Насловна / Вести / Енергетска криза или криза без крај?

Енергетска криза или криза без крај?

Со историски најниско производство на електрична енергија од државните електрани и изгубени години без изградба на нови енергетски капацитети, ја дочекавме енергетската криза и рекордните вредности на цените на електрична енергија на берзите. Огромни средства одлеани за увоз поради недоволно домашно производство, за потоа истата да се продава за потребите на домаќинствата по неколкукратно пониски цени за да се одржи социјалниот мир. Но, во исто време и секојдневни уверувања дека нема недостиг на енергија и дека енергетската криза се менаџира. Дали е навистина така? Да се потсетиме на познатата изрека:не постои бесплатен ручек.

01_resize

Да, сметката секогаш доаѓа на наплата. Но се чини во нашево опкружување, многу ретко кај оној кој го направил трошокот, туку по грбот на најранливите. Дали обезбедувањето на електрична енергија на ваков начин е одржливо? Секако дека не е. Одржливото снабдување со енергија подразбира и разумна цена и минимален негативен ефект врз животната средина. Јасно е, ние не исполнивме ништо од горенаведеното. Причини има многу, меѓу кои: лошо одржување на постоечките производствени капацитети, сериозно политичко влијание во менаџирањето на државните енергетски компании, непрофесионализам, лукративни интереси и секако исклучително бавна динамика во изградбата на нови енергетски капацитети.

4_resize

ПЛАНИРАНОТО И РЕАЛИЗИРАНОТО ВО ВРСКА СО ИЗГРАДБА НА НОВИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

За илустрација на последнава констатација, може да послужи споредбата на планираното и реализираното во врска со изградба на нови хидроцентрали согласно Стратегијата за развој на енергетиката до 2030 година (усвоена во 2010 година). Имено, според овој стратешки документ беше планирана изградба на следните хидроелектрични централи (ХЕЦ): ХЕЦ Света Петка (36,4 MW) во 2010 година, ХЕЦ Бошков мост (68,2 MW) во 2015, ХЕЦ Галиште (193,5 MW) во 2016, ХЕЦ Градец (54,6 MW) во 2017, и ХЕЦ Чебрен (333 MW) во 2019 година. Анализирајќи ги овие планови од денешна перспектива, само ХЕЦ Св. Петка е завршена и пуштена во работа во 2012 година, а за ниту еден од другите проекти не е започната изградба.

2_resize

Затоа и не треба да изненадува што согласно последното рангирање на World Energy Council, во однос на т.н. Energy Trilemma Index, кој обединува три индикатори со кои ги опишува енергетските системи на земјите во светот – енергетска сигурност, еднаквост и одржливост, за 2021 година, Македонија е рангирана на 57-мо место од вкупно 101 рангирана земја. Притоа, токму енергетската сигурност кај нас е најслабо рангираниот поединечен индикатор.

Велоекспедиции_2016_12_resize

Во последниот извештај на ОН за исполнетоста на целите на одржливиот развој, исто така не можеме да се пофалиме со добри резултати. Според седмата цел на одржливиот развој (SDG 7 – достапна и чиста енергија), замислата е сите да имаат достапно, сигурно, одржливо и модерно снабдување со енергија. Во 2022 година, Хрватска и Албанија се оценети дека добро напредуваат кон остварување на целите за 2030 година, Словенија, БиХ, Црна Гора, Бугарија, Грција, Кипар и Турција бележат „благ напредок“, а за жал Македонија и Србија бележат стагнација во доменот на одржлив развој на енергетиката односно SDG 7.

6_resize

СУБВЕНЦИИТЕ И ПОВЛАСТЕНИТЕ ТАРИФИ НЕ ТРЕБА ДА ПРЕДИЗВИКААТ ТОВАР ЗА ЦЕЛОТО ОПШТЕСТВО

Субвенциите и повластените тарифи се секако мерки кои треба да овозможат поволни услови за стимулирање инвестиции во обновливи извори. Ова подеднакво е важно и кога станува збор и за големите производни капацитети, но и за зголемување на уделот на обновливите извори во финалната потрошувачка на енергија. Но, од друга страна тие мора да бидат така дефинирани и по вредност и по времетраење, што нема да предизвикаат поголем товар за целото општество, повеќе отколку што носат бенефит за определената категорија за која се наменети. Потребно е и следење на резултатите од овие мерки, и тоа врз основа на точно определени индикатори и цели кои треба да се постигнат. Во спротивно, добиваме само соопштенија за висината на средствата кои се доделени за субвенции (како што бомбастично се комуницираше за 10-те милиони за инвертери, без притоа да се спомене дали и колку на пример се подобрил квалитетот на воздухот или се намалила потрошувачката на електрична енергија).

3_resize

БЛОК ТАРИФИРАЊЕ

Најновата вест од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги – блок тарифирање. Во регионот, Србија и Косово веќе имаат вакво блок тарифирање. Додека во Србија, ваквиот тарифен систем постои веќе подолго од една деценија, Косово го воведе во февруари годинава како една од мерките за намалување на потрошувачката кај домаќинствата во екот на енергетската криза. Во Србија има зелена, сина и црвена зона. Во зелената влегуваат потрошувачите кои најмалку трошат – до 350 kWh, во сината од 350 до 1.600 а во црвената над 1.600 kWh. Блок тарифите важат и за евтина и за скапа потрошувачка, со тоа што разликата меѓу скапата и евтина цена е 4 наспроти 1, односно скапата чини 4 пати повеќе од евтината. Во Косово има 2 блока – до 800 kWh и над 800 kWh месечно потрошена електрична енергија. Тоа што Косово за прв пат воведе вакво тарифирање во екот на кризата е за пофалба, за разлика од нас кои ја преспавме зимата и дури сега ги правиме анализите и расправите. Токму затоа, можеби и не се далеку од вистината тврдењата на критички настроениот дел од јавноста, дека зад овој проект се крие само намера на власта низ сложениот систем на блок тарифи да го затскрие и замаскира најавеното покачување на цената на струјата. Дополнително, предмет на дискусии кај нас е и дефинираниот пренизок праг на зоната со најниска цена, што укажува дека товарот нема да биде правично распределен, односно оние што трошат повеќе, нема да понесат и сразмерно поголем товар.

5_resize

ДАЛИ СЕ ИЗВЛЕЧЕНИ ПОУКИ ОД ЛОШОТО ИСКУСТВО И КАКО ЌЕ СЕ ПРОДОЛЖИ?

А дека изминатава зима можеше да биде поинаку, зборува примерот од регионот, односно од две земји кои не се многу поразлични од нас и во поглед на добро владеење, и во поглед на корупција и непрофесионалност во сите сфери. Но, само поради фактот што имаа стабилно производство од домашен ресурс – јаглен, во Босна и Херцеговина и Црна Гора електростопанските претпријатија остварија рекордни добивки од извоз на електрична енергија и профитираа од кризата.

1_resize

Клучното прашање веројатно е дали се извлечени поуки од ова лошо искуство и како ќе се продолжи? Донесувачите на одлуки мора конечно да сфатат дека во енергетиката планирањето е долгорочно, и резултатите не доаѓаат ниту преку ноќ, а најчесто ниту во периодот кој опфаќа еден изборен циклус. За жал, властите кај нас сакаат да планираат токму на таков начин – да осмислат и имплементираат мерки кои ќе им создадат задоволни гласачи, и тоа само до следните избори. Со таков пристап, ефектите и не можат да бидат поинакви.

0_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top