Насловна / Вести / Има ли Скопје центар?

Има ли Скопје центар?

Последните случувања и активности и неактивности на Асоцијацијата на архитекти околу централното градско јадро не ме оставаат рамнодушна. Паркингот кај „Холидеј Ин“, споменикот на Мајка Тереза и предложениот зелен кров на Градскиот трговски центар со ад хок решение ме поттикнаа аналитички да го погледнам сегашниот центар на Скопје од десниот брег на реката Вардар. Прашањето што се наметнува е: има ли овој веќе милионски град центар со сите содржини и атрибути потребни за тоа?

1200px-Скопје_-_Плоштад_Македонија

Денешниот главен градски плоштад „Македонија“, со едновековна историја, е зацртан во 1914 година со првиот урбанистички план на Димитрије Леко, врз постојната урбана матрица на спонтан урбанизам. Подоцна се оформувал и развивал во неколку фази. Во 1944 година на десниот брег на реката Вардар, Скопје наследи плоштад пред Камениот мост, опкружен со објектите на Офицерскиот дом, Народната банка, Ристиќевата палата, хотелот „Магор“.  Од него тргнувала главната улица која, следејќи ги историските текови, ги носела имињата на Абдул Хамид, Цар Борис, Крал Петар, Маршал Тито, а денес ја знаеме како улица „Македонија“. Таа улица, од двете страни по целата должина обрабена со станбени згради и дуќани во приземјето, се протегала, исто како и денес, право кон железничката станица.  Покрај денешната улица „Македонија“, во плоштадот се вливале неколку радијални улици со веќе оформени блокови. Периодот 1950-1960 година го одбележа првата генерација архитекти школувани на универзитетите во Белград и Загреб: Славко Брезовски, Димче Димитров, Б. Петричиќ, Славко Леви, Александар Серафимовски и Јанко Константинов. Според нивните проекти на плоштадот се изградија Стоковна куќа – НАМА, хотелот „Метропол“, станбено-деловниот објект „Пелистер“, зградата на Електростопанство. Западниот фронт од плоштадот остана празен со широк тротоар и алеја од стари костенови дрвја. На аголот каде улицата „Орце Николов“ влегува во плоштадот, остана бараката на Кенан, познатиот скопски чистач на чевли и кожна облека. По тогашната улица „Маршал Тито“ се градат неколку станбени објекти и зградата на Инвалидскиот дом. Ова е херојски период на македонската архитектура затоа што се создаде архитектура со натпросечен квалитет во повеќе од скромни услови. Генерацијата архитекти од овој период го претпочиташе интернационалниот стил барајќи потпора во делата на Корбизије, Гропиус, Мис, Нимајер.

Регулационен_план_скопје_1914

Постземјотресниот период е следната фаза што ќе го одбележи просторот. Во тој период, кој е особено плоден меѓу 1970 и 1980 година,  свој печат ќе остави генерацијата архитекти школувани на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Новата просторна организација на централното подрачје наметнува други услови во урбаниот развиток. Високиот степен на разрушување како последица од земјотресот, ќе ја овозможи изградбата на Градскиот ѕид и Градскиот трговски центар. Градскиот трговски центар заедно со површините на постојните објекти, просторната организација на плоштадот, Камениот мост, кејските површини и паркот Жена-борец ќе ја оформи пешачката просторна целина на центарот. Со Градскиот ѕид се оформува урбаната рамка на единственото зачувано старо градско јадро со објекти од предвоениот и повоениот период. Старата градска структура на десниот брег беше препознаена и во конкурсните решенија за центарот на Скопје и затоа беа дадени упатства за санирање на старите периметрални блокови околу плоштадот и остатоците од четирите радијални улици: „Орце Николов“, „27-ми Март“, „Максим Горки“ и „Никола Вапцаров“. Во овој период изградени се објекти во стилот на брутализмот и модерната: Телекомуникацискиот центар, зградата на „Вардар увоз-извоз“, Домот на ЈНА (сегашен Дом на АРМ), станбени згради. Иако од денешна перспектива на многумина можеби тоа не им изгледа многу, сепак мора да се каже дека е направен огромен прогрес и дека тоа е сјајниот период на македонската архитектура.

oficirski_1914

По осамостојувањето на државата, од 1991 година почнува нова градителска ера. Улицата „Маршал Тито“ преименувана во „Македонија“ почнува да добива нова физиономија. Се гради Палата Македонија, се поплочува во едно ниво, се пренаменуваат и преуредуваат  приземните простори со нови содржини. Наместо сивилото од социјалистичкиот период и продавниците за чевли се отвораат кафетерии и бистроа. Уредена со клупи и канделабри станува модерна пешачка улица. И токму кога се доби впечаток дека развојот на најстрогиот центар на градот оди во позитивна насока, а во согласност со новите општествени промени,  во 1997 година млад тим на урбанисти изработи нов ДУП за потесниот простор на градскиот центар наречен Мал ринг, усвоен од Општина Центар. Тој им ги отвори вратите на градските профитери и подоцна на популистичките политиканти, кои тргнаа во интензивно пополнување на секое празно место. Изведено е поплочување на плоштадот Македонија, извадена е старата покривка од коцки и исечена е историската алеја од стари диви костени. Плоштадот се прошири несразмерно, создавајќи услови за нови „идеи“. Контроверзните објекти „Лумикс“ и блокот „Тифани“ кој е сообраќајна и еколошка блокада, ќе останат како трајни лузни и ограничувачки дефекти во просторот. Со ова започна герилската градба на целиот централен простор, која потоа беше до несфатливи размери злоупотребена со проектот „Скопје 2014“.

Skopje,_plostadot_na_razglednica_od_1930

Улицата „Орце Николов“ добива нова физиономија со изградбата на објекти на: Охридска банка, објектот на МЕПСО и уште неколку станбени објекти, но се сопнува на споменикот во изградба на „Мајка Тереза“, кој практично ја остава улицата без излез  на плоштадот. Во улиците „Никола Кљусев“, „27-ми Март“ и Јадран сквер изградени се објектите во кои се сместени Еуростандард банка, Комерцијална банка, Уни банка, други деловни објекти, хотелот „Ибис“, а реконструирани и адаптирани се зградата на  Матицата на иселениците, Шведската амбасада, Турскиот културен центар и постојната Арапска куќа. Меѓу Турскиот културен центар и постојната станбена зграда со класичен изглед блеснува новата интерполација на деловно-комерцијалниот објект „Челси центар“ како свеж призрак на модерна архитектура и современ дизајн. Поголемиот дел  од новоизградените објекти се со допадлива модерна архитектура, архитектонски издржани, но во пристапот со кој се поставени и како се поставени  во просторот не можам да најдам урбанистичка логика. Генерално, во овој простор не е проблематична архитектурата, туку урбанизмот. Сите пешачки улици, проширувања и скверови на својот пат кон плоштадот се сопнуваат на бариерите од изградените објекти. Целиот овој комплекс делува хаотично, без јасна визуелна прегледност, клаустрофобичен, затворен, без ни една зелена оаза. На западниот фронт на плоштадот во празниот парковски простор, исечено е целото зеленило и изградени се: хотелот „Мериот“, деловната зграда „Сан Ремо“, „Офицерски дом“ и споменик на Мајка Тереза, двата во изградба. Хотелот „Мериот“  со квазибарокна архитектура со прекумерна кичеста декоративна пластика и непропорционални димензии се наметнува во просторот и ја деградира Ристиќевата палата како историски репер. Деловниот објект „Сан Ремо“ со својата стаклена фасада и модерна архитектонска форма би бил достоен репер на плоштадот доколку со изградбата на другите објекти околу него, не беше потиснат, деградиран и  композициски невклопен. Во изградба е и хибридниот објект на таканаречениот „Офицерски дом“ во кој ќе биде сместена градската администрација. Се сеќавам на професорот Чипан кој велеше: „Стара лушпа со нова содржина – никој во светот не прави хибриди на исчезнати архитектонски споменици“. Еве ние, за жал, правиме.

нама2

Улицата „Максим Горки“ која има најкомпактна сочувана архитектонска целина од 1930 година требаше да биде пешачка и да претрпи реконструкција и ревитализација, за што беше распишан јавен анонимен конкурс во 1990 година. За ова веќе пишував во минатиот текст, па само ќе заклучам дека реализацијата на идејата не е доследно спроведена, а ревитализацијата на старите објекти, спроведувана парцијално, е неуспешна.

град-зид

Од 2009 до 2010 година со проектот „Скопје 2014“ почнува кампања со преобликување на фасадите на објектите од десниот брег на Вардар. Од популистички побуди, а сè со цел да се покријат трагите  од архитектонското творештво на 20-тиот век  се преоблечени фасадите на сите објекти тргнувајќи од источната страна на плоштадот, улицата „Никола Вапцаров“ и улицата „Македонија“. Улицата „Македонија“ претрпе комплетна метаморфоза. Скоро сите објекти од западниот фронт, со исклучок на неколку станбени згради, се преобликувани  во божем неокласицистички стил, а на крајот, спроти железничката станица, во парковското зеленило пред хотелот „Бристол“, изградени се две нови палати во квазикласицистички стил, за мене со нејасно дефиниран архитектонски јазик. На источната страна на улицата, на местото на срушената католичка црква во земјотресот, изградена е Спомен куќа на Мајка Тереза. Споменикот со својата внатрешната поставка и изложените предмети можеби зборува за личноста на мајка Тереза, но со својата контроверзна архитектура, не само што не кажува ништо за неа, туку е во спротивност со скромноста која таа ја манифестираше во текот на животот. Еден познат виенски архитект ќе рече дека Споменикот го асоцира на коцкарница од Лас Вегас. Веднаш до неа во средиштето на улицата „Македонија“ во завршна фаза е изградбата на црквата Св. Константин и Елена, досега најголем православен храм во Македонија. На завршницата од улица „Македонија“ изградени се Палата „Лазар Поптрајков“ и Палата на „Електрани на Македонија“. Последната е подигната во парковското зеленило, кое се разбира е уништено,  непосредно пред станбената кула од Градски ѕид, при што им е одземено правото на светлост и инсолација на становите во станбениот  објект. Од спротива стои деградираниот хотел „Бристол“, а долж улицата се забележува и сомнителната интерполација на деловен објект во кој е сместена банка. Улицата „Македонија“ пулсира со својот живот на главна пешачка улица, но изобилува со кич, какафонија од стилови, исфрлени платформи од кафетериите и рестораните кои ставаат и дополнителен декор и ја стеснуваат улица, импровизирани тезги и бутки. Обичниот скопјанец кој секојдневно минува низ улицата, практично провирајќи се низ многуте  бариери поставени на улицата, речиси и да не го крева погледот нагоре, па можеби и не ја забележува околната архитектура полна со орнаменти. Сето тоа  ми создава горчлив вкус и ме тера да се потсетам на есејот на Адолф Лос „Орнамент и злосторство“ кој вели: „Работата на чисто декорирање во сите времиња значела беспотребно трошење на човечкото здравје и човечката енергија. Денес, покрај ова, таа значи и трошење на сировините. Никаква корист,  никаква потреба повеќе не го оправдува ова дупло уништување на богатствата.“

61_full-1024x1024

За самиот плоштад Македонија веќе пишував во некои претходни статии. Но, еве за да го заокружам ова видување, ќе повторам некои од констатациите. Плоштадот Македонија со сите урбани концепти е дефиниран како урбана пешачка целина и треба да ја има носечката функција на значаен традиционален простор, со многубројните компоненти сврзани со животот на градот. Тој е афирмиран социолошки простор што го симболизира заедништвото во живеењето на овој град. Со сите интервенции што се направија плоштадот се вовлекува и бега од реката, опкружен со кичести зданија и претставува херметички затворен простор. Споменикот „Воин на коњ“, или како и да се вика сега, од визуелен аспект со својата големина не е адекватен на просторните можности. Триумфалната порта е грд, ирационален и анахрон објект, поставен на погрешно место и ниту слави победа, ниту има оправдана намена и функција.

порта

Да резимирам: што се случи како резултат на интервенциите направени во последните 25 години, после едновековен слоевит развој и формирање на овој простор во кој својата љубов и креативност ја вградија повеќе генерации архитекти и урбанисти. Се затворија визурите и струењата од Водно преку главната оска: железничка станица -улица „Македонија“ – плоштад – Камени мост – Стара чаршија. Се уништија сите зелени оази и парковски катчиња. Деградирани се објектите кои се историски маркери на градот за одредени историски периоди (Арапска куќа, Ристиќева палата, Хотел „Бристол“, Пошта). Покриена е и деградирана архитектурата на објектите на бардовите на македонската архитектура на 20-тиот век, од кои некои се сè уште живи. Неодминлива ми е сликата на архитект Славко Брезовски кој во својата деведесетта година стоеше на плоштадот и собираше потписи за жалба за скрнавење на авторството на Стоковната куќа. Останува да лебди прашањето: Има ли Скопје центар и каков?

spomenik-610x400

Доколку се пронајде метод, желба и авторска креативност овој простор треба да претрпи едно ново препрочитување и да премине во „состојба на посебни можности“, како што се изрази проф. Живко Поповски. За почеток и најмалку што треба да се стори е: да се сруши споменикот во изградба на Мајка Тереза, да се отстрани споменикот „Воин на коњ“ или како и да се вика, да се сруши Триумфалната порта, да се вратат фасадите на Стоковната куќа и Електростопанство. Градскиот трговски центар да добие статус на културно наследство, а за просторот на паркингот пред „Холидеј Ин“ да се распише јавен анонимен анкетен конкурс за решение врз база на добро подготвена и аргументирана програма.

All-focus

Зошто е ова важно? Важно е затоа што просторот го дефинира квалитетот на животот кој го живееме во тој простор. Хаотичен, лошо димензиониран, нападен,  грд простор го напаѓа умот и сетилата. Добивате желба да избегате од него. Младата популација, меѓу другото, си оди и затоа што не сака да живее во деградиран град.

И додека го завршувам текстот ми одѕвонуваат зборовите на мојата внука Ангелина: „Би сакала да не сме толку комотни во овој сив град кој секојпат кога му се враќам ми личи посив и потажен… Скопје е град во регресија, назадување. A јас се плашам да зборувам премногу,  а тоа што одамна не сум тука да го менувам. Можам да го опишам, да го искритикувам и да се качам на уште еден авион и да слетам во град кој некој друг веќе го средил, развил и го направил убав. Можам да уживам во чистите улици на еден далечен град со урбанистички план, во старите холандски куќи да барам нови луѓе кои ќе ги засакам, да му помагам на општество во коешто има проблеми, но во кое многу полесно се доаѓа до решенија.“

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top