисла, одговорноста е на секоја генерација, денешна и идна. УНЕСКО и целата меѓународна заедница ни помагаат затоа што нашето наследство е неделив дел од светското! А одговорноста и должноста се суштина на образот, негова заштита, никој друг не може да ни го чува, тоа е наша грижа и обврска во спротивно ќе навлечеме презир и ќе служиме како негативен пример.

5

Куќата на Робевци после „факсимилната реконструкција“ НУ Завод за заштита на споменици и Музеј Охрид

Заштитата на културното наследство е државен систем и одговорноста мора да се побара во институциите на системот – од Собранието, преку Владата, државните институции до локалната самоуправа. Не постои власт и институција која не е одговорна за состојбата, секоја во рамките на својата надлежност, но не во колективна смисла во која се скриени прекинатите алки на системот! Кои алки на системот се прекинати? Тоа треба да го открие власта/државата, јавно да посочи, да санкционира неодговорност и да ги започне промените.



[i] Со изградбата на  Асуанската  брана било предвидено  поплавување на  познатата долина на храмовите, вклучително и на храмот Абу Симбел изграден од  фараонот  Рамзес II (1290-1223 г. пр.н.ера), кој проучувачите го нарекуваат  скапоцен трезор на египетската цивилизација. После еден повик од владите на Египет и Судан во 1959 година,  УНЕСКО покрена интернационална кампања за спасување во која беа собрани 80.000.000 долари, донирани од 50 држави во светот. Овие средства овозможија доистражување на археолошките локалитети во долината на кралевите, демонтажа, дислокација и повторно составување на храмот Абу Симбел на ново безбедно место  над вештачкото езеро. Во овој прв и несомнено најсложен и обемен процес учествуваа вкупно 20 000 врвни експерти: египтолози, конзерватори-реставратори и друг помошен кадар од целиот свет. Спасувањето на храмот и реализацијата на едно од можните три  понудени решенија, траело 10 години и  претставува пример за споделена  свест и грижа за исклучителните вредности на светското културно наследство. Од  етичко-вредносен аспект дислокацијата претставува крајно проблематична и штетна постапка која треба да се избегнува, (освен во исклучителни случаи), бидејќи самото место кое е одбрано за градба суштински го одредува неговото значење кое е целосно само на таа локација а се намалува на друга. Во  наметнатите услови УНЕСКО успешно се справи со овој проблем, но останува горчливото чувство дека актуелната власт при носењето на одлука за изградба на Асуанската брана, поведена пред сè од придобивките на технолошките достигнувања, немала доволно слух за вредностите кои ги жртвува.

[ii] НУ- Завод за заштита на споменици на културата и Музеј Охрид кој ја воведе „факсимилната реконструкција“ за куќата на Робевци  како оправдание на злосторство  посочува: ,,Куќата на Робевци е ревитализирана и обновена со современи материјали, се спрема снимена и фотодокументација, бидејќи бондручната конструкција на ваков голем објект било невозможно да се конзервира и сочува изворно, при што е користена методата на анастилоза (вградување на изворни елементи), со што објектот ги задржал споменичните својства. ,,(Студија за интегрирана заштита на старото градско јадро (предлог-план)“ Охрид 2016, стр. 35. Настрана неадекватната примена на поимот анастилоза, замислете и со храмот Абу Симбел да беше применета истата постапка  како  со куќата на Робевци? И двата примери припаѓаат на категоријата Светско културно наследство!!!

Автор: д-р Донка БАРЏИЕВА-ТРАЈКОВСКА, историчар на уметност

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top