Насловна / Вести / На колку степени треба да ладиме и грееме во просториите?

На колку степени треба да ладиме и грееме во просториите?

Потребите за енергија во летoто се секогаш помали во споредба со зимскиот и есенскиот период, особено во регионите со умерена и студена клима како што е на пример Европскиот континент. Заради тоа, многу аналитичари претпоставуваа дека енергетската криза ќе заврши или драстично ќе се намали кога ќе дојде летниот период. Меѓутоа, гледаме денес дека тие препоставки биле погрешни бидејќи енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува. Цените на енергентите (гас, нафта, јаглен) и на електричната енергија (на берзите) се сеуште високи. Уште повеќе, водечки политичари (на пример Олаф Шолц од Германија, Александар Вучиќ од Србија) упатуваат соопштенија дека состојбите со енергијата на есен може да бидат катастрофални, дури и да нема доволно енергија за греење на домовите. За таа цел уште сега се преземаат разни можни мерки за пребродување на очекуваниот недостиг на енергија.

t2_resize

На прво место се мерките за штедење на енергија за што имав еден релативно краток напис кој што беше објавен во неколку медиуми во април 2022. Сега сакам да обрнам внимание на неколку апели кои доаѓаат од земјите на Европската Унија (ЕУ), а во врска со нивните сугестии за штедење со намалување на температурата на воздухот во просториите во грејната сезона и со покачување на температурата при ладење на воздухот во летниот период. На пример, Одборот за општи работи на Бундестагот (Германија) неодамна одлучи сите простории на сојузниот Парламент во текот на летото да се ладат од 26оC до 28 оC, а не како досега на 24 оC. Исто така е предвидено во зима да се загреваат на 20, а не на 22 оC.

Слични мерки најавија и парламентите на 16 сојузни покраини во Германија. Се наведува дека во една сојузна покраина ова лето просториите наместо на 21оC степен ќе се ладат на 24 оC, а во зима ќе се греат на 20 оC наместо на досегашните 22 оC.

Јас сум прилично изненаден од овие информации, особено што доаѓаат од Германија каде што има висока техничка култура и знаење. За да сфатат читателите за што се работи, подолу ќе прикажам извадок од книгата “Енергија – Како да се заштеди“ напишна врз база на стручна литература.

t3_resize

Значи, погоре е наведено дека во Германскиот Бундестаг досега просториите се ладеле до 24 оC, а во некои сојузни покраини до 21 оC. Ако се знае дека за секој еден степен пониска температура (во лето) се троши 10 до 15% повеќе енергија, тогаш се воочува многу поголема потрошувачка на енергија, а со тоа и многу поголеми емисии на стакленички гасови бидејќи Германија троши многу фосилни горива за производство на електрична енергија.

Во некоја друга пригода ќе објаснам зошто и колку повеќе енергија се троши за секој степен повисока или пониска температура соодветно во зима или лето.

t1_resize

Во зависност од намената на објектите има периоди кога во просториите не престојуваат луѓе, како на пример во службени простории ноќе и во деновите на викенд. Тогаш треба системите за ладење (греење) да се исклучуваат од работа. Има и други финеси на располагање што се реализираат со дигитална автоматизација, или денес популарно употребуваниот термин “smart buildings” (“паметни згради“). За можните начини за штедење енергија може многу да се прикажува, но просторот во овој текст е недоволен за тоа.

Како да се намалат потребите за енергија и како да се заштеди енергијата граѓаните можат повеќе да дознаат од книгата “Енергија – Како да се заштеди“ (www.energija.com.mk).

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

 

Испрати коментар

Scroll To Top