Насловна / Урбанизам / Традиционалните градови наспроти современите мегаструктури

Традиционалните градови наспроти современите мегаструктури

tradicionalni_gradovi.jpgГолемината на традиционалните градови за разлика од современите дефрагментирани мегаградови е човекомерна, така што градот има јасен фигурален карактер, и оддалеку целиот град со неговите поединечни делови го гледате наеднаш. Идентификацијата со него е неминовна. Секоја куќа си го добива своето место во тој вековен асамблаж.

Да се најдеш во срцето на еден стар град, во град кој се создавал со векови, постепено, капка по капка, човек по човек, живот по живот, спомен по спомен, значи да се најдеш во еден кондензиран свет не многу различен од природните и сложените микро и макро светови. За разлика од современите градови каде царуваат моторните возила, а обликот и големината на улиците се покоруваат на нивното движење, во традиционалниот град се е подредено на човекот.
 
Градот е антропоморфен. Тој со векови, милениуми, се создавал постепено, сукцесивно, исто како дијамантот, специјално за човекот и од човекот. Во современиот урбанизам, пак, нештата настануваат инстантно, одеднаш, низ истоветни и ограничувачки обрасци. Старите градови се совршен учител за урбанистите и архитектите, бидејќи во нив е вткаена милениумска традиција која постепено се усовршувала и приспособувала на потребите на луѓето. Нивната структура воодушевува како што воодушевува фракталната структура на листот или која било друга органска творба, ставена и видена под микроскоп. Македонските градови настанувале на ридови и тоа од повеќе причини. 

tradicionalni_gradovi_1.jpg

Прво, конфигурацијата на ридот овозможувала владеење и увид на целиот простор наоколу, впивајќи го во себе, овозможувајќи истовремено поголем контакт со неговата околина, воздухот и сонцето. Второ, економично постигнување на поголема густина и трето, во рамнината не се градело со цел обезбедување плодна земја, а населувањето настанувало на најблиското возвишение. Големината на традиционалните градови за разлика од современите дефрагментирани мегаградови е човекомерна. Идентификацијата со него е неминовна. Секоја куќа си го добива своето место во тој вековен асамблаж. Влегувањето и движењето низ еден стар град во вистинска смисла на зборот подразбира влегување во внатрешен простор, многу слично со чувството на влегувањето во својот сопствен дом, каде што одеднаш паѓаат сите психолошки бариери. Ваквото искусување на градот уште еднаш се должи на неговиот човекомерен карактер и начинот на кој се обликувани и материјализирани улиците.
 
Фронтот на улиците се движи околу 5 метри што соодветствува на големината на една соба. Додека се разгледува попречниот профил на улицата, исто така ќе се заклучи дека таа претставува повеќе затворен, отколку отворен простор. Тоа се должи на постепено еркерно испуштање на катовите од куќите што заедно со своите фасадни површини со органските текстури и камена подлога го завиткуваат минувачот. За разлика од современите градови каде човекот се губи во улиците изградени од вештачки материјали, во традиционалните градови органските природни материјали, со различни и неповторливи текстури секогаш ќе создаваат пријатни чувства, па дури ќе повикуваат на директен контакт со нив (на пр. плоштадот Кампо во Сиена што е поплочен со тула и денеска луѓето седат и лежат на подот).

Дисконтинуитет во развитокот на традиционалните македонски градови и нивната архитектура

Во последните неколку децении новите архитектонски интервенции во традиционалните средини многу отскокнуваат по начинот на организација, употребените материјали и конструктивната логика, воопшто непочитувајки го својот контекст, а уште помалку принципите врз кои се развивала традиционалната македонска куќа. Од друга страна, непочитувајќи го идентитетот на автентично просторното конфигурирање на традиционалниот град како и етичките правила што постоеле во минатото. 

tradicionalni_gradovi_2.jpg

 
Во последно време се појавија тенденции, дури и законски прописи во традиционалните средини каде се насочува внимание само на надворешниот изглед на новите објекти, така што тие би потсетувале на старите куќи. Дури и овој чекор или услов во дизајнирањето на објектите е подобар во однос на целосно игнорирачките апсолутистички објекти. Но, сепак тој претставува лажен пристап, кој се граничи со кич, имитација, формализација. Во ова напредно доба, не можеме да си дозволиме површен пристап, во овие историски јадра кои се создавале со векови, во кои се вткаени високи вредности. Не може по секоја цена да се појави еркер, тој не служи само за декорација. Еркерот во минатото се појавувал поради точно одредени причини, на соодветно место, на соодветен начин, да ја зголеми станбената површина на катот, да го исправи неправилниот простор, да се добијат нови ориентации во куќите наредени во низа. Новите интервенции треба да се базираат на подлабоки приципи кои во целост ја одразуваат просторната конфигурација, материјализација и конструктивна логика на традиционалната македонска архитектура која научно е проучена и систематизирана во соодветните установи.

Заштита и развиток на традиционалните градови како културно наследство и цивилизациска придобивка од прв ред

Појавата на цивилизацијата се поистоветува со појавата на градовите. Бидејќи градовите претставуваат огромна цивилизациска придобивка, културно и градителско наследство, нивната зштита или нивниот развиток е од големо значење. Постојат повеќе начини како да се зачуваат тие трајни надвременски цивилизациски придобивки и вредности, меѓу кои се издвојуваат две постапки. Првата е постапката на замрзнување на постоечките традиционални градови: реставрација, реновација, реконструкција на стари градби, адаптација и пренамена. Оваа постапка подразбира автентично зачувување на структурата на старите градови онаква каква што е, доколку до тој момент во голема мера не е нарушен историскиот и автентичен карактер на градот (случај со повеќе историски градови во Италија, на пример Сиена). 

tradicionalni_gradovi_3.jpg

Втората постапка е следење на континуитетот во развитокот на традиционалните градови. Оваа постапка подразбира континуитет во развитокот на традиционалните градови реализиран преку современи методи, почитувајќи ги принципите на просторно организирање, веќе постоечкиот идентитет, начини на конфигурирање, етички правила, трансформација реинтерпретирана на современиот јазик на архитектурата, користејќи ги достигнувањата во науката, филозофијата и архитектурата.
 
Овој пристап подразбира примена на технолошките достигнувања, современ пристап во организирање на просторот, земајќи ги предвид изменетите општествени и социјални услови како и промената на структурата на семејството. Традиционалните градови, а особено традиционалната македонска архитектура се базираат врз принципи кои можат да се доведат дури до научно ниво поради нивниот егзактен карактер. Традиционалната македонска куќа се заснова на такви принципи и концепти на просторно организирање што речиси се израмнува со принципите на Модерната во 20-тите години на 20 век кои ги воспостави Ле Корбизје. Допирните точки помеѓу традиционалната македонска куќа и современата архитектура честопати се разгледувани во науката и се потврдувани преку опипливи докази.
 
Неминовни принципи или начини на организирање на просторот, кои се заеднички за двете, би биле следниве: слободен план, просторен пат, двоетажни простори, мултифункционални единици и др.
 
Слободниот план подразбира дека секое ниво има различна организација на планот независно од другите. Во традиционалната македонска куќа тоа е постигнато со помош на масивното камено приземје и флексибилните и лесните катови од дрвена скелетна конструкција кои го менуваат својот облик и начин на организација на просторот. Просторниот пат без сомнение е истовремено присутен во македонската куќа и објектите на Ле Корбизје како и современата архитектура денес, подразбира просторно поврзување на флексибилната организација во една целина со помош на скалите што го менуваат своето место, правец и облик овозможувајќи му на човекот просторно искуство и целовито осознавање на просторот во кој живее.
 
Двоетажните простори многу често се употребувани во традиционалната македонска архитектура, иако тие имаат чисто квалитативен карактер. Во средини како што е Охрид, каде градот имал ограничен урбан раст со помош на градскиот ѕид, каде густината постепено се зголемувала, каде парцелите се сведувале на минимум, каде употребната станбена површина е од огромно значење, напротив се јавуваат двовисински простори. Улогата на двовисинските простори најверојатно се состои во зголемена аерација, просторно поврзување на различните нивоа, зголемено осветлување на просторот и др. Чардак – мултифункционална единица која истовремено претставува дневен престој, исхрана, спиење, работа, комуникација или преоден простор – јадро на куќата. Специфичните особености се изразени преку просторната организација и употребените материјали и конструкции: масивното носиво камено приземје и лесните флексибилни катови изведени од дрвена бондручна конструкција овозможуваат променливост во организацијата на секое ниво – слободен план, како и просторно движење со помош на скалите што постојано го менуваат своето место во планот, се прекршуваат менувајќи го својот правец и облик овозможувајќи совршено просторно совладување на просторот – просторен пат.

Поука од минатото

Горенаведените елементи и принципи на просторно организирање поради нивниот егзактен карактер можат да се земат како основа при креирање на таканаречен Специјален детален урбанистички план за традиционални средини, притоа почитувајќи ги конструктивната логика, начинот на конфигурирање на градот, веќе постоечкиот идентитет, етичките правила кои некогаш постоеле и биле референтни за конкретната традиционална средина. ( Во минатото во одредени средини во Македонија доколку некој одлучил да ја продава својата куќа, постоело непишано правило тој најпрво да му ја понуди на својот најблизок сосед. Доколку тој не сакал да ја купи тогаш соптвеникот ја продавал на друг човек само под согласност на неговиот сосед. Сето ова може да се регулира со закон во идниот план.) 

tradicionalni_gradovi_4.jpg

Во науката традиционалните македонски градови и архитектура се доволно проучени и систематизирани, така што тие истовремено имаат и свои особености и специфичности за секој поединечен град како и свој заеднички именител.
Од друга страна, пак, допирните точки и заедничките принципи на организирање на просторот, современата архитектура придонесува традиционалната македонска архитектура да се реинтерпретира на современ јазик, користејќи соодветни материјали и конструкции. На пример, конструктивната логика на масивно камено приземје и лесен флексибилен дрвен скелетен кат може да се реинтерпретира на современ јазик преку употреба на бетон за приземјeто и флексибилна скелетна метална конструкција за катовите, а сето тоа да биде регулирано со закон.

tradicionalni_gradovi_5.jpg


Јордан ТАСЕВСКИ,
дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top