Насловна / Архитектура / Од земјотресот наваму

Од земјотресот наваму

Во нашата колективна меморија, а особено онаа на скопјани, датумот 26.7.1963 г., останува врежан еве веќе нецели шест децении. Извесно е дека ќе остане и кај идните генерации во наредните векови. Самиот земјотрес не е во рангот на најсилните кои ги знае човештвото, ниту пак во рангот на најсмртоносните, но го остави градот во руини. Дополнителна причина за неговото паметење ќе остане реакцијата на тогашната држава и тогашното општество непосредно по земјотресот, но и поради солидарноста на тогаш длабоко поделениот свет кој се обединува во хуманата мисија за Скопје. Датумот е капитално значаен поради тоа што е своевиден пресек, пресек на времето „пред“, и времето „потоа“. За современо Скопје, земјотресот е временско мерило на начин какво што за христијанството е раѓањето на Исус Христос. И токму затоа изразите „постземјотресно Скопје“ и „предземјотресно Скопје“, кажуваат доволно за значењето на тој настан.

izlozba za zemjotres vo gradski muzej _09_resize
По него, разурнатото Скопје стана обединувачко место на двата длабоко поделени политички блока – Западниот и Источниот блок – спонтано обединети во солидарна идеја да помогнат во изградбата на градот. И – градот бил изграден и релативно брзо заживеал после катаклизмата. Се правеле планови, проекти, времени и постојани населби, се пробивале улици, се воспоставувале пунктови за помош од секаков вид. И не ми е намерата во овој текст да ги елаборирам плановите и проектите на Танге, Мишчевиќ, Венцлер, Циборовски и другите, ниту улогата на нашите Пота и Галиќ, ниту пак одлучниот одговор во целост на тогашното општество -  ценам дека тие теми се веќе широко познати на читателите, а верувам и дека повторно ќе бидат од некого кажани и напишани и по повод годинешниот јубилеј од земјотресот. Би сакал во овој текст да направам обид за извесно резиме на преодот од старата скопска ера кон новата, како и на патот по кој тргна Скопје сметано од земјотресот наваму.

Album 1_Page_03_resize

Непосредно пред потресот

Тоа утро, на 26 јули 1963 г., Скопје бил во својата 15-та година од Генералниот регулационен план на Чехословакот Лудјек Кубеш од 1948 г., со кој практично бил завршен континуитетот на радијален тип на град наметнат со плановите на Леко и Михаиловиќ. Со таквата радијална типологија на претходно носените планови, најлесно можело да се изведе своевидна регулација на векови наназад неплански таложеното градско ткиво. Кубеш решава да направи пресек на таквиот континуитет и да го трансформира Скопје во линеарен тип на град, да го издолжи по оската запад -исток со нови населби, притоа пробувајќи новата линеарна концепција да ја приспособи на старата радијална, на начин што таа го впива веќе изграденото централно градско јадро во рамките на денешниот Голем ринг. Ваквиот поствоен план на Кубеш, бил во чекор со модерните трендови во тоа време, но со него практично почнува интензивниот раст на Скопје, кое токму во овие 15-тина години го дуплира населението, и на пописот од 1961 г. градското подрачје на Скопје има речиси 200 000 жители, за разлика од првиот поствоен попис од 1948 г., кога градот едвај и да ја преминува границата од 100 000 жители. Секако, ова се должи и на забрзаната индустријализација насекаде во светот, поради што се зголемуваат миграционите движења во правец село – град, со кои тогаш растат и другите градови во Македонија за сметка на дел од селата.

urb_plan_resize

а) План од 1914 г.; b) блоковски структури на централното градско подрачје, план Димитрије Леко, 1914 г.,

с) Јосиф Михаиловиќ, план 1929 г.

Album 1_Page_02_resize

Шанса за градот

Како и да е, тоа јулско утро скопските жители го дочекуваат земјотресот во домови претежно градени без асеизмичка пресметка. Резултатот е десетици илјади жители без кров над глава и за жал, 1 070 починати, како и рушење на поголемиот број од јавните објекти во градот. Иако звучи неблагодарно и непристојно, ваквата катаклизма и обемот на рушените објекти, како и оние кое морале да се срушат поради степенот на оштетеност, му дала шанса на Скопје која ретко кој современ град ја имал добиено по завршувањето на Втората светска војна.

izlozba za zemjotres vo gradski muzej _10_resize

izlozba za zemjotres vo gradski muzej _19_resize

Тоа било шанса да се рехабилитира градот во секоја смисла и да се испланира речиси од нула. Југославија, сфаќајќи го обемот на катастрофата, побарала помош од Организацијата на обединетите нации. Така, под покровителство на ООН, регионот на Скопје добил нов регулационен план изработен од тим на домашни и странски експерти водени од полскиот архитект Адолф Циборовски, како и урбанистички план за централното градско подрачје изработен под водство на Кензо Танге. Градот се обновил, биле поставени насоки за иден развој, и генерално била задржана линеарната концепција на Кубеш, но како што подоцна ќе оцени Љубе Пота, цитирам: „со Генералниот регулационен (ГР) план е предвидено Скопје да се шири како ладало и да се развива во три можни насоки: кон север, запад и кон исток“ Кубешовата линеарна концепција е „појачана“ и со развој на север, со што плански се третира и историското јадро на градот.

kenzo_resize

планот на Кензо Танге

Скопје станал своевидна лабораторија во која биле тестирани најновите урбанистички и архитектонски парадигми на доцниот модернизам, но и преиспитувани одредени премиси на функционализмот. Планот на Танге, футуристички каков што е, е до толку амбициозен и храбар, не само во урбанистичка, архитектонска и естетска смисла, туку и во политичка, но и во економска смисла. Последната, веројатно ќе потврди дека планот е сепак една утопистичка визија која практично и не можела да биде во целост реализирана во констелацијата во која тогаш се наоѓало Скопје. За волја на вистината, ниту денес тешко дека во одреден историски град во светот може да се реализира таква утопистичка визија.

kenzo2_resize

планот на кензо танге (паркингот кај Холидеј Ин)

Но, самиот нејзин утопистички карактер, практично ја подигнал „лествицата“ на креативноста на сите оние кои во наредните деценија-две ќе ги создадат белезите на постземјотресно Скопје: ГТЦ, МАНУ, МОБ, Телекомуникацискиот центар и Главната пошта, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Ансамблот Банки (НБРМ), МСУ, Ректоратот на УКИМ, Архивот на град Скопје, МТВ, Зградата на управата (денес објектот на Владата), ОУ „Песталоци“ итн.

пос_resize

4H5A7358_resize

Со ова секако не мислам да ги оспорам личните квалитети на Константиновски, Чипан, полските „Тигри“, Биро 77, Константинов, Мушич и другите (кој сум јас, нели!), туку да потенцирам дека сите тие домашни и странски врвни архитекти, можеби токму поради утопизмот на мастер-планот на Танге, добиле поттик и прилика да го „истурат“ своето знаење, умешност, остроумност и квалитет токму во Скопје, и тоа во релативно тесен временски интервал од 15-тина години. Ретко кој град, ретко кој план, создава таков фронт за слободна работа и креација, растоварена од бирократски и политички сугестии и опструкции каков што фронт се отворил во Скопје во годините по земјотресот.

IMG_4190_resize

IMG_4203_resize

Во регионална смисла пак, фасцинантна е забелешката на Циборовски лично, кој го посетил Скопје во 1985 г., две децении по носењето на неговиот ГРП, а две години пред неговата смрт. Во таа прилика, ќе забележи дека е воодушевен од степенот на реализација на неговиот регионален план. Имено, праксата велела дека ретко кој план се остварувал барем 50 %, и оттука, и тој самиот не очекувал дека неговиот план од 1965 г. ќе биде реализиран со нешто поголем процент од тоа, но останал воодушевен дваесет години подоцна, бидејќи оценил дека процентот на извршување во Скопје е околу 90 %. Тогаш потенцирал дека Скопје е единствен случај, случај што треба да се проучува во корист на сите теории за физичкото планирање, во корист на науката. Сепак, посочува дека 20-тина години по земјотресот, Скопје пораснало на повеќе од половина милион жители, во споредба со планираните 390 000, што секако не било добро од аспект на рамномерниот развој на Републиката.

KIR_0001_resize

Сето ова е пренесено во публикацијата „50 години од земјотресот во Скопје“, а како извор е посочено списанието „А“ за култура на просторот, јуни 1985 г. Лично ме интересира што би рекол Циборовски денес, 2021 г., за концентрацијата на население во Скопје на сметка на остатокот од Македонија? Меѓутоа, мора да се забележи дека констатацијата на Циборовски веројатно се однесува за физичката реализација на инфраструктурните аспекти од Планот како регулацијата на коритото на Вардар, пробивањето на дел од булеварите, изградбата на водоводот од Рашче, изградбата на топлификационен и разводен електросистем и друго.

manu_resize

Години подоцна, општата констатација на дел од критичарите, особено во годините околу осамостојувањето е дека Планот сепак не се реализирал во неговите стратешки цели кои меѓу другото би подразбирале и градење или надградба на градскиот идентитет. Силно е присутен впечатокот дека со неконтролираното доселување во Скопје во краток временски период, не се оставило прилика градот да стекне сопствен современ имиџ; се градело несразмерно, нерационално, несинхронизирано, сегрегирано; времените населби станале трајни; повеќето од големите јавни пространства останале нетретирани, запуштени, односно се претвориле во т.н. урбани празнини.

IMG_4195_resize

Од независноста наваму

Со такви впечатоци Скопје ја дочекува независноста на Република Македонија. Независноста која најпрво носи една неизвесност во планирањето и неизвесност за начинот на којшто новиот политички систем ќе се однесува кон јавниот простор како еден ресурс кој во социјализмот бил земан „за готово“ и како простор кој не може да биде пренаменет, особено просторите зацртани да останат неизградени. За жал, деценија по независноста, таквата неизвесност станува јасна извесност: јавниот простор, урбаните празнини, старите куќи во центарот и напуштените фабрики стануваат инкубатор за правење профит на приватните капиталисти, кои незауздани од механизмите на државата, практично стануваат главни планери на урбаното ткиво, градејќи нови и нови станови со што Скопје се пренаселува, инфраструктурата се преоптоварува, се намалува зеленилото, дистанците, се зголемува загадувањето и просечната температура на воздухот, а неповратно се наштетува на регионалниот рамномерен развој на државата.

Screenshot 2021-07-20 123415_resize Screenshot 2021-07-20 123524_resize

Парадоксално, аномалиите детектирани со анализите работени за потребите на (од сегашна перспектива дискутабилниот) ДУП „Мал Ринг“ од 1997 г., на Мирослав Грчев, Влатко П. Коробар и Мирјана Пенчиќ, кои зборувале дека во средината на 90-тите центарот на градот изобилувал со неповолни урбанистички параметри какви што биле недоволниот процент на изграденост, малиот индекс на искористеност на земјиштето, нерамномерната изграденост на центарот, недооформеноста на основните потези, оски и простори, се до толку променети што денес, 25 години подоцна, веќе можеме да зборуваме за преизграденост, пренаселеност, а основните потези, оски и градски силуети не само што не се недооформени, туку се нападно оформени, без некоја посебна естетска, урбанистичка и хумана смисла. Таканаречениот проект „Скопје 2014“ одигра голема улога во тоа, иако и без него патот по кој во урбанистичка смисла тргна Скопје во новиот милениум беше далеку од среќен. Поразително е што не се почитуваат ниту безбедносните насоки од 1965 г., за забрането градење во појасот од 600 метри околу реката Вардар поради сеизмичката активност, како и насоките за оставање на т.н. зелени џебови издолжени по оската север – југ за да се овозможи струење на воздухот од Вардар кон Водно и обратно.

Каде е Скопје денеска?

Денес на Скопје може да се гледа како на една голема недоречност во која ваму, таму или онаму може да се забележи дека нешто некогаш е коректно испланирано, но останало недореализирано. На местото на недореализираното дошло нешто друго – несреќно планирано, па се налепило трето – непланирано, а слетува четврто – вонземјанско. Затоа Скопје стана една мачна мешавина од стилови, правци, окупирани јавни простори, автоцентрични сообраќајни решенија, исечени дрвореди, бекатонирани или асфалтирани некогашни зелени појаси и за жал, стана град на деградирани градски симболи кои го носеа идентитетот (каков-таков) на градот по земјотресот, и мораа да го носат уште долги децении, но не успеавме да ги зачуваме од деградација, камоли да ги надградиме.

IMG_0210_resize

Фасцинантна е и леснотијата со која се дозволи градот во последните три децении да порасне до таа мера што постоечката мрежа од сообраќајници не би функционирала ни со половина од сегашното население. За волја на вистината, се пробиваа и прошируваа одредени булевари последниве 15-тина години, но таквите инфраструктурни зафати се правеа, или се прават од крајна нужда, доцнат добри 40-тина години, кога во светот било „ин“ да се пробиваат и шират улици и булевари за автомобили и секако, не се дел од некоја сеопфатна визија за иднината на градот. Таква сеопфатна издржана визија, за жал не гледаме. Градот се развива по инерција: плановите, вклучително и генералните, се носат колку за да се донесат, и не носат развој на градот. Носат исклучиво раст на население, профит за нарачателите на плановите, а нуспојава од таквото планирање на Скопје и преголемата негова отвореност за нови жители е умирање на остатокот од државата. Борис Чипан, во интервју за Порта 3 во 2008 г., зборувајќи за концентрацијата на население во Скопје, ќе рече дека „само во примитивните средини сè се концентрира во еден град.“

IMG_0275_resize

Како понатаму?

Ако еден Живко Поповски, во 2004 г., за весникот „Дневник“ ќе изјави дека Скопје е промашен град, што да речеме сега, откако во меѓувреме се изгради „Скопје 2014“; откако во меѓувреме Стар Аеродром, Кисела Вода, Панорама, Ново Лисиче, Аеродром, Расадник, Чаир итн., од населби школски урбанизирани, или населби со едносемејни куќи, или со подрачја на обични голи полјани, прераснаа во населби со повеќекатници; откако се исекоа дрворедите на „Илинденска“, „Климент Охридски“, „Гологанов“; откако се запуши Карпош со изградбата на „Сити Мол“; откако се гради кај Старата железничка, некогашната „Алумина“, а има најави за градење кај поранешната „Треска“, паркингот пред „Холидеј Ин“? Ако тогаш, во 2004 г., без сите промашувања последниве 17 години, Поповски ќе рече дека на Скопје му е потребен голем напор за да заздрави, што да се рече сега?

sk_resize

Седумнаесет години старата констатација дека Скопје е промашен град сега е посилна од кога било. Лично ценам дека Скопје веќе и да нема шанси за радикални промени на подобро во блиска иднина. Мали, бебешки чекори кон подобро гледам во менување на навиките за возење автомобил, промовирање на велосипедскиот сообраќај, зачувување на постоечкото зеленило, стопирање на градбите кои се најавени, но сè уште не се изградени. И нормално, без ослободување окупирани простори, или непопуларното „рушење“, не гледам друго чаре. Потребен би бил светски тим од планери, воден од ООН, за да му го најде чарето на градот без рушење. Но, лично не сум оптимист и по тоа прашање – сепак би се работело за тим од урбанисти, а не за тим од магионичари.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Album 1_Page_14_resize

izlozba za zemjotres vo gradski muzej _05_resize izlozba za zemjotres vo gradski muzej _06_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top