Насловна / Арт и дизајн / Елена Чемерска: Со овие одломки ги потпрев урнатините свои

Елена Чемерска: Со овие одломки ги потпрев урнатините свои

Елена Чемерска е добитничка на нагрaдата „Денес“ за млади визуелни уметници до 35 години и ќе престојува два месеца во Њујорк, во студијата на Residency Unlimited (RU) Inc. Таа беше една од четирите финалистки, заедно со Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Симона Манчева. За наградата одлучуваше меѓународно жири во кое членуваа Катја Крупеникова, Пол Ластер, Биљана Тануровска-Ќулавковски, Алберт Хета и Верица Ковачевска. Наградата ја организираат „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ и Центарот за современи уметности – Скопје.

Elena Chemerska portrait_resize

* * * *

Преговарајќи со Јанусовата глава на модерноста Со овие одломки ги потпрев урнатините свои се стреми да отвори дијалог со домашното и регионалното уметничко модернистичко наследство и, од денешна перспектива во овој специфичен културен контекст – да допре до некои критични точки во односот на човекот кон начинот на којшто ја гради сликата за историјата и за иднината.

Инсталацијата е сочинета од видео (Чекор кој ветува, 15’39, 2021) архитектонско-скулптурална конструкција и насликано платно (Значењето им бега на моите зборови, 310 cm x 180 cm, 2020).

3_resize

Во неговата оригинална поставка, делото е ставено во релација со некогашниот објект на Месната заедница Тафталиџе во Скопје, проект на архитект Кирил Муратовски.

Соработници:

-       Архитект: Владо Данаилов

-       Актерка: Ивана Павлаковиќ

-       Камера: Александар Мижимаков

-       Звук: Еми Емилова

000_resize

„Со овие одломки ги потпрев урнатините свои“ претставува еден вид на продолжување на некои мои интереси врзани со модерниот поглед на светот кој е тесно врзан со идеата за напредок. Земајќи ја предвид човечката потреба за проективност и значење, со ова дело се обидувам да допрам – од некоја денешна точка на порозност и расчленување – до некои болни точки кои ја признаваат и опачината – насилството впишано во човечкиот напредок така како што е тој освојуван, извојуван и реализиран низ целата западна модернизација.

0_resize

Во оваа инсталација, како и во некои други од моите поскорешни истражувања, се обидувам да си играм со различната фреквентност, материјалност и односот кон време на различни типови на слики. Живееме во свет кој е навистина сатуриран со слики, нашето искуство за светот е визуелно и визуализирано веројатно како никогаш досега.

Така, во оваа просторна инсталација, шпекулирам некоја композиција сочинета најпрвин од еден простор кој се дава да се насели – просторот на дворот на Месната заедница Тафталиџе. Овој простор го замислувам како театарски проскениум со своја тежина кој ги одредува на едно ниво координатите на контекстот со кој ова дело се занимава – оној на денешната материјална и духовна состојба на модернистичкото уметничко и архитектонско наследство кај нас.

IMG_20210519_200740_resize

Понатаму, делото го сочинуваат неколку елементи, одново со различни материјални, временски и просторни конфигурации; имено архитектонско-скулптурална конструкција поставена во простор, насликано платно (Значењето им бега на моите зборови, 310 cm x 180 cm, 2020) и видео (Чекор кој ветува, 15’39, 2021).

Перспективите кои се отвораат кога овие различни елементи со различни материјалности и третмани на времето ќе се постават во некаква композиција, создаваат одредени слики кои се остваруваат во телата на гледачите кои го искусуваат делото. Важна улога во создавањето на тие слики имаат и просторот (и сè што претставува живот кој го населува), светлината и звуците кои тука постојат, заедно со оние кои се создадени за таа инсталација.

IMG_20210519_200547_resize

Истиот овој пристап е применет и кога станува збор за сликата Значењето им бега на моите зборови. Сликата воспоставува внимателно избран референтен систем кој укажува на создадени дела од историјата на сликарството во одредена временска и географска рамка. Секако, кога реферираме на одредени дела, ние всушност реферираме и на контекстите во кои тие се создадени, на нивното влијание на светот надвор од нив, а и на нивните сопствени референтни системи.

Преку воспоставување внимателно селектиран референтен систем, се обидувам да го заземјам делото во просторот кој го отвора физичкото присуство на уметничкото модернистичко наследство во нашиот контекст и нашиот регион – модернизам кој е сепак алтернативен во однос на доминантното западноевропско сфаќање, земајќи ги предвид специфичните историски околности во кои кулминира – оние на СФРЈ.

IMG_20210519_200413_resize

Но, понатаму од референците и од начинот на којшто преку нив сликата се обидува да го третира времето – времето кое го имплицира, кое го претставува, кое го отелотворува или она вистинското време кое минува; поставувајќи ја сликата како еден елемент од оваа инсталација, се обидувам да пристапам кон можноста за нејзина современа анализа. Анализа која повторно ќе постави некои прашања врзани со нашето разбирање за тоа што всушност претставува сликата – помеѓу нејзиното влечење кон радикална автономија, репрезентација, и нејзината физичкост – која истовремено ја прави дел од хетерономни мрежи на истории, начини на производство и комодификација.

IMG_20210519_200845_resize

Целта не е да се заземе страна, туку да се соберат заедно и така да се направат видливи фрагменти кои се всушност расфрлани наоколу како артефакти, но и како процеси – и кои остануваат да постојат и да се случуваат во нашето опкружување. Овие фрагменти имаат различни просторни, временски и материјални конфигурации кои одекнуваат на различни фреквенции, а со нивното компилирање во една отворена композиција, сакам да укажам пред сè на можноста за една таква компилација.

Она што го „заговарам“ е отворањето на еден цврст простор кој е резервиран за знаењето кон процесите кои ги подразбира мислењето. Делото е обид да се разгледа можноста за распуштање на некои цврсто одредени категории и омекнување на границата што го дели човекот од неговото опкружување, со надеж дека тука некаде може да се отвори простор за замислување подобар живот во капиталистичките урнатини.

Делото ќе биде поставено во Музејот на современа уметност во Скопје од 19 мај до 2 септември, 2021 година во рамки на XIII Биенале на млади уметници.

Автор: Елена ЧЕМЕРСКА, академски сликар

00_resize

* * * *

Елена Чемерска (1991) е визуелнa уметничка и истражувачка од Скопје. Таа се интересира за врската помеѓу сеќавањето и начинот на којшто човекот ја создава основата на која ја темели иднината, и тоа како се обидуваме да ја разбереме и фиксираме историјата во нејзината слика.

Дипломирала на Ликовната академија при УКИМ во Скопје, магистер е по уметност на Master Institute of Visual Cultures, AKV St. Joost School of Art and Design, Сертогенбош, Холандија.

Изложби и проекти во земјата и меѓународно: „Ничии прагови конкретно“, МКЦ, Скопје, Северна Македонија; “Monumental Fluxus”, Expoplu, Најмеген, Холандија; “Monument to Freedom – Conversations”, Private Print Studio, Скопје, Северна Македонија; “Transition”, Eye Museum, Амстердам, Холандија итн. Моментално живее и работи помеѓу Скопје и Берлин.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top