Насловна / Вести / Климатските промени земаат замав: На Арктикот ќе има повеќе дожд отколку снег

Климатските промени земаат замав: На Арктикот ќе има повеќе дожд отколку снег

На Арктикот се очекува да падне повеќе дожд отколку снег – неколку децении порано од очекуваното, покажа новото истражување.

Преминот од снег на дожд е предизвикан од забрзаното затоплување и губењето на морскиот мраз предизвикано од климатската криза. Човечките активности, првенствено согорувањето на фосилните горива, доведоа до затоплување на светот за околу 1,1 степени Целзиусови во последните 200 години, а некои региони се загреваат побрзо од другите.

Arktik

Арктикот, на пример, се загрева двојно побрзо од глобалниот просек. Арктичкиот морски мраз се намалува од 1979 година, открија сателитски набљудувања, при што просечниот волумен на морскиот мраз е на најниската точка од 1850 година.

Новата студија, спроведена од меѓународен тим предводен од Универзитетот во Манитоба, објавена е во списанието Nature Communications, пренесува Independent.

Водечкиот истражувач Мишел Меккристал, соработник во Научниот центар за набљудување на Земјата во Манитоба, рече дека промените ќе имаат „огромни последици“ вклучувајќи помала снежна покривка, зголемено топење на вечниот мраз (постојан мраз) и големи поплави поради зголемениот проток на реките. Сето тоа ќе има последици за дивите животни и човечката популација, истакна таа.

Во август падна дожд за прв пат откако беа следени овие податоци, на највисоката точка на ледената покривка на Гренланд. “Малку сум изненадена од фактот што има врнежи на врвот на Гренланд и дека во иднина ќе има се повеќе и повеќе“, изјави Мекристал.

Arktik1

Арктичките врнежи ќе варираат во зависност од сезоната и регионот, велат истражувачите. Најновите климатски модели открија дека дождот во есенскиот период ќе доминира над снежните делови до 2050-2080 година, а не децении подоцна, како што покажаа постарите модели.

Помалку врнежи од снег ќе влијаат на она што е познато како albedo feedback – колку површината на Земјата се рефлектира и дали сончевите зраци се рефлектираат или апсорбираат.

Понатаму, недостатокот на бела покривка значи дека темните води на океанот и земјата ќе апсорбираат повеќе светлосна енергија, што доведува до зголемени емисии на јаглерод, ослободување на метан и топење на вечниот мраз. Фактот дека за неколку децении на Арктикот ќе има повеќе дожд отколку снег може да ја уништи популацијата на диви животни спречувајќи ги да бараат храна.

Arktik2

Тимот, составен од истражувачи од Универзитетскиот колеџ во Лондон, Универзитетот во Колорадо Болдер, Универзитетот во Лапонија и Универзитетот во Ексетер, ја истакна важноста од спречување на порастот на глобалната температура до амбициозните 1,5 степени Целзиусови утврдени со Парискиот договор од 2015 година.

Ако можеме да останеме под 1,5 степени Целзиусови, тогаш во некои региони на Арктикот дождот можеби нема да го надмине снегот. Сепак, светот се движи кон зголемување на температурата за повеќе од три Целзиусови степени во овој век, покажа извештајот на Обединетите нации за 2020 година.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top