Насловна / Архитектура / Нови наративи за градот Скопје

Нови наративи за градот Скопје

Во декември 2019 Агенцијатa за стопанисување на станбен и деловен простор распиша конкурс за  изработка на конкурсна документација за Идеен проект за објект со намена А2-домување во станбени згради, П + 6 + Пк на ГП.04.17, Градска четврт И 04, Даре Џамбаз, Општина Центар, Скопје. Во јуни 2020 распишан е и тендер за негова реализација.

aksonometrija_resize

Првонаградениот проект е решение на Елена Андонова, м-р инж. арх. и Натали Мицевска, м-р инж. арх. млади архитекти, магистрирани на Архитектонски факултет при УКИМ во јуни 2019.  (консултант Предраг Андонов, дипл. инж. арх.) За нас овој конкурс е еден од низата локални и меѓународни учества на изложби, работилници и конкурси, но е од посебно  значење бидејќи игра директна улога во формирањето на нови урбани пејзажи во Скопје.

analizi_resize

Како архитекти кои во моментот на распишување на конкурсот  титулата магистер инженер архитект ја поседувавме помалку од една година, бевме предводени од поривот за докажување и покажување на професионално ниво, и ја поздравуваме одлуката за анонимен конкурс за решавање плански опфат, бидејќи можеби сè уште наивно веруваме во институцијата конкурс како објективен филтер за проценка на еден проект. За нас, графичкиот израз игра голем удел во квалитетот на архитектонскиот проект и цртеж, а специфичноста на истиот е препознатлив белег за нашето авторство.

prikaz 1_resize

Основниот принцип на решавање на објектот е формирање џебни отвори долж максималниот волумен, во правец југозапад-североисток, со цел непречено струење на воздушните струи од планината Водно. Со овие продори се избегнува формирањето на условно кажано „ѕид“, кој би го задушил јадрото на градот Скопје. Се добиваат шест волумени кои се моделираат според зададените параметри на проектната програма, а се физички и визуелно поврзани со балкони на катовите.

prikaz 2_resize

Проектниот концепт создава објект кој влегува во зададените урбанистички параметри и јасно ги одредува содржините односно намените на секое ниво. Според изводот од план, проектниот опфат е со основна класа на намена А2 – домување во станбени згради и компатибилни класи на намени. Максимално дозволен процент на учество на збирот на компатибилните класи на намена во однос на основната класа на намена е 40 %. Градежната парцела се наоѓа помеѓу две улици: сервисна улица 3, дел од улица „11 Октомври“ и булевар „Македонија“. Колскиот пристап е предвиден да биде од сервисна улица 3.

jugozadapdna fasada_resize

На југозападната фасада е поставен систем на засенчување заради директната изложеност на сонце. На приземјето е сконцентрирана намена Б1 со директен пристап, и тоа: продавница за електротехника, cowork  простор, детски престој, козметички салон, минимаркет, аптека и кафуле, со вкупна површина од 338 м2.

prikaz3_resize

Продорите формираат пет пасажни премини. Исто така се лоцирани и осум сервисни јадра од кои две се за подземните нивоа за паркирање, а шест се за станбените единици. Обезбедени се еднособни/едноиполсобни станови, двоиполсобни станови, трособни станови и поголеми станови, со вкупна површина од 6.476 м2.  При решавањето на станбените единици водено е сметка за рационална искористеност, без нарушување на основните принципи за начинот на користење и хуманизација на просторот. На шестиот кат предвиден е зелен прооден кров од екстензивен тип кој е достапен за сите жители и корисници на објектот.

prikaz 4_resize

Конструктивното решение е систем кој потполно одговара за сеизмичките подрачја третирани во современи услови по најнови технички методи. Основниот конструктивен систем е мешовит, го сочинуваат носечки а.б. столбови со а.б. греди и а.б. платна. Со цел оптимална енергетска ефикасност избрана е контактна фасада со термоизолационен незапалив материјал и завршна обработка абрихт. Системот за засенчување е од леснопенасти бетонски префабрикувани елементи анкерисувани за а.б. елементите на објектот.

osnova so otvoreno prizemje_resize

Ентузијазмот, и токму таа студентска наивност ни помогна пречките, како краткиот временски рок за изработка (тема на која и претходно е говорено во македонските архтектонски кругови), и обемната проектна програма да ги гледаме како предизвик.

osnova na karakteristichen kat_resize

Станбеното прашање е скокотлива тема за Скопје, и ако се има предвид моменталната ситуација во архитектурата и урбанизмот во рамките на нашата држава каде општото добро е второстепено, а желбите на инвеститорот за квадрат повеќе се императив, за голема почит и поздрав е одлуката на Агенција за стопанисување на станбен и деловен простор да избере решение кое на прво место ја става благосостојбата  и квалитетот на живот на крајниот корисник на просторот наспроти максималното искористување на можностите на парцелата зададени од ДУП-от.

Ние, како млади архитекти, се надеваме дека ќе продолжиме да играме активни улоги во архитектонските наративи за нашиот град Скопје.

Автори: Елена АНДОНОВА, м-р инж. арх. и Натали Мицевска, м-р инж. арх.

osnova nivo 19_resize presek 1-1_resize tipologija_resize

Andonova,-Micevska_resize

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top