Насловна / Градежништво / Нов живот за старите материјали

Нов живот за старите материјали

nov-zivot-za-starite-materijali-1.jpgЧинот на реконструкција, или пак рушење на старите и градење на нови
објекти зазема се поголем залет со навлегувањето на сè поевтините
материјали со сомнителен квалитет. Шутот што притоа се создава
претставува важна ставка во секоја градежна активност, посебно неговиот
транспорт до депонија. Но оваа појава освен од економски аспект, може да
се набљудува и од еколошки, каде секоја година се создаваат тони
отпаден материјал само од рушењето или реконструкцијата на постојните
објекти.

 

Едно истражување спроведено во Европската Унија, укажува дека просечен Европеец создава 540 кг отпад секоја година, но доколку би се пресметал и шутот создаден со градењето, рушењето и со земјените ископи, тогаш оваа бројка се зголемува на енормни 3.500 кг по човек произведен отпад секоја година. Градежниот шут кој се создава при имплентацијата на проектите се проценува на над 90 милиони тони секоја година, од кои дури 10% е материјал кој може повторно да биде употребен.

Сепак, само 1 % од новоизградените објекти на територија на Европска Унија се изградени со стари, веќе користени материјали. Денес, депониите и складиштата на градежен шут се вистинска ризница за материјали, кои чекаат повторно да бидат употребени. Со селективен пристап може да се издвојат производи кои директно, со дообработка или рециклажа, нудат можност за повторно вградување во нови градежни објекти. Со овој процес се добиваат одржливи материјали, кои гранката градежништво ја "озеленуваат".

 

nov-zivot-za-starite-materijali-1.jpg

 

 

ЕТИКА

Овој тренд посебно е застапен во САД каде постојат повеќе ресурсни центри за стари градежни материјали кои се донираат, а донаторите добиваат намалување на даноците, без дополнителни трошоци за складирање на отпадот на депонија. На овој начин, на пазарот се нудат евтини градежни материјали достапни и за економски послабиот слој од населението, а воедно се отвораат и "зелени" работни места за оние што го вршат сортирањето и продавањето на донираните материјали. Значаен пример за функционирањето на ресурсните центри претставува непрофитната организација "Хабитат", која поседува околу 700 продажни места на стар градежен материјал ширум САД, и секој месец отвора дополнителни три до четири нови пунктови. Повторната употреба на градежните материјали претставува чекор напред во етичка, еколошка, економска и енергетска смисла.

 

nov-zivot-za-starite-materijali-2.jpg

Етиката во донирањето е помагање на посиромашниот дел од населението при набавката на градежен материјал; еколошките резултати се очигледни односно помали количини на отпад; економската причина за донирање се темели на помалите даноци и расходи за депонирање на отпадот. И на крај, можеби и најбитниот аспект од целиот процес на реупотреба на отпадните материјали е заштедата на енергија каде не се троши дополнително енергија во производство на нови материјали и нивен транспорт до градилиштата. Овој мал чин претставува голем чекор во сферата на енергетската ефикасност и намалувањето на емисијата на штетни гасови во атмосферата. Голем дел од веќе користените материјали, со соодветна демонтажа, можат повторно да бидат употребени, независно дали се дел од ентериерот или пак екстериерот на објектот.

Тие материјали можат да бидат соодветно дообработени, со подобрени карактеристики, или пак да бидат рециклирани и како такви да претставуваат појдовен производ за добивање на нов материјал. Во продолжение се претставени неколку примери, во светот и кај нас, за реупотреба на градежните суровини.

nov-zivot-za-starite-materijali-3.jpg

 

ВИДОВИ НА МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПОВТОРНА УПОТРЕБА

 

Тули и ќерамиди

Старите тули, со внимателно демонтирање, можат и тоа како повторно да послужат како градежен материјал. Таков пример е изградбата на основното училиште во Сондербург, Данска, каде за изведбата на фасадата се користени стари, веќе употребени тули. Во овој случај, вградените 60.000 стари тули соодветсвуваат со заштеда на 30 тони емисии на штетни CO2 гасови. Меѓу другото, ова школо е и првата образовна институција која не само што претставува пасивен објект, туку произведува повеќе енергија од своите потреби. Исто така, тулата најчесто се реупотребува за изградба на огради, парапети и останати помошни објекти, а во денешно време се почесто и во изведбата на ентериерот, за облагање на внатрешни ѕидови како финална обработка.

 

Дрвени производи

Старите бродски подови со дообработка се задолжителен детаљ на секој винтаж стил на ентериер, каде квалитетот е загарантиран за разлика од новите подни даски изработени од брзо растечки дрва. Тука можат да се додадат и дрвените прозорци, кои совршено би се вклопиле во секој објект, со дополнително поставување на нискоемисионо стакло за задоволување на енергетските стандарди за столарија.

 

Гранитна галантерија

Во соработка со Одделот за паркови и рекреација на градот Њујорк, паркот под Бруклинскиот мост наследи гранитни плочки од реконструкцијата на два други мостови. Со повторна употреба на овие плочи, изградено е едно од најубавите парковски зданија досега. Кај нас пак, популарно е постоечките улици со калдрма да се реконструираат во улици под асфалт. Извадените гранитни коцки, чиј рок на траење е над 200 години, се вадат и депонираат наместо само да се прередат. Наместо романтични мали, трајни улици и плоштади под калдрма, кај нас е популарен трендот на нови асфалтни дупки и поплавени улички.

 

Железна столарија

Овој тип на производ, со појавата на ПВЦ столаријата со ниски коефициенти на топлоспроводливост, масовно се менува. Постојните железни прозорци и врати, освен да се рециклираат, можат да најдат и друга примена. Совршен пример за тоа е Средното државно училиште "Гоце Делчев" во Валандово, каде старата, железна столарија беше пренаменета за изведба на стакларник за одгледување цвеќе.

 

РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ГРАДЕЖНИОТ ОТПАД

 

Челични конструкции

Последен познат пример за рециклирање и пренамена на челичните конструкции е демонтажата на олимписката арена за кошарка во Лондон, која беше завршена во 2011 година, во вкупна вредност од 49 милиони евра. Овој објект беше наменски изграден и неговата судбина беше одамна позната, и тоа две третини од вградените материјали да бидат пренаменети или пак рециклирани. Неговото демонтитање со описот на проектот детално беше претставено во еден од претходните броеви на Порта 3. Кај нас пак, фабриката "Алумина" пред неколку години беше во фаза на демонтажа, каде целосниот комплекс беше изработен од челик. По рушењето, остана да виси единствениот бетонски дел, бетонското јадро на скалите кое очигледно било непримамливо за рециклажа.

 

nov-zivot-za-starite-materijali-4.jpg

 

Бетонски елементи

Во светот, одамна се употребува бетонскиот шут за производство на агрегат. Тоа значи дека секој срушен бетонски елемент би имал соодветна повторна употреба, но сега како суровина за производство на нов бетон.

 

Стакло

 

Употребата на рециклиранo стакло како агрегат во бетон стана популарна во модерните времиња, со обемните истражувања спроведени на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Ова во голема мера го подобрува естетскиот изглед на бетонот. Неодамнешните истражувачки наоди покажаа дека бетонот направен со рециклирани стаклени агрегати има подобри долгорочни својства и подобра топлинска изолација поради подобрените термички својства кои ги дава стаклениот агрегат. Стаклото како рециклиран производ, во секундарен круг на употреба може да се вклучи како:

• Стакло во изолациони производи

• Стакло во производство на керамички санитарии и опрема

• Стакло како флукс во производство на цигли

• Стакло како рециклирани плочи

• Стакло како медиум за филтрација на вода

• Стакло како абразив

• Стакло како агрегат

 

Биљана Стојановиќ, дипл.град.инж.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top