Насловна / Архитектура / Кенго Кума: Неговите дела допираат емотивно колку што се и визуелно зачудувачки

Кенго Кума: Неговите дела допираат емотивно колку што се и визуелно зачудувачки

Како што е вообичаено, (но не секогаш) и оваа година еден архитект се најде во изборот на списанието „Тајм“ – „100 највлијателни луѓе во 2021“.  Честа му припадна на прославениот јапонскиот архитект и едукатор Кенго Кума, кој е и единствен архитект на листата.

Покрај своето извонредно творештво Кума дојде во центарот на светското внимание бидејќи неговиот Јапонски национален стадион во Токио беше главното место на овогодинешните Летни олимписки игри 2020.

82839

Од основањето на своето биро Kengo Kuma & Associates во 1990 година, кое има седиште во Токио и Париз и вработува преку 150 архитекти, Кума работел на проекти во повеќе од 20 земји ширум светот, а во текот на својата кариера има завршено преку 300 проекти.

Кенго Кума е еден од најкритичните јапонски архитекти. Светски е познат по својата општествена одговорност и вродена способност да ја спои архитектурата со природата.

SunnyHills-1-2

Sunny Hill, продавница, Токио

Архитектонското обликување и дизајнот на Кума имаат посебена трага и допир. Оддаваат почит на традиционалните јапонски техники и вклучуваат модерни елементи и природни, одржливи материјали. Дрвото од локално потекло, зазема централно место – многу од неговите вредни проекти користат испреплетени или меѓусебно поврзани дрвени греди. Исто така, користи неконвенционални и неочекувани материјали како што се бамбус, оризова хартија, камен и керамика. Посетителите на просторите проектирани од Кума се воодушевуваат како тој мајсторски манипулира со светлината и го имитира обликот на античките храмови и на традиционалните јапонски куќи. „Мојата цел е да го закрепнам просторот“, вели Кума за својот стил, кој настојува да го комбинира современиот јапонски минимализам со едноставен и чист дизајн.

Folk Art Museum

Музеј на народната уметност во Кинеската академија на уметностите во Хангжу

Детството го поминал во куќа, која неговиот дедо, кој бил лекар, ја изградил како селска викендица додека живеел во Токио. „Мојата куќа беше многу поинаква од куќата на моите пријатели. Роден сум во Јокохама, еден вид предградие на Токио. Во 1954 година, кога се родив, јапонските предградија се развиваа. Потсетуваа на американските предградија, на куќи-торти. Повеќето од моите пријатели живееја во такви куќи. Не ја сакав сè до својата петнаесетта година. Имав чувство на срам бидејќи живеев во таква куќа, но постепено го менував мислењето. Почнаа да ми се допаѓаат природната текстура на земјениот ѕид, дрвените рамки, ѕидовите од оризова хартија. Во основа, куќата не беше ’чиста’, не беше софистицирана, но ми се допадна грубоста на тие материјали. Тоа беше почеток на мојата кариера како архитект“, вели Кума.

По дипломирањето архитектура на Универзитетот во Токио во 1979 година, еден период работел во Nihon Sekkei и Toda Corporation. Потоа се преселил во Њујорк за понатамошни студии на Универзитетот „Колумбија“.

Takanawa_Gateway_Station_200314j

Takanawa Gateway Station, Токио

Предавал на универзитетите, Columbia University, University of Illinois at Urbana-Champaign и Keio University, каде што во 2008 година ја добил титулата доктор по архитектура. Како професор на Факултетот за архитектура на Универзитетот во Токио, водел различни истражувачки проекти за архитектурата, урбанизмот и дизајнот во рамките на неговата лабораторија Kuma Lab.

Неговиот татко исто така бил архитект, кој сакал модерна архитектура, а Кензо Танге е херојот на неговото детство. Природната светлина одиграла важна улога на денот кога Кума одлучил да стане архитект. „Тоа се случи кога првпат влегов во Националната спортска сала Јојоги на Танге за Олимпијадата во 1964 година, како ученик во основно училиште. Природната светлина што доаѓаше од врвот, се рефлектираше во базенот – изгледаше дека тоа е денот кога се родила планетата“, вели Кума.

Amanpuri, Thailand - Retail Pavilion by Kengo Kuma

Павилјон Аманпури, Тајланд

Сепак, во раната кариера на архитектот доминирале проекти кои се поекспериментални по стил и форма. Најрадикален пример е неговата постмодерна М2 зграда во Токио, завршена во 1991 година за автомобилскиот бренд мазда, која е мешавина од различни архитектонски стилови. „Да бидам искрен, понекогаш се чувствувам малку засрамено од некои мои згради“, изјавил во едно интервју.

Во годините подоцна објектите и проектите на овој светски познат архитект стануваат длабоко вкоренети во природата. Неговата мисија е секое дело да се поврзе со природата што го опкружува, складот со природата е целта на неговата практична работа. Исто така станува силен заговорник на јапонската традиција. За Кума традицијата е историја на градењето и мошне се интересира за техниките и за технологиите на изградбата. Смета дека зад промената на стилот во архитектурата, стои промена на начинот на градење и на начинот на користење на материјалите. Вели дека во Јапонија, пред бетонската технологија која стигнала од Европа и САД, имало многу долга традиција на дрвени објекти. Во неговите истражувања на јапонската традиционална архитектура, открива дека техниката и стилот се силно поврзани. Проучувњето на традиционалните технологии на Кума му пружило многу совети за неговите проекти. Неговиот метод во проектирањето е како што вели:„Да избегнувам херојски гестови, бидејќи се доаѓа до точка каде херојството ја убива убавината на материјалот“. Кенго Кума бара рамнотежа што ги изразува формата и материјалот. Формата на неговата зграда треба да биде што е можно посуптилна, бидејќи тогаш може да се открие карактерот на материјалот.

paviljon_tokio

Павилјон, Токио

Она што Кума го прави една од клучните фигури на светската архитектонска сцена е неговата љубов кон органските материјали, која е најистакната кон дрвото. Неговото дело е омаж на големите јапонски занаетчии кои го обликувале лицето на нацијата. Користејќи хипнотички смирен визуелен ритам во своите дела, Кума користи дрво кое е чувствително, одржливо, но цврсто. Неговите дела допираат емотивно колку што се и визуелно зачудувачки, а неговите објекти секогаш се нераскинлив дел на местото. Неговата архитектура е тактично вградена во пејзажот како негов составен дел.

asacusa

Asakusa, Центар за култура и туризам, Токио

„Во моите проекти ми е важно да ја пренесам суштината на местото – духот на историјата и природата. Материјалите помагаат во тоа. Токму преку материјалите ја следиме историјата и важните периоди. Во 20 век, архитектите тежнееја да заборават колку е важен материјалот. Преферираа стакло, челик и бетон и гордо ги нарекуваат меѓународни материјали. Но, овие меѓународни материјали ја убиваат природата на самото место, суштината на неговиот традиционален живот и изработка“, вели Кума.

За Кенго Кума историјата на архитектурата не е консистентна. Таа е нешто што може да се земе од минатото, а луѓето може да одберат различни нешта. За него е важна врската меѓу некого или нешто и минатото. Тој верува дека не е традиционален јапонски архитект. Бидејќи, како што вели, постојат традиционални архитекти кои проектираат храмови или типични ресторани и се држат до извесни визуелни правила. Тој за тоа не е заинтересиран, бидејќи смета дека правилата не се сржта на традицијата, туку дека тоа е материјализацијата, а во јапонската архитектура материјалите се најважниот дел. Покрај материјалите и светлината игра важна улога во објектите на Кума. Ќе каже: „Материјалноста на дрвото и хартијата длабоко е поврзана со природното светло, односно со ефектот на природното светло. Имено, кога материјалот и светлото ќе се сретнат во одреден простор, дури тогаш може нешто да создадат. Тоа е сржта на јапонската традиција. Мојот метод е да земам нешто од таа срж, и тоа нешто да го применам на модерните објекти. И мислам дека тоа се разликува од методите на традиционалните архитекти“.

muzej)turcija

Odunpazari, музеј на модерна уметност, Ескишехир, Турција

Што се однесува до архитектонските идеали Кума не се воздржува да каже дека „Токио е уништен од бетон“. Нема пофални зборови за досадните стаклени кутии со деловни простори со кои Токио е преплавен и тој е одлучен во намерата да се дистанцира од таква архитектура.

Кума верува дека во иднина 80 отсто од вкупната архитектура ќе биде своевидна обнова. „За мене рециклирањето е возбудливо“, вели тој. „Тоа значи дека може да комуницирам со луѓето кои починале, со душата на минатото“.  Некои од проектите на легендарниот архитект претставуваат пример на оваа филозофија на повторна употреба и обнова.

portland

Јапонски градини, Портланд, САД

Ова е во целосна спротивност со склоноста на Токио за рушење на неговите значајни архитектонски обележја  – Империјал Хотел на Френк Лојд Рајт и зградата на станицата Харајуку само се примери. Оваа година, Nakagin Capsule Tower на Курокава исто така ќе биде одземена од градскиот пејзаж, но ова доаѓа со утеха дека некои од капсулите ќе бидат сочувани и реупотребени. Курокава бил меѓу првите инспирации на Кума, тој се придржува на Курокавиниот став дека „зградите треба да имаат живот“.

Кума верува дека новите генерации се обидуваат да се поврзат со наследството и дека трендот на обнова на стари објекти е сè поголем.  Смета дека архитектурата што се создава треба да биде одржлива и да се користи со векови. Тврди дека спортските игралишта се неверојатно сестрани и може да се користат со децении.  Она што се случува со местата по завршување на Олимписките игри отсекогаш било жешка тема. „Олимписките места имаат силен идентитет како згради и може да се користат засекогаш“, вели Кума. „Згради кои имаат само функција, но не и идентитет, немаат смисла“. Неговиот Јапонски национален стадион е изграден од дрво донесено од сите 47 јапонски профектури. Сонот на Кума го претвори Токио во дрвен град и заедно со зеленилото создава совршена хармонија. „Ако правилно се одржува, дрвото може да трае со векови“, вели тој.

Kuma_VandA_Dundee_AR

Музеј V&A Dundee, Шкотска

Кума постојано размислува за еволуција на изградениот простор. Уверен е дека само близок однос меѓу опкружувањето и објектот може да создаде архитектура, која корисниците ќе ја сакаат и во неа ќе се чувствуваат пријатно. Напоменува дека урбаниот контекст станува сè погуст, дека еволуирал во „свет на кутии“. „Се појави проблемот на урбана концентрација и нема веќе земјиште на кое може да се искачиме. Тоа е она што јас го нарекувам ‘свет на кутии’. Дали светот на кутии беше апсолутното решение? Мислам дека не, мислам дека тоа е најголемото сознание кое го стекнавме за време на пандемијата“. До ова сознание Кума е одамна дојден преку својата работа. Со години, а и со сѐ повеќе проекти, овој архитект сѐ повеќе се вкоренува во природата. Неговата архитектура покажува скромност, која им недостига на облакодерите. Зградите на Кенго Кума не им конкурираат на планините, учат од нив и со нив се претопуваат. Притоа тие се извонредни.

Кога е прашан: „Каков совет би му дале на еден млад архитект?“, вели: „Заборавете на компјутерот“. А на прашањето: „Каков совет би му дале на средновечен архитект?“, одговара: „Едно од богатствата на нашето време е искуството – ова е единствена можност“.

191216112818-03-tokyo-olympic-stadium

Јапонски национален стадион, Токио

Јапонија е земја со најмногу лауреати на Прицкер, досега осум. Ова ја покажува моќта и квалитетот на јапонските архитекти. Ќе има и деветти сигурно, но да почекаме и да видиме кој ќе биде тој. Кума можеби не е во топ стар архитектите, затоа што неговиот стил повеќе зависи од местото и од достапните материјали. Но, да се биде на листата на Тајм претставува препознавање на врвен квалитет и растечко вреднување на работата на архитектот.

sidnej (1)

Сиднеј, Австралија

* * * * *

Некои од позначајните дела на Кенго Кума

Станицата Takanawa Gateway, Токио

Tiffany & Co, Ginza, Токио

Suntory Museum of Art, Токио

Shiseikan, Универзитет за уметност и дизајн, Кјото

City Hall Aore во Нагаока

Музејот V&A Dundee во Шкотска

Asakusa Culture and Tourism Center во Токио

Odunpazari Modern Museum (OMM), Ескишехир, Турција

Sunny Hills Japan, Токио

Portland Japanese Garden, Портланд, САД

Folk Art Museum, Хангџоу, Кина

The Exchange, Сиднеј, Австралија

Павилјонот во Токио

Музејот V&A Dundee, Шкотска

Јапонски национален стадион, Токио

Кенго Кума – цитати

„Архитектурата формира витална врска помеѓу луѓето и нивната околина. Дејствува како нежен тампон помеѓу кревкоста на човековото постоење и огромниот свет надвор. Начинот на кој луѓето одлучуваат да изградат врски во своето опкружување во суштина ги дефинира општествата и нивниот однос со условите околу нив“.

„Но, дали може достигнувањата во архитектурата да бидат 100 %? Не им верувам само на оние кои го преземаат тоа ниво на задоволство во својата работа. Сите градежни материјали на некој начин ѝ штетат на животната средина, без разлика дали се работи за производство, за транспорт или за монтажа“.

„Ако патот на состојките е предолг, вкусот на сушито е загрозен. Тоа е проблем што не може да го реши модерната технологија, а програмата за користење локални производи во сезона е тајната на добриот вкус и тајната на мојот стил“.

Испрати коментар

Scroll To Top