Насловна / Интервју / Факултетот продолжува со својата мисија

Факултетот продолжува со својата мисија

fakultetot-so-svojata-misija-thumb.jpgПовод за овој разговор со деканот на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Милорад Јовановски, на почетокот на 2012 година, се тековните прилики на Градежниот факултет, плановите и измените што се однесуваат на развојот на оваа значајна образовна институција, докторските студии, регионалната соработка, усвојувањето на Еврокодовите, Комората на овластени архитекти и инженери…

 
Професоре Јовановски, во последните 15 години беше очигледен намалениот интерес за запишување на Градежниот факултет. Од друга страна, на последниот упис се зголеми бројот на заинтересирани за студирање на факултетот. Според вас, на што се должи ова?

Точно е дека во подолг период имаше значително намален интерес за студирање на Градежниот факултет. Генерално, оваа состојба важеше за поголем дел од техничките факултети. Имено, во периодот од последните петнаесетина години, на Градежен факултет се запишуваа од 90-150 студенти. Причините за тоа се од различен карактер. Оваа состојба започна со општите кризни состојби кои настанаа со распаѓањето на поранешна Југославија, губење на некои од традиционалните пазари во странство и слично. Во одреден период и во нашата земја недостасуваа капитални инвестиции. Ова само по себе наметна и проблеми кај нашите најголеми тогашни градежни компании, каде полека почна да се осипува кадарот, што се рефлектира и на интересот за студирање. 

fakultetot-so-svojata-misija-2.jpg

Други причини може да се бараат и во општата тенденција за намалување на интересот за студирање на технички науки, не само кај нас туку и на ниво на Европска унија, отворањето на нови приватни факултети каде се сметаше дека полесно ќе се дојде до диплома за високо образование и друго. После оваа фаза која траеше релативно долго, последните две години се почувствува значајно зголемување на интересот за студирање на факултетот. За илустрација, во последнава учебна 2011/2012 година, на Факултетот се запишаа на прва година вкупно 254 студенти, што е за околу 3 пати повеќе споредено со претходните четири години. Ова се должи на повеќе фактори. На пример, се отворија поголем број приватни фирми со дејност од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката, започна проектирање на голем број значајни инфраструктурни објекти, како и изведба на повеќе објекти. Кај поголемите градежни фирми, исто така, се почуствува недостаток на кадар поради јазот што се појави во минатите дваесетина години. Веројатно влијание има и фактот што со Законот за градба на некој начин се регулира дејноста преку издавањето на Лиценци и Овластувања за градежништво, потоа со Законот за легализација на дивоградбите се наметна потреба од геодетски мерења кај сите објекти и друго. Ова треба да не радува и нас како Факултет, но и државата. Треба да се води осмислена и избалансирана кадровска политика, со цел долгорочно да не се створи и хиперпродукција на кадар, иако во моментот скоро и да не постои невработен градежен, геодетски или геотехнички инженер.

Колку поранешната состојба се одрази врз развојот на професорскиот кадар и наставата?
Условите што владееја во градежништвото, како и сите други општи состојби, во минатиот период влијаеја и врз екипираноста на факултетот со професорски, соработнички и администативно технички кадар. Имено, бројот на вработени во минатите 15 години опадна од над 130 на околу 80 редовно вработени лица. Посебно негативно се одразија рестриктивните услови за примање на соработнички кадар во периодот 1998 – 2005 година, што имаше свој одраз врз навремено формирање на подмладок. Сепак, вработените на Факултетот, соочувајќи се со голем број тековни проблеми, во ниеден момент не дозволија да опадне квалитетот на наставата, што без разлика на бројот на студенти и вработени се одржа на високо ниво.

Кажете ни нешто повеќе за новите лаборатории што ги добивте минатата година?
Тука можеме да ја изразиме благодарноста кон Владата на Република Македонија која во рамките на проектот "Проект 2010 
- Опремување на лаборатории за научно истражувачка и апликативна дејност", на Градежниот факултет во прва фаза донира две лаборатории.Се работи за лабораториите за санитарна хидротехника и за геотехника Лабораторијата за санитарната хидротехника ќе се искористи за анализи на квалитетот и количината на површинските и подземните води, вршење мониторинг на потисните цевководи, пумпните станици, континуирани мерења на терен на протокот и квалитетот на отпадните води во канализационите системи и друго. Во склоп на опремата постојат и рачни мерачи со кои на брз и едноставен начин на самото место може да се анализираат матноста на водата, хемиската потрошувачка на кислород, биолошката потрошувачка на кислород, калориметриска анализа, pH на водата, кондуктивност на вода, мерење на кислородот во водата, анализа на растворен кислород во водата, анализа на суспендирани материи и др. Лабораторијата за геотехника служи за испитување на природните геолошки материјали во подлогата кај сите објекти (почвите и карпите во темелната основа кај брани, згради, сообраќајна инфраструктура, депонии, јаловишта), потоа за контрола на збиеноста на геотехничките конструкции од тип на насипи, земјани брани, тампон кај патишта, при подобрување на теренот и друго. Една од основните и суштински намени на лабораторијата се показните вежби за мерења и аквизиција на резултатите од мерењата наменети за студентите во додипломските и последипломските студии. Лабораторијата е од особена важност и за научно-истражувачката дејност на Градежниот факултет во доменот на геотехничкото, сообраќајното, конструктивното и хидротехничкото инженерство. Двете нови, заедно со другите постојни лаборатории, на младите истражувачи ќе им овозможат солидни услови во нивните научни достигнувања од областа на градежништвото, а особено од областа на комуналната хидротехника и геотехниката.

Какви се перспективите за развој на Градежниот факултет од аспект на приспособување на студиските програми кон условите за изборност според Законот за високо образование?
Согласно Законот за Високо образование, сите високошколски научни установи треба да извршат приспособувања на студиските програми со потенцирање на изборноста на предметите. Генерално, 40% од предметите треба да бидат право на избор на студентите, додека 60% би биле задолжителни. Се работи за многу комплексна материја, која се регулира согласно условите за студирање по Европскиот кредит трансфер систем. 

fakultetot-so-svojata-misija-3.jpg

Градежниот факултет се труди да изнајде модел на студирање кој најповеќе би одговарал на студентите, условите во државата, кадровската состојба на факултетот и сите други влијателни фактори, без при тоа да се наруши нивото на знаење и квалификации кои треба да ги стекнат студентите. Во моментов, при Градежниот факултет постојат студиски програми за градежништво со конструктивна, хидротехничка и насока за патишта и железници кои се реализираат по систем на студирање 4+1. Ова значи дека на прв цилкус на студии се студира четири години, а на втор циклус една година. Покрај тоа, постојат и студиски програми за геодезија и геотехника, каде се студира според системот 3+2. Според најновите анализи, како да се наметнува став дека Градежниот факултет сите студиски програми во иднина треба да ги реализира по модел на трогодишни студии за прв циклус. Притоа би се развиле повеќе можни модули. На втор циклус (поранешни постдипломски студии) би се студирало 2 години. Целта е да се стигне до образование кое овозможува собирање на т.н. 300 кредити по ЕКТС системот, што ќе биде и основа за добивање на овластувања за проектирање од Комората за овластени архитекти и овластени инженери. Комисиите и наставниот кадар на Факултетот сè уште интензивно работат на овој проблем, па се надеваме дека во наредните месеци ќе се изнајде оптималниот модел.

Во која фаза е реализацијата на третиот циклус на студии – докторски студии?
Од крајот на 2011 година, на ниво на Универзитет за прв пат се започна со реализација на т.н. трет циклус на студии или докторски студии. Всушност, согласно Законот за високо образование, ова е една од фазите на континуирано образование кое би се реализирало во рок од 3 години. На третиот циклус, дел од времето за студирање ќе се користи со слушање и полагање на испити, дел ќе биде за научно- истражувачка работа, а крајот на студирањето треба да резултира со изработена докторска дисертација. Конкретно, на студиската програма за трет циклус за градежништво, во првиот уписен рок се запишаа четворица студенти. Временскиот период е прекраток за да може да се даде подецидно мислење за начинот на функционирање и релизација на студиите. Ако се знае дека секој почеток е тежок, јасно е дека времето ќе биде најдобриот судија за успешноста на студиите и квалитетот на изработените докторски дисертации, но на наставниот кадар на Универзитетот и Факултетот е да го даде својот максимум.


Што станува со критериумите за избор на ментори во третиот циклус?
Критериумите за ментор се дефинирани со член 25 од Законот за изменување и дополнување на законот за високото образование (Службен весник на РМ, Бр.17). Суштината е дека во почетна фаза се бара од менторите да имаат најмалку три рецензирани научно- истражувачки труда објавени во меѓународни научни списанија или меѓународни публикации во даденото научно поле во последните пет години. Овие критериуми во наредниот период ќе се подигнуваат, и се повеќе ќе се инсистира на трудови објавени во меѓународни списанија со импакт фактор. Стручниот совет за докторски студии на Универзитетот "Св.Кирил и Методиј" врши проверка на листата на потенцијални ментори, а менторите ги верифицира Одборот за акредитација како државно тело. Без навлегување во детали, јасно е дека критериумите за научно-истражувачка работа сè повеќе треба да се подигнуваат, но тоа мора да биде пропратено и со подигнување на издвојувањата од буџетот на државата за научно- истражувачка работа. Ова е значајно, бидејќи за да се објави труд во списание со импакт фактор е потребно долготрајно истражување, а процедурата за објавување и рецензирање понекогаш трае и повеќе од една година.
Постои ли соработка со Градежните факултети од опкружувањето и пошироко?
Факултетот има традиционално добра соработка со голем број Универзитети и Факултети од непосредното опкружување, Рурскиот Универзитет во Бохум во Германија, Универзитетот во Фиренца, Италија и други институции. Треба да се спомене дека Факултетот заедно со четири други Факултети од Полска, Австрија, Словачка и Хрватска традиционално се јавува како коорганизатор на Меѓународниот симпозиум WMHE (Water Management and Hydraulic Engineering), организира голем број работилници, презентации и други собири. Минатата и оваа година се направени и дополнителни напори за развивање на соработката со сродни факултети, при што Факултетот потпишал голем број на договори за соработка на поле на наставата и научно- истражувачката работа.
Знаејќи го значењето на овој аспект, актуелната деканатска гарнитура воведе и посебно продеканско место за наука и меѓународна соработка, па се надеваме дека на ова поле ќе се постигнат уште подобри резултати.

Вашето мислење за потребата од ангажирање на странски проектни и консултански тимови во градежништвото, а поврзано со условите за добивање на финансиски средства од меѓународните институции?
Ова прашање е едно од прашањата што заслужува најголемо внимание од стручната и научната јавност, но и од државните институции. Имено, со условите за добивање на кредити од која било меѓународна инстутуција или банка, вообичаено се налага најголем дел од експертите да бидат од странство. Во вакви случаи, често нашите стручњаци и експерти не се поставени во прв план, иако според товарот што го понесуваат во комбинираните тимови на домашни и странски експерти, поголем дел од работата се извршува од домашните експерти. Соработката со странски експерти во секој случај е многу корисна, бидејќи се врши размена на искуства и се проверува нивото на знаење и вештините на нашите експерти, но треба да се бара начин за избалансирано, па и водечко учество на нашите експерти во консултантските тимови. Овој аспект може да се разреши само со координирана активност на сите надлежни инстутуции, во фази кога се планираат капиталните инвестиции, тендерските правила, процентот и начинот на вложување на државата во капиталните објекти и слично.
До каде сте со активностите околу изработката и усвојувањето на Еврокодовите и останатите стандарди поврзани со струката?
Треба да се спомене дека процесот на усвојување на Еврокодовите беше многу макотрпен. Дури и на ниво на државите од Европската Унија нивното усогласување одеше многу тешко и беа потребни многу години за да се дојде до некоја прифатлива форма на Еврокодовите, а посебно беа комплексни прашањата на приопрема на Национални анекси за примена. На ова поле, кај нас активностите главно се под надлежност на Институтот за стандардизација, каде се формирани одредени технички комитети за оваа намена. 

fakultetot-so-svojata-misija-1.jpg

Владата има акционен план до кога би требало да се заврши со постапката на усвојување на Еврокодовите, припрема на Националните анекси и друга техничка регулатива. Факт е дека на ова поле имаше одредено задоцнување, така што се цени дека треба да се интензивираат сите активности поради роковите што се многу кратки. Во контекст на ова, треба да се истакне дека веќе се направени преводите на сите Еврокодови, некои од нив се усвоени во одредена форма, и сега е во тек фаза на нивно стручно редактирање. Во оваа активност во последно време импулс даде Министерството за транспорт и врски, кое заедно со Институтот за стандардизација и Комората, даде насоки да се вклучат сите ресурси кои ги има државата за да се заврши оваа активност во зацртаните рокови. Ова е значајно прашање, бидејќи усвојувањето на Еврокодовите е на несомнен државен интерес. На пример, покрај другото, ниту една наша градежна компанија во иднина не ќе може да учествува на ниеден тендер за изведба или проектирање во странство, доколку не се усвојат препораките и принципите на проектирање што се дефинирани во соодветните Еврокодови. За крај, вие сте и претседател на одделението за геотехника при Комората на овластени архитекти и инженери. 
Каков е вашиот коментар за најновите случувања околу Комората и подготовките за редовното Собрание, кое досега требаше да биде одржано веќе неколку пати?
Како и секоја институција, така и Комората на овластени инженери и овластени архитекти, помина еден период кој беше доста тежок. Се започна со воведувањето на Комората низ одредбите од Законот за градба од 2005 година, а претходно имаше еден долг период без надлежна институција која би ги покривала активностите за издавање на овластувања за проектирање, ревизија, надзор и изведба. Комората се соочи со голем број проблеми, посебно со немање на соодветен простор, недоволна кадровска екипираност и слично. Сепак, и во такви услови некако се најде начин да се покрие долгогодишниот период на непостоење на вакво тело. Секако, ова беше проследено и со одредени слабости во нашата работа. Јас лично како претседател на одделението за геотехника во првиот состав сум задоволен, бидејќи геотехниката е препознаена како посебна инженерска област за која се издаваат посебни овластувања, но како член на Управниот одбор сметам дека има место за одредено незадоволство кај поширокото членство. Како и да е, случувањата што беа актуелни во последниот период, а кои се поврзани со припремата на редовното собрание треба да бидат поука за сите нас. Имено, една ваква институција треба да биде светост за сите инженери, но лицата кои во кој било состав и во кое било време ќе ја имаат честа да бидат во управните тела на Комората, мора да ја чувстуваат и тежината на одговорноста што им ја дало членството. Ова значи дека е оправдано секогаш да има критики за нашата работа, а критиките треба да се сфатат добронамерно и да служат само како поттик за исправање на сите слабости во иднина. Лично, се надевам дека во наредниот период сите недоразбирања ќе се надминат, и дека во сите тела на Комората ќе бидат избрани најдостојните и најавторитетните инженери, и тоа на најдемократски начин. Само така, Комората може да го оправда своето постоење и работење, а инженерите ќе го добијат заслуженото прироритетно место и значење кое треба да го имаат во државата.
 
Дејан Буѓевац 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top