Насловна / Вести / Градот треба да обезбеди услови за физичко движење на секој човек

Градот треба да обезбеди услови за физичко движење на секој човек

Интервју со Јан Гел, светски познат архитект и промотор на филозофијата „Градови за луѓе“, кој на покана од Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, престојуваше во Скопје на 5 и 6 септември 2018.

Jan 2

Вашата биографија покажува успешна соработка со многу светски метрополи. Дали Скопје ги има атрибутите на светска метропола?

Поентата е градот да биде добар град, не метропола. Знам многу големи метрополи кои се добри градови, но знам и многу помали градови, кои се одлични за живеење. Пример, Копенхаген во Данска. Ние таму одлучивме да не градиме високи згради за да бидеме метропола, туку да направиме добар град. Се фокусиравме на тоа Копенхаген да биде одличен град за живеење за луѓето, а не да го направиме мал или голем град.

Jan Gel Interview Пресинг-2

Велосипедските патеки се дел од секојдневното урбано живеење на Копенхаген, Данска. Копенхаген, родниот град на проф. Јан Гел, веќе повеќе децении се развива базирано на неговата планерска филозофија.

Каква соработка очекувате со Град Скопје, со кој, базирано на предлог на Комората, денес потпишувате писмо за соработка. Очекувате ли Градот да Ве ангажира за да направи студија за условите за живеење во градот Скопје?

Соработката со Град Скопје не зависи од наша страна, туку од подготвеноста на Градот за соработка. Доколку сака добра соработка и најде средства за да ја оствари и одржуваа оваа соработка, тогаш преку мојата компанија ќе подготвиме план и стратегија Скопје да биде добар град. Затоа, се надевам дека соработката со Скопје ќе биде иста како со Софија, каде за една година, направија низа значајни чекори за да стане добар град.

Во изминативе 40-тина години сум работел со повеќе од 150 градови, кои се сменија многу драматично, станаа пријателски настроени градови за живеење. Многу сум горд на Сиднеј, Москва, Мелбурн, Њујорк, Копенхаген. Развојот на градот доаѓа од визионерство и лидерство. Во многу случаи, тоа зависи од лидерството на градоначалникот, таткото на градот за подобар град и пренесување кон нова насока на развој на градот. Тука, секако, може да се вклучи и градскиот архитект, затоа што соработката на политичар и градски урбанист, како и придонесот на невладините организации е многу битна. Секако, треба да се најде личност која ќе повлече и ќе го смени системот на работење во градот.

Тука сте да ја промовирате книгата „Градови за луѓе“ и да учествувате на работилницата Скопје – град за луѓе. Може ли Ваше мислење – дали е Скопје град за луѓе?

Тешко е да се одговори на ова прашање бидејќи кратко време сум во Скопје и немам доволно познавање за градот. Сепак, од она што го видов, имам силно чувство дека Скопје се соочува со ист тип на проблеми како многу други градови во Источна Европа, градови развиени по падот на Берлинскиот ѕид и новата слобода, кои ја развија и љубовта кон автомобилската индустрија. Станува збор за интензивна, но незрела љубов. Не се постигна баланс меѓу добар и моторизиран град. Ова е исто за многу градови во овој регион, вклучувајќи ја и Москва. Но, токму во главниот град на Русија, во последните 5 години, се прави одличен прогрес благодарение на лидерството на тамошниот градоначалник и Руската „функционална демократија“. Таму, во многу краток временски рок ги стеснија улиците за движење на автомобилите, ги проширија патеките за пешачење, изградија велосипедски патеки, засадија дрвја и направија мали плоштади. Со ова го зголемија бројот на луѓе кои ги користат градските јавни површини за 50 отсто, и за 150 отсто кај најмладата популација – децата.

Jan Gel Interview Пресинг-4

                               Пред                                                                                             Потоа

 Тајмс Сквер, Менхетен, Њујорк (Times Square, Manhattan, New York)

Проф. Јан Гел е одговорен планер за преуредувањето на познатиот Times Square во Manhattan, New York со затворање на главни сообраќајници и отворање на пешачки зони.

Што подразбирате под филозофијата „Градови за луѓе“?

Историјата на градското планирање, посебно во последните 50-тина години, се фокусира на технологија и на технократски решенија. Реално, како луѓе, вложуваме многу труд и многу пари во автомобилите кои се стари технички решенија. Примитивни решенија кои нас луѓето треба да не направат мобилни, за што ни се потребни 1 тон железо и 4 тркала. Овој концепт се разви на Дивиот Запад,  Детроит. Тоа е одлична идеја за таму, но не е добра идеја за градови од збиен тип, не е добра идеја за здравјето, за енергетските ресурси, за одржливоста. Автомобилот е добро решение за руралните области, но не и за градските урбани средини. Затоа што, човекот, со своето раѓање, е создаден да се движи самостојно. Моја работа е да покажам дека е добро да се движиме бидејќи тоа е здрав начин на живеење. Тоа е добро за животот, за градот, за безбедноста, за одржливоста и за здравјето на луѓето.

Jan Gel Interview Пресинг-6

Снежана Домазетовска, од здружението „НаТочак“

Имаме нов сериозен предизвик – синдром на седење или премалку движење. Луѓето умираат од премногу седење. Затоа, многу научници веќе работат на дефинирање на овој проблем и на објаснување дека треба да се движиме повеќе. Движењето ги прави градовите подобри, поефикасни, а овој концепт може да функционира во сите градови, без разлика на економската состојба, бидејки се потребни многу малку ресурси за да се постигне оваа цел. Затоа што човекот е идентичен во сите градови и е неопходна мала и не многу скапа инфраструктура за да се подобри и поддржи оваа идеја. Копенхаген ја следи стратегијата град за луѓе веќе 50-тина години и е еден од најубавите градови за живеење во светот. Тоа е насоката на градовите на иднината. Не чекајте електрични автомобили и други технолошки решенија, туку искористете го примерот на Копенхаген за да го направите Скопје добар град за луѓе.

Коментар: Снежана Домазетовска, од здружението „НаТочак“

Kаде е Скопје од аспект на велосипедското живеење?

Снежана Домазетовска од здружението „НаТочак“ вели: Реализацијата на проектот „Скопје велоград“ започна во 2014 година и беше амбициозно предвидено да заврши во 2017-та. Проектот опфаќаше главно реконструкција на постоечки, а запоставени велосипедски патеки, но и изградба и обележување на нови велосипедски патеки и ленти по текот на некои од главните скопски булевари. Од 50-ина километри планирани патеки, до овој момент (септември, 2018) реализирани се околу 60 % по наша проценка.

Проектот „Скопје велоград“ градската администрација го започна во времето на претходната локална власт, а го продолжи со ветување да го надгради и новата локална власт.  „НаТочак“ како група на граѓани кои активно го користат велосипедот како превоз, но и која се бори за подобри велосипедски услови во градот, учествува со свои мислења, забелешки и идеи во процесот.

Иако дел од велосипедските патеки постојат со децении, уште од времето на Југославија, начинот на кој (не) беа обележани, на кој се третираа барем во последните деценија-две (како подлога за поставување билборди, канделабри или како место за паркирање), руинираниот асфалт итн. сугерираше за голема негрижа за велосипедот како (рамноправен) дел од сообраќајот. Исто така, патеките не беа пристапни за велосипеди, имаа високи рабници при премините кон коловозот, а лошите решенија предизвикуваа конфликти меѓу велосипедите, пешаците, патниците со автобуси. Со новите решенија се тежнее овие основни проблеми да се коригираат.

Можеби прв поголем велосипедски проект во Скопје,  е патеката по кејот на Вардар од двете страни (од Карпош 4 до Ново Лисиче со прекин во строгиот центар) и мешаната патека од Сарај до Хром (со прекин во Хром и Влае за да се поврзе со патеката во Карпош 4). Пред проектот Скопје велоград не постоеше третман на велосипедот како превозно средство. Патеката по Вардар беше замислена како рекреативна, но има потенцијал и за многу повеќе, да стане вистински велосипедски автопат кој подолжно ќе го поврзе целиот град, но доколку се поврзе при прекините и се интегрира во остатокот од мрежата.

7

Кејот на реката Вардар во Скопје, во најголем дел уреден за време на градоначалникот Ристо Пенов (1996-2005), од запуштена локација прерасна во популарно место за рекреација и велосипедски превоз.

Jan Gel Interview Пресинг-7

Велоград стратегијата на Град Скопје 2014-2017, од времето на градоначалникот Коце Трајановски, во голем дел е реализирана, со 30-тина километри реализирани велосипедски патеки во градската урбана средина.

Jan Gel Interview Пресинг-8

Градоначалникот Петре Шилегов (од 2017), како лидер на новата градска администрација се обврза дека при секое проектирање нова улица, булевар или мост или при реконструкција на постојните улици ќе се предвиди и велосипедско решение, а и дека ќе има нови велосипедски патеки на релациите Центар-Чаир и Кисела Вода-Ѓорче Петров.

Автор: Димче АТАНАСОВСКИ, Генерален Секретар на КОАИ

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top