Насловна / Архитектура / Катна гаража „Разловечко востание“ како современ архитектонски објект

Катна гаража „Разловечко востание“ како современ архитектонски објект

Пронаоѓање на место за паркирање во центарот на градот е една од најголемите мисии во време на шпиц термините, како и во време на викендот за сите оние што со своите коли доаѓаат во центарот. Паркирањето во центарот е и извор на креативни идеи како тој проблем, можеби не баш најдобро да се реши, но барем да се ублажи.razlovecko vostanie garaza_09

Со изградбата на јавни гаражи се настојува да се постигне квалитетна регулација на сообраќајот во мирување и соодветна проточност на сообраќајот. Со изградба и опремување на катни гаражи во Скопје се започна пред три-четири години, а Градскиот паркинг управува со неколку од нив.

Новата катна гаража именувана „Разловечко востание“ се наоѓа на аголот од улиците „Васил Аџиларовски“ и „Мирче Ацев“. Изградена е во склад со највисоките европски стандарди за ваков тип на објекти. Составен дел е на сообраќајната инфраструктура на центарот на градот, и откако е пуштена во употреба пружа значителна поддршка за решавање на секогаш актуелниот проблем – недостиг од паркинг-плацови во центарот на градот.Situacija

Ситуација

Гаражата е опкружена со објекти изградени во различни периоди од историјата на градот Скопје. Околните објекти се одраз на времето во кое се градени. Новопроектираната катна гаража и деловен објект се одликуваат со современа, минималистичка архитектура, која со својот волумен и архитектонски израз ги почитува околните објекти. Со едноставна, линеарна фасада, со динамично изместени вертикални ленти на декоративни решетки во делот од катната гаража, и поголеми хоризонтални стаклени површини во делот на администрацијата.razlovecko vostanie garaza_13

Се работи за еден објект составен од две ламели, со целосно различни функции, гаража и деловен објект. Објектот е поделен и во поглед на фасадите што се надоврзуваат и надополнуваат. Декоративните решетки на делот од гаражата се трансформираат во брисолеи на јужната страна, додека кружните столбови од деловниот простор продолжуваат на северната фасада на делот од гаражата и се намалуваат во височина како што се оддалечуваат од деловниот простор.razlovecko vostanie garaza_05 razlovecko vostanie garaza_02

Парапетните облоги од поликарбонатни плочи на гаражата, продолжуваат во хоризонталните застаклени делови на фасадата од деловниот објект.

Целиот објект е со иста висина, но ламелите се разликуваат по својата катност.  Деловниот простор е со катност од подрум, приземје и пет ката, и е издвоен како посебна ламела, на аголот од парцелата што гледа кон ГТЦ и деловниот објект на Соравија. razlovecko vostanie garaza_06

Во централниот дел на деловниот простор, сместено е армирано-бетонско јадро за вертикални комуникации кое има елипсоидна форма. Околу него се развива административниот простор кој е ориентиран кон фасадата и има закривена форма, пратејќи ја закривеноста на комуникациското јадро. razlovecko vostanie garaza_10

Просторите во внатрешноста, кои се темни, се користат како помошни простории. На секој кат се наоѓа хол со обезбеден простор за рецепција и вертикални комуникации. Петтиот кат од оваа ламела е повлечен во однос на долните нивоа, што овозможува формирање на тераса со зелен кров. razlovecko vostanie garaza_07

Во приземјето се наоѓа голем влезен хол како и локали кои се ориентирани кон улиците. Подрумските простории се користат како магацини и во овие простории се доаѓа преку посебен скалишен простор кој нема врска со централното јадро. Покривот е рамен зелен кров и на него се излегува преку машинското одделение кое е сместено исто така на покривот.

Presek 5-5

Пресек

Втората ламела е наменета за катна гаража. Катноста тука се состои од подрум, приземје и девет ката. На сите нивоа се изведува паркирање на возила, или поточно постојат 22 полунивоа на кои се паркира. Пристапот на возилата е од северниот дел на објектот од улицата „Мирче Ацев“. Предвидени се два влеза и три излеза кои можат да се користат комбинирано во зависност од фреквенцијата на возила и периодот од денот.Detal 1

Детал

На уредениот покриен паркинг со капацитет од 516 паркинг-плацови, во гаражата е овозможено паркирање во сите годишни времиња. Паркирањето е приспособено на корисниците во секој поглед. До катната гаража е овозможен едноставен пристап и користење на паркингот и содржините што му припаѓаат, водејќи притоа сметка и за потребите на лицата со намалена подвижност. Покрај главниот влез–излез за возилата, се наоѓа простор за операторот на гаражата, во кој простор во секој момент се наоѓаат вработени професионалци кои го надгледуваат работењето во гаражата и стојат на услуга на сите нејзини корисници и посетители.Prizemje 2

Приземје

Преку скалишните јадра или лифтовите, корисниците на гаражата се спуштаат или качуваат до своите возила. Катовите се во целост отворени, со што е овозможена природна вентилација на сите надземни нивоа. Во централниот дел од гаражата е изведена галерија со широчина од 2,5 метри, која дополнително се користи за вентилација но и како простор низ кој се водат внатрешните инсталации.razlovecko vostanie garaza_12

На последниот кат, исто така има паркинг-плацови. Овој кат е отворен и покриен со настрешница изведена од челична конструкција и покриена со покривач од транспарентен поликарбонат. Фасадата е изведена од декоративни метални решетки, кои можат да се заменат со рекламни паноа или ЛЕД екрани. Конструктивниот систем на целиот објект е армирано-бетонска конструкција, столбови и греди, со касетирана меѓукатна конструкција. Видливите конструктивни армирано-бетонски елементи се изведени од натур бетон.razlovecko vostanie garaza_11

Помеѓу двете ламели и двете различни функции на објектот, поставена е дилатација со ширина од 38 сантиметри. Фасадата на деловниот простор е полуструктурална, изведена како комбинација на стакло и композитен панел. Од јужната страна се поставени брисолеи прицврстени на фасадната браварија. Кружните столбови во приземјето и на петтиот кат се обложени со композитен панел, како и гредите и парапетните ѕидови на третиот кат. И машинските простории на петтиот кат се обложени со композитен панел поставен на метална потконструкција.razlovecko vostanie garaza_14

Фасадата на гаражата е отворена. Неа ја сочинуваат декоративни решетки кои се прицврстени на меѓукатната конструкција. Парапетите се изведени од поликарбонатни плочи, како и облоги од композитни панели. Подовите во деловниот објект како завршна подлога користат теписон или керамички плочки. Во гаражата завршната обработка на подовите е врз база на полиуретанска смола нанесена во три работни операции.

Во гаражниот простор е инсталиран систем за автоматска детекција на пожар, како и систем на спринклери за автоматско гасење на пожарот. Автоматска детекција на пожар е изведена и во деловниот простор. Преку кровот е предвиден алтернативен правец за евакуација во случај на пожар.

Градот Скопје со изградбата на оваа катна гаража и деловен објект доби современ архитектонски објект, кој совршено се вклопува во просторот. Покрај тоа, задоволена е потребата за паркирање на оние што со своите возила го посетуваат центарот на градот. Проектот за овој објект е направен од македонското проектантско биро „Иванов инженеринг“.razlovecko vostanie garaza_08

Подови со хидроизолациони полиуретански мембрани

Подовите во делот од катната гаража што ги опфаќа хоризонталните површини за паркирање, како и пристапните рампи, се изведени директно на носечките рамни и коси плочи. Изведбената постапка се состои, прво, од директна машинска обработка на бетонските површини и нанесување на израмнувачка, водоотпорна смеса од Подинг-К. Завршната обработка е комбинација од епоксидни и полиуретански УВ стабилни премази, во комбинација со посип од кварцен песок за противлизгавост. Оваа постапка се применува на сите наткриени површини. Крајната завршна плоча, која е паркиралиште директно изложено на атмосферски влијанија, под завршниот абечки слој, за разлика од наткриените површини, има вградено хидроизолациони полиуретански мембрани.

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top