Насловна / Вести / Ќе ѝ донесат ли Оскар дивите пчели на „медената земја“?

Ќе ѝ донесат ли Оскар дивите пчели на „медената земја“?

„Медена земја“ е филмот кој Северна Македонија ќе ја однесе на црвениот тепих на доделување на 92-те Оскари во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, Калифорнија.

„Медена земја“ е првиот документарец во историјата на Оскарите кој покрај тоа што е номиниран во категоријата за најдобар документарец ќе се бори и за златната статуетка за најдобар странски филм. Македонската екипа која работеше на ова остварување ќе се најде меѓу светската филмска елита. Режисери на „Медена земја“ се Тамара Котевска и Љубомир Стефанов додека главниот лик е последната одгледувачка на диви пчели во Европа, Атиџе Муратова.

Medena-zemja-Tamara-Atidze-i-Ljubo

„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.

Во рецензијата од Шери Линден од „Холивуд рипортер“, меѓу другото стои: „Во оваа ера на кризи на изумирање, загрозени природни живеалишта, безобѕирно профитирање, „Медена земја“ раскажува приказна со универзален одглас, дури и кога открива заборавено место, кое е толку специфично и необично, што повеќето современи луѓе од западниот свет никогаш не би можеле ни да го замислат“.

medena-zemja (1)

Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25 илјади долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал во Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби три милиони денари (околу 50 илјади евра). Филмот е сниман три години.

За да ја снимат приказната за оваа пчеларка на авторите им требалe дури три години. Првобитната идеја била да се сними еколошки документарец за река во тoј дел на земјава, но плановите се промениле откако ги откриле грижливо одржувани кошници со диви пчели. Распрашувајќи се кој ги одржува пчелите стигнале до Атиџе.

PEYsggA4KI-istoriski-uspeh-medena-zemja-e-kandidat-za-oskar-vo-dve-kategorii

Педесетгодишната Атиџе Муратова, една од последните пчеларки во Европа, и нејзината постара мајка, која е неподвижна, се единствените жители на напуштеното село Бекирлија, каде што живеат примитивно, без струја и без вода.
Атиџе „работи“ со пчелите на принципот 50/50 – половина од медот остава за нив, а другата половина од медот ја зема за себе. Целта ѝ е да ги спаси своите пчели и да ја врати рамнотежата во „медената земја“. Ова е тој однос кон природата на кој нè учи Атиџе, преку нејзиниот однос кон медот, пчелите, природата воопшто. Жената која е едно со природата и која покажува вистинска моќ и големина на човек. Таа со пчелите разговара, им пее, а тие знаат да ја ценат, ја препознаваат и нејзе и нејзиниот грижлив однос кон нив. Пчелите Атиџе не ја касаат. Во меѓувреме, сред лето, во селото доаѓа семејство со седум деца. Атиџе ги прифаќа, безрезервно им помага, се спријателува и се радува. Таа ги сака децата, поминува време со нив, ги учи за пчелите. Семејството е многубројно и сиромашно. Сите од најмалото до највозрасното дете се вклучени во борбата за егзистенција. Таткото прв сфаќа дека пчелите можат да донесат заработка. Ѝ се обраќа на Атиџе за помош, која безрезервно му ја нуди и почнува да го учи на нејзиниот пчеларски занает. Семејството почнува да произведува мед, вклучени се сите и сите се каснати од пчелите. Мажот во борбата за гола егзистенција го игнорира нејзиниот совет за оставање половина од медот на пчелите и целиот мед го нуди на продажба. Дури е и опоменат од еден од своите синови кои со Атиџе има посебен однос, детето го разбира делењето повеќе од својот татко. Ова го претвора филмот од мала приказна во епски филм за човечкото искористување на природните ресурси. Желбата за зачувување на дивите пчели, Атиџе ја тера да даде сè од себе за да ги возобнови своите кошници.

Screenshot_9

„Главната идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот на природата, но и како се нарушува рамнотежата во природата поради начинот на кој се користат природните потенцијали“ вели продуцентот и монтажерот Атанас Георгиев и додава:   „Ова е време во кое искреноста, едноставноста и хуманоста се борат да ја преживеат битката со материјалното. Скромноста е нешто што го забораваме поради престижот и лакомоста. На тој пат можеме да стигнеме до амбис за да ја научиме лекцијата“.

Двајцата режисери раскажуваат пред Меѓународната организација на документарците дека понекогаш морале да спијат три до четири дена во шатори, а освен тоа не зборувале турски, јазик на главниот лик и нејзините соседи, така што, кога го монтирале филмот, тие гледале сосема ново производство на филмот.

„Режисерите создаваат фантазија на совршената изолација на село, место на рајска чистота, каде што не е под закана само омилената активност на Атиџе, туку и одржувањето на нејзината егзистенција, загаден е самиот рај на Земјата“, истакна Ричард Броуди во „Њујоркер“.
Останува да видиме дали на 9 февруари дивите пчели, Атиџе и тимот ќе ѝдонесат Оскар на „медената земја“.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top