Насловна / Вести / Кои се решенијата за јавниот превоз на Скопје?

Кои се решенијата за јавниот превоз на Скопје?

Покрај секојдневните проблеми на метеж во сообраќајот, недостаток на паркинг-места, ниско ниво на безбедноста и ниска сообраќајна култура на учесниците во сообраќајот, секоја зима, вниманието кон проблемите на сообраќајот уште повеќе се засилува заради загриженоста на јавноста од зголеменото загадување на воздухот.

4H5A5774

Кога станува збор за транспортниот систем на град Скопје, посебно можат да се издвојат два големи проблеми кои се коренот на сите сообраќајни неволји на градот:

  • Со децении наназад постои конфликт помеѓу урбаното планирање на градот и сообраќајот во него. Ова е голема тема која бара пошироко образложение, но накусо проблемот може да се дефинира како директен судир меѓу урбано планирање (особено во некои делови на градот – Центар, Карпош, Капиштец, делови од Аеродром, Кисела Вода) со високи густини на живеење и други намени на земјиште, што би подразбирало планирање на урбана мобилност првенствено базирана на јавен градски превоз, пешачење, велосипед и др. Но, наместо алтернативните видови на мобилност, кои би биле соодветни на постојното урбано планирање, во градот Скопје доминира употребата на автомобилот. Автомобилот, ако е основно средство за движење во градот, бара премногу урбан простор за движење и мирување (висококапацитетни сообраќајници и многу паркинг-места), па разбирливи се (и практично нерешливи) последиците на сообраќаен метеж, застои, зголемено загадување итн.
  • Многу важна причина зошто автомобилот е прв избор за движење низ Скопје е фактот дека постојниот систем на јавен градски превоз не ги задоволува потребите на граѓаните. Овде не се мисли на тоа дека превозниците во јавниот градски превоз даваат лоша услуга (во условите во кои работат, тие работат одлично), туку се мисли на фактот дека градот Скопје со својата големина и структура одамна го надраснал автобускиот систем на превоз. На градот ИТНО му е потребен висококапацитативен, брз јавен градски превоз, способен брзо, редовно, удобно да превезува поголеми маси на луѓе. За споредба, во едно истражување кое го направив неодамна, во земјите на ЕУ најдов 34 градови со големина помеѓу 400 и 650 илјади жители. Сите 34 градови освен автобускиот систем имаат барем уште еден или повеќе други висококапацитетни видови на јавен градски превоз. Седумнаесет градови од тие 34 имаат метро систем, поголемиот дел имаат трамвајски систем, автоматски водени системи, брз автобуски систем или регионална железница. Еден куриозитет е дека и градови помали од 400 илјади жители имаат метро систем. Градот Бреша во Италија има само 190 илјади жители и има метро линија.

Untitled-1

Пример на траса на брз трамвај

Покрај идентификацијата на коренот на проблемите на сообраќајот во Скопје, пред да се дадат препораки како тој да се развива во иднина, корисно е да се согледа какви политики и какви решенија денес се актуелни во ЕУ и светот.

ЕУ преку серија на различни документи (директиви, регулативи, бела книга, стратегија за развој на транспортниот систем), со потполна поддршка на јавноста, јасно се определува за ОДРЖЛИВ развој на урбаниот сообраќај, за тежнеење кон почиста животна средина и повисок квалитет на урбано живеење.

Untitled-2

Примери за брз автобуски систем

Основните мерки како да се постигне одржлив урбан транспортен систем се:

  • Обесхрабрување на употреба на автомобил во градот
  • Унапредување на квалитетен јавен градски превоз
  • Развивање на велосипедска транспортна инфраструктура
  • Градење на урбана средина пријатна за пешачење
  • Поддршка на разни видови на изнајмување и заедничка употреба на разни превозни средства
  • Апсолутна поддршка на еколошки чисти погонски технологии за возилата
  • Смирување на сообраќајот во станбени зони
  • Итн.

Во рамките на ваквата политика ЕУ обезбедува и големи средства за оваа намена преку своите фондови.

Земајќи ја во обѕир оваа куса анализа, што би се издвоило како итна препорака за градот Скопје?

Ако Скопје ја поддржува и сака да гради политика на одржлив транспортен систем тогаш многу е важно да дефинира системски мерки кои долгорочно и посветено ќе ги реализира во наредниот период.

Според мене најважно е Скопје да добие висококапацитативен, брз и еколошки чист јавен градски превоз, кој со својата квалитетна и брза услуга ќе се наметне на граѓаните како најдобра опција за движење низ градот. Ако нема квалитена понуда на јавниот градски превоз, може да се прават милион кампањи во стилот „употребувајте јавен градски превоз за почист воздух“, но од тоа нема да има никакви видливи резултати. Впрочем, тоа се покажа кога Скопје во деновите на висока загаденост на воздухот воведе бесплатен јавен превоз, па не беше забележано некое значајно зголемување на бројот на патници.

Каков е можниот избор на висококапацитативен, брз јавен градски превоз во Скопје?

Идеално би било кога би можело да се изгради метро систем. Но, тој е премногу скап и Македонија дефинитивно нема услови за тоа во овој момент.

КОИ СЕ МОЖНОСТИТЕ ЗА СКОПЈЕ?

1.      Брз трамвај (LRT – Light Rail Transit)

Основни карактеристики се:

-          Физички одвоена траса (подигната со рабник, одвоена со столпчиња) заради брзо и непречено движење од останатиот сообраќај.

-          Раскрсниците се во ниво, регулирани со светлосни знаци – семафори со обезбеден приоритет за трамваите. Имено системот го детектира наидувањето на трамвајот кон раскрсницата и променува зелена фаза за него, без обѕир во која фаза бил циклусот.

-          Наплатата е или со интелигентни картици во возило или на станици

-          Трасите во профилот на сообраќајницата можат да се постават на крајната десна страна, во средишниот дел или двете насоки на едната или другата крајна страна на сообраќајницата. Каде има можност се води и надвор од профил на сообраќајница или во тунел (особено низ централно подрачје на градот)

-          Напојувањето е со надземна електрична мрежа со пантографи

2.      Брз автобуски систем (BRT – Bus Rapid Transit)

Основни карактеристики се:

-          Физички одвоена траса (подигната со рабник, одвоена со столпчиња) заради брзо и непречено движење од останатиот сообраќај.

-          Раскрсниците се во ниво, регулирани со светлосни знаци – семафори со обезбеден приоритет за трамваите. Имено системот го детектира наидувањето на трамвајот кон раскрсницата и променува зелена фаза за него, без обѕир во која фаза бил циклусот.

-          На вистински БРТ систем наплатата е надвор од возило на станиците. Некои системи кои имаат електронски систем за наплата, имаат наплата и во возило

-          Возилата се најчесто зглобни автобуси.

-          Погонот во поново време може да биде на LPG, CNG, батерии со полнење на крајните станици и во поново време со горивни ќелии со водород како гориво.

3.      Автономен брз јавен градски превоз  (Autonomous Rail Rapid Transit – ART)

Untitled-3

АРТ во Zhuzhou во Кина (трамвај на пневматици, воден со ознаки на коловозот)

Нов концепт, применет само во еден град во Кина. Мешавина меѓу трамвај и автобус.

-          Нема шини, возилата по надворешен изглед се зглобни трамваи, но на пневматици. Возилото се води со помош на водилки нацртани на коловозот и систем на сензори и ласерски читачи кои го водат возилото прецизно по предвидената траса. Авторите на оваа технологија тврдат дека дури има и флексибилност да ја напушти предвидената траса (ако има препрека) и да се управува како автобус.

-          Возилата се зглобни состави со три или пет делови со капациет од 300 до 500 патници.

-          Максимална брзина до 70 км/час.

-          Напојувањето е со литиум – титаниум батерии кои можат да се полнат на крајните станици или на секоја станица за време од 30 секунди.

-          Системот е во експлоатација само во еден град во Кина од 2017 година – градот Zhuzhou.

-          Системот е тестиран во Катар во пустинска клима, но не е тестиран во зимски услови.

4.      Трамвај со горивни ќелии со водород како гориво

Овој концепт е сосема нов, развиен во Кина, но сè уште нема примена во светот. Се работи за шински возила кои би можеле да развијат 70 км/час и со капацитет од 370 патници.

Untitled-4

Трамвај на водород од Кина

5.      Брз автобуски превоз со погон на водород

Според некои медиуми во Македонија, градот Скопје ја разгледува можноста за воведување на БРЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ – БРТ. Автобусите би биле произведени од производителот ВАН ХОЛ кој има фабрика во Скопје. Домашното производство секако може да донесе повеќе предности.

Главните транспортни коридори на кои би било логично да се постават трасите на БРТ системот би биле:

1. Ново Лисиче – Ѓорче Петров

2. Бутел – Капиштец или Бутел – Кисела Вода

3. Кружна линија со трансфер станици

Воведувањето на системот на БРТ подразбира и целосна реконструкција на мрежата на линии на јавниот градски превоз, со примена на концептот на главни коридори опслужени од БРТ и автобуски линии хранителки кои ќе се надоврзуваат на главните БРТ линии.

Се разбира по целата должина на трасите на БРТ треба да се изработат нови проекти за сите раскрсници, заради преуредување на сообраќајните ленти, регулација и заради обезбедување на приоритет на возилата на БРТ системот.

Untitled-6

Примери на проектни решенија за БРТ систем

Конкретните решенија ќе се најдат со изготвување прво на идејно сообраќајно решение, а потоа и главни проекти за целата должина на сообраќајниците каде поминува трасата на БРТ.

Проектот за БРТ ќе бара не само проектирање на системот на БРТ туку и обемен проект за оптимизирање на целата мрежа на линии на јавен градски превоз во согласност со изворите и целите на патувања во градот.

Со обѕир на обемноста и сложеноста на овие проекти, реално е дека дури и да се обезбедат веднаш средствата за реализирање на БРТ во Скопје, желбите на политичарите за брза реализација не се можни. Но важно е целата замисла да се реализира врз основа на квалитетно и добро обмислени проекти, кои ќе резултираат во квалитетни, а не половични решенија за иднината на градот Скопје.

ВАЖНО: Каков било систем на брз капацитативен превоз да се воведе во Скопје, исклучително е важно да се обезбеди физичка одвоена траса од останатиот сообраќај и апсолутен приоритет на раскрсниците. Во спротивно, на пример би добиле заглавен трамвај во сообраќај наместо денешен заглавен автобус во сообраќај за скапи пари, а јавниот градски превоз би бил бавен и нередовен, односно би останал непривлечен.

Автор: проф. д-р Никола КРСТАНОСКИ,дипл.сооб.инж.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top