Насловна / Вести / Глобалното затоплување е реалност кое носи страшни последици

Глобалното затоплување е реалност кое носи страшни последици

Климатските промени во последно време се високо на агендата на секоја сериозна држава во светот. Многу од нив веќе си зададоа и амбициозни рокови за постигнување климатска неутралност. Климата и климатските промени се во фокусот повеќе од кога било. „Климатските промени мора да се ублажат; Рекордно високите температури резултат на климатските промени; Климатските промени причина за шумските пожари; Производството на храна под закана од климатските промени…“ Ова се само некои од насловите кои најчесто преку медиумите нè алармираат за значењето на климатските промени. Но, што всушност претставува тој термин? Кога се појавил? Од кога датираат почетоците на развојот на науката за климатските промени? Овие прашања не се толку познати за пошироката јавност, па низ овој текст ќе се обидеме да дадеме краток преглед на историјатот на климатските промени.

Daniela5

Климатските промени претставуваат долгорочни отстапувања од климатските и временски обрасци на Земјата. Бил потребен речиси еден век обемни истражувања и податоци, за да се убеди мнозинството од научната заедница дека човековата активност може да ја измени климата на целата наша планета. Во 19-тиот век, истражувањата кои укажувале дека јаглерод диоксидот генериран од активностите на човекот може да се насобира во атмосферата и да ја „изолира“ Земјата, повеќе биле примени со љубопитност отколку со загриженост. Но, веќе на крајот на 50-тите години од 20-тиот век, мерењата на јаглерод диоксид нудат солиден индикатор во поставувањето на теоријата за глобалното затоплување. И не само што покажале дека глобалното затоплување е реалност, туку дека тоа носи со себе многу страшни последици.

ЕФЕКТ НА СТАКЛЕНА ГРАДИНА

Во 1820 година, францускиот математичар и физичар Joseph Fourier, го поставува следното равенство – енергијата која стигнува на Земјата преку сончевото зрачење, мора да биде во баланс со енергијата која се емитува назад, надвор од атмосферата. Но, дел од таа енергија, сметал тој, веројатно некако се задржува во склоп на атмосферата, односно не се враќа назад, и на тој начин ја загрева Земјата. Тој заклучил дека атмосферата на Земјата се однесува како една стаклена градина. Енергијата влегува низ стаклените ѕидови, но таа е заробена внатре. Уште тогаш, многумина научници сметале дека се работи за претерано упростување, но 40 години подоцна, ирскиот научник John Tyndall почнал да истражува кои гасови од атмосферата на Земјата имаат поголема способност за апсорбирање на сончевата светлина во оваа т.н. стаклена градина. Испитувањата направени во неговата лабораторија  во 1860-тите години, покажале дека гасовите кои содржат елементи на јаглерод (јаглерод диоксид, метан и испарливите органски соединенија) биле исклучително ефективни во апсорбирањето на енергијата. Тој демонстрирал дека CO2 се однесувал буквално како сунѓер во апсорбирањето светлина со различни бранови должини.

Daniela3

ГЛОБАЛНО ЗАТОПЛУВАЊЕ – ТЕОРИЈА

До 1895 година, шведскиот хемичар Svante Arrhenius почнал да се интересира за тоа што би се случило доколку нивоата на  CO2 се намалуваат – дали тоа ќе ја „излади“ Земјата? Неговите пресметки покажале дека доколку емисиите на  CO2 се преполоват, глобалните температури ќе се намалат за околу пет степени Целзиусови. Понатаму, Arrhenius се прашувал дали и обратното е точно? Се вратил на своите претходни пресметки, и утврдил дека во случај на удвојување на емисиите температурите ќе се зголемат исто така за пет степени. Децении подоцна, модерното климатско моделирање покажува дека тој не погрешил многу.

Daniela4

До 1930-тите години, ретки биле научниците кои започнувале да тврдат дека јаглеродните емисии веќе придонеле за повисоки глобални температури. Британскиот инженер Guy Stewart Callendar забележал дека САД и регионот на Северен Атлантик веќе имаат потопла клима како резултат на налетот на индустриската револуција. Неговите пресметки укажале дека двојното зголемување на емисиите на CO2 ќе доведе до загревање на атмосферата на Земјата за дополнителни два степени Целзиусови. И во 1960-тите години тој продолжува да аргументира дека глобалното затоплување како резултат на ефектот на стакленичките гасови веќе се случува. Иако неговите тврдења се дочекувале со скептицизам, сепак тој успеал да привлече внимание и да започне со неколку проекти финансирани од Владата за мониторирање на климата и нивоата на CO2. Најпознато меѓу тие истражувања, било основањето на мониторинг станицата во 1958 година од страна на Scripps Institution of Oceanography во склоп на Mauna Loa Observatory на Хаваи. Геохемичарот Charles Keeling од тимот на споменатиот Институт се обидувал да најде попрецизна зависност помеѓу емисиите на CO2 и глобалното затоплување, и ја создал познатата Килингова крива (Keeling Curve).

Со почетоците на компјутерското моделирање во 1960-тите години, се потврдуваат сознанијата од претходните истражувања, односно се потврдува дека удвојувањето на емисиите на CO2, ќе резултира во покачување на температурите за два степени Целзиусови во следниот век. Но, сепак, станувало збор за прелиминарни модели, а идниот век бил далеку, па немало простор за загриженост. Во тој период многумина укажувале на појава на спротивниот ефект – ладење на Земјата. Навистина, во периодот 1940 – 1970 поствоениот бум на полутанти во вид на аеросоли придонеле за рефлектирање на сончевата светлина надвор од „стакленикот“. Но, тоа е само краткотраен тренд, по кој кривата на глобалното затоплување започнува стрмно да се искачува.

Daniela2

ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ СТАНУВА РЕАЛНО

Во раните 1980-ти години, се забележува остар скок во растот на глобалните температури. Многу експерти ја посочуваат 1988 година како пресвртна точка, кога многу настани почнуваат да го ставаат глобалното затоплување во фокусот. Летото 1988 година е најтоплото дотогаш и забележани се големи суши и шумски пожари. Станува јасно дека „ѓаволот ја однел шегата“. Научниците го активираат алармот за климатските промени, и тие прашања стануваат повидливи во медиумите и во јавноста. Една година подоцна, во 1989 година, формиран е Меѓувладиниот панел за климатски промени (Intergovernmental Panel on Climate Change – IPCC) во склоп на Обединетите нации, со цел да се обезбеди научен пристап кон климатските промени и да се проучува нивното економско и политичко влијание. Првиот глобален договор за намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, е Кјото Протоколот, усвоен во 1997 година. Во 2015 година, Договорот за климата од Париз го потпишаа 197 земји кои се обврзаа да ги намалат своите емисии на стакленички гасови и да известуваат за својот напредок во остварувањето на зададените цели.

Но, климатските промени и натаму се предмет на многу контроверзии, политички несогласувања, избегнување на најбогатите земји и најголеми емитери на емисии да го исполнат својот дел од обврските и сл. Многу скептици по однос на прашањето за климатските промени се појавија и меѓу политичарите. Меѓу нив, еден од најгласните беше поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп кој на својот твитер-профил своевремено напиша: „Концептот на глобалното затоплување е креиран од страна на Кина и за интересите на Кина, а со цел да се направат неконкурентни производствените капацитети на САД“.

Daniela

Во август 2018 година, шведската тинејџерка и климатска активистка Greta Thunberg започна да протестира пред зградата на Шведскиот парламент со знакот: School Strike for Climate. Нејзиниот протест за подигање на свеста за климатските промени брзо се прошири низ целиот свет и до ноември 2018 година над 17 илјади студенти во 24 земји учествуваа во протестите за климата.

Евидентно е дека денес свеста кај пошироката јавност за климатските промени е повисока од кога било, времето не работи за нас, а Самитот на ОН за климатска акција истакна дека вредноста од 1,5 Целзиусов степен е социјално, економски, политички и научно безбедна граница за глобалното затоплување до крајот на овој век и постави краен рок за постигнување нулта емисии до 2050 година.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top